24.3.07

Молитва за смирување на скарани

Човекољубив Господи, Царе на мирот, Христе Боже наш, Ти ја урна преградата на непријателството и им го даде Твојот мир на луѓето, за да живеат по Твојата волја и да му се радуваат на вистинскиот живот. Ти ни заповеда да се сакаме еден со друг и да има мир меѓу сите луѓе, особено меѓу оние кои го познале вистинскиот Бог, Отецот на љубовта.

Ти рече: „Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји“. Се покорувам на Твојата света волја, Ти се молам, Владико, дарувај им мир на Твоите чеда (имињата) што се скарани. Просвети го нивниот разум со Твојат светлина и стопли им ги срцата со Твојата љубов, за да не дозволат злото да ги овладее и да ги оддалечи од тебе. Стивни ја во нив расправијата и изгони ги сите соблазни за разномисленост. Вкорени го во нив стравот од Тебе, за да не се погордеат нивните срца и да не бараат одмазда. Дај им го она што служи за мир и взаемно поучување, зашто многу е убаво и многу пријатно кога браќата живеат заедно и во мир. Не оставај ги и натаму скарани: ослободи ги од робувањето на човечкиот непријател, приведи ги во твојот мир и спаси ги.

Поткрепи ме и мене да бидам постојан во нивното смирување, за да ја исполнувам Твојата волја за зголемување на мирот и љубовта меѓу Твоите луѓе, да ја запознаам радоста на миротворците, кои Ти ги нарече синови Божји. Ти си нашиот мир. Тебе Те прославуваме заедно со Отецот и Светиот Дух, сега, секогаш и во вечни векови.

Амин!