31.10.09

Поучение свакому христиану

Ете тако се празнуат великиј ден, кој ест христианин и кој ест радлив за своја душа. А како гледам во едни села, да чува Господ, дип грубо.

Ни христиани можем да ги наречем, ни пак неверници. Великиј Петок и Велика Субота јадат и пијат, и великиј пост хора играат, со жена у постеља спиат, на забита се клеветет, давиа чинат, се пцуат, се тепаат, на сам ден Велик Ден Причештиа чекаат. А попот узел, осом села попуат, каде по напред да стасат, трчат от село на село, со меинзил носит Свјатии Тајн. А едни сиромаси христиани дури ги жалим зашто до само полдне чекаат попа, на сам царскиј Великиј Ден гладни стоат и чекаат попа да му донесат Причесна и викаат: „Се забави попот, тоа му било, она му било!“ Другиј пак велит: „Хајде да му се натепамо, ќи уште еднаш да не се забават!“ А еднии, чорбаџие што сат, мало позенгини, како кметинке, пак тија велат: „Не така. Да го тепамо, ќе не глобит забитот. Токо мије, ка што сме се собрале в куп, да идемо да потнесемо овен на агата или на пашата, да му аливерисамо ќутек, ем да го напудимо, да земемо друготого попа, ако е подалеко со куќата.“ Пак другиј кмет велит за другото тамо! Овај поп се забават, ама бре помало земат, ем вересие пеет, чекат за паре со години, а другио поп со Турци си земат хекот, ако му не платиш.“

Одломка од текстот „Поучение свакому христиану како подобает празновати празници господарских и свјатих и како подобает причаститисја Својатое Причештение“ од делото „Огледало“

21.10.09

За дарувањето

Сумата која ја даваме не се мери според големината на дарот, туку според големината на нашите срца. Сиромашната жена која ја дели својата посна чорба со друга сиромашна жена е за поголема пофалба отколку богатиот човек кој остава неколку златници во храмот. Но, иако повеќето христијани ја признаваат оваа вистина, нивните зборови и дела испраќаат поинаква порака. Кога некој богат човек дарува голем подарок за црквата, нему сесрдно му се заблагодарува; и макар што тој воопшто нема да го почувствува недостигот на тие пари, тој бива фален за неговата дарежливост. Кога некој сиромашен човек дарува мал подарок, ништо не се вели; и иако токму тој дар може да направи да биде гладен (да нема со што да купи јадење), никој не го фали, ниту му благодари. Многу подобро би било да не се фали никој, отколку да се ограничи нашата пофалба на богатиот. Уште подобро, треба да се трудиме да го согледаме секој еден вистински чин на дарежливост, без разлика дали е од богатиот или сиромавиот, и потоа да ја понудиме нашата пофалба. Навистина, да бидеме дарежливи со нашата пофалба онолку колку што се луѓето дарежливи со нивните пари.

19.10.09

Молитвата и љубовта

Молитвата е работа на љубовта. Човекот искусува љубов преку молитвата, и ако се молиме, тоа е доказ дека Го љубиме Бога. Доколку не се молиме, тоа е доказ дека не Го љубиме Бога, оти мерата на нашата молитва е мерка на нашата љубов кон Бога. Свети Силуан ја идентификува љубовта кон Бога со молитвата, и Светите Отци говорат дека заборавањето на Бога е најсилна од сите страсти, зашто е единствената страст која не може да се победи со молитва во името Божјо. Доколку се смириме себе си и ја повикаме Божјата помош, верувајќи на Неговата љубов, ни се дава силата да ја победиме секоја страст; но кога не мислиме на Бога, непријателот е слободен да не’ погуби.

7.10.09

Проштално писмо на старец Порфириј

Возљубени мои духовни чеда,

Сега, додека ми е умот уште здрав, сакам да ви дадам неколку совети.

Уште како малечок, целиот бев во гревови. А кога ме праќаше мајка ми да ја чувам стоката во планината, зашто татко ми - бидејќи бевме сиромашни - беше отишол во Америка да работи на Панамскиот канал заради нас, таму, додека ги пасев овците, го читав, збор по збор, житието на свети Јован Колибар и многу го засакав свети Јован, и кажав многу молитви како дете од дванаесетина-петнаесетина години, не се сеќавам добро. И сакајќи да го подражавам, со многу тешкотии заминав кришум од родителите и дојдов во Кавсокаливи, на Света Гора, и им станав послушник на двајца старци, родени браќа, Пантелејмон и Јоаникиј.

Се погоди тие да бидат многу побожни и доблесни и проади тоа многу ги возљубив и им бев крајно послушен. Тоа многу ми помогна, почувствував голема љубов и кон Бога и си поминав прекрасно. Но по Божјо допуштение, поради моите гревови, многу се разболев и старците ми рекоа да одам кај родителите, во моето село, во свети Јован во Евија. И иако од малечок имав направено многу гревови, кога се вратив во светот продолжив со гревовите, коишто се’ до денес, многу се намножија. Светот пак, ме знае по добро и сите велат дека сум свет.

Јас, пак, чувствувам дека сум најгрешниот човек во светот. Се разбира, тоа на што се сеќавав го исповедав и знам дека за тие работи што ги исповедав Бог ми прости. Но сега имам едно чувство дека и моите духовни гревови се многу и ве молам сите коишто сте ме запознале да се молите за мене, зашто и јас во животот со многу скрушеност се молев за вас. А сега кога ќе одам на невото, имам чувство дека Бог ќе ми рече: „Што бараш ти овде?“ Јас имам едно да Му речам: „Не сум достоен, Господи за овде, но што сака љубовта Твоја нека направи со мене.“ Оттука па натаму не знам што ќе се случи. Посакувам да подејствува љубовта Божја.

И секогаш посакувам моите духовни чеда да Го возљубат Бога, Којшто е во се’, да не’ удостои да влеземе во Неговата надземна, неракотворна Црква. Зашто одовде треба да почнеме. Јас секогаш се трудав да се молам и да ги читам химните на Црквата, Светото Писмо и житијата на нашите светители и посакувам и вие да го правите истото. Јас се обидов со благодатта Божја да Му се приближам на Бога и посакувам и вие да го правите истото.

Ве молам сите вас, да ми простите за се’ со што ве навредив.

свештеномонахот Порфириј,
Кавсокаливи 4-17 јуни 1991

2.10.09

Пустинските отци раскажуваа...

Во манастирот „Св. Георгиј“, старецот беше благословен со монаси кои немаа убави гласови. Годишното празнување на празникот на св. Георгиј не беше многу впечатливо, пред се’ поради неубавите звуци кои доаѓаа од певницата. Една година, старецот ги собра сите монаси и им рече: „Видете, оваа година ќе ги поканам познатите псалти од соборната црква за празникот.“ Се рашири глас за тоа, и илјадници луѓе дојдоа во манастирот на празникот, и навистина беше величенствено. Познатите псалти од соборната црква беа во врвна форма, и дадоа се’ од себе. Старецот беше воодушевен, а исто така и скромните монаси на кои не им беше дозволено да пеат. После одбележувањето на празничните свечености, монасите се повлекоа во своите келии; и старецот се повлече за да одмори од сета возбуда која празнувањето ја донесе. Така, додека спиеше, св. Георгиј дојде пред него, и му рече: „Отец, мислам дека го заборави мојот празник. Денес се празнува споменот за мене, а ти не стори ништо. Зарем не те благословив доволно во претходнава година?“ И старецот му одговори: „Но, свети Георгиј, не знам каде беше, но ние имавме прекрасна прослава денес. Како може да не беше ти тука?“ Свети Георгиј му одговори: „Јас бев во црквата, и видов река од луѓе во неа, но не слушнав ништо.“