29.10.08

Еден старец еднаш рече

Како што Земјата никогаш не паѓа, исто се случува и со човекот кој се смирува себеси.

28.10.08

Потребна е само една секунда...

Без разлика што и да правиме, имаме потреба од смирение, љубов и благородност. Нештата се прости. Ние сме тие кои ги правиме тешки. Колку што е можно повеќе, мора да ги твориме оние нешта кои се тешки за ѓаволот, а лесни за човекот. Дури и болежливиот човек кој не може да стане подвижник може да го победи ѓаволот со смирението и скромноста.

За само една секунда човекот може да стане ангел или ѓавол. Како? Со бирањето на гордоста, или бирањето на смирението. Зарем мислите дека на Луцифер му биле потребни часови за да се претвори од ангел во ѓавол? Воопшто не, потребни му биле само неколку секунди! Најлесниот начин за да се спасиме е преку љубовта и смирението.

19.10.08

За молчењето и зборувањето.

Подобро е човекот да молчи и да биде [христијанин], отколку да зборува, и да не е. Добро е да се зборува, доколку тој кој говори, делува исто така. Тогаш, постои само Еден Учител, Кој проговори и Кој стори; и сите Негови дела кои ги стори во молк се достојни на Отецот. Оној кој го има во себе Словото Христово, е вистински способен да го чуе дури и Неговиот молк, дека може да биде совршен, и дека може да делува како што зборува, и да биде познат по неговиот молк. Не постои ништо скриено од Бога, напротив - нашите тајни се близу Него. Затоа, да ги правиме сите работи како оние во кои Тој пребива, за да можеме да бидеме Негови храмови (1 Кор. 6,19) и за да може Тој да биде во нас како наш Бог, што и Е, и да се појави пред нашите лица. Поради тоа праведно Го љубиме.

Подобро е човекот да молчи и да биде [христијанин], отколку да зборува, и да не е. „ Зашто царството Божјо не е со зборови, туку со сила.“ (1 Кор. 4,20) Луѓето „веруваат со срцето, и исповедуваат со устата“, едното „за оправдание“, а другото „за спасение.“ (Рим. 10,10) Добро е да се поучува, доколку тој кој говори, делува исто така. Оти, оној кој ќе „ги исполни и поучи, тој голем ќе се нарече во царството небесно.“ (Матеј 5,19)

Нашиот Господ и Бог, Исус Христос, Синот на живиот Бог, прво делуваше, а потоа поучуваше, како што сведочи и Лука. Не постои ништо скриено од Бога, напротив - нашите тајни се близу Него. Нека Христос говори во нас, како што стори со Павле. Нека Светиот Дух не’ научи да зборуваме за Христа на начинот на кој Тој говореше.

1.10.08

Небесна атмосфера и пеколна атмосфера

Од човекот кој во себе го носи Царството Божјо зрачат свети мисли, Божји мисли. Царството Божјо во нас создава атмосфера на царството небесно, наспроти атмосферата на пеколот која здрачи од човекот кој во своето срце го носи пеколот. Улогата на христијаните во светот е да ја прочистуваат атмосферата на земјата и да ја шират атмосферата на Царството Божјо.

Светот треба да се освојува со чувањето на небесната атмосфера во себе, оти ако го изгубиме Царството Божјо во себе, нема да се спасиме ни себе, ниту другите. Кој во себе го носи Царството Божјо, тој незабележливо ќе го пренесува и на другите. Луѓето ќе бидат привлечени од нашиот мир и топлина, ќе сакаат да бидат со нас и постепено ќе бидат освоени од небесната атмосфера. Дури не е потребно ни да им се зборува на луѓето за ова: небото ќе зрачи од нас и кога молчиме или кога зборуваме најобични работи; тоа ќе зрачи од нас без и ние да бидеме свесни за тоа.

Во непослушниот нема да се всели Царството Божјо, оти таквиот секогаш ќе сака да се твори волјата негова, а не Божјата. Во Царството небесно исклучена е можноста за постоење на царство во Царство. Тоа го посакувале отпаднатите духови и затоа и отпаднале од Господа, Царот на славата.

Душата која е падната во кругот на мисловен хаос, во атмосферата пеколна, или се допрела до неа, трпи адски маки. На пример, ги прелистуваме весниците, или шетаме по улица и веднаш потоа чувствуваме дека нешто внатре во душата е пореметено - чувствуваме празнина, тага. Тоа е затоа што со читањето на секакви нешта сме ја изгубиле собраноста, единствениот ум, и сме станале расеани и атмосферата на пеколот „вопливала“ во нас.