26.3.09

Молитва на свети Јован Дамаскин

О Христе, Цару на сите, дарувај ми врели солзи, за во нив да ја потопам својата душа која ја погубив творејќи зло. Подари ми, Христе, како дарежлив, облак од солзи на умиление, со плач да ја исперам нечистотијата на сластите и чист да стојам пред Тебе. Дарувај ми солзи, Христе Боже, како што си и’ ги подарил на жената грешница. Амин. 

24.3.09

Кој сака да пристапи кон Господа

да биде удостоен со вечен живот, да постани престојувалиште Христово, да се исполни со Дух, чисто и непорочно да ги исполнува заповедите Христови, треба постојано да пребива во молитва. Зашто единствена заштита и лек за душата е - со љубов да се сеќаваме на Бога. А сите напори на нашиот противник се усмерени на тоа, да го извлече нашиот ум од сеќавањето на Бога. 

17.3.09

За вистинското знаење

Човекот чиј интелект е формиран преку знаењето кое доаѓа од вдлабочувањето во добродетелите преку божествениот Дух овозможува искусуство во божествени работи; зошто, тој го достигнал тоа знаење не по природа, благодарение едноставно на неговото постоење, туку по благодат, преку неговото учество во него. Кога човекот не го примил своето знаење по благодат, иако нештото го нарекува духовно, тој не ја знае неговата суштина од искуство. Зашто, само од учење не се достигнува состојбата на духовно знаење.

9.3.09

Гревот на сите гревови

Можеби од време на време ги признаваме и исповедуваме нашите различни гревови, а сепак не успеваме да го обратиме нашиот живот во оној нов живот кој Христос ни го откри и подари. Навистина, живееме како Тој никогаш да не дојде. Ова е нашиот единствен вистински грев, гревот на сите гревови, тагата без дно и трагедијата на нашето формално, титуларно Христијанство.

Извадок од книгата „Великиот пост“

Храната, падот и постот

Смисолот на храната го наоѓаме во првото поглавје од Светото Писмо, поврзано со создавањето на човекот. Откако го создал светот, Бог го дава (светот) како храна на човекот, што значи дека човековиот живот зависи од храната, односно од светот. Човекот живее од храната, ја преобразува храната во својот живот. Зависноста на човекот од надворешното, од материјата, од светот е толку очигледна, што Фоербах, еден од основачите на материјализмот, го предава човекот преку познатата формула: „човекот е она што го јаде“. Но учењето и откровението на Библијата не почива на оваа зависност. Човекот ја прима храната, односно самиот живот од Бога. Таа е Божји дар на човека, и тој не живее за да јаде и на тој начин да го одржи својот физички опстанок, туку за да се уподоби себеси на ликот и подобието Божјо. Во таа линија, самата храна постанува дар на животот, како осознавањето на слободата и убавината на духот. Храната се преобразува во живот, но храната се открива од почетокот како слобода од зависноста од самата храна, зошто во создавањето на човекот Бог му заповедува да има власт над земјата. Оттука, при примањето храна од Бога како дар од Бога, човекот се исполнува самиот себе со свет живот. Ете зошто, библиски гледано, падот на човекот е поврзан со храна. Тоа е познатата приказна за забранетиот плод, кој човекот го јаде тајно од Бога, со цел да стане како Бога. Значењето на овој пример е едноставно: човекот поверувал дека од самата храна, дека преку чистото поткрепување на она што го консумира, може да го прими она што всушност е можно да се прими само од Бога. Преку храната тој барал начин за ослободување од Бога, што само го довело во робување и зависност од храната; човекот станал роб на светот. Но ова исто така значи и роб на смртта, оти храната не може да му ја дари онаа слобода од светот и смртта, која може да дојде само од Бога. Храната, символот и изворот на животот, стана символ на смртта. Зашто, ако човекот не јаде, умира. Но ако ајде, исто така умира, оти самата храна е заедништво со она кое умрело и според тоа, со смртта. И така, на крај, спасението, обновувањето и проштевањето, и воскресението во Евангелието се поврзани исто така со храна.

извадок од книгата „Оче Наш“