27.5.07

Света Педесетница

Педесетницата ја празнуваме и доаѓањето на Духот и остварување на ветувањето и исполнување на надежта и секоја тајна зашто е голема и чесна. Затоа Ти пееме: Создател на сите, Господе слава Тебе. Со странски јазици си ги оспособил Твоите ученици Христе, со нив да Те проповедаат Тебе, бесмртно Слово и Бог кој им дава голема милост на нашите души.

Св Дух сé ни дава, излева пророштва, ги усовршува свештениците, неписмените на мудрост ги научи, рибарите Богослови ги покажа, целиот црковен собор го прибра, единосуштен и сопрестолен на Отца и Сина Утешител, слава Тебе. Видовме вистинска светлина, примивме Дух Небесен, најдовме вера вистинска, на неразделната Троица се поклонуваме зашто Таа нé спаси. Преку пророците си ни го известил патот на спасението, а преку апостолите ни засветли Спасителу наш, благодатта на Св Дух, Ти си Бог од секогаш, Ти си и сега и во векови, Ти си Бог наш. Во твоите дворови ќе Те воспевам Спасителу на светот, и приклонувајќи ги колената ќе и’ се поклонам на Твојата непобедлива сила. Навечер, наутро и напладне и во секое време ќе Те славовословам Господе. Господе во Твоите дворови верниците ги приклонија колената на душите и телата воспевајќи Те Тебе, беспочетниот Татко и собезпочетниот Син и секогаш совечниот и пресветиот Дух кој ги просветува и осветува нашите души. Ја песнословам едносушната Троица, Отца и Сина со Св Дух, зашто така проповедаа сите пророци, и апостолите со мачениците.

Дојдете луѓе да Му се поклониме на триличното Божество, на Синот во Отца, со Св Дух, зашто Отецот безвремено Го роди Синот, секогаш совечен и сопрестолен и Св Дух беше во Отецот со Синот прославуван, една сила, една суштина, едно божество. Нему поклонувајќи се Му велиме: Свети Боже, кој направи сé преку Синот, во содејство со Св Дух, Свети Силен преку кого Отца го познавме и Св Дух дојде во Светот, Свети Бесмртен Утешителен Дух Кој излегуваш од Отца и во Синот пребиваш, Троица Света - Слава Тебе. Кога Св Дух си Го испратил Господе кај собраните апостоли, тогаш еврејските деца гледајќи се исплашија од ужасот зашто ги слушаа оние што проповедаа на туѓи странски јазици, како што Духот им подаваше, зашто неуките вистински се омудрија и красноговореа за божественото. Затоа и ние Ти пееме: Ти, кој се јави на земјата и од прелеста нé спаси, Господе слава Тебе. Господе, народите не разбирајќи ја силата која дојде на апостолите од пресветиот Дух, мислеа дека помешувањето на јазиците е поради пијанство. А ние откако се утврдивме од нив непрестано вака збориме: Св Дух не одземај го од нас, Ти се молиме Човекољубив. Не отфрлај ме од лицето Свое и Св Дух не одземај Го од мене.

Народите некогаш се размешаа заради смелоста со изградбата на кулата, а сега народите се омудрија поради славата на Богопознанието. Таму ги осуди нечестивите со отфрлање, а овде Христос ги просвети рибарите со Духот. Тогаш договорот се претвори во измачување, а сега се обнови согласноста кон спасението на нашите души. Благословен си Христе Боже наш, апостолите ги направи премудри ловци откако им го испрати Св Дух и со нив ја улови вселената Човекољубив, слава Ти. Верници, радосно да го празнуваме попразенствениот и последен празник. Оваа Педесетница е исполнување на ветувањето и предложение, зашто во неа слезе на земјата огинот на Утешителот во вид на јазици и учениците ги просвети. Кога дојде на земјата Изворот на Духот, разделувајќи се духовно во огнени реки ги оросуваше апостолите просветувајќи ги и им постана облак кој ги оросува во огин кој нив ги просветува и пламен кој дојде. Преку нив и ние примивме благодат со огин и вода. Светлината дојде од Утешителот и светот го просвети. Те величаме животодавче Христе и го почитуваме сесветиот Дух, кого од Отца си го испратил врз твоите божествени ученици.

Христе, по воскресението од гробот и божественото вознесение кон небесните височини си им ја испратил Твојата слава на Боговидците добри, обновувајќи ги учениците со вистинскиот Дух, затоа како од музички инструмент на сите им се разјасни Спасителе, Твојата промисла со божествен тимпан тајно огласувана. Твојот благ Дух ќе ме упати во вистинската земја. Покриен со божествен облак Мојсеј го објави богонапишаниот закон, зашто тресејќи ја тињата од окото на умот Го виде вистинскиот и се научи на Духот на Разумот, фалејќи Го со божествени песни. Ги разврза оковите на бездетната утроба и неподносливото подсмевање од многудетната единствената молитва на древната пророчица Ана, која имаше смирен дух кон силниот и Бог на разумот. Царе на царевите, Еднаков на еднаквиот, единствено Слово кое произлезе од Отца, безпочетниот, рамносилниот Дух, преку апостолите вистински си го испратил како добротвор врз оние кои пеат: Слава на твојата власт Господе.

Разрешителното очистување од гревовите во вид на духовно огнена роса примете го Духот, о чеда Црковни и Светлообразни, зашто сега од Сион излезе закон, кој е јазикообразна благодат на Духот. Владико Христе кој си наше очистување и спасение, Ти си засветлил од Дева, да го извадиш од гниење паднатиот Адам, родоначалникот како пророкот Јона од градите на морскиот ѕвер. Кога слезе Вишниот помешувајќи ги јазици, ги раздели народите, а кога раздаваше огнени јазици, ги повика сите во единство и едногласно да Го славиме сесветиот Дух. Складната песна на органата загрме за да му одадат почит на златонаправениот бездушен идол, а светлоносната благодат на Утешителот ги удостојува да пеат: Троица единствена рамносилна безпочетна, благословена си. Ги разврзува оковите и пламенот го оросува Трисветлиот образ на Боговечниот. Момчињата пеат а сета создадена природа го благословува единиот спасител и создател како добротвор.

Радувај се царице, мајчинодевствена слава, зашто никоја вештоговорлива уста не може да красноговори за да те опее достојно, а секој ум избезумува кога сака да го разбере твоето раѓање, затоа едногласно те славиме. Прилегаше да и’ се пее на животородната родителка зашто едино таа го скри Словото во утробата кое се таеше од болната човечка природа, а сега седи од десно на Отца и ја испрати благодатта на Духот. На секој што му вдахна Боготочна благодат светеше блескајќи изменет од необичната промена во заслепувачка убавина разбирајќи ја рамносилната неделива премудрост на трисветата природа која ја славиме. Духу Сесвет, Кој излегуваш од Отца, кој преку Синот дојде кај божествените ученици кои Те познаа Тебе како Бог, спаси ги и помилувај ги сите.

Светлина е Отецот, Светлина е Словото, Светлина е и Светиот Дух Кој беше испратен врз апостолите во огнени јазици, и преку нив целиот свет се просветува за да ја почитува Св Троица. Денес сите народи го видоа преславното чудо во градот давидов, кога Св Дух слезе во вид на огнени јазици како што раскажува богоглаголивиот Лука: „Врз собраните ученици Христови се јави шум како што доаѓа бурен ветер и го исполни домот каде што беа седнати. И сите почнаа да зборуваат странски зборови, необични учења, необични заповеди од Св Троица.“ Св Дух беше постојано и е, и ќе биде, ниту почнат, ниту престанат, но постојано на Отца и Сина придружен и причислен, живот и живототворец, светлина и дарител на светлина, добар и извор на добрина, преку него Отецот се познава и Синот се прославува и од сите се запознава една сила, една заедница, едно поклонување на Светата Троица. Светиот Дух светлина и живот, и жив извор на умот, Духот на премудроста, Духот на разумот, благ, вистински умен, кој владее, кој ги очистува прегрешенијата. Бог и Бог Кој твори, огин кој од огинот произлегува, кој говори, дејствува, разделува дарови, преку кој сите пророци и божествените апостоли со мачеништво се венчаа, необично слушање, необично видение, огинот кој се разделува во давање на дарови.

Небесата ја објавуваат славата на Бог, а за делата на рацете негови известува сводот Небесен. Ден на денот објавува и ноќ на ноќта знаење објавува. Нивниот звук се разнесува по целата земја, а нивните зборови до краиштата на вселената. Нека те услуши Господ во тежок ден, да те заштити името на Бога Јаковов. Да ти испрати помош од светилиштето и од Сион да те засили. Да ти го даде Господ и она што ти срце сака и сите твои помисли да ги исполни. Господе, со Твојата сила ќе се весели Царот, и за спасението од Тебе безмерно ќе се радува. Ти му даде она што срцето негово посака и молитвата на устата негова не ја отфрли. Зашто Ти го пресретна со добри благослови, му возложи на главата венец со скапоцени камења. Издигни се Господе со Твојата сила, ние ќе ја воспеваме и ќе ја прославуваме твојата моќ. Твојот благ Дух нека ме води по прав пат. Сега сите народи беа во чудо зашто Јудеите иако Христос по тело е од нив, боледувајќи од неверие, отпаднаа од Божјата благодат а ние кои сме од јазичниците се удостоивме со Божјата Светлина откако се утврдивме од зборовите на учениците кои ја проповедаа славата на Бог, добротворот на сите. Со нив приклонувајќи ги срцата и колената со вера да Му се поклониме на Светиот Дух утврдувајќи се во Спасителот на нашите души. Срце чисто создај во мене Боже и Дух вистински обнови во мене. Сега утешителниот Дух се излеа врз секое тело зашто почнувајќи од апостолските редови по соединувањето од нив ја простре благодатта врз верниците и ги уверува во своето силно наитие во вид на огин разделувајќи им јазици на учениците за песнопеење и слава божја.

Затоа со срцето умно просветени откако се утврдивме во верата преку Светиот Дух се молиме да се спасат нашите души. Не отфрлај ме од лицето Свое и Светиот Дух не одземај Го од мене. Сега апостолите се облекуваат во Христова сила од горе зашто ги обновува Утешителот обновувајќи се во нив со таинствено обновување на разумот, проповедајќи со необични и високопофални гласови, да се почитува вечната и трилична природа на Бог, Добротворот на сите. Затоа откако се просветивме со нивното учење, да Му се поклониме на Отца, со Синот и Духот, молејќи се да се спасат нашите души.

24.5.07

Свети рамноапостолни Кирил и Методиј


Богомудри Кириле и Методие, еднакви по дух
со апостолите и учители на словенските земји,
Владиката на сите молете Го словенските народи
да ги утврди во Православието и едномисленоста,
да го смири светот и да ги спаси нашите души.

18.5.07

Молитва за мир во бракот

Господи Боже, Ти го освети нашиот брак на чистота, Ти не’ благослови да живееме во мир, едномисленост, во чистота и во взаемна љубов, преку врските на мирот да бидеме едно тело. Но, Пречист Владико, поради ѓаволски искушенија и заради нашите човечки слабости, нашиот брачен живот се растројува. Благословот на мирот и едномисленоста, што го исполнува со радост нашиот брачен живот, ги нема веќе со нас. Загрижувачки сенки на нечистота паѓаат врз нашите взаемни односи, изчезнува љубовта што не’ врзуваше. Непријателот на човечката среќа и неговото спасение жестоко ја напаѓа нашата домашна црква.

Затоа, Господи Боже, со милозливо срце коленичам пред Твоето величие и се молам кон Твојата благост - врати ни го мирот, врати ни го мирот, врати ни ги едномисленоста и разбирањето. Сврти го расејаното и помрачено срце на мојот сопруг (мојата сопруга) кон Твојата волја, кон бракот од Тебе благословен, отстрани ги желбите на неговото (нејзиното) срце од нечистотии и од опасниот пат и приврзи го кон неговите чеда, за да царува радоста во нашиот дом и да се слави Твојата сила и добрина. Ти си секогаш брз закрилник кога сме во мака. Амин.

8.5.07

Свети апостол и евангелист Марко



Откако се научи кај врховниот Петар,
си бил апостол Христов, и како сонце си
засветлил на сите страни, блажени, станувајќи
украс на Александрија. Преку тебе Египет се ослободи
од измамите, како светол столб црковен со твоето
евангелско учење сите ги просвети.
Затоа твојот празник го почитуваме и радосно ликуваме,
богогласни Марко, моли Го од тебе проповеданиот Бог,
да ни даде прошка на гревовите на нашите души.

6.5.07

Свети Великомаченик Георгиј Победоносец



Како ослободител на плениците и заштитник
на сиромасите, лекар на немоќните, помошник
на владетелите, победоносче, великомачениче
Георгие, моли Го Христа Бога да ги спаси нашите души.

1.5.07

Молитва за секоја прозба

Господи, Боже наш, Ти се молиме, послушај го гласот на нашата молитва. Помилуј не’ нас, твоите чеда, со својата благодат и милост и исполни ни ги сите прозби, прости ни ги сите намерни и ненамерни согрешенија. Нашите молитви и милостини нека Ти бидат благопријатни пред престолот на Твоето владичество. Закрилувај не’ од сите видливи и невидливи непријатели, од секоја напаст, неволја и тага. Избави не’ од болести и дарувај ни здравје со долгоденствие.

Човекољубив Владико, погледни со Тjavascript:void(0)
Publishвоето милостиво око на нас, Твоите чеда, послушај ги нашите молби што Ти ги принесуваме со вера, бидејќи Сам си рекол: Се’ што ќе побарате со молитва, верувајте дека ќе го добиете и ќе ви биде, и уште: Барајте, и ќе ви се даде. Поради ова и ние, иако недостојни, надевајќи се на Твојата милост, молиме: Помогни ни со Твојата благост и исполни ни ги нашите добри желби, запази ни ги сите дни во мир и тишина, во здравје и долгоденствие.