28.8.07

Успение на Пресвета Богородица

При раѓањето девството го зачува,
при упокојувањето светот не го остави, Богородице,
се престави кај животот,
Мајко на Оној што е Живот,
и со Твоите молитви ги избавуваш од смрт нашите души.

23.8.07

Молитва за мир

Господи Исусе Христе, Боже наш, прости ни ги сите наши гревови и беззаконија, со коишто го раздразнивме Твоето човекољубие и ја разгневивме Твојата благост. Отстрани го од нас Твојот праведен гнев, смири ги сите раздори, немири и безредија што се случуваат сега кај нас, умири ги крвопролитјата и меѓусебните борби и дај им мир, тишина, љубов, закрепнување и скоро помирување на Твоите луѓе, коишто си ги искупил со Твојата скапоцена крв поради славата на Твоето име и за утврдување и закрепнување на Твојата света Црква. Амин.

19.8.07

Преображение на Господ наш Исус Христос



Се преобрази на гората, Христе Боже,
покажувајќи им ја Твојата слава на Твоите ученици,
колку што можеа, да ни засвети и нам, грешните,
Твојата вечнопостојна Светлина по молитвите на Богородица,
Дарителу на Светлина, слава Ти.

14.8.07

Свети Ефрем Сирин за постот

Возљуби ја Христовата скромност за духовно да се обогатиш. Возљуби го прекрасниот пост, зошто е дело достојно и богоугодно. Постот - тоа е кочија која води кон небото. Постот ги раѓа пророците. Тие што постат имаат чесно тело и скапоцена душа. Постот го успокои Лазара во прегратката на Авраама. Затоа и ние да го возљубиме, за да не’ прими Авраамовото крило. Да го избегнуваме раскошот и да не бидеме робови на пијанството - тие се извори на блудството. Пијанството не Го прима Господа - туку напротив, пијанството Го отстранува од нас Светиот Дух. Постот е пат кон покајанието и виновник за солзите. Постот не го сака светот, ниту пак, она што е во него. Нека не паѓаме во униние додека постиме, зашто во секоја црква ангелите ги запишуваат имињата на оние кои постат. Постот е туѓ за злопамтењето - оние, кои во умот ги чуваат огорчувањата и направеното им зло, макар и навидум да постат и да се молат, прилегаат на луѓе кои црпат вода и ја налеваат во продупчената бочва. Бог не ги прима молитвите на човек кој го помни злото на брата си.

Нека биде слава и сила на Господа, сега, секогаш, и во сите векови. Амин!