24.12.08

Ева беше дева

... без грев. Со зачнувањето преку зборот на змијата, таа ги роди непослушноста и смртта. Дева Марија зачна вера и радост, кога архангел Гавриил и’ ја благовести благата вест.“

21.12.08

Од Бога родени

„И така, браќа мои, празникот на Христовото Рождество не’ потсетува дека сме од Бога родени, дека сме синови Божји (1 Јован 3,1), дека сме спасени од гревот (Матеј 1,21) и дека мораме да живееме за Бога, а не за гревот; не за телото и крвта, не за светот кој бо зло пребива (1 Јован 5,19). Што од нас побарува Воплотувањето на Синот Божји? Тоа од нас побарува да се сеќаваме и да го чуваме во свет спомен фактот дека сме од Бога родени; и доколку сме биле зловолни и сме го престапиле ова вродено право преку нашите гревови, мора да го возобновиме преку измивањето со покајни солзи; ние мора да го воспоставиме и обновиме во нас самите Божјиот лик од кој сме отпаднале, и заедништвото и благословеноста, вистината и светоста кои биле уништени. „Сега Бог постана човек, за да може Адам да го направи Бог.“

17.12.08

Какво оправдание

или изговор ќе имаме кога, заради нашето спасение, Тој доаѓа од небесата, а ние не ги напуштаме ниту нашите домови за да одиме кај Него? Мудреците беа странци и туѓинци од Персија. И сепак тие дојдоа да Го видат како лежи во јаслите. Можеш ли ти, Христијанину, да издржиш да не посветиш дел од времето за да уживаш во оваа блажена глетка?

Доколку се претставиме себеси во духот на верата, не постои сомнеж дека вистински ќе Го видиме како лежи во јаслите. Оти Престолот на овој олтар е местото каде што се наоѓаат јаслите. И сигурно телото на Учителот ќе лежи на овој олтар, не свиткано во повојки, како што беше после Неговото рождество, но сето облечено во Светиот Дух. Оние кои се повикани разбираат за што говорам. Мудреците Го обожуваа, но тоа беше се’. Доколку вашата совест е неизвалкана кога пристапувате, ќе ви дозволиме дури и да го примите тоа тело и потоа да одите во своите домови. Дали тогаш, пристапувате и ги носите вашите дарови, но не оние дарови кои мудреците ги донесоа, туку многу посвети и повозвишени? Мудреците донесоа злато; вие донесете смирен и доблесен дух. Тие донесоа темјан; вие мора да понудите чисти молитви, кои се темјан за душата. Тие донесоа смирна; вие мора да донесете скрушено и раскајано срце, со милостиња. “

28.11.08

Тогаш се наѕира прашањето:

„Зошто Бог нè создал така трагично слободни, трагично одговорни - толку тежок товар кој постојано го положуваме пред нозете на идоли и искушувачи?“ При што великото Христијанско Предание одговара еднодушно: „Бог нè создал слободни оти нè повикува на обожување, до една бого-човечка состојба каде нашата преобразена човечност ќе ја најде својата полнота. Овој повик побарува слободно огласување. Заедништво резултирано од малпроста магнетна сила би било автоматско, инстинктивно, невредно за личностно искуство кое, при посакување заедништво, побарува севкупна одговорност. .. Токму затоа, конечно, кога Бог ја зеде на Себе судбината на Исаака и Јова Се објави во тајна, така што само преку слободната љубов на човештвото може да Биде препознаен како распнат Роб, извалкан со крв и плунка. Дури и воскреснатиот Господ не ја присилува Својата присутност; преку плачот на вера и љубов Марија Магадлена Го препозна во градината, и возљубениот ученик на езерскиот брег. Нашиот Бог доаѓа тајно, и самата Црква, каде сме соединети преку Духот во евхаристиското тело на воскреснатиот Христос е тајна чија светост е сокриена од нас преку наносот на историјата. Можеме вистински да Го љубиме Бога само поради тоа што можеме да Го одбиеме.“

16.11.08

Сети се, душо моја,

... дека твојот Создател постана Човек заради тебе, и повела да пострада заради твоето спасение. Ангелите Негови треперат, Херувимите се преплашени, Серафимите стравуваат, и сите небесни сили непрестано Го величаат; а ти, бедна душо, во мрзеливост пребиваш.

Од сега натаму, стани и не отстапувај, мила душо, од светото покајание, раскајувањето на срцето и исповедувањето на твоите гревови.

10.11.08

Не секому, возљубени,

му припаѓа правото да слови за Бога, не на секој; оти предметот не е безначаен ни низок. И, би додал, не пред секого, не во секое време, не за сите нешта: туку во одредени прилики, пред одредени личности, и во одредени граници.

5.11.08

Од што треба најмногу да се плашиме?

Себезадоволноста, себевреднувањето, себевообразувањето, и сите други нешта кои почнуваат со себе.

Од „Уметноста на молитвата“

29.10.08

Еден старец еднаш рече

Како што Земјата никогаш не паѓа, исто се случува и со човекот кој се смирува себеси.

28.10.08

Потребна е само една секунда...

Без разлика што и да правиме, имаме потреба од смирение, љубов и благородност. Нештата се прости. Ние сме тие кои ги правиме тешки. Колку што е можно повеќе, мора да ги твориме оние нешта кои се тешки за ѓаволот, а лесни за човекот. Дури и болежливиот човек кој не може да стане подвижник може да го победи ѓаволот со смирението и скромноста.

За само една секунда човекот може да стане ангел или ѓавол. Како? Со бирањето на гордоста, или бирањето на смирението. Зарем мислите дека на Луцифер му биле потребни часови за да се претвори од ангел во ѓавол? Воопшто не, потребни му биле само неколку секунди! Најлесниот начин за да се спасиме е преку љубовта и смирението.

19.10.08

За молчењето и зборувањето.

Подобро е човекот да молчи и да биде [христијанин], отколку да зборува, и да не е. Добро е да се зборува, доколку тој кој говори, делува исто така. Тогаш, постои само Еден Учител, Кој проговори и Кој стори; и сите Негови дела кои ги стори во молк се достојни на Отецот. Оној кој го има во себе Словото Христово, е вистински способен да го чуе дури и Неговиот молк, дека може да биде совршен, и дека може да делува како што зборува, и да биде познат по неговиот молк. Не постои ништо скриено од Бога, напротив - нашите тајни се близу Него. Затоа, да ги правиме сите работи како оние во кои Тој пребива, за да можеме да бидеме Негови храмови (1 Кор. 6,19) и за да може Тој да биде во нас како наш Бог, што и Е, и да се појави пред нашите лица. Поради тоа праведно Го љубиме.

Подобро е човекот да молчи и да биде [христијанин], отколку да зборува, и да не е. „ Зашто царството Божјо не е со зборови, туку со сила.“ (1 Кор. 4,20) Луѓето „веруваат со срцето, и исповедуваат со устата“, едното „за оправдание“, а другото „за спасение.“ (Рим. 10,10) Добро е да се поучува, доколку тој кој говори, делува исто така. Оти, оној кој ќе „ги исполни и поучи, тој голем ќе се нарече во царството небесно.“ (Матеј 5,19)

Нашиот Господ и Бог, Исус Христос, Синот на живиот Бог, прво делуваше, а потоа поучуваше, како што сведочи и Лука. Не постои ништо скриено од Бога, напротив - нашите тајни се близу Него. Нека Христос говори во нас, како што стори со Павле. Нека Светиот Дух не’ научи да зборуваме за Христа на начинот на кој Тој говореше.

1.10.08

Небесна атмосфера и пеколна атмосфера

Од човекот кој во себе го носи Царството Божјо зрачат свети мисли, Божји мисли. Царството Божјо во нас создава атмосфера на царството небесно, наспроти атмосферата на пеколот која здрачи од човекот кој во своето срце го носи пеколот. Улогата на христијаните во светот е да ја прочистуваат атмосферата на земјата и да ја шират атмосферата на Царството Божјо.

Светот треба да се освојува со чувањето на небесната атмосфера во себе, оти ако го изгубиме Царството Божјо во себе, нема да се спасиме ни себе, ниту другите. Кој во себе го носи Царството Божјо, тој незабележливо ќе го пренесува и на другите. Луѓето ќе бидат привлечени од нашиот мир и топлина, ќе сакаат да бидат со нас и постепено ќе бидат освоени од небесната атмосфера. Дури не е потребно ни да им се зборува на луѓето за ова: небото ќе зрачи од нас и кога молчиме или кога зборуваме најобични работи; тоа ќе зрачи од нас без и ние да бидеме свесни за тоа.

Во непослушниот нема да се всели Царството Божјо, оти таквиот секогаш ќе сака да се твори волјата негова, а не Божјата. Во Царството небесно исклучена е можноста за постоење на царство во Царство. Тоа го посакувале отпаднатите духови и затоа и отпаднале од Господа, Царот на славата.

Душата која е падната во кругот на мисловен хаос, во атмосферата пеколна, или се допрела до неа, трпи адски маки. На пример, ги прелистуваме весниците, или шетаме по улица и веднаш потоа чувствуваме дека нешто внатре во душата е пореметено - чувствуваме празнина, тага. Тоа е затоа што со читањето на секакви нешта сме ја изгубиле собраноста, единствениот ум, и сме станале расеани и атмосферата на пеколот „вопливала“ во нас.

29.9.08

Молитвата не се состои

единствено од стоење и поклонување на нашето тело, или пак читање на молитви... можно е да се молиме на секое место и секое време, со умот и духот. Можеме да го вознесеме нашиот ум и срце при Бога додека одиме, седиме, работиме, во метеж и во самотија. Неговата врата е постојано отворена, за разлика од нашата. Ние можеме секогаш да Му речеме во нашите срца, Господи помилуј.

28.9.08

Отец, зошто си тажен?

- го прашал еден монах својот старец.

„Луѓето заборавија како да ја гледаат вистината. Три пати ви покажав бела наметка со флека на неа. И ве запрашав, 'Што гледате?' 'Нечиста флека', рече секој од вас.

А никој не одговори - бела наметка.

27.9.08

Во часот

во кој сме искушувани мора да бидеме трпеливи и да се молиме. Искушението е паметен мајстор. Способно е да направи малите нешта да изгледаат како големи. Искушението вознемирува, нажалува и создава надворешни битки; знае многу вештини, го доведува човекот во сомнеж. Токму поради тоа имаме мноштво бродоломи. Кога сме нападнати од искушенија, токму тогаш доаѓа и благодатта Божја. Кога некој претрпува искушенија, тогаш ја препознава својата слабост, е покорен и така ја привлекува благодатта Божја. Не дозволувајте ветровите на искушението да влијаат на вас. Тие не ви можат ништо.

7.9.08

Секогаш помнете

дека на Страшниот Суд ќе бидеме судени поради тоа што сме Го љубеле, или што не сме успеале да Го љубиме Него, дури и во најмалата личност.

Анастас, Архиепископ Албански

6.9.08

Нашата изопаченост

нема да ја надвладее неискажливата добрина и милост Божја; нашата бесчувствителност нема да ја надвладее Божјата мудрост, ниту пак нашата слабост Божјата семоќност.

28.8.08

Запомнете,

Никогаш не плашете се од моќта на злото повеќе отколку што верувате во моќта и Љубовта Божја.

21.8.08

Слава Ти,

Слава Ти, Животу - Отец, Животу - Сину, Животу - Свет Духу, едноставно Битие - Боже, Кој постојано не’ избавуваш од душевна смрт, која ни ја приредуваат страстите на нашите души. Слава Ти, Триипостасен Владико Кој со едно призивање на Твоето име го просветуваш мрачното лице на душата и телото наше, и ни го даруваш мирот Твој, кој го надминува секое земско и сетилно добро, и секое разбирање.

(спореди Фил. 4,7)

5.8.08

Некој човек прашал еден монах

- Кој те научи да се молиш?
- Демоните - одговорил монахот.
- Како е можно тоа? Како демоните те научиле да се молиш?
- Еве како! Тие ме напаѓаа со најразлични помисли, а јас ги победував со молитва.

19.7.08

Еден човек

беше дојден да го види Авва Сисој. По пат, се случи неговиот син да се упокои. Но, човекот не се беше вознемирил поради тоа, но со голема вера го беше донел кај старецот, поклонувајќи се и припаѓајќи заедно со неговиот син за да го земе неговиот благослов. Потоа таткото се исправи, и оставајќи го синот при нозете на старецот, замина надвор. Старецот, мислејќи дека момчето се поклонува пред него, му рече: „Стани си, излези надвор“, без да знае дека момчето е мртво.

Момчето веднаш се исправи и си замина. Кога го виде, неговиот татко зачудувајќи се повторно влезе внатре. Се поклони пред стариот човек и му ја раскажа целата случка. Откако ја ислуша, старецот се исполни со покајание, оти немал намера да го стори тоа. И така, го замоли таткото на детето да не збори за тоа што се случи додека старецот е жив.

8.7.08

Еден светогорски старец кажуваше

Многу универзитетски студенти доаѓаат да ја посетат Света Гора. Еден ден, дојдоа десет студенти, барајќи од мене да направам некакво чудо пред нив. Беа доста упорни. Јас се мислев, „што можам да сторам за да внесам малку разум во главите на овие луѓе?“

Така, им реков: „Добро, застанете во линија, така што ќе можам да ви ги исечам главите. Потоа ќе направам чудно: Ќе ги вратам на вас повторно. Но, застанете доволно оддалечени еден од друг, за да не ви ги измешам главите со погрешни тела. Спремни сте? Дали сте возбудени да го видите ова чудо?“

Тие веднаш едногласно извикаа: „Не, не! Не не’ користи нас, отец!“

3.7.08

Беше еден човек кој

ловеше диви ѕверови во пустината, па го виде авва Антониј како се шегува со браќата и се соблазни. Сакајќи да му покаже дека треба да се биде снисходлив спрема браќата, старецот му рече: „Стави ја стрелата во својот лак и затегни.“ Овој стори така. Потоа му рече: „Затегни го уште повеќе.“ И овој затегна. А старецот повторно му рече: „Уште затегни.“ Ловецот одговори: „Ако го затегнам прекумерно, лакот ќе се скрши.“

Старецот му рече: „Така е и со делата Божји; ако прекумерно ги затегнеме со нашите барања браќата, тие брзо ќе се скршат. Токму затоа е потребно, одвреме-навреме да бидеме снисходливи спрема браќата.“ Слушајќи го тоа, ловецот се воодушеви од тие зборови, и замина стекнувајќи голема корист од старецот. А браќата, откако се укрепија, појдоа кон своите пребивалишта.

2.7.08

Стој цврсто на духовна стража

Внимавај!

Стој цврсто на духовната стража, оти не знаеш кога Господ ќе те повика кон Себе. Во својот земен живот биди спремен во секој момент да Му поднесеш сметка. Чувај се непријателот да не те фати во својата мрежа, да не те прелаже предизвикувајќи да паднеш во искушение.

Дневно проверувај ја својата совест, испитувај го своите мисли, твоите намери.

Свети Јован Шангајски

Еден отец кажуваше

Имаше еден духовен старец, кој се облекуваше во рогозина, плетена од трски. Еднаш тој дојде кај авва Амон. Кога го виде старецот облечен во рогозина, авва Амон му рече: „Тоа нема да ти донесе никаква корист.“ А старецот, кој беше барал духовен совет, го праша: „Три помисли ми носат забуна: едната ме тера сето време да го поминувам во пустина, втората да одам во туѓина, каде никој не ме знае, и третата да се затворам во келијата, никого да не гледам и да јадам секој трет ден.“

Авва Амон му одговори: „Не треба да правиш ништо од тоа: подобро седи во својата келија, јади по малку секој ден, а во срцето свое имај ги зборовите на митникот (в. Лк 18,13) - тогаш ќе можеш да се спасиш.“

21.6.08

Слова

I

Благословен да биде Бог Кој, тело земајќи,
станал човек заради нас.
Благословена е Мудроста која сè добро створила,
поставувајќи закони за секое дело и создание.
Благословен е Оној што го украсил човекот со убавина
и го ставил над Своите дела.
Благословен е Оној што трпи и чека и љуби,
Оној Кој се смирил и до ден денес се смирува,
за нас да нè воздигне.
Благословен е Оној што нашите болни усти ги отвора
за похвала на пречистото Негово име,
Оној Кој не Се гнаси и не Се одрекува и не заборава.
Благословен е Оној Кој седи на престол и се симнува.
Благословен е Господ и Создателот наш,
Оној Вечниот и Неопфатливиот и Неискажливиот,
Оној Блискиот и Љубениот,
Оној Кого Го чекаме и во Кого веруваме,
Господ наш и Бог наш,
Чија слава е во вековите. Амин.

Преземи
Слова од непознат светогорски монах

30.5.08

Старец Назариј

Старец Назариј, игумен на Валаамскиот манастир, живеел во безмолвна молитва.

„ Да се помолиме со духот, но да се помолиме и со умот “, и’ пишувал на една монахиња. „ Замислете се над зборовите на светиот апостол Павле: повеќе сакам да кажам пет зборови разбирливи... отколку илјадници зборови (1Кор.14,19) Не можам да искажам колку среќни сме што сме се удостоиле да ги изговараме тие пет збора; о, каква радост! Господи Исус Христе, помилуј ме грешниот! Замислете: Господи, кого Го призивам? Створителот, Творецот на космосот, пред Кој треперат сите небесни сили. Исусе Христе, Сине Божји! Ти поради мене крвта Своја ја проли, ме спаси, се симна на земјата... Да се обединат умот и срцето, да се затворат очите, а диховните очи да се кренат кон Христа... О, најсладок и најдраг Господи, Исусе Христе, Сине Божји! “

28.5.08

Доколку се случи

да се најдете во некое друштво, каде што се говори за духовноста, молчете и не придавајте никакво значење на она што се говори, но потајно молете се. Така, истовремено ќе се помолите за оние кои празнословат, а вие сами нема да направите никаква штета.

26.5.08

Еден старец говореше

„ Денес се обидуваме со малку напор, да станеме светители. “

Уште велеше:

„ Колку повеќе се мачите, со толку повеќе благодат и радост се здобивате. Бог би можел да ги исполни нашите срца со такво блаженство, љубов и богокопнеж ( „ерос Божји“ ), што не би биле во состојба тоа да го поднесеме. Тогаш би ги наполниле манастирите и би се затвориле во пештерите. Мирјаните би ги напуштиле своите работи и грижата за семејството и децата. Токму поради тоа Бог, Кој Е сиот Љубов, не не’ исполнува со толкава љубов и божествено блаженство. “

18.5.08

Во оној страшен и ужасен ден

Во оној страшен и ужасен ден, ќе ни речеш Ти на нас, грешните, Господи: вие, луѓето, добро знаете што Јас претрпев за вас... Но што вие претрпивте за Мене? - Што ќе одговорам на ова, јас непокајаниот, лукавиот, грешниот и скверниот? Мачениците ќе ги покажат раните свои, мачењата, отсечените делови од своите тела, и своето крајно трпение. Подвижниците ќе го покажат своето подвижништво, долгиот пост, бденијата, несреброљубието, солзите и крајното трпение. А јас, мрзливиот, грешниот и беззакониот, на што ќе покажам јас? 

Поштеди ме, Господи! Поштеди ме, Милостиви! Поштеди ме, Човекољупче!

14.5.08

Покајна молитва на преподобен Антиох

Надевајќи се на бескрајната Твоја дарежливост, Владико, од оскрвернетата и нечиста уста Ти принесувам молитва: Помени, бидејќи над мене е повикано Твоето свето име и бидејќи ме избави со Својата скапоцена крв, бидејќи ме запечати со Твојот Свет Дух, избавувајќи ме од длабочината на моите беззаконија. Не допуштај да ме грабне непријателот. Исусе Христе, заштити ме и биди ми помошник во борбата, бидејќи сум роб на страста која ме напаѓа. Ти пак, Господи, немој да ме оставаш на земјата осуден заради моите дела, туку ослободи ме, Владико, од лукавото ропство на светодржецот, усвојувајќи ме за Своите заповеди.

Пату на мојот живот, Христе мој, Твоето лице е светлина на моите очи. Боже, Владико и Господе, не давај моите очи да се превознесат и злобната страст оддалечи ја од мене. Покори ме со Својата света рака. Нека не ме обземаат страстите и алчностите и не предавај ме на бесрамната душа. Во мене нека засветли светлината на Твоето лице, Господи, за да не ме обзеде темнината, ниту пак да ме грабнат оние кои одат во неа. Немој да дозволиш, Господи, Твојот слуга да го касаат туѓи кучиња.

Оче Свети, удостој ме да бидам живеалиште на Твојот Свет Дух и направи ме дом на Твојот Христос. Патеводителу на заблудените, упати ме за да не се свртам на левата страна. Лицето Твое, Господи, посакав да Го видам. Боже, упатувај ме со светлината на Твоето лице. Дарувај му извор од солзи на Својот слуга и роса на Светиот Дух дај му на Своето создание, за да не се исушам како смоквата што ја проколна. Солзите нека бидат мое пиење, а молитвата моја храна.

Сврти го, Господи, мојот плач во радост и пими ме во Своето вечно живеалиште. Нкеа ме стигне Твојата милост, Господи, и дарежливоста Твоја нека ме опфати, па отпушти ми ги сите мои гревови. Зашто Ти Си вистински Бог, Кој ги отпушта беззаконијата. Не дозволувај, Господи, да се посрами делото на Твоите раце, заради многуте свои гревови, туку повикај ме Владико, со единородниот Твој Син, нашиот Спасител. Подигни ме мене што лежам, како што го подигна митникот Левиј, а оживотвори ме мене умртвениот од гревови, како што тоа го направи со синот на вдовицата. Бидејќи Ти единствен Си воскресение на мртвите и на Тебе ти доликува слава во вековите. Амин.

30.4.08

Божествена Пасха

О, помош таинствена! О, торжество духовно! О, Божествена Пасха, која слегуваш од небото на земјата и се искачуваш обратно од земјата на небото! О, нова свеченост за целиот свет! О, радост за се’: и чест, и храна, и наслада од кои мрачната смрт се уништи и животот се раздаде за сите - небесните врати се отворија и Бог им се јави на луѓето и човекот се вознесе со Бога, Кој ги скрши вратите адови и ги раскина адамантовите вериги! О Пасха, просветување преку нова светлина и светол украс на свадбената поворка! О, Пасха божествена која не’ соединуваш душевно со Бога, Кој во полнота и двор се исполни со свадбени торжества, на кои сите се облечени во свадбени облеки и никој не се истерува од таму затоа што нема свадбена одежда! Затоа, кој е благочестив и богољубив, нека се наслади од светлото торжество; кој е благоразумен слуга - нека влезе во радоста на својот Господ!

Христос воскресна - и смртта ја уништи!
Христос воскресна - и демоните пропаднаа!
Христос воскресна - и Адам се спаси!

Христос воскресна - и ангелите се радуваат!

12.4.08

За љубовта Божја

Старец Силуан

109. Господ не’ сака како свои деца, и Неговата љубов од мајчината љубов е поголема, оти мајката може и да го заборави своето дете, но Господ никогаш не не’ заборава. Кога Господ не би го давал Светиот Дух на народото православен и големите пастири наши, не би знаеле колку многу не’ сака Тој. Нека Му е слава на нашиот Господ и Неговото милосрдие, што на грешници ја дава благодатта на Светиот Дух. Многу богати и цареви не Го спознале Господа, а ние бедните монаси и пастири Го познавме Господа со Духот Свет. За да се спознае Господ не е потребно ниу богатство, ниту ученост, а потребно е само да се биде послушен и воздржан, смирен дух да се има и ближните свои да се сакаат. Тогаш Господ ќе ја засака таа душа, и на љубов и смирение ќе ја учи, и се’ што е корисно ќе и’ даде, за да го најде мирот во Бога.

1.4.08

Исаија 25:1-9

1 Господи, Ти си Бог мој; ќе Ти возвеличам, ќе го восфалам името Твое, зашто си извршил премудри дела; определени во старо време и вистинити. Амин.
2 Ти го претвори градот во грамада од камења, цврстата тврдина - во урнатини; нема повеќе во градот дворци на другоплеменици; никогаш нема да биде востановен.
3 Затоа ќе Те прославуваат силните народи; градовите на страшните племиња ќе се плашат од Тебе;
4 оти Ти беше прибежиште на сиромавиот, прибежиште на немоќниот во тешко време за него, заштита од бура, сенка од припек; зашто гневното дишење на насилниците прилегаше на бура против карпа.
5 Ти го скроти бујствувањето на непријателите, како припек - во безводно место; веселбата на угнетувачите е задушена, како припек - сенка од облак.
6 И Господ Саваот ќе стави врз таа планина за сите народи трпеза со добри јадења, трпеза со чисти вина, со богати јадења од коски и најчисти вина;
7 врз таа планина ќе ја уништи покривката, што ги покрива сите народи, покривка, која лежи врз сите племиња.
8 Смртта ќе биде проголтана за секогаш, ќе ги избрише Господ Бог солзите од сите лица, и ќе го симне срамот од Својот народ во целата земја, зашто така вели Господ.
9 И ќе речат во тој ден: "Еве, Он е нашиот Бог! На Него се надевавме, и Он не спаси! Он е Господ; Него Го чекавме; да се возрадуваме и развеселиме за спасението од Него!

29.3.08

За љубовта Божја

105. За љубовта Божја пишувам, а самиот Го љубам Бога недоволно; и затоа нажален сум и како Адам тагувам, кога бил изгонет од рајот, и плачам, и липтам. Помилуј го Боже, Своето паднато создание. Колку ли пати благодатта на Светиот Дух ми ја подари, и јас не ја зачував, оти душата моја е суетна; но сепак, Те познава таа Тебе. Творецот, и Богот свој, и затоа низ солзи Те бара, како што Јосиф за својот татко беше плачел на мајчиниот гроб, кога го беа воделе во Египет, во ропство. Те разжалостив со своите гревови и Ти од мене заминуваш, и душата моја тагуза по Тебе. О, Свет Духу, не оставај ме! Кога Ти од мене заминуваш, неубави мисли ме напаѓаат, душата моја тагува и пати по Тебе. О, Пресвета Владичице Богородице, Ти ја гледаш тага моја: Го разжалостив Господа, и ме остави Тој; но Твојата благост ја молам: спаси ме мене, паднатото создание Божјо; спаси го слугата Твој.

19.3.08

Молитва

Свети Јован Кронштатски: „Мојот живот во Христа“

„Молитвата е вознесување на умот и срцето кон Бога“ (Митрополит Филарет), созерцување на Бога, одважна беседа на тварта со Творецот, побожно стоење на душата пред Него, заборавање на се’ она што не’ окружува поради Него, храна душевна, воздух, светлина и нејзина животворна топлина, очистување на гревовите - благ Христов јарем и лесно Христово бреме. Молитвата е непрекинато чувствување на сопствената немоќ или душева ништост, осветување на душата, предвкус на идните блаженства, блаженство ангелско, небесен дожд кој ја освежува, наводнува и оплодува душевната земја, очистување и освежување на мисловниот воздух, озареност на лицето, радост на духот, златна нишка која ја поврзува тварта со својот Творец, ведрина и срдечност низ сите патила и искушенија животни, светилка на животот, успех во делувањето, достоинство рамноангелско, на верата, надежта и љубовта утврдување. Молитвата е - врска со ангелите и светиите.

Молитвата е исправање на животот, мајка на солзите и скрушеност на срцето;поттикнувач на милосрдието; животна сигурност; уништување на стравот од смртта; занемарување на земните скапоцености и желба за небески богатства; очекување на Оној Кој ќе му суди на сиоте свет, сеопштото воскресение и животот во идниот век; настојување за избавување од вечните маки, непрестано тражење на помилување од Владиката; жива вода за душата; молитвата значи со помошта на својата љубов да се примат во срцето сите луѓе, симнување на небото во душата, сместување на Пресветата Троица во срцето, како што е речено: „... и ќе дојдеме при него, и живеалиште во него ќе направиме. “ (Јн. 14,23)

13.3.08

За постот

Свети Серафим Саровски

Подвигоположникот и Спасител наш, Господ Исус Христос, пред стапувањето на подвигот за избавувањето на човечкиот род, Се укрепил со долготраен пост. Сите подвижници, исто така, пред да почнат да Му служат на Господа, се наоружале со пост. Поинаку не стапувале на крсниот пат, туку со подвигот на постот. Успехот цо подвижништвото тие го мереле со успехот во постот.

Постот не се состои во тоа да се јаде еднаш, туку во тоа да не се јаде многу. Неразумен е оној испосник, кој чека до определеното време, а тогаш на трпезата се предава на ненаситно јадење и со телото и со умот. Кога се работи за расудување за храната, треба да се внимава на тоа да не се прави разлика меѓу вкусните и невкусните јадења. Тоа дело, инаку својствено за животните, не е пофално за разумниот човек. Ние од пријатната храна се одрекуваме за да ги смириме немирните делови од телото и за да дадеме слбода на дејственоста на духот.

Вистинскиот пост не се состои единствено во истоштување на телото, туку во тоа, оној леб што сакаме да го изедеме, да им се даде на гладните.

Кон строг пост светите луѓе не пристапувале одеднаш. Тие постепен, малку по малкуи, се навикнувале на скормна храна. Навикнувајќи го својот ученик Доситеј на пост, преподобниот Доротеј од неговата маса постепено одделувал мало парче леб, така што неговата секојдневна храна од четири фунти (1 фунта е приближно 410 гр.) на осум лоти (1 лот има приближно 13 гр.) леб. Покрај сето тоа, светите испосници, на чудење на другите не знаеле за слабост, туку секогаш биле бодри, силни и подготвени за дело. Болестите меѓу нив биле ретки и животот им траел необично долго.

Духовниот живот доаѓа до совршенство и се појавува во чудесни појави, по мерка во која телото на испосникот станува тенко и лесно. Тогаш духот ја врши својата дејност како во болно тело. Надворешните сетила како да се затвораат, а умот, одделувајќи се од земјата, се вознесува на нево и целосно се потпува во согледување на духовниот свет. Сепак, не може секој да го прими строгото правило на воздржување во се’, или да се лиши од се’ што може да служи како олеснување во немоќите. „Кој може да прими, нека прими.“ (Мат. 19,12)

Храната треба секојдневно да се употребува онолку колку што е неопходно за телото, крепејќи се, да биде пријател и помошник на душата во извршувањето на доблестите. Во спротивно, може да се случи да ослабе и душата, доколку телото се истошти.

Во петок и во среда, и особено во деновите на четирите поста, храната по примерот на светите отци, употребувај ја само еднаш дневно, па ангелот Господов ќе се прилепи покрај тебе.

9.3.08

Рим 13,11-14,4

Па, знаејќи го ова време дека дошол часот, тоа да се разбудиме од сонот, оти спасението е сега поблизу до нас, отколку кога поверувавме. Ноќта помина, а денот се приближи: да ги отфрлиме, пак, сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на светлината. Да одиме чесно како дење - не во срамни гоштавки и пијанство, не во блуд и нечистотија, ниту, пак, во препирки и завист; туку облечете се во Господа нашиот Исуса Христа, и грижата за телото не ја претворајте ја во похоти. Слабиот во вера примајте го без разправии за мислењата, оти некој верува дека може да јаде се, а немошиот јаде зелје. Кој јаде, нека не го укорува оној, што не јаде; и кој не јаде, нека не го осудува оној, што јаде, бидејќи Бог го примил. Кој си ти што му судиш на туѓ слуга? Пред својот господар тој стои и паѓа. Но ќе биде исправен, зашто Бог е моќен да го исправи.

26.2.08

Молитвата

Свети Ефрем Сирин

Молитвата е големо оружје, неоскудно богатство, неисцрпна ризница, мирно пристаниште, корен на мирот, мајка на илјада добрини: молитвата е нешто посилно и од царството! Се случува неретко, човеко облечен во диајдема, да лежи болен на одар, да гори во силен оган, да го окружуваат лекари, телохранители, военоначалници и робови; и при сето ова, ниту искуството на медицината, ниту разнообразноста на лекарствата, ниту грижите на домашните, ниту присуството на пријателите, ниту скапоцената положба, ниту количината на парите, ниту пак, било кое човечко средство е во состојба да му олесни и да го подигне од леглото. Меѓутоа, ако при болниот дојде човек, со смелост пред Бога и се допре до неговото тело и направи над него чиста и срдечна молитва, може да ја прогони од страдалникот неговата болест - и тоа, што не можеа да го направат силата, богатството, слугите, знаењето, опитпт ни величието - да го направ молитвата на бедниот и ништожен по дух човек со вера!

Тука подразбирам и разбирајте молитва не студена, формална, словесна, - туку молитва на духот, придружена со болка на срцето, со напрегање на умот, со непопустливост на волјата: зашто таквата молитва се искачува на небото. Водата, додека тече во рамница и има шир се разлева, никогаш не може да се насочи кон височина. Меѓутоа, кога средствата и рацете на техничарите ја заробуваат во низината и ја затвораат во водоводни цевки, тогаш таа, стеснета, побргу од стрела се искачува високо: така е и со човечката душа - поради големата слобода, таа се рассејува и разлева во светот; меѓутоа, кога животните случки ќе ја стеснат, тогаш во тој промислен притисок таа упатува нагоре чиста и усилна молитва за поткрепа. Затоа и псалмопејачот вели: „Кон Господа повикав во маката своја, и Он ме услиши“ (Псал. 119,1).

Голема е силата на молитвата - таа го изгаснала пламенот на оганот, ја обуздала јароста на лавовите, соборила полкови, скротувала бури, изгонувала бесови, ги отварала вратите небесни, ги раскинувала веригите на смртта, исцелувала болести, остранувала несреќи, закрепнувала колебливи тврдини; запирала удари од горе, пресекувала човечки клевети - со еден збор, спасувала од секакви несреќи! Подразбирам пак, молитва не вообичаена, што лежи на усните, туку молитва што произлегува од длабочините на срцето. Како што дрвото, кое има длабоки корени може да ги пречека и издржи ветровите и бурите, без да се прекрши и искорени, така и молитвата, упатена од длабочината на душата, длабоко вкоренета во срцетом се простира кон небесата без да се прекине од било каква соблазнувачка помисла. Така се молел и светиот пророк и цар Давид: „Од дното на душата повикав кон Тебе, Господи“ (Псал. 129,1)

22.2.08

1 Јов. 2:7-17

Мили мои, не ви пишувам нова заповед, туку стара заповед што ја примивте од почетокот. Старата заповед е словото што го чувте. Но сепак, ви пишувам нова заповед која е вистинита и во Него и во вас, зашто темнината поминува, а вистинската светлина веќе свети.
Оној што вели дека е во светлината, а го мрази својот брат, тој се уште е во темнината. Оној кој го љуби својот брат останува во светлината и кај него нема соблазна. А оној кој го мрази својот брат е во темнината и во темнината живее и не знае каде оди, зашто темнината му ги заслепила очите.

Ви пишувам вам, чеда, бидејќи гревовите ви се простени заради Неговото име. Ви пишувам вам, татковци, бидејќи Го познавте Оној Кој беше од почетокот. Ви пишувам вам, момчиња, бидејќи го победивте злиот. Ви напишав вам, деца, бидејќи Го познавте Таткото. Ви напишав вам, татковци, бидејќи Го познавте Оној Кој беше од почетокот. Ви напишав вам, момчиња, бидејќи сте силни и Божјото слово е во вас и бидејќи го победивте злиот.

Не љубете го светот, ниту световните работи. Ако некој го љуби светот, љубовта на Таткото не е во него, зашто се што е во светот: похотата на телото, похотата на очите и суетната гордост на животот, не е од Таткото, туку од светот.

Светот заминува, и неговата похота, а оној кој ја извршува Божјата волја останува во вечни векови.

10.2.08

Блажени се бедните по дух

Древните монаси имале обичај да речат дека Исусовата молитва е скратено Евангелие; дека се чини како на секоја страница од Евангелието тивко дише и со невидлива светлина сјае Исусовата молитва.

Светиот апостол Јован Богослов рекол дека целта на Евангелието е на луѓето да им се открие дека Исус Христос е Син Божји, и дека тие, верувајќи во Него, имаат во себе живот вечен (види: Јован 20,31). Преку Исусовата молитва, срцето човечко не добива од книга, ниту од луѓе, туку од благодатта сведоштво дека Христос е навистина Син Божји и дека само во Него е вечниот живот. Сите заповеди на Новиот и Стариот Завет пред нас може да се разоткријат како учења за Исусовата молитва.

Првата заповед на блаженствата гласи: „Блажени се бедните по дух“ (Матеј 5,3). Духовната беда е внатрешно самоодрекување. Преку нејзиното усвојување човекот ги отфрла своите илузорни богатства, она што е толку многу ценето од слепиот и страстен свет. Тој се откажува од привременото и минливото, од она што станува плен на распадливоста и смртта. Се ослобудва тој од своите страстни врски, и со болка ги откинува од срцето, како црви припиени на раните. Тој престанува да им верува на своите судови, во кои има лага. Неговата душа личи на пловило од кое додека има невреме се исфрла сиот товар за да не се преплави и да не потоне на дното заедно со сите скапоцености кои се скриени во неговата внатрешност. Или на борец, ’рвач, кој разголен (осилен) излегува на мегдан (стапува во борба), за противникот да не може да го потегне за облеката и да го фрли на земја. Беден по дух е оној кој не се надева на себе, туку на Бога, не на своите таленти, не во помошта од луѓето, туку само во Божјата промисла. На тој начин тој не го отфрла само светот, туку и сликите за светот од својата душа, мислите кои му го заматуваат умот. Да се биде беден по дух значи чување на своето срце слободно за Бога. Да се биде беден по дух значи одрекување од сè само за Единиот, и во Тој Единствен да се добие сè. Но доколку за надворешната, телесна беда и сиромаштија доволно е само еднаш да се раздаде сиот свој имот, дотолку за духовната сиромаштија е неопходна постојана внатрешна борба со сликите на овој свет.

Човекот никогаш не може да ја исполни оваа заповед совршено, и тоа е пат кој не завршува. Да се биде ништожен (бедем) по дух значи да се биде со умот, заедно со молитвата во своето срце, и да се растеруват сите мисли кои излегуваат од неговата длабочина. Да се биде беден по дух значи да Му се служи на Бога во тајноста на молчаливото срце, сиромашно за мислите на овој свет. А спасувајќи се од сопствените мисли, човекот се спасува и од демонот на тагата. И затоа бедниот по дух секогаш е радосен. Во срцето на бедниот по дух се раѓа Исусовата молитва. Во срцето на „богатиот“ со мисли, макар и тие мисли да се блескави и возвишени, молитвата почнува да бега и да гасне. Блажената беда е – откажување од бештенствените и мислени богатства поради Бога. Постои и инаква, сатанска беда, а тоа е губењето на самиот Бог. Во таа смисла бедни се демоните: тие имаат сè, освен Бога.

Повеќето од нашите помисли во нас ги сеат темните духови, и токму затоа одбивањето на тие помисли значи враќање на лажниот имот на сиромашните – на демоните, на оние кои со мечти ја исполнуваат нашата острастена душа и нашиот суетен ум. Оние кои станале бедни по дух по Бога не треба повторно да го заработуваат отфрленото „богатство“, оти ќе произлезе дека е Сизифов труд; човекот го носи каменот до врвот, но овој му се истргнува од рацете и повторно се тркала надолу. Бедниот по дух треба да се одрече не само од она што во душата ги буди страстите и отворено го мами на грев, туку и од сè она што не е од Бога: световната уметност и книжевност, празните разговори, игри и забави, секоја непотребна информација. Па дури и во читањето на духовни книги, тој треба себе да се ограничува за да не одзема време и сила на она што е подобро – на молитвата – и да не се случи неочекувано во себе да разбуди духовно сластољубие и горделивост (празно славољубие). Простото читање на духовни книги без раководство во тоа, во секојдневниот живот претставува кривотворење на духовноста, лага, неправедно богатење од кое и треба да се одрече бедниот по дух. Духовното знаење кои не е стекнато со мака и крв, и не се во живот претворени, од човекот прават фарисеј, кој со познавањето на Тората се гордее. Кај бедните по дух дури и молитвата не смее да биде многузборна. На бедата негова многу повеќе му прилега молитва куса по форма, но долга по траење. На бедата не и’ личи сликовито и поетично да ја опишува својата беда, ниту да поставува дрма пред публиката, - за неа е доволен само (еден) збор – „ помагајте! “ Вистинската беда, без разлика дали е телесна или духовна, не е многузборна. И затоа сето учење за Исусовата молитва и за борбата со мислите, кое нам ни беше предадено од светите отци, во својата суштина е разоткривање и исполнување на секогаш истата прва заповед – Блажени се бедните по дух.

Aрхимандрит Рафаил (Карелин)

31.1.08

Свети Атанасиј Велики: Против Аријаните

Синот Божји постанал човек, за да ги направи луѓето Синови Божји. Он прво не бил човек, па после постанал Бог, туку бил Бог, а отпосле постанал и човек, за да не’ обожи и направи богови по благодат

Ако делата на Логосовото Божество не се извршени преку тело, тогаш човекот не би бил обожен. А доколку она што му припаѓа на телото навистина не се нарекло Логосово, тогаш човекот совршено не би се ослободил од тоа (т.е. од гревот, пропадливоста и смртта)... Сега, кога Логосот постанал човек и примил на Себе она што му припаѓа на телото, тоа повеќе не се однесува на телото поради Логосот, Кој е во тело. Затоа и луѓето, воскреснувајќи со силата на Логосот, засекогаш ќе живеат бесмртни и непропадливи... Зашто, како што, бидејќи сме од земја, умираме сите во Адама, така, препородувајќи се повторно со водата и Духот (во Крштевањето) сите во Хруста оживуваме, зашто нашето тело веќе не е земно, туку е тело ологосено, поради Бога Логосот, Кој поради нас прими тело.

(Против Аријаните: I, 38-39; III, 33)

7.1.08

Свети Јован Златоуст: Рождество Христово

Настапи празникот над сите празници и се исполни со радост вселената! Празникот за торжеството на сите добродетели, корен и извор на сите наши блага. Празник преку кој небото се отвори, Духот се испрати, преградите паднаа, поделбата се соедини, мракот се распрсна, светлината блесна, небото прими естетство, произлезено од земјата, земјата Го прими Оној Кој почива на херувимите, робовите постанаа слободни, непријателите - чеда, инородните наследници! Преку овој празник е уништена продолжителната омраза и долгата војна, и настапи мир, одамна очекуван од ангелите и од праведните луѓе посакуван. И Павле воскликнува, велејќи: „ Зашто Он е нашиот мир, Кој од двата народа направи еден и ја разруши преградата, што беше меѓу нив, oткако со плотта Своја го уништи непријателството, а со учењето свое - Законот на заповедите го обессили, за да создаде до Себеси од двата народа еден нов човек, правејќи мир “ (Ефес. 2,14-15) Преку Него е воздигната блескавата и славна знаменитост на Крстот: придобивка Христова, почеток на нашата природа, вооружување на нашиот Цар! Има ли нештом на земјата рамно на тој празник?! Бог е на земјата, а човекот на небесата; ангелите им служат на луѓето, а луѓето се во општење со небесните сили; демоните бегаат, смртта е уништена, рајот е отворен, клетвата е симната, гревот исчезнал, заблудата е изгонета, вистината триумфирала!

Природата од која херувимите го пазеле рајот, денес се доединува со Бога. Откако го слушаш ова - прости се со безволноста: повисоко од секоја надеж и очекување е тоа, дека Бог постана човек! Штом ова постана, тогаш и се’ друго ќе последува по Него со разумна последователност.

Тој не би Се понижил Себеси така безрасудно и така напразно, ако не би имал за цел да не’ возвиси нас. Христос се роди по плот, за да те роди тебе по дух; се родил од жена, за да престанеш ти да бидеш син на жена; допуштил Неговиот Отец да постане роб, за ти робот, да станеш отец на Господарот! Да се израдуваме и развеселиме - нека со радост си споменеме за сите Божји благодејанија кон нас! Меѓутоа, како постанало тоа восхитувачко големо дело? Како ние, огрешените, кои се покажавме недостојни за земјата, бидејќи се лишивме од власта долу, бевме воздигнати на таква висина?! Како се прекрати војната? Како се уништи гревот? Како... ?

Размислувајќи за величието на тоа Христово снисхождение кон човечкиот род, да Му оддадеме на Бога достојна чест и слична награда! Нашата награда кон Бога не може да биде ништо друго освен нашето спасение и нашите души, освен грижата за добродетели и жртви за нашите браќа, Ништо друго не мо=е да биде признак и сведоштво за оној кој верува во Христа и оној кој Го љуби Бога, освен грижата за нашите ближни и грижата за нивното спасение - зашто и Христос не дојде да угоди на Себеси, туку да послужи на мнозина!