26.2.08

Молитвата

Свети Ефрем Сирин

Молитвата е големо оружје, неоскудно богатство, неисцрпна ризница, мирно пристаниште, корен на мирот, мајка на илјада добрини: молитвата е нешто посилно и од царството! Се случува неретко, човеко облечен во диајдема, да лежи болен на одар, да гори во силен оган, да го окружуваат лекари, телохранители, военоначалници и робови; и при сето ова, ниту искуството на медицината, ниту разнообразноста на лекарствата, ниту грижите на домашните, ниту присуството на пријателите, ниту скапоцената положба, ниту количината на парите, ниту пак, било кое човечко средство е во состојба да му олесни и да го подигне од леглото. Меѓутоа, ако при болниот дојде човек, со смелост пред Бога и се допре до неговото тело и направи над него чиста и срдечна молитва, може да ја прогони од страдалникот неговата болест - и тоа, што не можеа да го направат силата, богатството, слугите, знаењето, опитпт ни величието - да го направ молитвата на бедниот и ништожен по дух човек со вера!

Тука подразбирам и разбирајте молитва не студена, формална, словесна, - туку молитва на духот, придружена со болка на срцето, со напрегање на умот, со непопустливост на волјата: зашто таквата молитва се искачува на небото. Водата, додека тече во рамница и има шир се разлева, никогаш не може да се насочи кон височина. Меѓутоа, кога средствата и рацете на техничарите ја заробуваат во низината и ја затвораат во водоводни цевки, тогаш таа, стеснета, побргу од стрела се искачува високо: така е и со човечката душа - поради големата слобода, таа се рассејува и разлева во светот; меѓутоа, кога животните случки ќе ја стеснат, тогаш во тој промислен притисок таа упатува нагоре чиста и усилна молитва за поткрепа. Затоа и псалмопејачот вели: „Кон Господа повикав во маката своја, и Он ме услиши“ (Псал. 119,1).

Голема е силата на молитвата - таа го изгаснала пламенот на оганот, ја обуздала јароста на лавовите, соборила полкови, скротувала бури, изгонувала бесови, ги отварала вратите небесни, ги раскинувала веригите на смртта, исцелувала болести, остранувала несреќи, закрепнувала колебливи тврдини; запирала удари од горе, пресекувала човечки клевети - со еден збор, спасувала од секакви несреќи! Подразбирам пак, молитва не вообичаена, што лежи на усните, туку молитва што произлегува од длабочините на срцето. Како што дрвото, кое има длабоки корени може да ги пречека и издржи ветровите и бурите, без да се прекрши и искорени, така и молитвата, упатена од длабочината на душата, длабоко вкоренета во срцетом се простира кон небесата без да се прекине од било каква соблазнувачка помисла. Така се молел и светиот пророк и цар Давид: „Од дното на душата повикав кон Тебе, Господи“ (Псал. 129,1)

22.2.08

1 Јов. 2:7-17

Мили мои, не ви пишувам нова заповед, туку стара заповед што ја примивте од почетокот. Старата заповед е словото што го чувте. Но сепак, ви пишувам нова заповед која е вистинита и во Него и во вас, зашто темнината поминува, а вистинската светлина веќе свети.
Оној што вели дека е во светлината, а го мрази својот брат, тој се уште е во темнината. Оној кој го љуби својот брат останува во светлината и кај него нема соблазна. А оној кој го мрази својот брат е во темнината и во темнината живее и не знае каде оди, зашто темнината му ги заслепила очите.

Ви пишувам вам, чеда, бидејќи гревовите ви се простени заради Неговото име. Ви пишувам вам, татковци, бидејќи Го познавте Оној Кој беше од почетокот. Ви пишувам вам, момчиња, бидејќи го победивте злиот. Ви напишав вам, деца, бидејќи Го познавте Таткото. Ви напишав вам, татковци, бидејќи Го познавте Оној Кој беше од почетокот. Ви напишав вам, момчиња, бидејќи сте силни и Божјото слово е во вас и бидејќи го победивте злиот.

Не љубете го светот, ниту световните работи. Ако некој го љуби светот, љубовта на Таткото не е во него, зашто се што е во светот: похотата на телото, похотата на очите и суетната гордост на животот, не е од Таткото, туку од светот.

Светот заминува, и неговата похота, а оној кој ја извршува Божјата волја останува во вечни векови.

10.2.08

Блажени се бедните по дух

Древните монаси имале обичај да речат дека Исусовата молитва е скратено Евангелие; дека се чини како на секоја страница од Евангелието тивко дише и со невидлива светлина сјае Исусовата молитва.

Светиот апостол Јован Богослов рекол дека целта на Евангелието е на луѓето да им се открие дека Исус Христос е Син Божји, и дека тие, верувајќи во Него, имаат во себе живот вечен (види: Јован 20,31). Преку Исусовата молитва, срцето човечко не добива од книга, ниту од луѓе, туку од благодатта сведоштво дека Христос е навистина Син Божји и дека само во Него е вечниот живот. Сите заповеди на Новиот и Стариот Завет пред нас може да се разоткријат како учења за Исусовата молитва.

Првата заповед на блаженствата гласи: „Блажени се бедните по дух“ (Матеј 5,3). Духовната беда е внатрешно самоодрекување. Преку нејзиното усвојување човекот ги отфрла своите илузорни богатства, она што е толку многу ценето од слепиот и страстен свет. Тој се откажува од привременото и минливото, од она што станува плен на распадливоста и смртта. Се ослобудва тој од своите страстни врски, и со болка ги откинува од срцето, како црви припиени на раните. Тој престанува да им верува на своите судови, во кои има лага. Неговата душа личи на пловило од кое додека има невреме се исфрла сиот товар за да не се преплави и да не потоне на дното заедно со сите скапоцености кои се скриени во неговата внатрешност. Или на борец, ’рвач, кој разголен (осилен) излегува на мегдан (стапува во борба), за противникот да не може да го потегне за облеката и да го фрли на земја. Беден по дух е оној кој не се надева на себе, туку на Бога, не на своите таленти, не во помошта од луѓето, туку само во Божјата промисла. На тој начин тој не го отфрла само светот, туку и сликите за светот од својата душа, мислите кои му го заматуваат умот. Да се биде беден по дух значи чување на своето срце слободно за Бога. Да се биде беден по дух значи одрекување од сè само за Единиот, и во Тој Единствен да се добие сè. Но доколку за надворешната, телесна беда и сиромаштија доволно е само еднаш да се раздаде сиот свој имот, дотолку за духовната сиромаштија е неопходна постојана внатрешна борба со сликите на овој свет.

Човекот никогаш не може да ја исполни оваа заповед совршено, и тоа е пат кој не завршува. Да се биде ништожен (бедем) по дух значи да се биде со умот, заедно со молитвата во своето срце, и да се растеруват сите мисли кои излегуваат од неговата длабочина. Да се биде беден по дух значи да Му се служи на Бога во тајноста на молчаливото срце, сиромашно за мислите на овој свет. А спасувајќи се од сопствените мисли, човекот се спасува и од демонот на тагата. И затоа бедниот по дух секогаш е радосен. Во срцето на бедниот по дух се раѓа Исусовата молитва. Во срцето на „богатиот“ со мисли, макар и тие мисли да се блескави и возвишени, молитвата почнува да бега и да гасне. Блажената беда е – откажување од бештенствените и мислени богатства поради Бога. Постои и инаква, сатанска беда, а тоа е губењето на самиот Бог. Во таа смисла бедни се демоните: тие имаат сè, освен Бога.

Повеќето од нашите помисли во нас ги сеат темните духови, и токму затоа одбивањето на тие помисли значи враќање на лажниот имот на сиромашните – на демоните, на оние кои со мечти ја исполнуваат нашата острастена душа и нашиот суетен ум. Оние кои станале бедни по дух по Бога не треба повторно да го заработуваат отфрленото „богатство“, оти ќе произлезе дека е Сизифов труд; човекот го носи каменот до врвот, но овој му се истргнува од рацете и повторно се тркала надолу. Бедниот по дух треба да се одрече не само од она што во душата ги буди страстите и отворено го мами на грев, туку и од сè она што не е од Бога: световната уметност и книжевност, празните разговори, игри и забави, секоја непотребна информација. Па дури и во читањето на духовни книги, тој треба себе да се ограничува за да не одзема време и сила на она што е подобро – на молитвата – и да не се случи неочекувано во себе да разбуди духовно сластољубие и горделивост (празно славољубие). Простото читање на духовни книги без раководство во тоа, во секојдневниот живот претставува кривотворење на духовноста, лага, неправедно богатење од кое и треба да се одрече бедниот по дух. Духовното знаење кои не е стекнато со мака и крв, и не се во живот претворени, од човекот прават фарисеј, кој со познавањето на Тората се гордее. Кај бедните по дух дури и молитвата не смее да биде многузборна. На бедата негова многу повеќе му прилега молитва куса по форма, но долга по траење. На бедата не и’ личи сликовито и поетично да ја опишува својата беда, ниту да поставува дрма пред публиката, - за неа е доволен само (еден) збор – „ помагајте! “ Вистинската беда, без разлика дали е телесна или духовна, не е многузборна. И затоа сето учење за Исусовата молитва и за борбата со мислите, кое нам ни беше предадено од светите отци, во својата суштина е разоткривање и исполнување на секогаш истата прва заповед – Блажени се бедните по дух.

Aрхимандрит Рафаил (Карелин)