27.10.06

Преподобна мајка Параскева



Го засака пустинскиот и тих живот
и ревносно тргна по Христа, твојот Жених.
Неговиот благ јарем во својата младост
примајќи го, со крсниот знак храбро се вооружи
против духовниот непријател. Со испоснички
подвизи, постот и молитвата и солзните капки,
си го изгаснала жарот на страстите, достојнославна
Параскево. И сега во небесните дворови со мудрите
девојки, стоејќи пред Христа, моли се за нас кои
го почитуваме твојот вечен спомен.

7.10.06

Молитва на дете за себе

Господи Исусе Христе, Ти си рекол: „Оставете ги децата да доаѓаат при Мене, и не бранете им“. Затоа и јас, слабо и немоќно дете, доаѓам кај Тебе, Ти се поклонувам смирено и Ти се молам од се’ срце да ме земеш под Твојата закрила. Господи, ти си благ и милостив. Кога си бил на земјата, си им помагал на луѓето; си ги лекувал од нивните болести и слабости, си ги просветувал нивните души, за да ја познаат вистината и да прават секакво добро. И откако си се вознел на небото, не си ги оставил луѓето без Твојата помош, но секогаш си им испраќал благодат за лекување на нивните телесни и душевни немоќи кога се обрнувале кон Тебе со чисто срце и искрена молитва.

И оваа моја молитва е искрена и чиста. Многу Ти се молам, Боже мој, не ме оставај да грешам, зашто гревовите се болест и тие пречат да станам добар и умен човек. Испрати ми ангел чувар за да ме запазува од секакво зло и да ме води кон добро. Учи ме постојано да ги сакам сите луѓе, особено моите родители, браќата, сестрите и роднините. Помагај ми да бидам послушно и разумно дете, да не се противам на добрите совети на моите родители, учители и духовните наставници. Не ми давај, Боже, да ја заборавам молитвата и да не си спомнувам за Тебе. Зашто за мене нема поголемо добро од тоа секогаш да си спомнувам за Твоето свето име и дека Си Ти секогаш со мене и ме поткрепуваш.

Ти, Господе Исусе Христе си страдал, и си бил распнат на крстот заради нас, луѓето: да не’ спасиш од гревот и злото. Па како можам да го заборавам ова и сите добрини што ги правиш за нас? Затоа и јас, како ерусалимските деца што Те пречекале со песни и славословија, го воспевам Твоето име и Ти се молам непрестајно - дојди кај мене и кај сите луѓе, да биде Твојата волја како на небото, така и на земјата. Амин!

1.10.06

Собор на македонските светители


Со божествена проповед го просветивте народот
македонски, и со лачите на евангелската вистина
ја украсивте вселената, светители сефални.
Славејќи Го Христа Господа, Кого Го засакавте
од својата младост како божји угодници станавте
жители на небесата, столбови и заштитници
на Македонската Црква. Усрдно го празнуваме
вашиот спомен и ви се молиме:

Бидете застапници пред Христа, нашиот Бог,
за мир и спасение на нашите души!