30.4.09

Не оставај ја молитвата

Каде и да се наоѓаш, без разлика дали ораш на поле, или одиш по пат, или ги пасеш овците, или седиш дома - не оставај ја молитвата. Внимавај да не си во непријателство со некој, оти Бог не ги прима молитвите на оној кој го мрази ближниот свој... Молитвата има многу препреки: сонот, млитавоста на душата, попуштањето на телото, лутањето со мисли... а најмногу од се’ побуната на лошите духови кои војуваат со душата и и’ бранат да се приближи кон Бога.

27.4.09

Големо богатство е молитвата

Големо богатство е молитвата, и сите богатства во себе ги содржи, оти го очистува срцето со кое верниот чекори кон Бога. Затоа и апостолот советува: „ молете се непрестано“ (1 Сол. 5,17)

„За трезвеноумието и молитвата“

25.4.09

Едно зрно прашина

Сакам созданието да проникне во вас во толкав восхит, така што каде и да одите, и најмалата билка може да донесе јасно сеќавање на Создателот. Една тревка или едно зрно прашина е доволно да го заземе сиот ваш ум во созерцание на уметноста преку која тоа нешто е создадено.

19.4.09

Совоскреснавме со Него

Ни беше потребен Бог воплотен и умртвен, за да живееме; да се соумртвиме, да се соочистиме; состанавме, затоа што се соумртвивме со Него, се сопрославивме, оти совоскреснавме со Него.

Христос воскресна! Навистина воскресна!
Krishti u ngjall! Vërtet u ngjall!
Χριστός Ανέστη! Αληθώς Ανέστη!

16.4.09

Постанувајќи пријатели Божји

Нивните души биваат оживеани и одново ја примаат благодатта на Светиот Дух, каква Адам ја имал пред престапот... Постанувајќи, на овој начин, достојни да бидат пријатели Божји, тие Го јадат Неговото Тело и Ја пијат Неговата Крв, и преку осветените Леб и Вино постануваат еднотелесни и еднокрвни со Бога Кој Се воплоти и Кој Се принесе Себе на жртва.

15.4.09

За значењето на Пасхалното јајце

Постојат повеќе толкувања околу символиката на велигденското јајце, како и причините и начинот на негово фарбање. Иако голем дел од обичаите кои го следат фарбањето (вапсувањето) се од сомнително протекло, постои Православно предание кое нуди објаснување на елементите кои го следат овој радосен чин. Имено, Православното предание го поврзува ритуалот на вапсување црвени јајца пред новозаветната Пасха, односно Велигден, со ликот на светата мироносица Марија Магдалена рамноапостолна. Во Светото Евангелие според светиот апостол Лука, ликот на Марија од Магдала (наречена Магдалена според Магдала, покрај Генисаретското Езеро од каде што е нејзиното потекло) е поврзан со нејзиното мачење од седум бесови, од кои ја ослободил Спасителот Исус Христос. Претходно живеејќи блуден и развратен живот, сега веќе излекуваната Марија доживела целосно преумување, и започнала да живее нов живот, станувајќи вистински верен следбеник на Христос. Посведочувајќи ја својата верност кон Христа за време на Неговата проповед, но и Неговото страдание и погребение (имено, таа била единствената која заедно со Пресвета Богородица и свети Јован Богослов стоеле под Крстот), Марија на третиот ден од Распнувањето пошла кон Христовиот гроб да Го миропомазе Спасителот Христос. Кога пристигнала таму, видела дека каменот е тргнат, и Христос не бил на местото каде бил положен. Марија побрзала да ги повика апостолите Петар и Јован, кои и самите се увериле дека Сонцето на Животот Го немало во гробот. Стоејќи подоцна сама на местото каде Христос бил положен, видела два ангела, за веднаш потоа да Го види својот Учител, кој и рекол да им каже на другите ученици дека Христос се враќа кај Неговиот и нивниот Отец, Неговиот и нивниот Бог; таа го сторила тоа, што всушност претставува и прва проповед на Воскресението Христово.

Апостолите понатаму го ширеле Благовестието на Христовото Воскресение по сите краишта на земјата, а со нив заедно заминала и Марија Магдалена, која според сведоштвото на Светото Предание, заминала да проповеда во паганскиот Рим. Таму таа насекаде Го проповедала Христа и Неговото учење, но кога луѓето не и верувале дека Тој воскреснал, таа им го повторила она што им го рекла и на апостолите: „Го видов Господа!“ Од голема ревност, го посетила и императорот Тибериј, на кому исто така му го проповедала Христовото Воскресение. Со неа понела и едно јајце, како символ на Новиот Живот и Воскресение, и давајќи му го на императорот, му се обратила со зборовите: „Христос воскресна!“ Тибериј ја отфрлил можноста за воскресение од мртвите, велејќи дека никој не може да воскресне од мртвите, исто како што и јајцето кое таа му го донела не може да стане црвено. Во тој момент, јајцето станало црвено, за и тоа да сведочи за зборовите на мироносицата, и таа ги повторила зборовите на апостолите - дека верата во Воскресението Христово не е како минливото злато и сребро, туку дека скапоцената Крв Христова е како неизвалкано и чисто Јагне. На тој начин се создала традицијата за подарување на пасхални јајца на денот на Пресветлото Воскресение Христово. Според едно древно манастирско правило, кое се чува во манастирската библиотека на свети Атанасиј, близу Солун, постои молитва на самиот ден на Воскресение за благословување на приложените јајца, во кое е означено дека игуменот ги разделува јајцата, велејќи им на возљубените: „Како што примивме од нашите свети отци, кои го зачуваа овој обичај уште од апостолско време, кога светата рамноапостолна Марија Магдалена пред верните прва го прикажала примерот на овој радосен дар.“

(преземено и преведено од материјали од Ерусалимската Патријаршија)

13.4.09

За спротивставеноста на злото и доброто

Темнината, браќа мои, никогаш нема никакво општење со светлината, туку тие се спротивставени една на друга. Кога на почетокот Бог рекол: ''нека биде светлина'', тогаш, штом се јавила светлината, темнината исчезнала; и повторно, само што се сокрила светлината, веднаш се појавила темнината. Слично на тоа, неверието е спротивно на верата, незнаењето на знаењето, омразата на љубовта. Сето време додека Адам ја чувал верата своја, која ја имал кон Бога, се наоѓал во рајот и во бесмртниот живот. Но, кога преку прелеста на непријателот на човекиот род - ѓаволот, се расипал и паднал во неверие, тогаш бил осуден на смрт и бил прогонет од рајот и наместо божественото и духовно знаење, примил плотско и страстно знаење. Оти, кога се помрачиле умните очи на неговата душа, кои се умот и мислата, тогаш тој прогледал со телесни очи и започнал страстно да гледа на видливото. Да не беше отпаднал од знаењето и созерцанието на Бога, тогаш не ќе беше ни пропаднал во страстното знаење кое е совршено непознавање на вистинското добро.

Слово 25

11.4.09

Евангелие според Јована, глава 11

Беше, пак, болен некој си Лазар, од Витанија, од местото на Марија и нејзината сестра Марта. А Марија чиј брат се разболе, беше онаа, кој Го помаза Господа со миро и ги избриша нозете Негови со својата коса. Тогаш сестрите нарачаа по Него, велејќи: “Господи, ете, оној што го милуваш, болен е.” Штом чу Исус, рече: “Таа болест не е за умирање, туку за слава Божја, за да се прослави Синот Божји преку неа.” А Исус ја сакаше Марта, и сестрата нејзина, и Лазара. А кога чу дека е болен, тогаш остана сва дена во местото, каде што се наоѓаше. Потоа им рече на учениците: “Да отидеме пак во Јудеја!” Учениците Му рекоа: “Рави, сега сакаа да те убијат со камења, и пак ли таму ќе одиш?” Исус одговори: “Нели дванаесет часови има во денот? Кој оди дење, не се сопиња, зашто ја гледа светлината на оној свет; а кој иди ноќе, се сопиња, оти нема светлина во него.” Ова им го кажа, а потоа им рече: “Лазар, пријателот наш, заспал; но ќе отидам да го разбудам.” Тогаш учениците Негови рекоа: “Господи, ако заспал, ќе стане.” Исус го рече тоа за смртта негова, а тие мислеа дека говори за заспивање со сон. Тогаш рече Исус отворено: “Лазар умре. Но се радувам заради вас, зашто не бев таму, та да поверувате - туку, да отидеме при него.” Тогаш Тома, наречен Близнак, им рече на учениците: “Да отидеме и ние да умреме со него.” Кога дојде Исус, најде, дека тој веќе четири дена е во гроб. А Витанија беше близу до Ерусалим, околу петнаесет стадии; и мнозина Јудејци беа дошле при Марта и Марија да ги утешат за брата им. Кога чу Марта дека иде Исус, излезе пред Него; а Марија седеше дома. Тогаш Марта Му рече на Исуса: “Господи, ако беше Ти овде , немаше да умре брат ми. Но сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе Ти даде.” Исус и рече: “Твојот брат ќе воскресне.” Марта Му рече: “Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден.” А Исус и рече: “Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, нема да умре, ќе живее. И секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека. Го веруваш ли тоа?” Таа Му одговори: “Да, Господи, јас поверував дека си Ти Христос, Синот Божји, што треба да дојде во светов.” Штом во рече тоа, отиде и ја повика сестра си Марија тајно, велејќи: “Учителот е овде и те вика.” Таа кога чу, стана бргу и отиде при Него; оти Исус не беше дошол во селото, а стоеше, каде што Го беше дочекала Марта. Јудејците, што беа со неа дома и ја утешуваа, кога видоа дека Марија стана бргу и излезе, отидоа и тие по неа, мислејќи дека ќе оди на гробот да плаче. А Марија, штом пристигна таму, каде што беше Исус и кога го виде, падна пред нозете Негови и рече: “Господи, да беше Ти овде, немаше да умре брат ми.” Исус, пак, кога ја виде како плаче, и Јудејците што беа дошле со неа како плачат, се натажи и се возмути, па рече: “Каде сте го положиле?” Му рекоа: “Господи, дојди и види!” Исус просолзи. Тогаш Јудејците рекоа: “Гледај, колку го милувал.” Некои од нив, пак, велеа: “Не можеше ли Овој, што ги отвара очите на слепиот, да направи и овој да не умре?” А Исус, пак, се нажали во Себе и дојде до гроботл тоа беше пештера и камен навален на неа. И рече Исус: “Кренете го каменот!” Марта, сестрата на умрениот, Му рече: “ Господи, мириса веќе; оти четири дена има откако е умрен.” Исус и рече: “Не ли ти реков, дека, ако поверуваш, ќе ја видиш славата Божја?” Тогаш го подигна каменот, каде што лежеше умрениот. А Исус ги подигна очите угоре и рече: “Оче, Ти благодарам, оти Ме послуша. А Јас знаев дека Ти секогаш Ме слушаш; но ова го реков заради народов што стои наоколу, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил.” Кога го рече ова, извика со висок глас: “Лазаре, излези надвор!” И излезе умрениот , завиткан во платно по рацете и по нозете, а лицето забрадено со крпа. Им рече Исус: “Одвиткајте го и оставете ги да оди!” Тогаш мнозина од Јудејците, што беа дошле со Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него.

Синаксар: Лазарева Сабота

8.4.09

Онтологија на личноста

Не можеш да речеш јас, ако не постои некое ти. После толку векови, философијата на нашето време ја достигна таа едноставна вистина: јас не може да се замисли без ти.

Извадок од книгата „Догматски теми“

4.4.09

За срцето на човекот

„Срцето на човекот“, вели св. Никола Кавасила, „е создадено доволно велико за да Го содржи Самиот Бог во себе.“ Доколку не Го содржи Нестворениот, желбата ќе се сврти кон створените твари, и тогаш може да бликне само ништавило, зошто секоја личност е широко отворен простор кој чека да се исполни со Бога.

2.4.09

За трпението

Трпението е повредно за пофалба од брзањето, и снисходливоста е подобра од навалувањето. Многу е подобро и поделотворно да не се одвојуваме од главното тело, туку како негов дел да ги исправуваме другите, подеднакво како и себе, отколку - прерано пресудувајќи - да ја растуриме соборноста, што е типично за тираните, но не и за браќата.