22.6.09

Во молчењето Бог Се открива

Небото, земјата, морето, со еден збор - сиот овој свет е голема и преславна Божја книга во која со самото молчење Се открива проповеданиот Бог.

17.6.09

Молитва на старец Софрониј за започнување на денот

(се кажува при станување од постелата)

Вечен и Беспочетен Цару, Ти кој Си пред сите светови, Создателу мој, Кој си ги повикал сите нешта од небитие во живот: благослови го овој ден што Ти, по твојата неискажлива добрина, го даруваш на мене. Со силата на Твојот благослов направи во секое време во денов кој доаѓа да глаголам и делувам за Тебе, во Твоја слава, во Твој страв, според Твојата волја, со чист дух, во смирение, трпеливост, љубов, нежност, мир, храброст, мудрост и молитва, и насекаде да бидам свесен за Твојата присутност.

Да, Господи, по Твојата огромна милост води ме преку Светиот Твој Дух во секоја добра работа и збор, и дарувај ми целиот мој живот да го минам покрај Тебе без да се сопнам, според Твојата праведност која Си ни ја открил за да не ги зголемувам моите прегрешенија. Многумилостив Господи, поштеди ме мене кој гинам во изопаченост; не сокривај го Своето лице од мене. И кога мојата зла волја ме води да пропаѓам по други патишта, не напуштај ме, Спасителу, туку врати ме на Твојот свет пат.

O предобар Господи, пред Кого сите срца се отворени, Ти ја знаеш мојата беда и мојата непромисленост, моето слепило и безполезност, но и страданијата на мојата душа се пред Тебе. Поради тоа и Те молам: чуј ме во мојата неволја и исполни ме со Твојата сила одозгора. Крени ме мене, од гревови неподвижниот, и избави ме мене, од страсти обременетиот. Исцели ме од секоја скриена рана. Очисти ме од секоја нечистотија на телото и духот. Заштити ме од секоја внатрешна и надворешна побуда која е непријатна пред Тебе и болна за мојот брат. Те молам: утврди ме да одам по патот на Твоите заповеди и до последното издихание мое не оставај да заскитам од светлината на Твоите повеленија, за Твојот закон да биде единствениот закон на моето постоење во овој живот и вечноста.

Боже, мој Боже, кон Тебе се обраќам за многу и велики нешта: не оставај ме. Не ме оттргнувај од Твојата присутност поради мојата самообразеност и бесрамност, но преку силата на Твојата љубов води ме по патот на Твојата волја. Подари ми да Те љубам како што и Си повелал, со сето мое срце, со сета моја душа, со сиот мој ум и сите мои сили: со сето мое битие.

Зошто Ти самиот Си Свети бранител и семоќен заштитник на мојот живот, и Тебе Ти прилега секоја слава и кон Тебе во молитва прибегнувам. Подари ми да ја познаам Твојата вистина пред да се разделам од овој живот. Одржувај го мојот овоземен живот сè додека не Ти понудам вистинско покајание. Не земај ме во средината на моите дни, и кога ќе благоволиш да го приведеш при крај мојот живот, предупреди ме за мојата смрт, за да ја припремам мојата душа за средбата со Тебе. О, Господи, биди со мене во мојот велик и свет ден, и дарувај ми ја радоста на Твоето спасение. Очисти ме од пројавени и сокриени гревови,од сиот немир кој е скриен во мене; и дај ми да го чујам добриот одговор пред Твојот страшен престол, на Судот. Амин.

12.6.09

Блажен Августин за молитвите кон мачениците

Но, нашите маченици (сведоци) не се наши богови; зошто ние знаеме дека и мачениците и ние имаме еден ист Бог. Ниту пак нивните (на иноверните) чуда кои се случиле во нивните храмови, можат да се споредат со оние чуда кои се случуваат на гробовите на нашите маченици. Доколку и изгледаат слични, нивните богови се поразени од нашите маченици, како што фараоновите волшебници беа поразени од Мојсеј. Во реалноста, демоните ги вршат чудата со истата нечиста гордост, со која посакаа да бидат богови на народите; а мачениците ги вршат овие чуда, односно Бог ги врши по нивните молитви и застапништво, за да внесат поттик во верата со која веруваме дека тие не се наши богови, туку имаат, заедно со нас, Еден Бог.

... Но, на нашите маченици ние им градиме храмови, не како на богови, туку како споменици на упокоени луѓе чии духови живеат со Бога. Ниту подигаме олтари во овие споменици за да принесуваме жртви на мачениците, но на Единиот Бог, Бог на мачениците и наш Бог; и во таа Жртва тие се спомнати според нивното место и степен како Божји луѓе кои го освоиле светот исповедувајќи Го (Христа), но не се повикуваат од свештенослужителот кој ја принесува Жртвата. Оти, на Бога, а не ним, ја принесуваме бескрвната Жртва; оти, тој е Божји свештенослужител, не нивен. И самата Жртва, исто така, е Телото Христово, кое не им се нуди ним, оти тие самите се Негово Тело.

(„За Градот Божји“ книга 22)