25.3.07

Свето Евангелие според Марка 10,32-45

Кога беа на пат, искачувајќи се за Ерусалим, Исус одеше пред нив, а тие беа уплашени, па врвејќи по Него, се боеја. И кога ги повика повторно дванаесетте, почна да им зборува за она што ќе се случи со Него. „Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на незнабошците. И ќе Го исмеат, и ќе Го бијат, и ќе Го плукаат, и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.“

Тогаш пристапија кон Него Зеведеевите синови, Јаков и Јован, и рекоа: „Учителе, сакаме да ни направиш она, што ќе побараме.“ Он ги праша: „Што сакате да ви направам?“ А тие Му одговорија: „Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во славата Твоја.“ Но Он им рече: „Не знаете што барате. Можете ли да ја испиете чашата што ја пијам Јас и да се крстите со крштавањето, со кое се крштавам Јас?“ Тие одговорија: „Можеме.“ А Исус им рече: „Чашата што ја пијам Јас, ќе ја пиете и вие, и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите; но, да позволам да се седи од Мојата десна или лева страна, не зависи од Мене; тоа е за оние, за кои е приготвено.“

Десетте пак, штом го чуја тоа, негодуваа против Јакова и Јована. А Исус, кога ги повика, им рече: „Знаете дека оние, што се сметаат кнезови народни, господарат над нив, и управнците управуваат над нив. Но меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите. Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина.“

24.3.07

Молитва за смирување на скарани

Човекољубив Господи, Царе на мирот, Христе Боже наш, Ти ја урна преградата на непријателството и им го даде Твојот мир на луѓето, за да живеат по Твојата волја и да му се радуваат на вистинскиот живот. Ти ни заповеда да се сакаме еден со друг и да има мир меѓу сите луѓе, особено меѓу оние кои го познале вистинскиот Бог, Отецот на љубовта.

Ти рече: „Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји“. Се покорувам на Твојата света волја, Ти се молам, Владико, дарувај им мир на Твоите чеда (имињата) што се скарани. Просвети го нивниот разум со Твојат светлина и стопли им ги срцата со Твојата љубов, за да не дозволат злото да ги овладее и да ги оддалечи од тебе. Стивни ја во нив расправијата и изгони ги сите соблазни за разномисленост. Вкорени го во нив стравот од Тебе, за да не се погордеат нивните срца и да не бараат одмазда. Дај им го она што служи за мир и взаемно поучување, зашто многу е убаво и многу пријатно кога браќата живеат заедно и во мир. Не оставај ги и натаму скарани: ослободи ги од робувањето на човечкиот непријател, приведи ги во твојот мир и спаси ги.

Поткрепи ме и мене да бидам постојан во нивното смирување, за да ја исполнувам Твојата волја за зголемување на мирот и љубовта меѓу Твоите луѓе, да ја запознаам радоста на миротворците, кои Ти ги нарече синови Божји. Ти си нашиот мир. Тебе Те прославуваме заедно со Отецот и Светиот Дух, сега, секогаш и во вечни векови.

Амин!

13.3.07

Псалм 150

Фалете Го Бога во Неговата светиња, фалете Го во цврстината на силата Негова; Фалете Го поради Неговите сили, фалете Го поради многуте величија Негови. Фалете Го со трубен звук, фалете Го со псалтир и гусли; Фалете Го со тимпани и во оро, фалете Го на струни и со свирка; Фалете Го со милозвучни кимвали, фалете Го со кимвали громогласни! Се’ што дише - нека Го фали Господа! Алилуја!

9.3.07

Поука

Има две состојби на чиста молитва: едната им соодвествува на оние што се подвизуваат во искуството на добродетелите, а другата на оние што се подвизуваат во созерцанието. Првата возникнува во душата од стравот Божји и добрата надеж, а втората од Боженствената љубов и повозвишената чистота.

Признаци на првата се прибраноста на умот и неговото оддалечување од сите световни мислиизвршување на сосредоточена и од ништо непоматена молитва, како Сам Бог да стои пред нас, што навистина и се случува. Признак на втората состојба е обземеноста на умот од Боженствената бескрајна светлина, при негово устремување кон молитвата, кога тој не се чувствува ниту самиот себеси, ниту било што друго, освен Единствениот, Кој преку Својата љубов го исполнува со озарение. Тогаш, движејќи се близу до логосите што се околу Бога, умот ги восприема чистите и јасни откровенија за Него.