25.12.09

Молитва кон свети Спиридон Чудотворец

Голем и пречудесен светителу Спиридон, пофалбо Керкирска, блескаво светило на целата вселена, пред Бога топол молитвенику за сите оние кои прибегнуваат кон тебе и брз застапнику на сите оние кои со вера ти се молат! Меѓу Отците на Никејскиот собор преславно верата православна си ја објаснил, единството на Пресвета Троица со чудесна сила си го покажал, а еретиците до крај си ги посрамил. Услиши не’ нас грешните кои ти се молиме, Светителу Христов, и со твоето силно застапништво пред Господа избави не’ од секоја неволја, од глад, потоп, оган и смртоносни рани.

Во својот привремен живот од сите неволји си ги избавувал луѓето, од налетите агарјански и од глад си ја спасувал својата земја, царот од неизлечива болест си го избавил и многу грепници кон покајание си ги привел, мртвите преславно си ги воскреснувал, а поради светоста на твојот живот во црквата ангели невидливо ти сослужувале и пееле. Така те прослави тебе, Својот верен слуга, Владиката Христос, во сите скриени дела човечки да проникнеш те дарувал, и да ги разобличиш оние кои неправедно живеат. На мнозина во беда и сиромаштија усрдно си им помагал, во време на глад немоќните си ги нахранувал, и многу други дела со силата на Духот Свет Кој во тебе престојува си извршувал.

Не не’ оставај ниту нас, Светителу Христов, спомни си за чедата свои пред Престолот на Седржителот, и измоли од Бога да ни дарува опростување на нашите многубројни гревови, спокоен живот, непосрамен и мирен завршеток на нашиот живот, и удостој не’ со вечните блаженства на идниот век, за секогаш слава и благодарност да Му вознесуваме на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш, и во вековите на вековите. Амин.

22.12.09

Вулгаризирана вистина

Раната Црква била наследник на култовите на Синагогата и Хеленистичките таинства. Таинствата биле предодредени само за неколкуте, малкумина иницирани. Но бидејќи сета Империја им припаѓала на иницираните, таинствата биле предадени на народот. Опасноста од оваа вулгаризација наишла на ретроактивен процес. Сега Црквата се обидела да ги заштити и прикрие таинствата повторно, особено Евхаристијата, која е сржта на Црковниот живот и култ. И од тука следува тенденцијата, а подоцна и правилото за тајното читање на молитвите за осветување на даровите, како и ред други; развојот на олтарот ограден со висок иконостас, кој целосно ќе го сокрие светилиштето од верните. И така, под влијание на доцниот неоплатонски теургичен јазик, новите вербални покривала на таинствата, кои ги прават возвишени и недостапни, па дури и опасни за недостојните.

18.12.09

Молитва кон преподобниот и богоносен отец наш Сава Осветен

О, преубав и сефален угоднику Божји, преподобен отец Саво! Скрушено стоејќи денес во твојот свет храм, пред твојата света икона, и радосно празнувајќи го пресветлиот твој спомен, те прославуваме тебе, заштитнику наш. Почитувајќи ја големата смелост која ја имаш пред Господа, смирено те молиме, Преблажен: милостиво прими ги од нас овие пофални песни, кои од љубов усрдно ти ги принесуваме и, имајќи голема смелост пред Господа, побрзај со своето богоугодно застапништво од Царот на царевите и Господарот на господарите да измолиш да ја излие Својата голема и богата милост на нас, грешните, да ни подари дух на вистинска вера, дух на знаење и љубов, дух на мир и радост во Духот Свет, да не’ избави од непријатности и искушенија, и да ни испрати се’ што е корисно за спасение на нашите души.

На сите православни нека им испрати мир, тишина, спокој, ревност во исполнувањето на Неговите заповеди, изобилие на земни плодови; и сета наша земја нека ја избави од глад, земјотреси, поплави, оган, меч, напади од туѓинци, меѓусебни расправии и борби, смртоносни рани и секое зло.

О, угоднику Божји, не презирај го ова молење, туку услиши не’ нас кои ти се молиме и под твојата закрила сочувај не’ од лукавствата на видливите и невидливите непријатели, да се удостоиме својот живот во покајание да го завршиме, и вечните добра да ги примиме во Царството на Христос, нашиот Бог, во кое со тебе и сите Светии ќе Го прославуваме достојното за поклони Име на Пресвета Троица, на Отецот, и Синот и Светиот Дух, во вековите на вековите. Амин.

Свети Сава Осветен (5/18 декември) се повикува како молитвен застапник за телесна чистота и целомудрие на мислите.

15.12.09

Стотица втора, глава дваесет и прва

Оној кој го вежба својот ум за свештени подвизи и ги прогонува од себе страсните помисли врши ѓаконска служба; соодветен на свештеник е оној кој го просветува умот со познанието на постоечките нешта и го уништува лажното знаење, а епископско дело врши оној, кој го прави својот ум совршен помазувајќи го со светото миро на познанието на Светата Троица, на Која и’ се поклонуваме.

8.12.09

Старецот Авакум говореше

Радоста доаѓа од заедницата и односот меѓу човекот и Бога. Човештвото е создадено да биде радосно, не тажно. Кога уживаш во погрешни работи, бездруго ќе платиш за сите задоволства кои си ги имал. А Божјата радост не бара отплата. На пример јас, кој не поседувам ништо на овој свет, не можам да платам за среќата која ја имам. Јас не сум единствениот кој ја објавувам оваа вистина. Моите братја монаси, кои исто така немаат ништо освен Бога, се исполнети со радост. Се испразнив (м.з. кеноза) себе си Христа ради. И немам ништо; Го имам само Бога и радоста.

Сиромаштвото е убаво, затоа што ослободува. Секој треба да се испразни себе си, за да направи место Христос да влезе во неговото срце. Кога Господ е со мене, тука е мојата среќа. Во секоја подвижничка пештера може да најдете духовна радост.