26.1.07

Секојдневна исповед на гревовите

На тебе, мојот Господ и Создател, Единиот Бог Кого Го прославувам и на Кому се поклонувам во Светата Троица - Отец, Син и Светиот Дух, ги исповедам сите мои гревови што сум ги направил во деновите на мојот живот и во секој час, со дела, зборови, мисли, гледање, слушање, со сите сетила духовни и телесни, со кои Те прогневив Тебе, а на моите ближни им направив неправда и зло.

За сите овие гревови жалам, признавам дека сум виновен пред Тебе, мојот Бог, имам желба да се покајам; Господи, Боже мој, со солзи и смирено Ти се молам, помогни ми. По Твоето милосрдие прости ми ги прегрешенијата и ослободи ме од нив, зашто Си Благ и Човекољубив.

19.1.07

Свето Богојавление



Кога во Јордан се крштеваше, Господи, се потврди
поклонувањето на Света Троица: гласот на
Отецот сведочеше за Тебе и Те нарече Свој
сакан Син: и Духот во вид на гулаб, ја потврди
вистината на Тоа сведоштво. Се јави, Христе Боже,
и го просвети светот, слава Ти.

14.1.07

Молитва на Нова година

Вадико, Господи Боже наш, Ти си извор на животот и бесмртноста. Создател на сите видливи и невидливи созданија. Ти си ги ставил времињата и годините под Твоја власт, Ти владееш над се’. Милостиво прими ја оваа наша благодарност и молба од нас, Твоите недостојни чеда и добросрдечно помилуј не’. Ти благодариме за сите добрини што си ги пројавил кон нас во изминатиот период од нашиот живот и Те молиме премилостив Господи, преку Твојата благост и со благодатта на Твоето човекољубие, благослови ја годината што настапува.

Отстрани од нас секаков Твој гнев поради нашите гревови. Не спомнувај ги, а прости им ги на сите Твои луѓе нивните безбројни прегрешенија и сите волни и неволни гревови што сме ги направиле во изминатата година. Не не’ казнувај поради нашите лоши дела, туку спомни си за нас со благост и милосрдие. Изгони ги од нас сите, штетни за душата, страсти и лоши навики и всади го во нас, во нашите срца, Твојот боженствен страв, за да ги исполнуваме сите Твои заповеди. Во нашите срца обнови го Твојот вистински дух. Утврди не’ во Православната вера и помогни ни да успеваме во вршењето на добри дела. Прекрати ги сите ереси, секти и отстапништва; утврди ги насекаде вистинската вера и благочестивиот живот. Обрни ги сите што отстапиле од вистинската вера и помогни им да ја познаат Твојата вистина; присоедини ги кон Твојата Света Православна Црква.

Во оваа година чувај ја нашата татковина, нашиот град и сиот Твој свет од глад, од помор, од земјотрес, потоп, град, меч, од напади на туѓинци, од војна, од смртоносни рани, болести, несреќа и тага. Изгони ги од нашата земја сите непријателства, безредија и меѓусебни борби. Дарувај ни мир, сила и нелицемерна љубов, уреден живот, здравје и успех во секое добро. Испрати ни дождови навреме - рани и доцни, умерени и благопријатни ветрови, животворна сончева топлина и замни плодови во изобилство.

Милостив Боже, сочувај ја верата, закрепи ја татковината наша, смири го светот, утеши ги нажалените, излечи ги болните, крени ги паднатите, врати ги на патот на вистината и спасението сите заблудени. Помагај им на оние што се трудат, вразуми ги неразумните и закрилувај ги сираците и вдовиците. Удостој не’ секогаш да Ти благодариме и да Те воспеваме Тебе, беспочетниот Отец, со Твојот Единороден Син, со Пресветиот, Благиот и Животворен Твој Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин!

Свети Василиј Велики


Твојата проповед се рашири по целата земја;
таа го прими твоето слово, со кое божествено учеше;
си ја објаснил суштината на се’ што постои;
човечките обичаи си ги украсил, небеска светлино,
оче преподобен, моли Го Христа Бога
да ги спаси нашите души

Нова Година - Обрезание на Господа Исуса


Ти што седиш во висините на огнозрачен престол
со Беспочетниот Отец и Боженствениот Твој Дух,
си благоволил да се родиш на земјата од Девојка,
недопрена од маж Твоја Мајка, Исусе. Поради тоа
си бил обрезан како човек осмодневен. Слава на
Твојата себлага одлука; слава на Твојата грижа;
слава на Твојата милост, единствен Човекољупче.

9.1.07

Свети првомаченик и архиѓакон Стефан


Првомачениче Христов и апостоле, со добар подвиг
си се подвизувал, и си го изобличил безбоштвото на
мачителите. Бидејќи со камења беше убиен од рацете на
беззакониците, прими венец од Десницата што е во височините,
а на Бога Му се молеше, извикувајќи:
„Господе, не им го земај ова за грев!“

7.1.07

Рожденство на нашиот Господ Исус Христос

Раѓањето Твое, Христе Боже наш, го озари светот
со светлина на знаењето; во неа пак, оние што им служеа
на ѕвездите од ѕвездата се учеa Тебе да Ти се поклонуваат,
Сонце на правдата, и да Те познаат Тебе, Исток на вистините,
Господи, Слава Ти.


Дева денес Го раѓа Оној што постоел од секогаш
и земјата на Недостапниот пештера Му принесува.
Ангелите со пастирите Го прославуваат, а мудреците
со ѕвездата патуваат; зашто заради нас се роди Дете младо,
Предвечниот Бог.

5.1.07

Свети Наум Охридски Чудотворец


Мир оставил еси, прилепивсја Христу, плот распјал еси,
духом живиј, Науме преблажение: потшалсја еси апостолов
подвизатисја теченију. Уловил еси и веру Мисијскаја неизчетнаја
множества. Темже молитвами твоими, от искушениј, избави нас.

Соединувајќи се со Христа, си го оставил светот;
живеејќи со дух, телото си го распнал, преблажен Науме.
Си се стремел како апостолите да се подвизуваш
и безбројното мизијско множество во верата си го вовел.
Така и нас со твоите молитви избави не’ од искушенија.

4.1.07

Молитва за мир во светот

Човекољубив Господи, Боже на љубовта и мирот, простри ја над нас Твојата моќна закрила. Не допуштај раздорите и гневот да ги разделат народите и направи да заживеат во мир во светот благословен од Тебе. Зашто Ти ни заповеда да се љубиме еден со друг. Смири ги тагите, налеј балсам врз раните, а сирачињата окрили ги со вера и сила!



Осветли ги срцата на луѓето со светлината и љубовта. Згасни ги непријателствата и отстрани ги причините за секое разногласие, расправии и војни. Испрати го низ светлите небески двери сончевиот мир и тој во сојуз со љубовта нека завладее на земјава. Не дозволувај гневот да го помрачува умот на Твоите слуги, вдахни им разум, за да не ги растураат своите сили за взаемно истребување, туку за мирен и надѕидителен труд и прославување на Тебе, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин!