31.1.10

Воспитно предавање за младите преку параболата за блудниот син

Помладиот од нив му рече на татка си: ‘Татко, дај му го делот што ми припаѓа од имотот!’
Лука 15,12

Параболата за блудниот син е најпоучна лекција за младите. Во личноста на блудниот син го гледаме вистинскиот карактер на лекомислената младина: лекоумност, непромисленост, жед за независност; на кратко, сè што е препознатливо за повеќето млади луѓе. Помладиот син израснал во домот на неговите родители. На прагот на неговата зрелост, тој започнал да мисли дека животот во неговиот дом е премногу ограничен. Му се чинело непријатно да живее по правилата на неговиот татко и будното око на неговата мајка. Посакал да се угледа на неговите пријатели, кои целосно се предале на бучните задоволства на овој свет. „Јас сум наследник на богат имот. Нели би било подобро“, си мислел, „доколку го наследам имотот токму сега? Би можел да раководам со моето богатство поинаку од мојот татко.“ И така лекоумниот младич бил поведен од лажниот сјај на светските задоволства и решил да го отфрли јаремот на послушноста, оддалечувајќи се од родителскиот дом.

Зарем не се многумина инспирирани од слични импулси и денес, и макар што не го напуштаат родителскиот дом, зарем не се оддалечуваат од домот на нивниот Небесен Отец, односно, послушноста кон Светата Црква?

Јаремот Христов изгледа претежок за незрелите умови, а Неговите заповеди - мачни. Тие си мислат дека не е вистински важно да се чува она што Бог и Неговата Света Црква ни заповедала. За нив, се чини можно служењето на Бога и на светот истовремено. Тие велат: „Веќе сме доволно силни да ги издржиме уништувачките искушенија и соблазни. Можеме да се одржиме во вистината и за звучните учења самите. Успорете нè кон усовршување на нашите умови со здобивањето на разноврсни знаења. Дозволете ни да ја заврстиме нашата волја меѓу искушенијата и соблазните. Низ искуствата нашите сетила ќе бидат убедени во злата природа на порокот!“ Зарем се тие желби подобри од необмисленото барање на помладиот син кон татка си, ‘Татко, дај му го делот што ми припаѓа од имотот!’

И така, лекомислениот син престанува да ги чува заповедите и советите на Светата Црква. Престанува да се поучува од Зборот Божји и учењата на светите отци, а внимателно ги слуша лажните учења на оние кои лажно се нарекуваат учители, и во овие интереси ги губи најдобрите часови на својот живот. Многу поретко оди в црква, а кога оди стои таму невнимателно, расеано. Не наоѓа можност да се посвети себеси на благоговејноста и да расте во добродетелите, затоа што го троши своето време посетувајќи претстави, јавни забави итн. Со еден збор, секој ден сè повеќе се предава на светот, и конечно, заминува во „далечна земја“.

Што е резултатот на ваквото оттуѓување од Светата Црква? Резултат е истиот тој како и на блудниот син кој го напушта родителскиот дом. Лекомислената младина многу брзо ги троши својата прекрасна енергија и талантите на душата и телото, уништувајќи ги во времето и вечноста сите добра кои ги има направено. Во меѓувреме, се појавува „силна глад во таа земја“: празнина и незадоволство - неизбежниот резултат на дивите задоволства. Се појавува жед за забава, која се засилува со задоволувањето на блудните страсти, и на крај станува незаситна. Често се случува несреќниот вљубеник на светот, со цел да си ги задоволи страстите, прибегнува кон ниски и срамни работи, кои не го вразумуваат, како во случајот со блудниот син, туку ја комплетираат неговата пропаст, како времена, така и вечна!

27.1.10

Света рамноапостолна Нина, просветителка Грузиска


Тропар
глас 4


Слова Божия служительнице, / во апостольстей проповеди Первозванному Андрею и прочим апостолом подражавшая, / просветительнице Иверии / и Духа Святаго цевнице, / святая равноапостольная Нино, / моли Христа Бога / спастися душам нашим.

23.1.10

Маските и вистината

Во театарот на овој свет, сцената се поставува на пладне, и многу глумци влегуваат, глумејќи ги своите улоги, носејќи маски на нивните лица, прераскажувајќи стари приказни, раскажувајќи ги настаните. Еден глуми дека е философ, иако не е философ. Друг станува цар, и иако не е цар, се појавува како крал во приказната... но кога вечерта настапува, и драмата завршува, и сите слегуваат од сцената, маските се тргаат на страна... Маските се отфрлаат, лагата ја снемува, и вистината се открива. Оној, кој во театарот е слободен човек, станува роб надвор од него; оти, како што реков, лагата е внатре, а вистината е надвор. Ноќта ги обзема, претставата е завршена, и вистина се појавува.

Исто е и со животот и неговиот завршеток. Сегашниот свет е театар, условите во кои луѓето се наоѓаат се улоги: богат и сиромав, владетел и владеан, и така натаму. Кога овој ден ќе помине, и страшната ноќ ќе настапи, или поточно, ден, оти навистина, ноќ е за грешните, а ден за праведните, кога претставата е завршена, кога маските се фрлени, тогаш секој човек ќе биде суден за неговите дела, не секој човек заедно со неговото богатство, и не секој човек заедно со неговата моќ, туку секој човек според неговите дела; без разлика дали некој е владетел или цар, жена или маж, кога Тој ќе побара сметка за нашиот живот и нашите добри дела: (...) „дај Ми ги твоите дела ако си роб, но си поблагороден од слободен човек, ако си жена, но си похрабра од маж.“

Кога маските се тргнати, тогаш вистински богатите и вистински сиромашните се откриени... Истото нешто се случува кога овој живот завршува.

16.1.10

Послушанието и лаикот, втор дел

Постојат три општи принципи кои се применуваат тука. Прво, секој треба да умее да разграничи старец и духовен отец. Старецот ја исполнува пророчката служба во Црквата; како таков, кон него мора да сме послушни како кон оној кој навистина ја открива Божјата волја на другите. Денес речиси и не постојат вистински старци на земјата, и оние кои тврдат дека се старци или им дозволуваат на нивните следбеници да им се обраќаат со тој назив – посебно тука, во Америка, каде православието е доста незрело – не му служат на православието. Постојат премногу западни новообратени во православието кои, во недостиг на своја волја и убедување се повеќе од подготвени да го напуштат својот здрав разум (заб. на превод: common sense) и одлучувањето да го препуштат на друг; кулотот кон личноста кој следи од тука нема ништо заедничко со православието. Факт е дека просечниот лаик често ги заменува функциите на старецот со оние на духовниот отец.

Второ, послушанието кон духовниот отец не е толку прашање на заповед и послушност, колку што е на водење и следење. Со други зборови, духовниот отец не смее да се гледа себе како оној кој издава едикти, туку како оној кој го води лаикот кој од Бога му е предаден за да се грижи за него; тој води со зборови и дела. Може да се најдат толку многу примери за ова во животите на Светите, што е бесцелно да започнам да ги цитирам тука. Треба само да се каже дека односот меѓу лаикот и неговиот духовен отец не е правен однос; не е заснован на завет на послушание (иако, по Божја благодат, овој однос може да биде многу близок меѓу определен духовен отец и чедо). Поправо, тој е жива врска мешу две живи души, едната поискусна од другата, едната способна да го покаже патот затоа што веќе почнала да оди по него, а другата волна да верува и да следи. Упокоението схемамонах Јован, кој долго време бил отец исповедник во Валаамскиот Манастир, кој исто така имал и духовни чеда кои не биле монаси, го срочил ова на овој начин: „Мудриот духовен живот е јасно објаснет во пишувањата на Светите Отци, но сето она што тие го напишале може најдобро да се разбере преку живеењето. Духовниот отец е оној кој мора да ги живее овие принципи, според неговата сила и благодатта која му е дадена, пред очите на сите негови духовни чеда. На оние кои се обраќаат кон мене, бедни колку и јас, ќе им го дадам моето мислење, и тогаш секогаш велам: -Но, разгледај ја работата самиот ти.“ Духовниот отец не принудува, не дава наредби; подобро, тој го фаќа духовното чедо за рака и го води по патот нежно, но цврсто.

Трето, оние кои се во можност да дадат духовно водство се толку ретки, што лаикот мора да посвети огромно внимание пред да го предаде своето послушание некому. Токму поради ова големиот старец од дветнаесетиот век Макариј Оптински му го напишал ова на еден лаик: „Секако дека е голема утеха, и голема помош на патот, да најдеш раководител под чие што водство нашата волја ќе биде излечена од самоволието, а нашиот ум од саможивноста. Но овие денови, тоа е најтешко да се најде.“ Доколку пред сто години било тешко да се најде духовен отец, во последните денови на благодатната Русија, колку потешко е за нас денеска! Еден современик на старец Макариј, кој и самиот бил голем духовен водач, светиот епископ Игнатиј Брјанчанинов, предупредувал со следниве зборови: „Вообразените и своеглавите луѓе сакаат да поучуваат и да даваат насоки. Тие не се грижат за вредноста на нивните совети. Нив не им значи тоа што можат да предизвикаат непоправлива штета на нивниот ближен преку нивниот лош совет, што од неискусниот почетник е прифатен со неодговорна доверба. Тие сакаат да го импресионираат почетникот, и да го подведат морално под себе. Тие посакуваат човечка слава. Тие сакаат да бидат познати како светители, мудри старци, учители со духовен опит. Тие сакаат да ја негуваат нивната ненаситна суета.“

Послушанието и лаикот, прв дел

По дефиниција, православен Христијанин е оној кој настојува да биде послушен на Заповедите и, истовремено, послушно се обидува да ги исполни потребите на православниот начин на живеење, откриени во Светото Писмо и Светото Предание. Следствено, послушното одење на светите богослужби, честото примање на Таинствата, постењето на повеќедневните пости, давањето милостиња, милосрдието, итн - сите овие нешта, дури и повеќе од нив, го сочинуваат минимумот кој се очекува од оние кои Го следат Иисуса Христа. Сепак, ова свето послушание е само почетокот за секој кој сака себе да се нарече Христијанин; ова се првите чекори во духовниот живот, во запазувањето на она што Господ нè научи: „Ако ме љубите, пазете ги Моите заповеди. Кој ги има заповедите Мои и ги пази, тој е оној што Ме љуби; Кој не Ме љуби, не го запазува словото Мое.“ (Јован 14, 15; 14,21; 14,24) Токму поради ова свети Пајсиј (Величковски) има напишано: „ Запазувањето на Божјите заповеди и Неговите зборови не е ништо друго туку совршено послушание кон Христа Господа.“ Од овие зборови православниот Христијанин брзо сфаќа колку во целост му недостига духот на послушност и љубов.

Толку основни, толку суштински се овие први послушнички чекори, што сепак, не можат да се поминат многу лесно. Сепак, поради тоа што го претставуваат смиреното и напорно започнување и чекорење по тесниот пат кон Царството Небесно, тие се воедно и најнепривлечно за новобратените православни Христијани, и често се запоставени. Токму затоа свештеникот кој се среќава со новообратените ќе им го зададе претходно кажаниоѕ набожен начин на живот, насочен не само да го провери нивното послушание, туку да го допре попрво нивното срце отколку умот. Според зборовите на свети Јован Кронштатски: „Многу опасно е да се разбие – да се образува – само разбирањето, само интелектот, и да се игнорира срцето. Ние мораме, над сè, да се обрнеме кон срцето, оти срцето е живот... за да може да ги насочи сите мисли, желби и наклонувања на човекот низ неговиот живот. “

Многу преобратени никогаш не ги надминуваат овие основни побарувања за послушност кон принципите за Православен начин на живеење; всушност, некои го поминуваат сиот нивен живот борејќи се со сето ова. Но на оние на кои им е дадено да одат подлабоко, да го надминат бебешкото млеко на духовноста, нив ги очекува искуството на силното вино на Православното послушание. Целта на овој краток есеј е да го разгледа овој тип на послушание - послушание кон духовниот отец - во животот на православниот лаик.

(текстот е напишан од јеромонах Амвросиј (Јанг), претходно свештеник Алексеј, духовно чедо на преподобен Серафим Платински.)

13.1.10

Вистината

Во Христијанството, вистината не е философски концепт, ниту пак некоја теорија, учење, или систем, туку напротив, е жива теантропска Ипостас - историскиот Исус Христос (сп. Јован 14,6). Пред Христа луѓето можеле само да ја претпоставуваат (да ја толкуваат) Вистината, затоа што не ја поседувале. Со Христос, како воплотен божествен Логос, вечно севкупната божествена Вистина влегува во светот. Поради оваа причина Евангелието вели: „Вистината произлезе од Иисуса Христа“ (Јован 1,17).

7.1.10

Во тело се облече...

Иако Синот е бестелесен, сепак создаде тело за Себе, според нашиот облик. Се појави како една од овците, но Тој сепак остана Пастир. Беше проценет како слуга, а сепак не го остави Синовството. Беше носен во утробата на Марија, но сепак ја имаше природата на Својот Отец. Чекореше по земјата, но ги исполнуваше небесата истовремено. Се покажа како бебе, без да ја отфрли вечноста од Својата природа. Во тело се облече, но (со телото) не ја ограничи неслеаната простост на Неговото Божество... Му требаше храна онолку колку што беше Човек; но, не престана да го храни сиот свет онолку колку што е Бог. Се облече во лик на слуга, не нарушувајќи го подобието и едносуштноста со Отецот.

6.1.10

Најважниот ден во историјата

Преку Бого-Човекот Христос, се’ Божјо стана и човечко, наше, за секој од нас личносно и сите од нас заедно во Богочовечкото тело Христово, Црквата, да можеме да станеме богочовечни, придобивајќи „состојба на совршен маж, до мера на полната возраст на Христовото совршенство“ (Ефес. 4,13). Токму затоа Божик, денот на рождеството на Богочовекот, Господ Исус Христос, е најголемиот и најважниот ден во историјата на сите светови низ кои човекот се движи и живее.