23.12.07

Покајна молитва на свети Ефрем Сирин

Господи, пред тркалото на времето да сопре во мојот живот, помилуј ме!

Пред и ветрот на смртта да дувне, и на телото мое болести се појават - на смртта весници - помилуј ме! Пред и величественото сонце на висините да се помрачи за мене - помилуј ме! И нека блесне за мене светлоста Твоја од висините, и нека ја растера од умот мој страшната темнина. Пред и земјата да се врати во земја, и стане гнилеж, и пред пропаста на сите црти на личотата нејзина - помилуј!

Пред и гревовите мои да ме прелажат на Судот и посрамат пред Судијата - помилуј, Господи, со благости исполнет! Пред и воинствата да излезат, и претходат на Синот Царев, да го соберат родот наш беден, пред Престолот на Судијата - помилуј! Пред и гласот на трубата пред присуството Твое да се зачуе, поштеди ги слугите Твои и помилуј, Господи наш Исусе!

Пред и дверите Твои да ги заклучиш пред мене, Сине Божји, и пред и храна на незгасливиот оган пеколен да станам јас, помилуј ме!

3.12.07

Молитва на Свети Ефрем Сирин за време на пост

Господи и Владико на мојот живот!

Дух на мрзливост, униние, властољубие и празнословие не ми давај. Дух на целомудрие, смиреноумие, трпение и љубов дарувај на мене, слугата Твој! Да, Господи, Цару, дарувај ми да ги видам прегрешенијата мои и да не го осудувам братот мој, зошто Си благословен во сите векови. Амин.

7.11.07

Молитва за духовниот отец

Спаси го, Господи, и помилувај го мојот духовен отец (име), не осудувај го и не измачувај го заради мојот гревовен живот. Умножи ги во него духовните дарови, откриј му ги сите мои прегрешенија, изполни го со мудрост, со милост и со љубов, и заради неговите молитви дарувај му простување на гревовите, исправање на животот, преуспевање во добродетелите, и испрати му ги Твоите богати милости.Запази го, Господи, во овој ден (во оваа ноќ) да го избегне гревот, совладај ги неговите телесни и нетелесни непријатели, избави го од видливи и невидливи непријатели, и запази го од лукави и неправедни луѓе. Спомни го, посети го и зајакни го на многу години заради нас грешните.

О, Пресладок Исусе! Господи, Ти си безмерно Свет, безмерно Праведен, безмерно Милостив! Господи, освети го со Твојата Светост мојот духовен отец (име), оправдај го со Твојата праведност, закрили го со Твоето милосрдие, и по неговите свети молитви прости ми мене, големиот грешник, и на сите негови духовни чеда прости, зашто си Благ и Човекољубив. (поклон)

3.11.07

Молитва при склучување брак

Господи, Боже наш, во Својот Домострој на спасение, во Кана Галилејска го удостои, чесен да го покажеш бракот, со Твоето присуство. Сам Ти сега слугите Твои (имињата) , кои благоволиш да се соединат еден со друг, во мир и во едномислие запази ги. Покажи го чесен нивниот брак, запази ја нескверна нивната постела, благослови да живеат во непорочно сожителство, и благоволи длабока старост да достигнат, со чисто срце извршувајќи ги повеленијата Твои. Зашто Ти си Бог наш, Бог семилостив и спасоносен, и Тебе слава Ти вознесуваме, со везначалниот Твој Отец и сесветиот и благ и живототворен Твој Дух; сега, секогаш, и во сите векови. Амин.

31.10.07

Свети Јован Кронштатски за молитвата

Кога за прв пат, или само понекогаш читаме некои молитви, ги читаме како нешто ново, радосно и чувствително; но, кога ги повотруваме често, помала и помала е нашата радост; престанува за нив нашиот интерес и тешко се совладуваме да ги прочитаме повторно со она претходно чувство. Еве што треба да се прави против тоа: мораме да замислиме дека по прв пат ги читаме оние прекрасни молитви на кои сме навикнале и кои толку силно не’ интересирале на почетоците; со срцето да проникнеме во секој збор и длабоко да го почитуваме. Оваа појава во душата наша последица е на гревот првороден - последица на нашата прва непостојаност во вистината. И се’ до сега ние не сме во состојба во вистината да застанеме непоколебливо: само што ќе ја допреме, веднаш се сомневаме во неа. Тоа често се случува со молитвата, се случува со верата, со пријателството кон другите, и со љубовта кон Бога и ближниот свој, и со добродетелите воопшто тоа често се случува: на секаде се покажуваме непостојани во вистината.

За време на молитвата, најмногу труди се со срцето да ја проникнеш вистината или силата на зборовите молитвени; храни се со нив како со нетрулежна храна, напој го со нив срцето свое, греј се со нив ко со благодетен оган.

Нека оние кои се молат веруваат дека се’ што е корисно Бог ќе им даде таму и тогаш, каде и кога не очекувале.

19.10.07

Молитви за живите

Спомни ја Господи Исусе Христе, Боже наш, Твојата вечна милост, поради која си станал човек, си претрпел распнување и смрт, за да ги спасиш оние што ќе поверуваат во Тебе; си воскреснал од мртвите, си се вознел на небесата, седиш оддесно на Бога Отецот и милостиво погледнуваш кон оние што Те викаат од се’ срце. Приклони го Твоето уво и послушај ја мојата молба за сите луѓе како пријатно духовно благоухание.

Пред се’, спомни си за Твојата Света, Соборна и Апостолска Црква што си ја спечалил со Твојата скапоцена крв. Утврди ја, закрепи ја, рашири ја и зголеми ја, сочувај ја непобедлива од пеколните сили. Прекрати ја разделеноста во Црквата. Смири го непријателското бранување меѓу народите, искорени ги сите ереси со силата на Твојот Свет Дух (поклон).

Спаси го, Господи, благочестивиот православен народ наш, управителите и христољубивото воинство. Огради ја со мир нашата власт и покори го под нивните нозе секој непријател и противник. Всади им го во срцата она што е добро за мирот и напредокот на Твојата Света Црква и сиот Твој народ, та и ние, во нивниот спокој да преживееме тивок и безгрижен живот во правоверност, набожност и чистота (поклон).

Спомни го, Господи, нашиот ариепископ охридски и македонски Стефан; спомни го нашиот митрополит (името на епархискиот архиереј), сите православни патријарси и епископи, архиереите на Македонската Православна Црква, свештениците, ѓаконите и сиот клир што си го поставил да го пасе Твоето духовно стадо. По Твоите молитви, помилуј и спаси ме мене, грешниот (поклон).

Спаси го, Господи и помилуј го мојот духовен отец (името) и по неговите свети молитвни, прости ми ги моите прегрешенија (поклон).

Спаси ги, Господи, и помилуј старите и младите, сиромасите, сираците и вдовиците, болните и несреќните, посети ги, закрепи ги и утеши ги. Преку Твојата милост и сила, дарувај им помош и олеснение (поклон).

Спомни ги, Господи, оние што ме мразат и навредуваат, што ми прават зло, помилувај ги и не ги оставај да загинат поради мене, грешниот (поклон).

Отстапниците од Светата православна вера и заблудените еретици просвети ги со светлината на Твоето учење и прибери ги во Твојата света, вселенска и апостолска Црква (поклон).

2.10.07

Молитва пред исповед

Владико, Господи Боже наш. Ти не ја сакаш смртта на грешните, туку сакаш да се обратат и да бидат живи. Ти, Кој ги примаш сите грешници, кои со покајание при Тебе припаѓаат, прими ме сега и мене, кој поради моите прегрешенија се каам. Дај ми усрдна скрушеност и исправи ја совеста моја, за да ги исповедам моите гравови пред славата на страшниот Твој Престол, и да се прослави во мене Твоето пречесно и великолепно име; на Отецот, и Синот, и Светиот Дух; сега и секогаш, и во сите векови. Амин!

13.9.07

Молитва на свети Јован Кронштадски

Господи!
Името Твое е Љубов, не ме отфрлај мене, заблудениот.
Името Твое е Сила, укрепи ме мене, изнемоштениот и паднатиот.
Името Твое е Светлина, просвети ја душата моја, од житејските страсти помрачена.
Името Твое е Мир, смири ја вознемирената душа моја.
Името Твое е Милост, не одлачувај ме од милосрдието Твое.
Амин!

28.8.07

Успение на Пресвета Богородица

При раѓањето девството го зачува,
при упокојувањето светот не го остави, Богородице,
се престави кај животот,
Мајко на Оној што е Живот,
и со Твоите молитви ги избавуваш од смрт нашите души.

23.8.07

Молитва за мир

Господи Исусе Христе, Боже наш, прости ни ги сите наши гревови и беззаконија, со коишто го раздразнивме Твоето човекољубие и ја разгневивме Твојата благост. Отстрани го од нас Твојот праведен гнев, смири ги сите раздори, немири и безредија што се случуваат сега кај нас, умири ги крвопролитјата и меѓусебните борби и дај им мир, тишина, љубов, закрепнување и скоро помирување на Твоите луѓе, коишто си ги искупил со Твојата скапоцена крв поради славата на Твоето име и за утврдување и закрепнување на Твојата света Црква. Амин.

19.8.07

Преображение на Господ наш Исус Христос



Се преобрази на гората, Христе Боже,
покажувајќи им ја Твојата слава на Твоите ученици,
колку што можеа, да ни засвети и нам, грешните,
Твојата вечнопостојна Светлина по молитвите на Богородица,
Дарителу на Светлина, слава Ти.

14.8.07

Свети Ефрем Сирин за постот

Возљуби ја Христовата скромност за духовно да се обогатиш. Возљуби го прекрасниот пост, зошто е дело достојно и богоугодно. Постот - тоа е кочија која води кон небото. Постот ги раѓа пророците. Тие што постат имаат чесно тело и скапоцена душа. Постот го успокои Лазара во прегратката на Авраама. Затоа и ние да го возљубиме, за да не’ прими Авраамовото крило. Да го избегнуваме раскошот и да не бидеме робови на пијанството - тие се извори на блудството. Пијанството не Го прима Господа - туку напротив, пијанството Го отстранува од нас Светиот Дух. Постот е пат кон покајанието и виновник за солзите. Постот не го сака светот, ниту пак, она што е во него. Нека не паѓаме во униние додека постиме, зашто во секоја црква ангелите ги запишуваат имињата на оние кои постат. Постот е туѓ за злопамтењето - оние, кои во умот ги чуваат огорчувањата и направеното им зло, макар и навидум да постат и да се молат, прилегаат на луѓе кои црпат вода и ја налеваат во продупчената бочва. Бог не ги прима молитвите на човек кој го помни злото на брата си.

Нека биде слава и сила на Господа, сега, секогаш, и во сите векови. Амин!

23.7.07

Молитва за време на бездождие и суша

Господи, Боже наш, знаеме дека сме недостојни за Твоите добрини, ниту сме достојни за да ги подигнеме очите и да гледаме кон небото, да застанеме пред Тебе и да ги искажеме нашите прозби, зашто какво добро направивме за да ни ги исполнуваш прозбите? Ти, поради Својата неизмерна благост не’ создаде од ништо, за да постоиме не’ удостои со Твојот лик и ни покори секое создание, а ние, коишто бевме толку облагодетени, се покажавме како непријатели, и ги презревме, Благодателу, Твоите заповеди и почнавме да живееме со нечисти мисли. Не само што ја отфрливме Твојата љубов, туку и меѓусебно се однесуваме како ѕверови, се јадеме еден со друг со лихварства и неправедни работи.

Како да се удостоиме да ги примиме Твоите добрини? Зашто Ти си праведен, а ние сме неправедни; Ти љубиш, а ние непријателствуваме; Ти си добросрдечен, а ние жестокосрдни; Ти си добродетелен, а ние грабачи. Што имаме заедничко со Тебе за да сме учесници на Твоите блага? Ја признаваме Твојата правда, знаеме дека заслуживме осудување, ги проповедаме Твоите благодејанија, виновни сме за илјада смртти. Сме под Твоја вистинска и седржителска рак; со Твојата силна десница лесно е да не’ погубиш во еден миг. Доколку тоа зависи нашата намера и живот, праведно е да загинеме, најправеден Судијо, но на Твојата неисповедлива благост и неискажана добрина тоа не и’ е угодно, најчовекољубив Владико.

Поради тоа, осмелени од несогледивото Твое милосрдие и од Твоето незлопамтиво срце, пристапуваме при Тебе, Благодетелу, ние неразумните и неблагодарните и Те молиме да не не’ предаваш во раката на сушата, ниту поради нашите беззаконија не не’ скрушувај со прангите и оковите на гладот. Но, поради Твојата благост, дај и’ на земјата и на Твоето наследство добар и доволен дожд, наполни ги пазувите на земјата со Твоите животворни води, зашто како што умира чедото на мајката која нема млеко, така умира и животот кога земјата нема вода. Но посети ја со Твојата милост со водни облаци, благораствори го воздухот, ороси ја со изобилен дожд, оживи ги цветовите, а со добри ветрови направи ги плодовите цели и полни и умножи ги со Твојата добросрдечност. Со нив си одредил да се одржува телесниот живот, а ако Ти со Твоите дождови не ни дадеш благост, земјата нема да го даде својот плод и ќе остане сува и пуста. По Твојата милост заштити не’ од големи огнови и пожари, и помогни им на луѓето кои се борат со огнените стихии: дај им сила, здравје и храброст.

Поради множеството Твои добрини, послушај ја молитвата на Твоите недостојни чеда, зашто Ти си изворот на милоста, подател на добрините и затоа ние Те порславуваме Тебе, заедно со безначалниот Твој Отец и со пресветиот, благиот и животворен Твој Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин!

12.7.07

Свети апостоли Петар и Павле



Глас осми:
Првостепени меѓу апостолите и учителите на вселената,
молете Го Владетелот на сите, да и’ даде мир на вселената,
а на нашите души - голема милост.

8.7.07

Молитиви против осквернување

Боже, биди милостив кон мене грешниот.
По молитвите на светите Отци наши, Господи Исусе Христе, Боже наш, помилуј не’. Амин!
Слава Ти, Боже наш, слава Ти.
Цару небесен : Трисвето : Оче наш :

Господи, помилуј! (12 пати)
Слава : И сега :
Дојдете да се поклониме : (3 пати)
Псалм 50 :
Тропари, глас 7 :
Пастиру добар, Кој си ја положил душата Своја за нас, Кој ги знаеш моите скриени дела, единствен благи, врати ме мене, заблудениот со разум, и истргни ме од волкот, јагне Божјо, и помилуј ме. Обземен од сонот на наслади се помрачувам со гревовна измама: но дај ми утро на покајание, просветувајќи ги моите мисловни очи, Христе Боже, просветување на мојата душа, и спаси ме.

Мојот сплетен ум во живтоните наслади и со гревовната магла на мојата непокаена душа раѓа различни страсти и не пристапува кон умилни помисли. Но, смилувај се, Спасителу, кон моето смирение и дај ми умилни помисли, та и јас, спасувајќи се пред крајот, да го повикам Твоето благоутробие: Господи Христе, Спасителу мој, мене очајниот и недостојниот, спаси ме. Како оној што паднал во разбојници и е ранет, така и јас паднав во моите гревови, и душата ми е ранета: кон кого ќе прибегнам јас виновниот, ако не кон Тебе, милосрдниот Лекар на душите: излиј ја врз мене, Боже, Твојата голема милост.

Слава :
Како блуден син, и јас пристапив Милостиви: прими ме, Оче, мене кој се враќам како еден од Твоите наемници Божји, и помилуј ме.
И сега : Богородичен :
Избави не’, Богородице, од гревовите што не’ обзеле: зашто друга надеж ние верните немаме, освен Тебе и од Тебе родениот Господ.

Господи, помилуј! (40 пати)
И осум поклони со молитвата:

Боже, биди милостив и прости ми, на мене блудниот, заради Твоето свето име.

Молитва прва на свети Василиј Велики

Jас бедниот пак се сопнав со умот, и по лошата навика служејќи му на гревот, пак ме зароби кнезот на темнината и родителот на страсните наслади, и како понижен род ме принудува да и’ служам на неговата волја и телесните желби. Што друго да правам, Господи мој, и Избавителу, и Заштитнику на оние кое се надеваат на Тебе, ако не пак да се вратам кон Тебе и да затажам, и испросаммилост за она што сум го направил! Но, се плашам и треперам, да не би некако исповедувајќи се секогаш и ветувајќи дека ќе отстапам од лошотиите, секој час грешам, и не упатувајќи ја мојата молитва кон Тебе, мојот Бог, сум ја поттикнал и долготрпеливоста Твоја на негодување. А кој ќе го поднесе Твојот гнев, Господи? Но, познавајќи ја големината на Твоето милосрдие и широчината на Твоето човекољубие, јас пак прибегнувам кон Твојата милост, и извикувам кон Тебе: прости ми што згрешив, помилуј ме паднатиот; дај ми рака на помош на заглавениот во калта на сластите; не дозволувај Господи, созданието Твое да пропадне во своите беззаконија и своите гревови, туку поттикнат со вообичаеното Твое милосрдие и добрината, избави ме од калта и телесната нечистотија, и од моите страстни помисли кои постојано ја влкаат мојата страдна душа. Зашто еве, Господи, како што гледаш, во неа нема чисто место, туку сета стана лепрозна и целото мое тело го покри рана. Сам, значи, Човекољубов Лекару на душите и телата и Извору на милоста, исчисти ја со поројот на моите солзи, правејќи обилно да ги пролевам, излиј го врз мене Твоето човекољубие и дај ми оздравување и исчистување и исцели ме потиштениот, и не го одвраќај Своето лице од мене, та да не ме проголта огинот на очајанието како обична твар. Туку, како што си рекол, вистински Боже, дека голема радост е на небото за еден грешник кој се кае, направи го тоа и со мене грешниот, и не ги затворај ушите на Твоето милосрдие, пред молитвите на моето покајание, туку отвори ги, и таа нека излезе како кадило пред Тебе. Зашто Ти, Создателу, ја знаеш немоќта на природата и лесното паѓање во грев на младоста, млитавоста на телото, и не гледаш на гревовите, и го примаш покајанието на оние кои вистински Те повикуваат. Зашто се благослови и прослави пречесното и величественото Твое име, Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин!

Молитва втора на свети Василиј Велики

Mногумилостив, непреоден, чист, безгрешен Господи, исчисти ме мене, Твојот непотребен слуга, од секакво оскврнување, телесно и душевно, и од мојата нечистотија која од негрижа и мрзливост се умножила во мене со сите свои останати беззаконија и покажи ме чист, господару, заради добрината на Твојот Христа; и освети ме преку слегувањето на Пресветиот Твој Дух, за откако дојдам кон себе од маглата на нечистите ѓаволски привиденија и секаква осквернатост, да ме удостоиш со чиста совест да ја отворам својата извалкана и нечиста уста и да го славам Сесветото Твое име, Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин!

Потоа
Тебе, која си почиста од херувимите ие непсоредливо пославна од серафимите, Која без маана Го роди Бога Словото, Вистинската Мајка Божја, ние Те величаме.
Слава : И сега :
Господи, помилуј! (3 пати)
Благослови!
Отпуст.

Потоа
Прими ја Господи, молитвата од мене грешниот, и помилуј ме како Благ и Човекољубив.

7.7.07

Рожденство на Св. Јован Крстител


Пророче и Претечо на Христовото доаѓање,
ние, што со љубов те почитуваме, не знаеме
како подостојно да те прославиме. Со твоето славно
и чесно раѓање се разреши неплодноста на родилката
и безгласноста на татко ти, а на светот му се проповеда
овоплотувањето на Синот Божји.

24.6.07

Молитви кога сме тажни

Кон Господа

Вечен и Милосрден Боже и Многумилостив Оче наш, маките и тешките неволји што ме снашле, страшни ја измачуваат мојата душа. Но, Тебе така Ти било угодно, затоа јас се’ доброволно поднесувам. Сите мои телесни страдања и душевни маки ги трпан и поднесувам како отплата за моите гревови, а за мое спасение. Те молам, Милостив Боже, дај ми трпение и сила за да поднесувам се’ онака како што Тебе Ти е угодно и да се спасам. Амин!

Кон Пресвета Богородица

Пресвета Дево, Мајко на Севишниот Господ, Семилостива Заштитнице и Покровителко на сите што со вера Ти пристапуваат, погледни на мене од височините на Твојата небесна слава, послушај ја мојата смирена молитва и принеси Му ја на Твојот сакан Син. О, Преблагословена Богородице, Ти си Скоропослушница на сите, и Радост на нажалените, послушај ме и мене нажалениот. Ти ги смируваш тагите, смири ги и моите жалови и излекувај ги моите душевни и телесни болести. На Тебе, по Бога, ја полагам сета моја надеж, биди ми Закрилница и силна Застапница пред Твојот Син, Господ наш Исус Христос. Засили ја мојата вера во Него. Утврди ме во Неговата љубов и научи ме да Те сакам и да Те прославувам, Пречиста Мајко Божја, Богородице Марие. Се засолнувам под Твојот свет покров, Пречиста Богородице, закрилувај ме. Амин.

16.6.07

Поука

Од добродетелите, едни се телесни, а други душевни. Телесните се пост, будност, спиење врз гола земја, слугување, рачен труд, извршуван за да не биде обременет никој, или за помош на другите, итн. Душевните се: љубов, долготрпение, кроткост, воздржаност, молитва и др. Ако поради некаква неопходност, на пример поради телесната состојба (поради немоќ или нешто слично) ние не успееме да ги исполниме гореспоментатите телесни добродетели, Господ, кој ја гледа причината за тоа ќе ни прости. Но, неисполнувањето на душевните добродетели нема да има оправдување зашто тие не се отежнуваат од такви нешта.

Љубовта кон Бога го убедува оној што ја поседува да го презре секое минливо насладување, секоја болка и жалост. Нека те уверат во тоа сите светии, коишто толку многу пострадаа заради Христа.


9.6.07

Молитва по завршување на работниот ден

Ти благодарам, Господи Исусе Христе, Боже ној, што ме удостои да се вратам здрав и неповреден од работа, та со бодро и благодарно срце да Ти пеам и да Те славам. Ти, божествениот Работник, не сметаше дека трудот унижува, туку со Твоите пречисти раце трудот го освети. Дај ми да се одморам од работата, со која ја исполнив Твојата волја.

Пресвети Владико, Ти си рекол: „Мојот Отец до сега работи, и Јас работам“. Со ова си ни оставил заповед усрдно и послушно да се трудиме во Твоето име. Ти благодарам уште, Премилостив Боже, затоа што ми даде сили, трпение и желба за работа; што не позволи да се вгнезди во мене мрзливоста, незадоволството и негодувањето, но милостиво ме награди со радост од работата и ме исполни со признателност кон Тебе за Твојата постојана помош. И сега, кога Ти принесувам благодарствена песна, Ти се молам и во останатото време од мојот живот да ми бидеш крепок помошник во секое добро и на Тебе угодно дело, та и во вечноста да ја добијам наградата, приготвена за сите што се труделе во Твое име. Амин!

Милосрден Господи и Владико на мојот живот, Ти си рекол: „Дојдете при Мене сите изморени и оптоварени. Јас ќе ве успокојам.“ Ете, доаѓам при Твојата благост и моето срце го прислонувам под Твоето меко крило, дарувај ми мир на мојата душа и на моето тело, изморени од тешката дневна работа. Да се одмори моето срце, мојата душа да се успокои во Тебе, мојот Господ и Спасител, за да ја видам и јас, недостојниот Твој слуга, вечната светлина на Твојата вистина и да го прославувам секогаш Твоето пресвето име, името на мојот Бог Господ и Закрилник. Амин!

3.6.07

Свети рамноапостолни Константин и Елена


Господи, откако го виде на небото
знакот на Твојот Крст, слично на Павла,
не од луѓе беше повикан Твојот апостол
меѓу царевите; престолниот град во Твои раце
го предаде, па, по молитвите на Богородица,
секогаш чувај го во мир, единствен Човекољупче.

27.5.07

Света Педесетница

Педесетницата ја празнуваме и доаѓањето на Духот и остварување на ветувањето и исполнување на надежта и секоја тајна зашто е голема и чесна. Затоа Ти пееме: Создател на сите, Господе слава Тебе. Со странски јазици си ги оспособил Твоите ученици Христе, со нив да Те проповедаат Тебе, бесмртно Слово и Бог кој им дава голема милост на нашите души.

Св Дух сé ни дава, излева пророштва, ги усовршува свештениците, неписмените на мудрост ги научи, рибарите Богослови ги покажа, целиот црковен собор го прибра, единосуштен и сопрестолен на Отца и Сина Утешител, слава Тебе. Видовме вистинска светлина, примивме Дух Небесен, најдовме вера вистинска, на неразделната Троица се поклонуваме зашто Таа нé спаси. Преку пророците си ни го известил патот на спасението, а преку апостолите ни засветли Спасителу наш, благодатта на Св Дух, Ти си Бог од секогаш, Ти си и сега и во векови, Ти си Бог наш. Во твоите дворови ќе Те воспевам Спасителу на светот, и приклонувајќи ги колената ќе и’ се поклонам на Твојата непобедлива сила. Навечер, наутро и напладне и во секое време ќе Те славовословам Господе. Господе во Твоите дворови верниците ги приклонија колената на душите и телата воспевајќи Те Тебе, беспочетниот Татко и собезпочетниот Син и секогаш совечниот и пресветиот Дух кој ги просветува и осветува нашите души. Ја песнословам едносушната Троица, Отца и Сина со Св Дух, зашто така проповедаа сите пророци, и апостолите со мачениците.

Дојдете луѓе да Му се поклониме на триличното Божество, на Синот во Отца, со Св Дух, зашто Отецот безвремено Го роди Синот, секогаш совечен и сопрестолен и Св Дух беше во Отецот со Синот прославуван, една сила, една суштина, едно божество. Нему поклонувајќи се Му велиме: Свети Боже, кој направи сé преку Синот, во содејство со Св Дух, Свети Силен преку кого Отца го познавме и Св Дух дојде во Светот, Свети Бесмртен Утешителен Дух Кој излегуваш од Отца и во Синот пребиваш, Троица Света - Слава Тебе. Кога Св Дух си Го испратил Господе кај собраните апостоли, тогаш еврејските деца гледајќи се исплашија од ужасот зашто ги слушаа оние што проповедаа на туѓи странски јазици, како што Духот им подаваше, зашто неуките вистински се омудрија и красноговореа за божественото. Затоа и ние Ти пееме: Ти, кој се јави на земјата и од прелеста нé спаси, Господе слава Тебе. Господе, народите не разбирајќи ја силата која дојде на апостолите од пресветиот Дух, мислеа дека помешувањето на јазиците е поради пијанство. А ние откако се утврдивме од нив непрестано вака збориме: Св Дух не одземај го од нас, Ти се молиме Човекољубив. Не отфрлај ме од лицето Свое и Св Дух не одземај Го од мене.

Народите некогаш се размешаа заради смелоста со изградбата на кулата, а сега народите се омудрија поради славата на Богопознанието. Таму ги осуди нечестивите со отфрлање, а овде Христос ги просвети рибарите со Духот. Тогаш договорот се претвори во измачување, а сега се обнови согласноста кон спасението на нашите души. Благословен си Христе Боже наш, апостолите ги направи премудри ловци откако им го испрати Св Дух и со нив ја улови вселената Човекољубив, слава Ти. Верници, радосно да го празнуваме попразенствениот и последен празник. Оваа Педесетница е исполнување на ветувањето и предложение, зашто во неа слезе на земјата огинот на Утешителот во вид на јазици и учениците ги просвети. Кога дојде на земјата Изворот на Духот, разделувајќи се духовно во огнени реки ги оросуваше апостолите просветувајќи ги и им постана облак кој ги оросува во огин кој нив ги просветува и пламен кој дојде. Преку нив и ние примивме благодат со огин и вода. Светлината дојде од Утешителот и светот го просвети. Те величаме животодавче Христе и го почитуваме сесветиот Дух, кого од Отца си го испратил врз твоите божествени ученици.

Христе, по воскресението од гробот и божественото вознесение кон небесните височини си им ја испратил Твојата слава на Боговидците добри, обновувајќи ги учениците со вистинскиот Дух, затоа како од музички инструмент на сите им се разјасни Спасителе, Твојата промисла со божествен тимпан тајно огласувана. Твојот благ Дух ќе ме упати во вистинската земја. Покриен со божествен облак Мојсеј го објави богонапишаниот закон, зашто тресејќи ја тињата од окото на умот Го виде вистинскиот и се научи на Духот на Разумот, фалејќи Го со божествени песни. Ги разврза оковите на бездетната утроба и неподносливото подсмевање од многудетната единствената молитва на древната пророчица Ана, која имаше смирен дух кон силниот и Бог на разумот. Царе на царевите, Еднаков на еднаквиот, единствено Слово кое произлезе од Отца, безпочетниот, рамносилниот Дух, преку апостолите вистински си го испратил како добротвор врз оние кои пеат: Слава на твојата власт Господе.

Разрешителното очистување од гревовите во вид на духовно огнена роса примете го Духот, о чеда Црковни и Светлообразни, зашто сега од Сион излезе закон, кој е јазикообразна благодат на Духот. Владико Христе кој си наше очистување и спасение, Ти си засветлил од Дева, да го извадиш од гниење паднатиот Адам, родоначалникот како пророкот Јона од градите на морскиот ѕвер. Кога слезе Вишниот помешувајќи ги јазици, ги раздели народите, а кога раздаваше огнени јазици, ги повика сите во единство и едногласно да Го славиме сесветиот Дух. Складната песна на органата загрме за да му одадат почит на златонаправениот бездушен идол, а светлоносната благодат на Утешителот ги удостојува да пеат: Троица единствена рамносилна безпочетна, благословена си. Ги разврзува оковите и пламенот го оросува Трисветлиот образ на Боговечниот. Момчињата пеат а сета создадена природа го благословува единиот спасител и создател како добротвор.

Радувај се царице, мајчинодевствена слава, зашто никоја вештоговорлива уста не може да красноговори за да те опее достојно, а секој ум избезумува кога сака да го разбере твоето раѓање, затоа едногласно те славиме. Прилегаше да и’ се пее на животородната родителка зашто едино таа го скри Словото во утробата кое се таеше од болната човечка природа, а сега седи од десно на Отца и ја испрати благодатта на Духот. На секој што му вдахна Боготочна благодат светеше блескајќи изменет од необичната промена во заслепувачка убавина разбирајќи ја рамносилната неделива премудрост на трисветата природа која ја славиме. Духу Сесвет, Кој излегуваш од Отца, кој преку Синот дојде кај божествените ученици кои Те познаа Тебе како Бог, спаси ги и помилувај ги сите.

Светлина е Отецот, Светлина е Словото, Светлина е и Светиот Дух Кој беше испратен врз апостолите во огнени јазици, и преку нив целиот свет се просветува за да ја почитува Св Троица. Денес сите народи го видоа преславното чудо во градот давидов, кога Св Дух слезе во вид на огнени јазици како што раскажува богоглаголивиот Лука: „Врз собраните ученици Христови се јави шум како што доаѓа бурен ветер и го исполни домот каде што беа седнати. И сите почнаа да зборуваат странски зборови, необични учења, необични заповеди од Св Троица.“ Св Дух беше постојано и е, и ќе биде, ниту почнат, ниту престанат, но постојано на Отца и Сина придружен и причислен, живот и живототворец, светлина и дарител на светлина, добар и извор на добрина, преку него Отецот се познава и Синот се прославува и од сите се запознава една сила, една заедница, едно поклонување на Светата Троица. Светиот Дух светлина и живот, и жив извор на умот, Духот на премудроста, Духот на разумот, благ, вистински умен, кој владее, кој ги очистува прегрешенијата. Бог и Бог Кој твори, огин кој од огинот произлегува, кој говори, дејствува, разделува дарови, преку кој сите пророци и божествените апостоли со мачеништво се венчаа, необично слушање, необично видение, огинот кој се разделува во давање на дарови.

Небесата ја објавуваат славата на Бог, а за делата на рацете негови известува сводот Небесен. Ден на денот објавува и ноќ на ноќта знаење објавува. Нивниот звук се разнесува по целата земја, а нивните зборови до краиштата на вселената. Нека те услуши Господ во тежок ден, да те заштити името на Бога Јаковов. Да ти испрати помош од светилиштето и од Сион да те засили. Да ти го даде Господ и она што ти срце сака и сите твои помисли да ги исполни. Господе, со Твојата сила ќе се весели Царот, и за спасението од Тебе безмерно ќе се радува. Ти му даде она што срцето негово посака и молитвата на устата негова не ја отфрли. Зашто Ти го пресретна со добри благослови, му возложи на главата венец со скапоцени камења. Издигни се Господе со Твојата сила, ние ќе ја воспеваме и ќе ја прославуваме твојата моќ. Твојот благ Дух нека ме води по прав пат. Сега сите народи беа во чудо зашто Јудеите иако Христос по тело е од нив, боледувајќи од неверие, отпаднаа од Божјата благодат а ние кои сме од јазичниците се удостоивме со Божјата Светлина откако се утврдивме од зборовите на учениците кои ја проповедаа славата на Бог, добротворот на сите. Со нив приклонувајќи ги срцата и колената со вера да Му се поклониме на Светиот Дух утврдувајќи се во Спасителот на нашите души. Срце чисто создај во мене Боже и Дух вистински обнови во мене. Сега утешителниот Дух се излеа врз секое тело зашто почнувајќи од апостолските редови по соединувањето од нив ја простре благодатта врз верниците и ги уверува во своето силно наитие во вид на огин разделувајќи им јазици на учениците за песнопеење и слава божја.

Затоа со срцето умно просветени откако се утврдивме во верата преку Светиот Дух се молиме да се спасат нашите души. Не отфрлај ме од лицето Свое и Светиот Дух не одземај Го од мене. Сега апостолите се облекуваат во Христова сила од горе зашто ги обновува Утешителот обновувајќи се во нив со таинствено обновување на разумот, проповедајќи со необични и високопофални гласови, да се почитува вечната и трилична природа на Бог, Добротворот на сите. Затоа откако се просветивме со нивното учење, да Му се поклониме на Отца, со Синот и Духот, молејќи се да се спасат нашите души.

24.5.07

Свети рамноапостолни Кирил и Методиј


Богомудри Кириле и Методие, еднакви по дух
со апостолите и учители на словенските земји,
Владиката на сите молете Го словенските народи
да ги утврди во Православието и едномисленоста,
да го смири светот и да ги спаси нашите души.

18.5.07

Молитва за мир во бракот

Господи Боже, Ти го освети нашиот брак на чистота, Ти не’ благослови да живееме во мир, едномисленост, во чистота и во взаемна љубов, преку врските на мирот да бидеме едно тело. Но, Пречист Владико, поради ѓаволски искушенија и заради нашите човечки слабости, нашиот брачен живот се растројува. Благословот на мирот и едномисленоста, што го исполнува со радост нашиот брачен живот, ги нема веќе со нас. Загрижувачки сенки на нечистота паѓаат врз нашите взаемни односи, изчезнува љубовта што не’ врзуваше. Непријателот на човечката среќа и неговото спасение жестоко ја напаѓа нашата домашна црква.

Затоа, Господи Боже, со милозливо срце коленичам пред Твоето величие и се молам кон Твојата благост - врати ни го мирот, врати ни го мирот, врати ни ги едномисленоста и разбирањето. Сврти го расејаното и помрачено срце на мојот сопруг (мојата сопруга) кон Твојата волја, кон бракот од Тебе благословен, отстрани ги желбите на неговото (нејзиното) срце од нечистотии и од опасниот пат и приврзи го кон неговите чеда, за да царува радоста во нашиот дом и да се слави Твојата сила и добрина. Ти си секогаш брз закрилник кога сме во мака. Амин.

8.5.07

Свети апостол и евангелист Марко



Откако се научи кај врховниот Петар,
си бил апостол Христов, и како сонце си
засветлил на сите страни, блажени, станувајќи
украс на Александрија. Преку тебе Египет се ослободи
од измамите, како светол столб црковен со твоето
евангелско учење сите ги просвети.
Затоа твојот празник го почитуваме и радосно ликуваме,
богогласни Марко, моли Го од тебе проповеданиот Бог,
да ни даде прошка на гревовите на нашите души.

6.5.07

Свети Великомаченик Георгиј Победоносец



Како ослободител на плениците и заштитник
на сиромасите, лекар на немоќните, помошник
на владетелите, победоносче, великомачениче
Георгие, моли Го Христа Бога да ги спаси нашите души.

1.5.07

Молитва за секоја прозба

Господи, Боже наш, Ти се молиме, послушај го гласот на нашата молитва. Помилуј не’ нас, твоите чеда, со својата благодат и милост и исполни ни ги сите прозби, прости ни ги сите намерни и ненамерни согрешенија. Нашите молитви и милостини нека Ти бидат благопријатни пред престолот на Твоето владичество. Закрилувај не’ од сите видливи и невидливи непријатели, од секоја напаст, неволја и тага. Избави не’ од болести и дарувај ни здравје со долгоденствие.

Човекољубив Владико, погледни со Тjavascript:void(0)
Publishвоето милостиво око на нас, Твоите чеда, послушај ги нашите молби што Ти ги принесуваме со вера, бидејќи Сам си рекол: Се’ што ќе побарате со молитва, верувајте дека ќе го добиете и ќе ви биде, и уште: Барајте, и ќе ви се даде. Поради ова и ние, иако недостојни, надевајќи се на Твојата милост, молиме: Помогни ни со Твојата благост и исполни ни ги нашите добри желби, запази ни ги сите дни во мир и тишина, во здравје и долгоденствие.

23.4.07

Псалм 22

Господ е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува. Он ме пасе на плодни пасишта и ме води на тихи води, ја поткрепува душата моја, ме води по патот на правдата заради името Свое. Кога би тргнал и по долината на смртна сенка, нема да се исплашам од злото, зашто Ти си со мене; Твојот жезал и Твојата палка ме успокојуваат. Си приготвил пред мене трпеза на очиглед на непријателите нои, си ја помазал главата моја со елеј; и чашата Твоја ме напојува со блаженство. И милоста Твоја така да ме придружува преку сите денови на мојот живот, и јас ќе престојувам во домот Господов многу дни.

8.4.07

Воскресение Христово


Христос воскресе из мертвих,
смертију смерт поправ,
и суштим во гробех живот даровав.

Христос воскресна од мртвите,
со смртта смртта ја победи,
и на оние во гробовите
живот им дарува.

Christos anesti ek nekron,
thanato thanaton patisas,
kai tis en tis mnimasi
zo-in charisamenos!

6.4.07

Свето Евангелие според Матеја 27,1-61

А кога се раздени, сите првосвештеници и старешини народни направија совет против Исуса за да Го убијат; и откако Го врзаа, Го одведоа, и Го предадоа на управникот Понтиј Пилат. Тогаш Јуда, што Го предаде, кога виде дека е Он осуден, се покаја и ги врати триесетте сребреници на првосвештениците и старешините, велејќи им: Згрешив, оти предадов невина крв“. А тие му одговорија „Што ни е грижа нам за тоа? Мисли му ти.“ И како ги фрли сребрениците во храмот, излезе и отиде, та се обеси.

Првосвештениците ги прибраа сребрениците и рекоа: „Не чини да се оставаат во црковната каса, оти се цена за крв.“ И како се советуваа, ја купија со нив грнчаревата нива, за да погребуваат во неа луѓе од други места. Затоа и до денес таа нива се вика Крвна нива. Тогаш се исполни реченото преку пророкот Јеремија: „И ги зедоа триесетте сребреници, цената на Непроценливиот, Кого Го оценија синовите Израилеви, и ги дадоа за грнчаревата нива, за да погребуваат други луѓе во неа, како што ми кажа Господ.“

И Исус застана пред управникот. И тој Го праша: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Исус му одговори: „Ти велиш“. И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, Он ништо не одговараше. Тогаш Му рече Пилат: „Не слушаш ли колку сведочат против Тебе?„ И не му одговори ниту на еден збор, така што управникот се чудеше многу. А на секој празник Пасха управникот имаше обичај да му отпушта на народот по еден затвореник, кого што би го побарале. Тогаш тие имаа еден прочуен заробеник, по име Варава. И кога се собраа, Пилат им рече: „Кого сакате да ви го пуштам: Варава ли, или Исуса, наречен Христос?“ Оти знаеше дека Го беа предале од завист. Во тоа време, додека тој седеше во судот, жена му порача да му кажат: „Не прави Му ништо на Тој Праведник, оти денеска многу пострадав насон, заради Него.“ Но првосвештениците и старешините го наговорија народот да го измори Варава, а Исуса да Го погуби.

Тогаш управникот ги праша: „Кого од двајцата да ви го пуштам?“ Тие одговорија: „Варава!“ Пилат им рече: „А што да направам со Исуса, наречен Христос?“ Му одговорија сите: „Да биде распнат!“ Управникот рече: „Па какво зло направил?“ Но тие уште посилно извикаа и рекоа: „Да биде распнат!“ Пилат, штом виде дека ништо не помага, а буната се зголемува, зеде вода, ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Праведник; мислете му вие!“ И одговарајќи, целиот народ, рече: „Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца!“

Тогаш им го пушти Варава, а Исуса, откако Го бичуваа, Го предаде да биде распнат. Потоа управниковите војници Го зедоа Исуса во судницата и ја собраа целата чета околу Него, па, откако Го соблекоа, Му облекоа багреница; исплетоа трнов венец, Му го кладоа на главата и Му дадоа во десната рака трска; и паѓајќи на колена, Му се потсмеваа и велеа: „Радувај се, Царе Јудејски!“ И плукаа на Него и, како ја зедоа трската, Го удираа по главата. А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ги облекоа Неговите алишта и Го одведоа на распнување. На излегување сретнаа еден Киринеец, по име Симон: него го натераа да Му го носи крстот. И кога дојдоа на местото, наречено Голгота, што значи: место на черепи, Му дадоа да пие оцет, измешан со жолчка. Но Он вкуси и не сакаше да пие. А штом Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка; па седеа таму и Го чуваа; и Му кладоа над главата натпис, со вината Негова: „Овој е Исус, Царот Јудејски.“

Тогаш распнаа со Него и двајца разбојници: едниот од десната страна, а другиот од левата. А минувачите, вртејќи ги главите свои, Го хулеа и велеа: „Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси! Ако си Син Божји, слегни од Крстот!“ Исто така и првосвештениците, заедно со книжниците, старешините, и фарисеите, потсмевајќи се говореа: „СеДругите ги спаси, а Сам Себе не може да се спаси. Ако е Он Цар Јудејски, нека слезе сега од крстот, па ќе поверуваме во Него. Се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако е по волјата Негова, оти беше рекол ’Син Божји сум!’“. И разбојниците, распнати до Него, Го хулеа исто така. А од шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час; а околу деветтиот час извика Исус со висок глас и рече: „Или! Или! Лама савахтани?“ А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто си Ме оставил?“ А некои од оние што стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија.“ И веднаш еден од ниц отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет и го надена на трска, па Му даваше да пие. Другите пак, велеа: „Чекајте, да видиме, дали ќе дојде Илија да Го спаси“. А Исус, откако повторно извика со висок глас, го испушти духот. И наеднаш се расцепи црковната завеса на два дела, од горниот крај до долниот; и земјата се затресе; и карпи паднаа; и гобови се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа; па како излегоа од гробовите, по воскресението Негово, влегоа во светиот град и се јавија на мнозина. А стотникот и оние, што со него заедно Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и се’ друго што стана, се уплашија многу и говореа: „Навистина Овој бил Син Божји!“

Таму беа и гледаа оддалеку, исто така, многу жени, што врвеа по Исуса од Галилеја и Му служеа. Меѓу нив беа Марија Магдалена и Марија, мајка им на Јакова и Јосифа, и мајката на Зеведеевите синови. А кога се стемни, дојде еден богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој Му беше, исто така, ученик на Исуса; и тој отиде при Пилата и го побара телото Исусово. Тогаш Пилат нареди да го предадат телото. А Јосиф, штом го зеде телото, Го обви во чиста плаштаница, и Го положи во својот нов гроб, што го беше издлабил во карпа; па, откако постави голем камен над гробната врата, си отиде. А таму беа Марија Магдалена и другата Марија, кои седеа спроти гробот.“

1.4.07

Цветници


Христе Боже, за да не’ увериш во општото
воскресение, пред Твоите страдања, го воскресна
Лазара од мртвите. Затоа и ние, носејќи
како децата знаци на победата, Ти викаме Тебе,
Победителе на смртта: Осана во висините!
Благословен е Оној што иде во името Господово!

25.3.07

Свето Евангелие според Марка 10,32-45

Кога беа на пат, искачувајќи се за Ерусалим, Исус одеше пред нив, а тие беа уплашени, па врвејќи по Него, се боеја. И кога ги повика повторно дванаесетте, почна да им зборува за она што ќе се случи со Него. „Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на незнабошците. И ќе Го исмеат, и ќе Го бијат, и ќе Го плукаат, и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.“

Тогаш пристапија кон Него Зеведеевите синови, Јаков и Јован, и рекоа: „Учителе, сакаме да ни направиш она, што ќе побараме.“ Он ги праша: „Што сакате да ви направам?“ А тие Му одговорија: „Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во славата Твоја.“ Но Он им рече: „Не знаете што барате. Можете ли да ја испиете чашата што ја пијам Јас и да се крстите со крштавањето, со кое се крштавам Јас?“ Тие одговорија: „Можеме.“ А Исус им рече: „Чашата што ја пијам Јас, ќе ја пиете и вие, и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите; но, да позволам да се седи од Мојата десна или лева страна, не зависи од Мене; тоа е за оние, за кои е приготвено.“

Десетте пак, штом го чуја тоа, негодуваа против Јакова и Јована. А Исус, кога ги повика, им рече: „Знаете дека оние, што се сметаат кнезови народни, господарат над нив, и управнците управуваат над нив. Но меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите. Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина.“

24.3.07

Молитва за смирување на скарани

Човекољубив Господи, Царе на мирот, Христе Боже наш, Ти ја урна преградата на непријателството и им го даде Твојот мир на луѓето, за да живеат по Твојата волја и да му се радуваат на вистинскиот живот. Ти ни заповеда да се сакаме еден со друг и да има мир меѓу сите луѓе, особено меѓу оние кои го познале вистинскиот Бог, Отецот на љубовта.

Ти рече: „Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји“. Се покорувам на Твојата света волја, Ти се молам, Владико, дарувај им мир на Твоите чеда (имињата) што се скарани. Просвети го нивниот разум со Твојат светлина и стопли им ги срцата со Твојата љубов, за да не дозволат злото да ги овладее и да ги оддалечи од тебе. Стивни ја во нив расправијата и изгони ги сите соблазни за разномисленост. Вкорени го во нив стравот од Тебе, за да не се погордеат нивните срца и да не бараат одмазда. Дај им го она што служи за мир и взаемно поучување, зашто многу е убаво и многу пријатно кога браќата живеат заедно и во мир. Не оставај ги и натаму скарани: ослободи ги од робувањето на човечкиот непријател, приведи ги во твојот мир и спаси ги.

Поткрепи ме и мене да бидам постојан во нивното смирување, за да ја исполнувам Твојата волја за зголемување на мирот и љубовта меѓу Твоите луѓе, да ја запознаам радоста на миротворците, кои Ти ги нарече синови Божји. Ти си нашиот мир. Тебе Те прославуваме заедно со Отецот и Светиот Дух, сега, секогаш и во вечни векови.

Амин!

13.3.07

Псалм 150

Фалете Го Бога во Неговата светиња, фалете Го во цврстината на силата Негова; Фалете Го поради Неговите сили, фалете Го поради многуте величија Негови. Фалете Го со трубен звук, фалете Го со псалтир и гусли; Фалете Го со тимпани и во оро, фалете Го на струни и со свирка; Фалете Го со милозвучни кимвали, фалете Го со кимвали громогласни! Се’ што дише - нека Го фали Господа! Алилуја!

9.3.07

Поука

Има две состојби на чиста молитва: едната им соодвествува на оние што се подвизуваат во искуството на добродетелите, а другата на оние што се подвизуваат во созерцанието. Првата возникнува во душата од стравот Божји и добрата надеж, а втората од Боженствената љубов и повозвишената чистота.

Признаци на првата се прибраноста на умот и неговото оддалечување од сите световни мислиизвршување на сосредоточена и од ништо непоматена молитва, како Сам Бог да стои пред нас, што навистина и се случува. Признак на втората состојба е обземеноста на умот од Боженствената бескрајна светлина, при негово устремување кон молитвата, кога тој не се чувствува ниту самиот себеси, ниту било што друго, освен Единствениот, Кој преку Својата љубов го исполнува со озарение. Тогаш, движејќи се близу до логосите што се околу Бога, умот ги восприема чистите и јасни откровенија за Него.


25.2.07

Молитва за смилување

Господи, милостив си кон сиромашните.

Овој свет е куќа на болката, полн со јад, беда и очај. Смилувај ни се. Смилувај се на сите коишто поднесуваат претежок живот, од кои што се бара повеќе отколку што можат, кои што ги гази судбината и кои што не наоѓаат смисол. Смилувај се на оние кои што доживеале неуспех, на збунетите, болните и инвалидите, слепите и парализираните, осамените и неважните, презрените и оние коишто не нашле разбирање. Смилувај се на уплашените кои што повеќе не се противат на неправдата, на измачените кои не можат да живеат од платата за својата работа, на очајните кои бараат дрога или смрт.

Смилувај се на неслободните кои се слуги на немилосрден систем, слуги за искористување и угнетување. На војниците кои одат во војн, на заробениците кои ги чуваат како диви ѕверови. Смилувај се, Господи, на сите народи, смилувај се на нестрпливите и краткогледните меѓу моќните, и нестрпливите и насилниците меѓу оние кои се злоставувани и покорени. Смилувај се на сите кои ја бараат правдата, а не знаат за друг пат освен насилство. Смилувај им се и на христијаните, кои иако зборуваат за Тебе, а сеуште не ја вршат Твојата волја.

Господи, Кој си милостив кон сиромашните, смилувај ни се на сите нас.

Овој наш свет е полн со насилници, злосторници и дерикожи. Смилувај им се! На кому друг му е попотребно милосрдието Твое, отколку на оние кои мразат? Како ќе се променат, ако Ти не им се смилуваш?

Се молиме и за оние кои одрвенале, за огорчените и немилосрдните, за сите кои шират омраза и сеат раздор, кои сакаат војна - зашто ними им користи; за оние кои ги искривуваат вестите и ги прикриваат злочините. Се молиме и за оние кои живеат од лажење, крадење и авантури; се молиме и за сите бездомници и бегалци кои ништо не ги врзува со нашите обичаи - за напуштените и за оние кои не се интересираат за нашето друштво. Се молиме за сите кои ја искористуваат неволјата, на пример за заводниците во големите градови кои ги упропастуваат човечките созданија искористувајќи го човечкото сиромаштво во љубовта.

Ти се молиме за сите нас кои еден на друг од ден на ден си нанесуваме болка, кои еден друг се забораваме, отфрламе, осудуваме и клеветиме во мало и големо. Ти се молиме, смилуј се на нашата нељубезност, шкртост и непопустливост. Зашто ние се осудуваме едни со други во својата непромисленост и не ја согледуваме својата бездушност.

Ти рече: „Кој ќе го отфрли својот брат, крив е на огнот пеколен“. Гоподи, криви сме. Смилуј ни се.

18.2.07

Молитва за дар за простување

Спасителу!

Научи ме да простувам од душа на сите, коишто со нешто ме повредиле. Знам дека не можам да застанам пред Тебе со чувството на омразата која се крие во мојата душа. Огрубено е, Боже, моето срце! Во мене нема љубов. Ти се молам, научи ме да им простувам на оние кои ме повредиле, огорчиле и нажалостиле, како што и Ти Сам, Спасителу, им прости на Своите непријатели, на Крстот!

Амин!

15.2.07

Сретение Господово


Радувај се, благодатна Богородице Дево,
зашто од Тебе изгреа Сонцето на правдата
- Христос нашиот Бог, Кој ги просвети
оние што беа во мракот.
Весели се и ти, старче праведен,
зашто си го примил во прегратките
ослободителот на нашите души,
Кој ни дарува воскресение.

14.2.07

Молитва за местото во кое живееме

Господи, Те молиме за местото во кое живееме, за сите наши сожители, за секој од нас да најде човечен соживот и место на мирот. Те молиме за сите кои живеат покрај нас, за соседите и познатите, за нашите пријатели и за оние кои ни се надлежни.

Те молиме за сигурен помин во нашето место, за никој да не го изложува својот живот и животот на другите во опасност. Господи, чувај ги нашите деца од несреќа! Те молиме да се одмориме во тишина, за оние кои немаат мир, за средината да биде здрава и човекољубива. Те молиме за оние кои работаат во фабриките, за уметниците, за научниците, за учителите и професорите, за социјалните работници и за сите кои се трудат по болниците. Ти се молиме исто така, и за нашите свештеници, за оние кои ја претставуваа Црквата за сложно да ги впрегнат своите сили за доброто на нашето место.

Те молиме за оние кои бараат живеалиште и за оние кои го изгубиле живеалиштето, за туѓинците да ги прифатиме со сета гостољубивост и за сите на кои им е судено да останат со нас. Се молиме и за оние кои се богати, за да знаат секогаш да ги отворат своите куќи и своите срца за сите кои имаат потреба и кои се несреќни. Ти се молиме за сите меѓу нас кои се болни, несреќни, изложени на разни искушенија, за оние што ги мачи страв, досада и очај, за одземените од нашата средина, за оние по затворите, за душевно погодените, за оние што умираат и за умрените.

Ти се молиме за самите нас, за местото да ни биде радосно. Помогни ни Боже, да не се глодаме еден со друг со дела што создаваат омраза, што прават раздори, туку секогаш да бидеме сложни како едно тело, да бидеме Божји град на земјата. Амин!

2.2.07

Молитва за мир во домот

Боже на љубовта, Боже на мирот и долготрпението, помогни ни да живееме во овој дом секогаш во мир, слога и љубов. Засилувај го нашето трпение, зашто Ти, Господи, си долготрпелив кон нас, грешниците. Скротувај не’ со благост кога сме гневни, не дозволувај му на злото да влезе длабоко во нас, да ги помрачи нашите души и да не’ раздели.

Ти се’ простуваш, помогни ни и нам да бидеме готови да простиме и да се смириме. Отстрани ги со твојата силна десница причините на неразбирањето и кавгите и всади го во нашите срца духот на кроткоста и љубовта, за да бидеме чеда на семејство од Тебе благословено, да напрдуваме во секакво добро за Твоја прослава, на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Амин!

26.1.07

Секојдневна исповед на гревовите

На тебе, мојот Господ и Создател, Единиот Бог Кого Го прославувам и на Кому се поклонувам во Светата Троица - Отец, Син и Светиот Дух, ги исповедам сите мои гревови што сум ги направил во деновите на мојот живот и во секој час, со дела, зборови, мисли, гледање, слушање, со сите сетила духовни и телесни, со кои Те прогневив Тебе, а на моите ближни им направив неправда и зло.

За сите овие гревови жалам, признавам дека сум виновен пред Тебе, мојот Бог, имам желба да се покајам; Господи, Боже мој, со солзи и смирено Ти се молам, помогни ми. По Твоето милосрдие прости ми ги прегрешенијата и ослободи ме од нив, зашто Си Благ и Човекољубив.

19.1.07

Свето Богојавление



Кога во Јордан се крштеваше, Господи, се потврди
поклонувањето на Света Троица: гласот на
Отецот сведочеше за Тебе и Те нарече Свој
сакан Син: и Духот во вид на гулаб, ја потврди
вистината на Тоа сведоштво. Се јави, Христе Боже,
и го просвети светот, слава Ти.

14.1.07

Молитва на Нова година

Вадико, Господи Боже наш, Ти си извор на животот и бесмртноста. Создател на сите видливи и невидливи созданија. Ти си ги ставил времињата и годините под Твоја власт, Ти владееш над се’. Милостиво прими ја оваа наша благодарност и молба од нас, Твоите недостојни чеда и добросрдечно помилуј не’. Ти благодариме за сите добрини што си ги пројавил кон нас во изминатиот период од нашиот живот и Те молиме премилостив Господи, преку Твојата благост и со благодатта на Твоето човекољубие, благослови ја годината што настапува.

Отстрани од нас секаков Твој гнев поради нашите гревови. Не спомнувај ги, а прости им ги на сите Твои луѓе нивните безбројни прегрешенија и сите волни и неволни гревови што сме ги направиле во изминатата година. Не не’ казнувај поради нашите лоши дела, туку спомни си за нас со благост и милосрдие. Изгони ги од нас сите, штетни за душата, страсти и лоши навики и всади го во нас, во нашите срца, Твојот боженствен страв, за да ги исполнуваме сите Твои заповеди. Во нашите срца обнови го Твојот вистински дух. Утврди не’ во Православната вера и помогни ни да успеваме во вршењето на добри дела. Прекрати ги сите ереси, секти и отстапништва; утврди ги насекаде вистинската вера и благочестивиот живот. Обрни ги сите што отстапиле од вистинската вера и помогни им да ја познаат Твојата вистина; присоедини ги кон Твојата Света Православна Црква.

Во оваа година чувај ја нашата татковина, нашиот град и сиот Твој свет од глад, од помор, од земјотрес, потоп, град, меч, од напади на туѓинци, од војна, од смртоносни рани, болести, несреќа и тага. Изгони ги од нашата земја сите непријателства, безредија и меѓусебни борби. Дарувај ни мир, сила и нелицемерна љубов, уреден живот, здравје и успех во секое добро. Испрати ни дождови навреме - рани и доцни, умерени и благопријатни ветрови, животворна сончева топлина и замни плодови во изобилство.

Милостив Боже, сочувај ја верата, закрепи ја татковината наша, смири го светот, утеши ги нажалените, излечи ги болните, крени ги паднатите, врати ги на патот на вистината и спасението сите заблудени. Помагај им на оние што се трудат, вразуми ги неразумните и закрилувај ги сираците и вдовиците. Удостој не’ секогаш да Ти благодариме и да Те воспеваме Тебе, беспочетниот Отец, со Твојот Единороден Син, со Пресветиот, Благиот и Животворен Твој Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин!

Свети Василиј Велики


Твојата проповед се рашири по целата земја;
таа го прими твоето слово, со кое божествено учеше;
си ја објаснил суштината на се’ што постои;
човечките обичаи си ги украсил, небеска светлино,
оче преподобен, моли Го Христа Бога
да ги спаси нашите души

Нова Година - Обрезание на Господа Исуса


Ти што седиш во висините на огнозрачен престол
со Беспочетниот Отец и Боженствениот Твој Дух,
си благоволил да се родиш на земјата од Девојка,
недопрена од маж Твоја Мајка, Исусе. Поради тоа
си бил обрезан како човек осмодневен. Слава на
Твојата себлага одлука; слава на Твојата грижа;
слава на Твојата милост, единствен Човекољупче.

9.1.07

Свети првомаченик и архиѓакон Стефан


Првомачениче Христов и апостоле, со добар подвиг
си се подвизувал, и си го изобличил безбоштвото на
мачителите. Бидејќи со камења беше убиен од рацете на
беззакониците, прими венец од Десницата што е во височините,
а на Бога Му се молеше, извикувајќи:
„Господе, не им го земај ова за грев!“

7.1.07

Рожденство на нашиот Господ Исус Христос

Раѓањето Твое, Христе Боже наш, го озари светот
со светлина на знаењето; во неа пак, оние што им служеа
на ѕвездите од ѕвездата се учеa Тебе да Ти се поклонуваат,
Сонце на правдата, и да Те познаат Тебе, Исток на вистините,
Господи, Слава Ти.


Дева денес Го раѓа Оној што постоел од секогаш
и земјата на Недостапниот пештера Му принесува.
Ангелите со пастирите Го прославуваат, а мудреците
со ѕвездата патуваат; зашто заради нас се роди Дете младо,
Предвечниот Бог.

5.1.07

Свети Наум Охридски Чудотворец


Мир оставил еси, прилепивсја Христу, плот распјал еси,
духом живиј, Науме преблажение: потшалсја еси апостолов
подвизатисја теченију. Уловил еси и веру Мисијскаја неизчетнаја
множества. Темже молитвами твоими, от искушениј, избави нас.

Соединувајќи се со Христа, си го оставил светот;
живеејќи со дух, телото си го распнал, преблажен Науме.
Си се стремел како апостолите да се подвизуваш
и безбројното мизијско множество во верата си го вовел.
Така и нас со твоите молитви избави не’ од искушенија.

4.1.07

Молитва за мир во светот

Човекољубив Господи, Боже на љубовта и мирот, простри ја над нас Твојата моќна закрила. Не допуштај раздорите и гневот да ги разделат народите и направи да заживеат во мир во светот благословен од Тебе. Зашто Ти ни заповеда да се љубиме еден со друг. Смири ги тагите, налеј балсам врз раните, а сирачињата окрили ги со вера и сила!



Осветли ги срцата на луѓето со светлината и љубовта. Згасни ги непријателствата и отстрани ги причините за секое разногласие, расправии и војни. Испрати го низ светлите небески двери сончевиот мир и тој во сојуз со љубовта нека завладее на земјава. Не дозволувај гневот да го помрачува умот на Твоите слуги, вдахни им разум, за да не ги растураат своите сили за взаемно истребување, туку за мирен и надѕидителен труд и прославување на Тебе, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин!