7.10.09

Проштално писмо на старец Порфириј

Возљубени мои духовни чеда,

Сега, додека ми е умот уште здрав, сакам да ви дадам неколку совети.

Уште како малечок, целиот бев во гревови. А кога ме праќаше мајка ми да ја чувам стоката во планината, зашто татко ми - бидејќи бевме сиромашни - беше отишол во Америка да работи на Панамскиот канал заради нас, таму, додека ги пасев овците, го читав, збор по збор, житието на свети Јован Колибар и многу го засакав свети Јован, и кажав многу молитви како дете од дванаесетина-петнаесетина години, не се сеќавам добро. И сакајќи да го подражавам, со многу тешкотии заминав кришум од родителите и дојдов во Кавсокаливи, на Света Гора, и им станав послушник на двајца старци, родени браќа, Пантелејмон и Јоаникиј.

Се погоди тие да бидат многу побожни и доблесни и проади тоа многу ги возљубив и им бев крајно послушен. Тоа многу ми помогна, почувствував голема љубов и кон Бога и си поминав прекрасно. Но по Божјо допуштение, поради моите гревови, многу се разболев и старците ми рекоа да одам кај родителите, во моето село, во свети Јован во Евија. И иако од малечок имав направено многу гревови, кога се вратив во светот продолжив со гревовите, коишто се’ до денес, многу се намножија. Светот пак, ме знае по добро и сите велат дека сум свет.

Јас, пак, чувствувам дека сум најгрешниот човек во светот. Се разбира, тоа на што се сеќавав го исповедав и знам дека за тие работи што ги исповедав Бог ми прости. Но сега имам едно чувство дека и моите духовни гревови се многу и ве молам сите коишто сте ме запознале да се молите за мене, зашто и јас во животот со многу скрушеност се молев за вас. А сега кога ќе одам на невото, имам чувство дека Бог ќе ми рече: „Што бараш ти овде?“ Јас имам едно да Му речам: „Не сум достоен, Господи за овде, но што сака љубовта Твоја нека направи со мене.“ Оттука па натаму не знам што ќе се случи. Посакувам да подејствува љубовта Божја.

И секогаш посакувам моите духовни чеда да Го возљубат Бога, Којшто е во се’, да не’ удостои да влеземе во Неговата надземна, неракотворна Црква. Зашто одовде треба да почнеме. Јас секогаш се трудав да се молам и да ги читам химните на Црквата, Светото Писмо и житијата на нашите светители и посакувам и вие да го правите истото. Јас се обидов со благодатта Божја да Му се приближам на Бога и посакувам и вие да го правите истото.

Ве молам сите вас, да ми простите за се’ со што ве навредив.

свештеномонахот Порфириј,
Кавсокаливи 4-17 јуни 1991