23.7.09

„Јас сум ние“

Имало двајца монаси, кои живееле одвоено во пустината, секој во својата ќелија. И секој од нив се подвизувал на свој начин. Се случило еднаш, едниот од нив, да појде и да го посети другиот, во Христа брат. Кога стигнал пред вратата на братот, тој чукнал, и од внатре слушнал глас, кој го прашал: „Кој си ти?“ Монахот одговорил: „Јас сум јас.“ На тоа немало никаков одговор, и вратите од ќелијата на другиот монах останале затворени. Монахот - гостин се заминал во својата ќелија. По неколку години, тој повторно пошол да го посети својот соподвижник. Откако чукнал на вратата, повторно слушнал глас, кој го прашал: „Кој си ти?“ Овој пат, монахот одоговори: „Јас сум ние.“ И тогаш вратите се отвориле, браќата се виделе, во Духот Свет се поучувале и во Христа се радувале.

22.7.09

Царскиот пат на Крстот на нашиот Господ

Кога Мојсеј го фрли стапот на земја, стапот се претвори во змија, и толку го исплаши, што тој побегна (Исход 4,3). Но кога, по Божја заповед ја пружи раката и ја фати за опшаката, змијата повторно постана стап, кој Мојсеј го носеше пред него, раздвојувајќи го Црвеното море и изведувајќи го Израилот од Египетското ропство.

Крстот и трпението се стапот; доколку ги насочиш кон земјата, не можеш да ги видиш како ништо друго, освен змија, од која што бегаш, плашејќи се од отровот и смртта. Но кога ги фаќаш со десната рака на правилното размислување, а тоа е, кога го гледаш посакуваниот крај на овие жалости и несреќи, тогаш радосно ќе гледаш во крстот на стапот Мојсеев, како те избавува надвор од делата на гревот, водејќи те кон небесниот Ерусалим. И затоа, гледај во небесата, каде што крстот ќе те поведе; гледај во блажената вечност која е ветена на оние кои смирено го поднесуваат крстот. На оние кои пливаат во брзотечните реки, им се советува да гледаат или во небото, или на бреговите на реката, за да не бидат збунети од брзината на речната струја и бидат удавени.

Секој од нас мора да плива низ морето на искушенија. Но, за морските бранови да не го збунат твојот ум, треба да имаш силно срце и својот поглед да го наспчиш кон небесата: „имајќи го предвид не видливото, туку невидливото, бидејќи видливото и времено, а невидливото - вечно“ (2Кор 4,18).

Извадок од „Царскиот пат на Крстот на нашиот Господ“

16.7.09

Вистинска и совршена молитва

Собата на душата е телото; вратите се петте телесни сетила. Душата влегува во својата соба кога умот не застранува ваму-таму, талкајќи помеѓу стварите и световните работи, туку останува внатре, во нашето срце. Нашите сетила стануваат и остануваат затворени кога не им дозволуваме страстно да се поврзат со надворешните, сетилни ствари и на тој начин нашиот ум останува слободен од секаква земна приврзаност, и преку тајната умна молитва се соединува со Бога Отецот.

Бог Кој ги гледа сите тајни нешта ја гледа умната молитва и јавно ја наградува со големи дарови. Оти, онаа молитва е вистинска и совршена, која ја исполнува душата со света благодат и духовни дарови.

од „Како сите Христијани мора непрестано да се молат“

13.7.09

Кондак 7

Сакајќи вистината да ја утврдиш и Црковниот мир да го осигураш, ти, апостоле Павле, поборнику на правдата, си дошол во Светиот Град. Таму, на Соборот на светите апостоли и верниците си сведочел заедно со Петар и Варнава: дека Светиот Дух дише каде што сака, давајќи им благодат во изобилство на Евреите и незнабошците, обрезаните и необрезаните, спасувајќи ги сите и се со вера, а не со мртви дела на стариот закон. И така, сите верници, навистина добивајќи слобода и мир, сврзувани со нитката на љубовта, благодарно Му пеат на Бога: Алилуја!



од акатистот на светите првоврховни апостоли Петар и Павле

3.7.09

Молитва кон св. Наум Охридски Чудотворец

Тебе, угоднику на живиот Бог, Науме, Чудотворче, кој си го исполнил законот на нашиот Бог и Спасител -- Исус Христос и си здобил од Него живот вечен, ти се поклонувам со љубов и ти благодарам со смирение за безбројните твои чудодејства со кои си им помагал на немоќните луѓе и си Го прославил името на Својот Бог и Спасител. Тебе, верен слуго на нашиот Бог и Спасител, ти се даде благодатта на Пресветиот Божји Дух - бесови да изгонуваш, болни да исцелуваш, немоќни да подигнуваш, мачени да утешуваш и во сите неволји на луѓето да им помагаш.

Заради тоа, ние, иако недостојни, те почитуваме како духовна лира низ која се излева сила и небесна утеха врз оние на кои им е потребна, и со славословие Го прославуваме Творецот Кој ти подари тебе - обичниот човек таква божествена сила и достоинство. И сега кон тебе приоѓам со поклонување и умиление, праведнику и пријателу на Ангелите, преподобен оче наш Науме; не престанувај да се молиш за целиот Православен род Христијански пред Престолот на Пресветата, Единосуштна Троица - за праведниците и грешниците, за сите кои се на власт, за сите кои во неволји страдаат, за епископите, иереите и дјаконите, ктиторите и дарителите на светите храмови, за оние кои доаѓаат и се поклонуваат пред твоите свети и пречесни мошти, за болните и со вера упокоените, за старците и момците, за девојките и мајките. Светителу, оче наш Науме, човеку Божји, покриј ги нашите слабости и исцели ги нашите болести со твоите молитви.

Уште се молиме, сега и за Божјиот слуга име) кој страда од немоќ и неподносливи рани. Ако со нив се сврзал заради својот грев, или своите родители, или некои свои роднини и поради грев ја добил оваа болест, посредувај, о, ангелоподобен светителу, пред престолот на Господа Кој те прослави, да му го прости гревот и раната да му ја исцели. Ако пак болеста е допуштена од Бога, по светиот Божји збор: „Оној што Бог го љуби него и го казнува, го бие секој син што го прима при Себе“, милостиво замоли Го Семилостивиот и Седобриот Бог, да се смилува на овој Свој слуга и да не допушта поголемо страдање отколку што тој може да поднесе како човек. Луѓето се телесни и ништожни и ниедно страдање не може да се поднесе без благодатта на Бога, Кој нас не’ закрепнува.

Светителу, оче наш Науме, брзо услиши не и исцели го Божјиот слуга (име) со твоите молитви, да не речат неверниците: „Каде е неговиот Бог?“ О свет и преподобен оче Науме, покажи ја и на овој Твој слуга твојата сила што ти е подарена од Семоќниот Господ и која и досега си ја покажувал на безброј болни и немоќни кои и приоѓаат на твојата чесна рака со вера, покајание и молитви. Направи го целосен, здрав душевно и телесно; одгонувај го и изгонувај од него пакосникот на човечките тела - ѓаволот; закрепни го неговото тело со здравје и сила, за да може душата негова да се подвизава, кае и подготвува за Царството. Одгонувај ја од него предвремената смрт, за да може и понатака, со добри дела да Му угодува на Благиот Бог и да ја стекне милоста Божја на Страшниот Суд.

Помоли се, о преславен Науме, чудотворче, за својот слуга (име, да му се простат гревовите волни и неволни, и очисти го од секаква нечистотија со твојот Свет Дух и со твоите свети молитви, оче наш Науме, па и во него да се прослави Светата Троица, Која тебе те прослави: Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.