25.12.09

Молитва кон свети Спиридон Чудотворец

Голем и пречудесен светителу Спиридон, пофалбо Керкирска, блескаво светило на целата вселена, пред Бога топол молитвенику за сите оние кои прибегнуваат кон тебе и брз застапнику на сите оние кои со вера ти се молат! Меѓу Отците на Никејскиот собор преславно верата православна си ја објаснил, единството на Пресвета Троица со чудесна сила си го покажал, а еретиците до крај си ги посрамил. Услиши не’ нас грешните кои ти се молиме, Светителу Христов, и со твоето силно застапништво пред Господа избави не’ од секоја неволја, од глад, потоп, оган и смртоносни рани.

Во својот привремен живот од сите неволји си ги избавувал луѓето, од налетите агарјански и од глад си ја спасувал својата земја, царот од неизлечива болест си го избавил и многу грепници кон покајание си ги привел, мртвите преславно си ги воскреснувал, а поради светоста на твојот живот во црквата ангели невидливо ти сослужувале и пееле. Така те прослави тебе, Својот верен слуга, Владиката Христос, во сите скриени дела човечки да проникнеш те дарувал, и да ги разобличиш оние кои неправедно живеат. На мнозина во беда и сиромаштија усрдно си им помагал, во време на глад немоќните си ги нахранувал, и многу други дела со силата на Духот Свет Кој во тебе престојува си извршувал.

Не не’ оставај ниту нас, Светителу Христов, спомни си за чедата свои пред Престолот на Седржителот, и измоли од Бога да ни дарува опростување на нашите многубројни гревови, спокоен живот, непосрамен и мирен завршеток на нашиот живот, и удостој не’ со вечните блаженства на идниот век, за секогаш слава и благодарност да Му вознесуваме на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш, и во вековите на вековите. Амин.

22.12.09

Вулгаризирана вистина

Раната Црква била наследник на култовите на Синагогата и Хеленистичките таинства. Таинствата биле предодредени само за неколкуте, малкумина иницирани. Но бидејќи сета Империја им припаѓала на иницираните, таинствата биле предадени на народот. Опасноста од оваа вулгаризација наишла на ретроактивен процес. Сега Црквата се обидела да ги заштити и прикрие таинствата повторно, особено Евхаристијата, која е сржта на Црковниот живот и култ. И од тука следува тенденцијата, а подоцна и правилото за тајното читање на молитвите за осветување на даровите, како и ред други; развојот на олтарот ограден со висок иконостас, кој целосно ќе го сокрие светилиштето од верните. И така, под влијание на доцниот неоплатонски теургичен јазик, новите вербални покривала на таинствата, кои ги прават возвишени и недостапни, па дури и опасни за недостојните.

18.12.09

Молитва кон преподобниот и богоносен отец наш Сава Осветен

О, преубав и сефален угоднику Божји, преподобен отец Саво! Скрушено стоејќи денес во твојот свет храм, пред твојата света икона, и радосно празнувајќи го пресветлиот твој спомен, те прославуваме тебе, заштитнику наш. Почитувајќи ја големата смелост која ја имаш пред Господа, смирено те молиме, Преблажен: милостиво прими ги од нас овие пофални песни, кои од љубов усрдно ти ги принесуваме и, имајќи голема смелост пред Господа, побрзај со своето богоугодно застапништво од Царот на царевите и Господарот на господарите да измолиш да ја излие Својата голема и богата милост на нас, грешните, да ни подари дух на вистинска вера, дух на знаење и љубов, дух на мир и радост во Духот Свет, да не’ избави од непријатности и искушенија, и да ни испрати се’ што е корисно за спасение на нашите души.

На сите православни нека им испрати мир, тишина, спокој, ревност во исполнувањето на Неговите заповеди, изобилие на земни плодови; и сета наша земја нека ја избави од глад, земјотреси, поплави, оган, меч, напади од туѓинци, меѓусебни расправии и борби, смртоносни рани и секое зло.

О, угоднику Божји, не презирај го ова молење, туку услиши не’ нас кои ти се молиме и под твојата закрила сочувај не’ од лукавствата на видливите и невидливите непријатели, да се удостоиме својот живот во покајание да го завршиме, и вечните добра да ги примиме во Царството на Христос, нашиот Бог, во кое со тебе и сите Светии ќе Го прославуваме достојното за поклони Име на Пресвета Троица, на Отецот, и Синот и Светиот Дух, во вековите на вековите. Амин.

Свети Сава Осветен (5/18 декември) се повикува како молитвен застапник за телесна чистота и целомудрие на мислите.

15.12.09

Стотица втора, глава дваесет и прва

Оној кој го вежба својот ум за свештени подвизи и ги прогонува од себе страсните помисли врши ѓаконска служба; соодветен на свештеник е оној кој го просветува умот со познанието на постоечките нешта и го уништува лажното знаење, а епископско дело врши оној, кој го прави својот ум совршен помазувајќи го со светото миро на познанието на Светата Троица, на Која и’ се поклонуваме.

8.12.09

Старецот Авакум говореше

Радоста доаѓа од заедницата и односот меѓу човекот и Бога. Човештвото е создадено да биде радосно, не тажно. Кога уживаш во погрешни работи, бездруго ќе платиш за сите задоволства кои си ги имал. А Божјата радост не бара отплата. На пример јас, кој не поседувам ништо на овој свет, не можам да платам за среќата која ја имам. Јас не сум единствениот кој ја објавувам оваа вистина. Моите братја монаси, кои исто така немаат ништо освен Бога, се исполнети со радост. Се испразнив (м.з. кеноза) себе си Христа ради. И немам ништо; Го имам само Бога и радоста.

Сиромаштвото е убаво, затоа што ослободува. Секој треба да се испразни себе си, за да направи место Христос да влезе во неговото срце. Кога Господ е со мене, тука е мојата среќа. Во секоја подвижничка пештера може да најдете духовна радост.

23.11.09

Душата е жива во Бога

Душата не може да живее освен доколку неизмерно и без забуна е соединета со Бога, Кој вистински е Живот вечен (1 Јов. 5,20). Пред да се случи ова соединување во спознавање, видување и проникнување, (душата) е мртва, иако е обдарена со словесност и е по природа бесмртна...

31.10.09

Поучение свакому христиану

Ете тако се празнуат великиј ден, кој ест христианин и кој ест радлив за своја душа. А како гледам во едни села, да чува Господ, дип грубо.

Ни христиани можем да ги наречем, ни пак неверници. Великиј Петок и Велика Субота јадат и пијат, и великиј пост хора играат, со жена у постеља спиат, на забита се клеветет, давиа чинат, се пцуат, се тепаат, на сам ден Велик Ден Причештиа чекаат. А попот узел, осом села попуат, каде по напред да стасат, трчат от село на село, со меинзил носит Свјатии Тајн. А едни сиромаси христиани дури ги жалим зашто до само полдне чекаат попа, на сам царскиј Великиј Ден гладни стоат и чекаат попа да му донесат Причесна и викаат: „Се забави попот, тоа му било, она му било!“ Другиј пак велит: „Хајде да му се натепамо, ќи уште еднаш да не се забават!“ А еднии, чорбаџие што сат, мало позенгини, како кметинке, пак тија велат: „Не така. Да го тепамо, ќе не глобит забитот. Токо мије, ка што сме се собрале в куп, да идемо да потнесемо овен на агата или на пашата, да му аливерисамо ќутек, ем да го напудимо, да земемо друготого попа, ако е подалеко со куќата.“ Пак другиј кмет велит за другото тамо! Овај поп се забават, ама бре помало земат, ем вересие пеет, чекат за паре со години, а другио поп со Турци си земат хекот, ако му не платиш.“

Одломка од текстот „Поучение свакому христиану како подобает празновати празници господарских и свјатих и како подобает причаститисја Својатое Причештение“ од делото „Огледало“

21.10.09

За дарувањето

Сумата која ја даваме не се мери според големината на дарот, туку според големината на нашите срца. Сиромашната жена која ја дели својата посна чорба со друга сиромашна жена е за поголема пофалба отколку богатиот човек кој остава неколку златници во храмот. Но, иако повеќето христијани ја признаваат оваа вистина, нивните зборови и дела испраќаат поинаква порака. Кога некој богат човек дарува голем подарок за црквата, нему сесрдно му се заблагодарува; и макар што тој воопшто нема да го почувствува недостигот на тие пари, тој бива фален за неговата дарежливост. Кога некој сиромашен човек дарува мал подарок, ништо не се вели; и иако токму тој дар може да направи да биде гладен (да нема со што да купи јадење), никој не го фали, ниту му благодари. Многу подобро би било да не се фали никој, отколку да се ограничи нашата пофалба на богатиот. Уште подобро, треба да се трудиме да го согледаме секој еден вистински чин на дарежливост, без разлика дали е од богатиот или сиромавиот, и потоа да ја понудиме нашата пофалба. Навистина, да бидеме дарежливи со нашата пофалба онолку колку што се луѓето дарежливи со нивните пари.

19.10.09

Молитвата и љубовта

Молитвата е работа на љубовта. Човекот искусува љубов преку молитвата, и ако се молиме, тоа е доказ дека Го љубиме Бога. Доколку не се молиме, тоа е доказ дека не Го љубиме Бога, оти мерата на нашата молитва е мерка на нашата љубов кон Бога. Свети Силуан ја идентификува љубовта кон Бога со молитвата, и Светите Отци говорат дека заборавањето на Бога е најсилна од сите страсти, зашто е единствената страст која не може да се победи со молитва во името Божјо. Доколку се смириме себе си и ја повикаме Божјата помош, верувајќи на Неговата љубов, ни се дава силата да ја победиме секоја страст; но кога не мислиме на Бога, непријателот е слободен да не’ погуби.

7.10.09

Проштално писмо на старец Порфириј

Возљубени мои духовни чеда,

Сега, додека ми е умот уште здрав, сакам да ви дадам неколку совети.

Уште како малечок, целиот бев во гревови. А кога ме праќаше мајка ми да ја чувам стоката во планината, зашто татко ми - бидејќи бевме сиромашни - беше отишол во Америка да работи на Панамскиот канал заради нас, таму, додека ги пасев овците, го читав, збор по збор, житието на свети Јован Колибар и многу го засакав свети Јован, и кажав многу молитви како дете од дванаесетина-петнаесетина години, не се сеќавам добро. И сакајќи да го подражавам, со многу тешкотии заминав кришум од родителите и дојдов во Кавсокаливи, на Света Гора, и им станав послушник на двајца старци, родени браќа, Пантелејмон и Јоаникиј.

Се погоди тие да бидат многу побожни и доблесни и проади тоа многу ги возљубив и им бев крајно послушен. Тоа многу ми помогна, почувствував голема љубов и кон Бога и си поминав прекрасно. Но по Божјо допуштение, поради моите гревови, многу се разболев и старците ми рекоа да одам кај родителите, во моето село, во свети Јован во Евија. И иако од малечок имав направено многу гревови, кога се вратив во светот продолжив со гревовите, коишто се’ до денес, многу се намножија. Светот пак, ме знае по добро и сите велат дека сум свет.

Јас, пак, чувствувам дека сум најгрешниот човек во светот. Се разбира, тоа на што се сеќавав го исповедав и знам дека за тие работи што ги исповедав Бог ми прости. Но сега имам едно чувство дека и моите духовни гревови се многу и ве молам сите коишто сте ме запознале да се молите за мене, зашто и јас во животот со многу скрушеност се молев за вас. А сега кога ќе одам на невото, имам чувство дека Бог ќе ми рече: „Што бараш ти овде?“ Јас имам едно да Му речам: „Не сум достоен, Господи за овде, но што сака љубовта Твоја нека направи со мене.“ Оттука па натаму не знам што ќе се случи. Посакувам да подејствува љубовта Божја.

И секогаш посакувам моите духовни чеда да Го возљубат Бога, Којшто е во се’, да не’ удостои да влеземе во Неговата надземна, неракотворна Црква. Зашто одовде треба да почнеме. Јас секогаш се трудав да се молам и да ги читам химните на Црквата, Светото Писмо и житијата на нашите светители и посакувам и вие да го правите истото. Јас се обидов со благодатта Божја да Му се приближам на Бога и посакувам и вие да го правите истото.

Ве молам сите вас, да ми простите за се’ со што ве навредив.

свештеномонахот Порфириј,
Кавсокаливи 4-17 јуни 1991

2.10.09

Пустинските отци раскажуваа...

Во манастирот „Св. Георгиј“, старецот беше благословен со монаси кои немаа убави гласови. Годишното празнување на празникот на св. Георгиј не беше многу впечатливо, пред се’ поради неубавите звуци кои доаѓаа од певницата. Една година, старецот ги собра сите монаси и им рече: „Видете, оваа година ќе ги поканам познатите псалти од соборната црква за празникот.“ Се рашири глас за тоа, и илјадници луѓе дојдоа во манастирот на празникот, и навистина беше величенствено. Познатите псалти од соборната црква беа во врвна форма, и дадоа се’ од себе. Старецот беше воодушевен, а исто така и скромните монаси на кои не им беше дозволено да пеат. После одбележувањето на празничните свечености, монасите се повлекоа во своите келии; и старецот се повлече за да одмори од сета возбуда која празнувањето ја донесе. Така, додека спиеше, св. Георгиј дојде пред него, и му рече: „Отец, мислам дека го заборави мојот празник. Денес се празнува споменот за мене, а ти не стори ништо. Зарем не те благословив доволно во претходнава година?“ И старецот му одговори: „Но, свети Георгиј, не знам каде беше, но ние имавме прекрасна прослава денес. Како може да не беше ти тука?“ Свети Георгиј му одговори: „Јас бев во црквата, и видов река од луѓе во неа, но не слушнав ништо.“

30.9.09

Секој кој се помирил со материјалниот свет

и не е загрижен за спасението на својата душа е како птиците во бессознание, кои не прават никакви звуци од внатре во јајцето; кои не ја кршат лушпата и не се испилуваат, за да уживаат на сонцето и небесниот лет во рајскиот живот, туку остануваат неподвижни и умираат во лушпата од јајцето.

24.9.09

Молитва на св. Силуан Атонски

Света Дево Марие, кажи ни нам, на твоите чеда,
за твојата љубов на земјата кон твојот Син и Бог.
Кажи ни како твојот дух се зарадува во Бога Спасителот,
Кажи ни како погледна на Неговиот убав мир,
и објави дека тоа е Оној
Кого сите небесни воинства го очекуваат со страв и љубов.
Кажи ни што твојата душа почувствува кога во раце
Го држеше чудесното Бебе.
Кажи ни како Го одгледувавте Него,
како, со болно срце, со Јосифа го баравте
три долги дни во Ерусалим.
Кажи ни за твоето страдање
кога Господ беше предаден на распнување,
и исправен претрпе смрт на Крстот.
Кажи ни каква беше твојата радост на Воскресението.
Кажи ни како твојата душа копнееше по Господовото Возенесение.
Копнееме и ние да го знаеме твојот земен живот со Господа, но
ти не беше склона да ги преточиш сите овие нешта во писание,
и ги обви тајните на твоето срце во тишина.

22.9.09

Праведни Богоотци Јоаким и Ана


Тропар
глас први

Иже в законней благодати праведни бывше,/
Младенца Богоданнаго породиша нам, Иоаким и Анна./
Темже днесь светло торжествует,/
весело празднующи Божественная Церковь,/
честную вашу память,/
славящи Бога, воздвигшаго рог спасения нам в дому Давидове.

20.9.09

За еден наш чекор, Бог прави десет

Старец Пајсиј прекоруваше некои од своите посетители, кои се чудеа слушајќи ги чудесните случки од житиите на светителите од синаксарите, на пример, како свети Симеон Столник живеел на еден дрвен столб четириесет години (според тоа, ние сме осудени, и за нас е недостижно спасението - велеа некои), и им велеше:
Не сте го прочитале добро тоа; оти, не ги читаме ние синаксарите за да изгубиме надеж и да паднеме во униние, туку да се возвеселиме, да се зајакнеме и да добиеме надеж која ќе ни помогне во овој наш личен полет, воскресение и преображение! Ако свети Симеон Столпник поминал четириесет години на дрвен столб, тогаш ти контролирај го својот гнев четириесет минути, односно, направи нешто според твојата мера! Ако овие луѓе ги оставиле своите родители, ги напуштиле своите браќа, пријатели, училиштата и светлите успеси кои сигурно би ги постигнале, тогаш ти напушти го тоа што те разделува од Бога!

Според тоа, Старечникот, и сите тие убави четива и приказни се добри само тогаш кога носат резултати, кога постануваат отскочна даска, будилници, труби кои повикуваат на будење, за и ние да ги најдеме процентите на нашата одговорност, мерата на своите можности,за и ние да го најдеме она што можеме да го понудиме; да го понудиме она што можеме да го понудиме, а не она што не можеме, но и да не го оставиме и да не го направиме она што можеме. Ова е многу важно и тоа е тоа што се бара. Значи, навистина е убаво и пријатно да се говори за сите овие луѓе. Но јас, исповедувајќи, ви велам дека секој пат кога читам или слушам или гледам такви луѓе, се проверувам и измачувам себе си што не правам ништо околу здобивањето на нешто корисно, односно што не се предавам на Бога, оти тогаш и Бог ќе ми Се даде и мене.

Затоа што на еден наш чекор, Бог прави десет, но ние треба да го направиме овој прв чекор, за да ја покажеме нашата слободна волја, за да покажаме дека навистина посакуваме и сакаме Бог да биде владетел на нашиот живот и дека Бог не е нешто маргинално, туку Некој Кој ни е потребен. Дека Бог е Оној Кој не’ привлекува и ги разубавува нашите денови и ноќи, нашиот севкупен живот!

17.9.09

За Божјата промисла

Што и да ти се случи, прифаќај го како добро, знаејќи дека ништо што се случува не се случува без Бога.

9.9.09

Агапе

„Нека ве гонат, но вие не гонете ги другите. Нека ве распнуваат, но вие не распнувајте ги другите. Нека ве навредуваат, но вие не навредувајте ги другите. Нека ве клеветат, но вие не клевете ги другите... Радувајте се со оние кои се радуваат, и плачете со оние кои плачат. Тоа е знакот чистотата. Страдајте со болните. Тажете со грешните. Воскликнете со оние кои се каат. И секому бидете пријатели. Но во духот останете осамени... Раширете ја вашата плаштаница над секој кој паѓа во грев и заштитете го. И доколку не можете да ја превземете неговата вина на себе, и да ја прифатите неговата казна место него, не убивајте ја неговата личност. “

2.9.09

Повикувајте го непрестано името

Повикувајте го непрестано името на Господа Исуса Христа, за срцето да Го испие Него, а Он - срцето, и на тој начин двајцата да станат едно.

24.8.09

Акатист на Успението на Пресвета Богородица

Кондак 1

Тебе, избраната од сите родови, избраната Божја Мајка и Царица, Која се искачи од небото до земјата, побожни песни Ти принесуваме, Тебе, ние Твоите слуги за Твоето пречесно Успение, Богородице; Ти која имаш победа над смртта, од сите смртоносни неволји избави нé, за да Ти повикуваме:

Радувај се, благодатна, зашто во Твоето Успение не нé остави!

Линк за спуштање на целиот акатист

Извор: „Богородичен Псалтир со молебен и акатисти“, 2008, Повардарска Епархија

21.8.09

Со срце и ум

Да се обраќаме со синовско срце кон Бога, со ум на судија кон себе и со мајчинско срце кон ближниот.

3.8.09

Да се следи Христос

Христос е неограничен Бог. Тој не Се распна само за верните, туку за сите луѓе од Адам, до последниот кој од жена ќе се роди. Да се следи Христос, значи да се страда за исцеление и спасение на целото човештво. Поинаку не бива.

23.7.09

„Јас сум ние“

Имало двајца монаси, кои живееле одвоено во пустината, секој во својата ќелија. И секој од нив се подвизувал на свој начин. Се случило еднаш, едниот од нив, да појде и да го посети другиот, во Христа брат. Кога стигнал пред вратата на братот, тој чукнал, и од внатре слушнал глас, кој го прашал: „Кој си ти?“ Монахот одговорил: „Јас сум јас.“ На тоа немало никаков одговор, и вратите од ќелијата на другиот монах останале затворени. Монахот - гостин се заминал во својата ќелија. По неколку години, тој повторно пошол да го посети својот соподвижник. Откако чукнал на вратата, повторно слушнал глас, кој го прашал: „Кој си ти?“ Овој пат, монахот одоговори: „Јас сум ние.“ И тогаш вратите се отвориле, браќата се виделе, во Духот Свет се поучувале и во Христа се радувале.

22.7.09

Царскиот пат на Крстот на нашиот Господ

Кога Мојсеј го фрли стапот на земја, стапот се претвори во змија, и толку го исплаши, што тој побегна (Исход 4,3). Но кога, по Божја заповед ја пружи раката и ја фати за опшаката, змијата повторно постана стап, кој Мојсеј го носеше пред него, раздвојувајќи го Црвеното море и изведувајќи го Израилот од Египетското ропство.

Крстот и трпението се стапот; доколку ги насочиш кон земјата, не можеш да ги видиш како ништо друго, освен змија, од која што бегаш, плашејќи се од отровот и смртта. Но кога ги фаќаш со десната рака на правилното размислување, а тоа е, кога го гледаш посакуваниот крај на овие жалости и несреќи, тогаш радосно ќе гледаш во крстот на стапот Мојсеев, како те избавува надвор од делата на гревот, водејќи те кон небесниот Ерусалим. И затоа, гледај во небесата, каде што крстот ќе те поведе; гледај во блажената вечност која е ветена на оние кои смирено го поднесуваат крстот. На оние кои пливаат во брзотечните реки, им се советува да гледаат или во небото, или на бреговите на реката, за да не бидат збунети од брзината на речната струја и бидат удавени.

Секој од нас мора да плива низ морето на искушенија. Но, за морските бранови да не го збунат твојот ум, треба да имаш силно срце и својот поглед да го наспчиш кон небесата: „имајќи го предвид не видливото, туку невидливото, бидејќи видливото и времено, а невидливото - вечно“ (2Кор 4,18).

Извадок од „Царскиот пат на Крстот на нашиот Господ“

16.7.09

Вистинска и совршена молитва

Собата на душата е телото; вратите се петте телесни сетила. Душата влегува во својата соба кога умот не застранува ваму-таму, талкајќи помеѓу стварите и световните работи, туку останува внатре, во нашето срце. Нашите сетила стануваат и остануваат затворени кога не им дозволуваме страстно да се поврзат со надворешните, сетилни ствари и на тој начин нашиот ум останува слободен од секаква земна приврзаност, и преку тајната умна молитва се соединува со Бога Отецот.

Бог Кој ги гледа сите тајни нешта ја гледа умната молитва и јавно ја наградува со големи дарови. Оти, онаа молитва е вистинска и совршена, која ја исполнува душата со света благодат и духовни дарови.

од „Како сите Христијани мора непрестано да се молат“

13.7.09

Кондак 7

Сакајќи вистината да ја утврдиш и Црковниот мир да го осигураш, ти, апостоле Павле, поборнику на правдата, си дошол во Светиот Град. Таму, на Соборот на светите апостоли и верниците си сведочел заедно со Петар и Варнава: дека Светиот Дух дише каде што сака, давајќи им благодат во изобилство на Евреите и незнабошците, обрезаните и необрезаните, спасувајќи ги сите и се со вера, а не со мртви дела на стариот закон. И така, сите верници, навистина добивајќи слобода и мир, сврзувани со нитката на љубовта, благодарно Му пеат на Бога: Алилуја!



од акатистот на светите првоврховни апостоли Петар и Павле

3.7.09

Молитва кон св. Наум Охридски Чудотворец

Тебе, угоднику на живиот Бог, Науме, Чудотворче, кој си го исполнил законот на нашиот Бог и Спасител -- Исус Христос и си здобил од Него живот вечен, ти се поклонувам со љубов и ти благодарам со смирение за безбројните твои чудодејства со кои си им помагал на немоќните луѓе и си Го прославил името на Својот Бог и Спасител. Тебе, верен слуго на нашиот Бог и Спасител, ти се даде благодатта на Пресветиот Божји Дух - бесови да изгонуваш, болни да исцелуваш, немоќни да подигнуваш, мачени да утешуваш и во сите неволји на луѓето да им помагаш.

Заради тоа, ние, иако недостојни, те почитуваме како духовна лира низ која се излева сила и небесна утеха врз оние на кои им е потребна, и со славословие Го прославуваме Творецот Кој ти подари тебе - обичниот човек таква божествена сила и достоинство. И сега кон тебе приоѓам со поклонување и умиление, праведнику и пријателу на Ангелите, преподобен оче наш Науме; не престанувај да се молиш за целиот Православен род Христијански пред Престолот на Пресветата, Единосуштна Троица - за праведниците и грешниците, за сите кои се на власт, за сите кои во неволји страдаат, за епископите, иереите и дјаконите, ктиторите и дарителите на светите храмови, за оние кои доаѓаат и се поклонуваат пред твоите свети и пречесни мошти, за болните и со вера упокоените, за старците и момците, за девојките и мајките. Светителу, оче наш Науме, човеку Божји, покриј ги нашите слабости и исцели ги нашите болести со твоите молитви.

Уште се молиме, сега и за Божјиот слуга име) кој страда од немоќ и неподносливи рани. Ако со нив се сврзал заради својот грев, или своите родители, или некои свои роднини и поради грев ја добил оваа болест, посредувај, о, ангелоподобен светителу, пред престолот на Господа Кој те прослави, да му го прости гревот и раната да му ја исцели. Ако пак болеста е допуштена од Бога, по светиот Божји збор: „Оној што Бог го љуби него и го казнува, го бие секој син што го прима при Себе“, милостиво замоли Го Семилостивиот и Седобриот Бог, да се смилува на овој Свој слуга и да не допушта поголемо страдање отколку што тој може да поднесе како човек. Луѓето се телесни и ништожни и ниедно страдање не може да се поднесе без благодатта на Бога, Кој нас не’ закрепнува.

Светителу, оче наш Науме, брзо услиши не и исцели го Божјиот слуга (име) со твоите молитви, да не речат неверниците: „Каде е неговиот Бог?“ О свет и преподобен оче Науме, покажи ја и на овој Твој слуга твојата сила што ти е подарена од Семоќниот Господ и која и досега си ја покажувал на безброј болни и немоќни кои и приоѓаат на твојата чесна рака со вера, покајание и молитви. Направи го целосен, здрав душевно и телесно; одгонувај го и изгонувај од него пакосникот на човечките тела - ѓаволот; закрепни го неговото тело со здравје и сила, за да може душата негова да се подвизава, кае и подготвува за Царството. Одгонувај ја од него предвремената смрт, за да може и понатака, со добри дела да Му угодува на Благиот Бог и да ја стекне милоста Божја на Страшниот Суд.

Помоли се, о преславен Науме, чудотворче, за својот слуга (име, да му се простат гревовите волни и неволни, и очисти го од секаква нечистотија со твојот Свет Дух и со твоите свети молитви, оче наш Науме, па и во него да се прослави Светата Троица, Која тебе те прослави: Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

22.6.09

Во молчењето Бог Се открива

Небото, земјата, морето, со еден збор - сиот овој свет е голема и преславна Божја книга во која со самото молчење Се открива проповеданиот Бог.

17.6.09

Молитва на старец Софрониј за започнување на денот

(се кажува при станување од постелата)

Вечен и Беспочетен Цару, Ти кој Си пред сите светови, Создателу мој, Кој си ги повикал сите нешта од небитие во живот: благослови го овој ден што Ти, по твојата неискажлива добрина, го даруваш на мене. Со силата на Твојот благослов направи во секое време во денов кој доаѓа да глаголам и делувам за Тебе, во Твоја слава, во Твој страв, според Твојата волја, со чист дух, во смирение, трпеливост, љубов, нежност, мир, храброст, мудрост и молитва, и насекаде да бидам свесен за Твојата присутност.

Да, Господи, по Твојата огромна милост води ме преку Светиот Твој Дух во секоја добра работа и збор, и дарувај ми целиот мој живот да го минам покрај Тебе без да се сопнам, според Твојата праведност која Си ни ја открил за да не ги зголемувам моите прегрешенија. Многумилостив Господи, поштеди ме мене кој гинам во изопаченост; не сокривај го Своето лице од мене. И кога мојата зла волја ме води да пропаѓам по други патишта, не напуштај ме, Спасителу, туку врати ме на Твојот свет пат.

O предобар Господи, пред Кого сите срца се отворени, Ти ја знаеш мојата беда и мојата непромисленост, моето слепило и безполезност, но и страданијата на мојата душа се пред Тебе. Поради тоа и Те молам: чуј ме во мојата неволја и исполни ме со Твојата сила одозгора. Крени ме мене, од гревови неподвижниот, и избави ме мене, од страсти обременетиот. Исцели ме од секоја скриена рана. Очисти ме од секоја нечистотија на телото и духот. Заштити ме од секоја внатрешна и надворешна побуда која е непријатна пред Тебе и болна за мојот брат. Те молам: утврди ме да одам по патот на Твоите заповеди и до последното издихание мое не оставај да заскитам од светлината на Твоите повеленија, за Твојот закон да биде единствениот закон на моето постоење во овој живот и вечноста.

Боже, мој Боже, кон Тебе се обраќам за многу и велики нешта: не оставај ме. Не ме оттргнувај од Твојата присутност поради мојата самообразеност и бесрамност, но преку силата на Твојата љубов води ме по патот на Твојата волја. Подари ми да Те љубам како што и Си повелал, со сето мое срце, со сета моја душа, со сиот мој ум и сите мои сили: со сето мое битие.

Зошто Ти самиот Си Свети бранител и семоќен заштитник на мојот живот, и Тебе Ти прилега секоја слава и кон Тебе во молитва прибегнувам. Подари ми да ја познаам Твојата вистина пред да се разделам од овој живот. Одржувај го мојот овоземен живот сè додека не Ти понудам вистинско покајание. Не земај ме во средината на моите дни, и кога ќе благоволиш да го приведеш при крај мојот живот, предупреди ме за мојата смрт, за да ја припремам мојата душа за средбата со Тебе. О, Господи, биди со мене во мојот велик и свет ден, и дарувај ми ја радоста на Твоето спасение. Очисти ме од пројавени и сокриени гревови,од сиот немир кој е скриен во мене; и дај ми да го чујам добриот одговор пред Твојот страшен престол, на Судот. Амин.

12.6.09

Блажен Августин за молитвите кон мачениците

Но, нашите маченици (сведоци) не се наши богови; зошто ние знаеме дека и мачениците и ние имаме еден ист Бог. Ниту пак нивните (на иноверните) чуда кои се случиле во нивните храмови, можат да се споредат со оние чуда кои се случуваат на гробовите на нашите маченици. Доколку и изгледаат слични, нивните богови се поразени од нашите маченици, како што фараоновите волшебници беа поразени од Мојсеј. Во реалноста, демоните ги вршат чудата со истата нечиста гордост, со која посакаа да бидат богови на народите; а мачениците ги вршат овие чуда, односно Бог ги врши по нивните молитви и застапништво, за да внесат поттик во верата со која веруваме дека тие не се наши богови, туку имаат, заедно со нас, Еден Бог.

... Но, на нашите маченици ние им градиме храмови, не како на богови, туку како споменици на упокоени луѓе чии духови живеат со Бога. Ниту подигаме олтари во овие споменици за да принесуваме жртви на мачениците, но на Единиот Бог, Бог на мачениците и наш Бог; и во таа Жртва тие се спомнати според нивното место и степен како Божји луѓе кои го освоиле светот исповедувајќи Го (Христа), но не се повикуваат од свештенослужителот кој ја принесува Жртвата. Оти, на Бога, а не ним, ја принесуваме бескрвната Жртва; оти, тој е Божји свештенослужител, не нивен. И самата Жртва, исто така, е Телото Христово, кое не им се нуди ним, оти тие самите се Негово Тело.

(„За Градот Божји“ книга 22)

30.5.09

Молитвата без љубов

е како птица, која, иако изгледа добро и убаво, не може да лета, оти нема крилја.

28.5.09

Почеток на дишењето

Нашето срце секојдневно умира со духовна смрт. Топлата молитва во плач е негово оживување, почеток на неговото дишење. Ако секојдневно не се молиме со духовна топлина, тогаш лесно ќе умреме духовно.

25.5.09

Еден млад човек


го праша старецот што да прави во животот, односно кој пат да го избере и што од него сака Бог. Старецот му одговори: „Чедо мое, Бог го сака она што го сакаш и ти. Бог никого не го присилува да го следи овој или оној пат. Бог е духовен Началник и Тој ја почитува човечката слобода. Тој не е војсководител за сите да ги построи во еден строј. Еве што сака Бог: чесно да го исполниш она што си го избрал. Ако одбереш да бидеш монах, тогаш биди добар монах. Ако го избереш фамилијарниот живот, тогаш биди добар татко на семејството.

21.5.09

Молитва кон светиот апостол и евангелист Јован Богослов

О, голем апостолу, громогласен евангелисту, извонреден богослову, на недостижните откровенија тајновидецу, девственику, и мил љубимецу Христов Јоване, прими нé со своето својствено милосрдие нас, грешните, кои прибегнуваме кон твојата моќна заштита и покровителство. Измоли од семилосрдниот човекољубец Христос и Бог наш, Кој пред твоите очи ја изли Својата сескапоцена крв за нас, непотребните Свои слуги, да не Си спомене на беззаконијата наши, туку да се смилува на нас, и со нас да постапи по Својата милост, да ни дарува душевно и телесно здравје, секоја благодат и изобилие, учејќи нé сето тоа да го употребуваме во слава на твојот Творец, Спасител и Бог наш; и по завршувањето на привремениот живот да ги избегнеме, свет апостолу, немилосрдните испитувања кои нé очекуваат на воздушните митарства, и под твое водство и покровителство да стигнеме во небесниот Ерусалим, чија слава си ја видел во откровението, а сега се насладуваш со онаа радост која ветена е на избраниците Божји.

О, голем Јоване, сочувај ги сите градови и земји христијански, и сите православни христијани од глад, помор, земјотреси, поплави, пожари, непријателски напади и меѓусебни војни; избави нé од секаква неволја и напаст, и со своите молитви одврати го од нас праведниот гнев Божји, и измоли ја за нас Неговата милост.

О, голем и недостижен Боже, Алфо и Омего, извору и сливу на нашата вера! Еве, за молитвен застапник свој Ти го предложуваме свети Јован, кого Ти си го удостоил преку неизречените откровенија да Те познае Тебе, неискажливиот Бог: прими го посредништвото негово за нас пред Тебе, исполни ги молбите наши во славата Твоја; но над сé усоврши нé со духовното совршенство, за да уживаме во бесконечниот живот и небесните семејства Твои!

О, небесен Оче, Творецу на сé, семоќен Цару! Со Својот прст допри ги срцата наши, и како восок ќе се растопат и истечат пред Тебе, и земната твар ќе стане духовна, во чест и слава на Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Амин!

11.5.09

Господ се јавува низ Светиот Дух

140. Благодатта се губи поради гордоста, и тогаш плачам како што Адам плачел, кога го изгубил рајот и говорел: „Каде си, Светлост моја, каде Радост моја? Зошто си ме отфрлил, та пати срцеот мое? Зошто си се сокрил од мене, нажалена е душата моја? Кога беше влегол во мојата душа, ги запали сите гревови мои. Всели се повторно во неа, и очисти ме повторно од гревовите кои Те сокриваат од мене, како што облаци го сокриваат Сонцето. Дојди и израдувај ме со Своето доаѓање. Зошто се колебаш, Господи? Гледаш - венее душата моја и со солзи Те бара. Каде си се сокрил? Ти си екаде присутен, на секое место, но душава не Те гледа и затоа боледува и со тага те бара. Исто така, кога си бил мало Дете, Пречиста Дева, заедно со праведен Јосиф Те со болка Те барала. Што ли се’ не помислувала таа во својот јад, кога не успеала да го најде својот мил Син? (Лк 2,48) Така и светите апостоли по смртта Господова биле нажалени во душата, зашто нивната надеж била уништена. Но Господ по воскреснувањето им се јавил, и тие Го познале и се зарадувале. Така и денес, Господ се јавува на нашите души и во Светиот Дух тие Го познаваат. Симеон Дивногорец бил мало дете кога му се јавил Господ. Порано тој не Го знаел, но кога му се јавил, тој Го познал Господа во Светиот Дух. Господ Го испратил на земјата Духот Свет, и преку Него се познава Бог, и се’ небесно, а без Него човекот е само грешна земја.

2.5.09

За скромноста

Во неговата книга „За молитвата“, отец Софорниј исто така посочува дека кога го собираме сето наше битие, и го поставуваме нашиот ум во длабочините на срцето, влезовите на душата ни се заштитени од искушенијата на злиот, и само тогаш престануваме да паѓаме во гревот. Ова, исто така е и моментот кога постануваме вистински скромни. Светителите ни дале многу дефиниции за скромноста, но јас лично, ја сакам онаа на свети Максим Исповедник. Според него, скромност е да се знае дека нашето битие ни е дадено „на заем“ од Бога, и ова признание го исполнува нашето срце со благодарност. Свети Максим исто така ја нагласува важноста од благодарност, велејќи дека благодарноста е еднаква на скромноста.

Постојат повеќе степени на скромност. Според старец Софрониј, пак, човекот ја достига вистинската скромност и го наоѓа своето срце кога станува свесен дека не е достоен за таков Бог како Христос. Скромноста тогаш го оспособува да ја прими и прифати откриената вистина која Христос ни ја подари. И прифаќајќи ја, добива благодат, која функционира како водич низ нашето срце, дозволувајќи ни да ги видиме неговата нечистотија и валканост, давајќи ни храброст да речеме „Да, Господи, јас сум гнасна крпа, јас сум прав и земја. Јас сум црв и не сум човек (Псалм 21,6). Јас сум најголем од сите грешници“, да позајмиме од зборовите на молитвите на пророците и апостолите. Вистинската скромност вклучува искрено стоење пред вистината откриена во Христа, и исповедување на нечистотијата и валканоста која ја носиме скриено во нас, без и да го знаеме тоа. Благодатта Божја тогаш фрла светло во нашата помрачена душа, и во Неговата светлина ја гледаме нашата светлина. „Во Твојата светлина ќе гледаме светлина“, како што пееме во Славословието (Псалм 37,9). Само кога Бог не’ осветлува по Неговата благост ние можеме да ја видиме вистинската светлина на нашето постоење.

За отец Софрониј не постои поголемо чудо во светот од моментот кога Нестворениот се соединува со створените. Тој тежнееше токму кон ова чудо сиот негов живот, како за себе, така и за сите оние кои доаѓаа да ја бараат неговата помош. Тој никогаш не бараше да биде чудотворец, и не обрнуваше внимание на чудата кои се случуваа по неговите молитви. Но, кога најголемото чудо на постоењето се случуваше, а тоа е, соединувањето на створените со Нестворениот, нашиот старец се радуваше, дури и ако личноста умираше физички.

Ова чудо е аналогно со Биг Бенг-от на астрономите, и со зборовите во Битието: „ 'Нека биде светлина' - И би светлина“. Кога се случува во срцето на човекот, се открива „вистинскиот човек“. Да се потсетиме на зборовите на св. Григориј Палама, во неговото Писмо до монахињата Ксенија, засновано на зборовите на светиот апостол Петар и Псалмите: „Нека биде светлина, и имаше светлина“. Свети Григориј Палама, со убав и поетско-богословски јазик го опиша овој духовен настан кој се случува кога зраците на несоздадената Светлина го продираат нашето битие, и „длабокото срце“ се отвора, и човекот го започнува своето „онтолошко делување“.

30.4.09

Не оставај ја молитвата

Каде и да се наоѓаш, без разлика дали ораш на поле, или одиш по пат, или ги пасеш овците, или седиш дома - не оставај ја молитвата. Внимавај да не си во непријателство со некој, оти Бог не ги прима молитвите на оној кој го мрази ближниот свој... Молитвата има многу препреки: сонот, млитавоста на душата, попуштањето на телото, лутањето со мисли... а најмногу од се’ побуната на лошите духови кои војуваат со душата и и’ бранат да се приближи кон Бога.

27.4.09

Големо богатство е молитвата

Големо богатство е молитвата, и сите богатства во себе ги содржи, оти го очистува срцето со кое верниот чекори кон Бога. Затоа и апостолот советува: „ молете се непрестано“ (1 Сол. 5,17)

„За трезвеноумието и молитвата“

25.4.09

Едно зрно прашина

Сакам созданието да проникне во вас во толкав восхит, така што каде и да одите, и најмалата билка може да донесе јасно сеќавање на Создателот. Една тревка или едно зрно прашина е доволно да го заземе сиот ваш ум во созерцание на уметноста преку која тоа нешто е создадено.

19.4.09

Совоскреснавме со Него

Ни беше потребен Бог воплотен и умртвен, за да живееме; да се соумртвиме, да се соочистиме; состанавме, затоа што се соумртвивме со Него, се сопрославивме, оти совоскреснавме со Него.

Христос воскресна! Навистина воскресна!
Krishti u ngjall! Vërtet u ngjall!
Χριστός Ανέστη! Αληθώς Ανέστη!

16.4.09

Постанувајќи пријатели Божји

Нивните души биваат оживеани и одново ја примаат благодатта на Светиот Дух, каква Адам ја имал пред престапот... Постанувајќи, на овој начин, достојни да бидат пријатели Божји, тие Го јадат Неговото Тело и Ја пијат Неговата Крв, и преку осветените Леб и Вино постануваат еднотелесни и еднокрвни со Бога Кој Се воплоти и Кој Се принесе Себе на жртва.

15.4.09

За значењето на Пасхалното јајце

Постојат повеќе толкувања околу символиката на велигденското јајце, како и причините и начинот на негово фарбање. Иако голем дел од обичаите кои го следат фарбањето (вапсувањето) се од сомнително протекло, постои Православно предание кое нуди објаснување на елементите кои го следат овој радосен чин. Имено, Православното предание го поврзува ритуалот на вапсување црвени јајца пред новозаветната Пасха, односно Велигден, со ликот на светата мироносица Марија Магдалена рамноапостолна. Во Светото Евангелие според светиот апостол Лука, ликот на Марија од Магдала (наречена Магдалена според Магдала, покрај Генисаретското Езеро од каде што е нејзиното потекло) е поврзан со нејзиното мачење од седум бесови, од кои ја ослободил Спасителот Исус Христос. Претходно живеејќи блуден и развратен живот, сега веќе излекуваната Марија доживела целосно преумување, и започнала да живее нов живот, станувајќи вистински верен следбеник на Христос. Посведочувајќи ја својата верност кон Христа за време на Неговата проповед, но и Неговото страдание и погребение (имено, таа била единствената која заедно со Пресвета Богородица и свети Јован Богослов стоеле под Крстот), Марија на третиот ден од Распнувањето пошла кон Христовиот гроб да Го миропомазе Спасителот Христос. Кога пристигнала таму, видела дека каменот е тргнат, и Христос не бил на местото каде бил положен. Марија побрзала да ги повика апостолите Петар и Јован, кои и самите се увериле дека Сонцето на Животот Го немало во гробот. Стоејќи подоцна сама на местото каде Христос бил положен, видела два ангела, за веднаш потоа да Го види својот Учител, кој и рекол да им каже на другите ученици дека Христос се враќа кај Неговиот и нивниот Отец, Неговиот и нивниот Бог; таа го сторила тоа, што всушност претставува и прва проповед на Воскресението Христово.

Апостолите понатаму го ширеле Благовестието на Христовото Воскресение по сите краишта на земјата, а со нив заедно заминала и Марија Магдалена, која според сведоштвото на Светото Предание, заминала да проповеда во паганскиот Рим. Таму таа насекаде Го проповедала Христа и Неговото учење, но кога луѓето не и верувале дека Тој воскреснал, таа им го повторила она што им го рекла и на апостолите: „Го видов Господа!“ Од голема ревност, го посетила и императорот Тибериј, на кому исто така му го проповедала Христовото Воскресение. Со неа понела и едно јајце, како символ на Новиот Живот и Воскресение, и давајќи му го на императорот, му се обратила со зборовите: „Христос воскресна!“ Тибериј ја отфрлил можноста за воскресение од мртвите, велејќи дека никој не може да воскресне од мртвите, исто како што и јајцето кое таа му го донела не може да стане црвено. Во тој момент, јајцето станало црвено, за и тоа да сведочи за зборовите на мироносицата, и таа ги повторила зборовите на апостолите - дека верата во Воскресението Христово не е како минливото злато и сребро, туку дека скапоцената Крв Христова е како неизвалкано и чисто Јагне. На тој начин се создала традицијата за подарување на пасхални јајца на денот на Пресветлото Воскресение Христово. Според едно древно манастирско правило, кое се чува во манастирската библиотека на свети Атанасиј, близу Солун, постои молитва на самиот ден на Воскресение за благословување на приложените јајца, во кое е означено дека игуменот ги разделува јајцата, велејќи им на возљубените: „Како што примивме од нашите свети отци, кои го зачуваа овој обичај уште од апостолско време, кога светата рамноапостолна Марија Магдалена пред верните прва го прикажала примерот на овој радосен дар.“

(преземено и преведено од материјали од Ерусалимската Патријаршија)

13.4.09

За спротивставеноста на злото и доброто

Темнината, браќа мои, никогаш нема никакво општење со светлината, туку тие се спротивставени една на друга. Кога на почетокот Бог рекол: ''нека биде светлина'', тогаш, штом се јавила светлината, темнината исчезнала; и повторно, само што се сокрила светлината, веднаш се појавила темнината. Слично на тоа, неверието е спротивно на верата, незнаењето на знаењето, омразата на љубовта. Сето време додека Адам ја чувал верата своја, која ја имал кон Бога, се наоѓал во рајот и во бесмртниот живот. Но, кога преку прелеста на непријателот на човекиот род - ѓаволот, се расипал и паднал во неверие, тогаш бил осуден на смрт и бил прогонет од рајот и наместо божественото и духовно знаење, примил плотско и страстно знаење. Оти, кога се помрачиле умните очи на неговата душа, кои се умот и мислата, тогаш тој прогледал со телесни очи и започнал страстно да гледа на видливото. Да не беше отпаднал од знаењето и созерцанието на Бога, тогаш не ќе беше ни пропаднал во страстното знаење кое е совршено непознавање на вистинското добро.

Слово 25

11.4.09

Евангелие според Јована, глава 11

Беше, пак, болен некој си Лазар, од Витанија, од местото на Марија и нејзината сестра Марта. А Марија чиј брат се разболе, беше онаа, кој Го помаза Господа со миро и ги избриша нозете Негови со својата коса. Тогаш сестрите нарачаа по Него, велејќи: “Господи, ете, оној што го милуваш, болен е.” Штом чу Исус, рече: “Таа болест не е за умирање, туку за слава Божја, за да се прослави Синот Божји преку неа.” А Исус ја сакаше Марта, и сестрата нејзина, и Лазара. А кога чу дека е болен, тогаш остана сва дена во местото, каде што се наоѓаше. Потоа им рече на учениците: “Да отидеме пак во Јудеја!” Учениците Му рекоа: “Рави, сега сакаа да те убијат со камења, и пак ли таму ќе одиш?” Исус одговори: “Нели дванаесет часови има во денот? Кој оди дење, не се сопиња, зашто ја гледа светлината на оној свет; а кој иди ноќе, се сопиња, оти нема светлина во него.” Ова им го кажа, а потоа им рече: “Лазар, пријателот наш, заспал; но ќе отидам да го разбудам.” Тогаш учениците Негови рекоа: “Господи, ако заспал, ќе стане.” Исус го рече тоа за смртта негова, а тие мислеа дека говори за заспивање со сон. Тогаш рече Исус отворено: “Лазар умре. Но се радувам заради вас, зашто не бев таму, та да поверувате - туку, да отидеме при него.” Тогаш Тома, наречен Близнак, им рече на учениците: “Да отидеме и ние да умреме со него.” Кога дојде Исус, најде, дека тој веќе четири дена е во гроб. А Витанија беше близу до Ерусалим, околу петнаесет стадии; и мнозина Јудејци беа дошле при Марта и Марија да ги утешат за брата им. Кога чу Марта дека иде Исус, излезе пред Него; а Марија седеше дома. Тогаш Марта Му рече на Исуса: “Господи, ако беше Ти овде , немаше да умре брат ми. Но сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе Ти даде.” Исус и рече: “Твојот брат ќе воскресне.” Марта Му рече: “Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден.” А Исус и рече: “Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, нема да умре, ќе живее. И секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека. Го веруваш ли тоа?” Таа Му одговори: “Да, Господи, јас поверував дека си Ти Христос, Синот Божји, што треба да дојде во светов.” Штом во рече тоа, отиде и ја повика сестра си Марија тајно, велејќи: “Учителот е овде и те вика.” Таа кога чу, стана бргу и отиде при Него; оти Исус не беше дошол во селото, а стоеше, каде што Го беше дочекала Марта. Јудејците, што беа со неа дома и ја утешуваа, кога видоа дека Марија стана бргу и излезе, отидоа и тие по неа, мислејќи дека ќе оди на гробот да плаче. А Марија, штом пристигна таму, каде што беше Исус и кога го виде, падна пред нозете Негови и рече: “Господи, да беше Ти овде, немаше да умре брат ми.” Исус, пак, кога ја виде како плаче, и Јудејците што беа дошле со неа како плачат, се натажи и се возмути, па рече: “Каде сте го положиле?” Му рекоа: “Господи, дојди и види!” Исус просолзи. Тогаш Јудејците рекоа: “Гледај, колку го милувал.” Некои од нив, пак, велеа: “Не можеше ли Овој, што ги отвара очите на слепиот, да направи и овој да не умре?” А Исус, пак, се нажали во Себе и дојде до гроботл тоа беше пештера и камен навален на неа. И рече Исус: “Кренете го каменот!” Марта, сестрата на умрениот, Му рече: “ Господи, мириса веќе; оти четири дена има откако е умрен.” Исус и рече: “Не ли ти реков, дека, ако поверуваш, ќе ја видиш славата Божја?” Тогаш го подигна каменот, каде што лежеше умрениот. А Исус ги подигна очите угоре и рече: “Оче, Ти благодарам, оти Ме послуша. А Јас знаев дека Ти секогаш Ме слушаш; но ова го реков заради народов што стои наоколу, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил.” Кога го рече ова, извика со висок глас: “Лазаре, излези надвор!” И излезе умрениот , завиткан во платно по рацете и по нозете, а лицето забрадено со крпа. Им рече Исус: “Одвиткајте го и оставете ги да оди!” Тогаш мнозина од Јудејците, што беа дошле со Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него.

Синаксар: Лазарева Сабота

8.4.09

Онтологија на личноста

Не можеш да речеш јас, ако не постои некое ти. После толку векови, философијата на нашето време ја достигна таа едноставна вистина: јас не може да се замисли без ти.

Извадок од книгата „Догматски теми“

4.4.09

За срцето на човекот

„Срцето на човекот“, вели св. Никола Кавасила, „е создадено доволно велико за да Го содржи Самиот Бог во себе.“ Доколку не Го содржи Нестворениот, желбата ќе се сврти кон створените твари, и тогаш може да бликне само ништавило, зошто секоја личност е широко отворен простор кој чека да се исполни со Бога.

2.4.09

За трпението

Трпението е повредно за пофалба од брзањето, и снисходливоста е подобра од навалувањето. Многу е подобро и поделотворно да не се одвојуваме од главното тело, туку како негов дел да ги исправуваме другите, подеднакво како и себе, отколку - прерано пресудувајќи - да ја растуриме соборноста, што е типично за тираните, но не и за браќата. 

26.3.09

Молитва на свети Јован Дамаскин

О Христе, Цару на сите, дарувај ми врели солзи, за во нив да ја потопам својата душа која ја погубив творејќи зло. Подари ми, Христе, како дарежлив, облак од солзи на умиление, со плач да ја исперам нечистотијата на сластите и чист да стојам пред Тебе. Дарувај ми солзи, Христе Боже, како што си и’ ги подарил на жената грешница. Амин. 

24.3.09

Кој сака да пристапи кон Господа

да биде удостоен со вечен живот, да постани престојувалиште Христово, да се исполни со Дух, чисто и непорочно да ги исполнува заповедите Христови, треба постојано да пребива во молитва. Зашто единствена заштита и лек за душата е - со љубов да се сеќаваме на Бога. А сите напори на нашиот противник се усмерени на тоа, да го извлече нашиот ум од сеќавањето на Бога. 

17.3.09

За вистинското знаење

Човекот чиј интелект е формиран преку знаењето кое доаѓа од вдлабочувањето во добродетелите преку божествениот Дух овозможува искусуство во божествени работи; зошто, тој го достигнал тоа знаење не по природа, благодарение едноставно на неговото постоење, туку по благодат, преку неговото учество во него. Кога човекот не го примил своето знаење по благодат, иако нештото го нарекува духовно, тој не ја знае неговата суштина од искуство. Зашто, само од учење не се достигнува состојбата на духовно знаење.

9.3.09

Гревот на сите гревови

Можеби од време на време ги признаваме и исповедуваме нашите различни гревови, а сепак не успеваме да го обратиме нашиот живот во оној нов живот кој Христос ни го откри и подари. Навистина, живееме како Тој никогаш да не дојде. Ова е нашиот единствен вистински грев, гревот на сите гревови, тагата без дно и трагедијата на нашето формално, титуларно Христијанство.

Извадок од книгата „Великиот пост“

Храната, падот и постот

Смисолот на храната го наоѓаме во првото поглавје од Светото Писмо, поврзано со создавањето на човекот. Откако го создал светот, Бог го дава (светот) како храна на човекот, што значи дека човековиот живот зависи од храната, односно од светот. Човекот живее од храната, ја преобразува храната во својот живот. Зависноста на човекот од надворешното, од материјата, од светот е толку очигледна, што Фоербах, еден од основачите на материјализмот, го предава човекот преку познатата формула: „човекот е она што го јаде“. Но учењето и откровението на Библијата не почива на оваа зависност. Човекот ја прима храната, односно самиот живот од Бога. Таа е Божји дар на човека, и тој не живее за да јаде и на тој начин да го одржи својот физички опстанок, туку за да се уподоби себеси на ликот и подобието Божјо. Во таа линија, самата храна постанува дар на животот, како осознавањето на слободата и убавината на духот. Храната се преобразува во живот, но храната се открива од почетокот како слобода од зависноста од самата храна, зошто во создавањето на човекот Бог му заповедува да има власт над земјата. Оттука, при примањето храна од Бога како дар од Бога, човекот се исполнува самиот себе со свет живот. Ете зошто, библиски гледано, падот на човекот е поврзан со храна. Тоа е познатата приказна за забранетиот плод, кој човекот го јаде тајно од Бога, со цел да стане како Бога. Значењето на овој пример е едноставно: човекот поверувал дека од самата храна, дека преку чистото поткрепување на она што го консумира, може да го прими она што всушност е можно да се прими само од Бога. Преку храната тој барал начин за ослободување од Бога, што само го довело во робување и зависност од храната; човекот станал роб на светот. Но ова исто така значи и роб на смртта, оти храната не може да му ја дари онаа слобода од светот и смртта, која може да дојде само од Бога. Храната, символот и изворот на животот, стана символ на смртта. Зашто, ако човекот не јаде, умира. Но ако ајде, исто така умира, оти самата храна е заедништво со она кое умрело и според тоа, со смртта. И така, на крај, спасението, обновувањето и проштевањето, и воскресението во Евангелието се поврзани исто така со храна.

извадок од книгата „Оче Наш“ 

17.2.09

За љубовта

Колку е поголема љубовта, толку е поголемо страдањето на душата.
Колку е попотполна љубовта, толку е попотполно познанието.
Колку е поогнена љубовта, толку е попламена молитвата.
Колку е посовршена љубовта, толку е посвет животот. 

14.2.09

Сретение Господово

Денешниот празник, Сретение Господово, ние се сеќаваме на Христовото влегување во Еруалимскиот Храм (Лука 2,22-40) како настан кој ја исполнува основната цел на Ерусалимскиот Храм. Храмот е знак на Божјото присуство во и за неговиот народ. Кога Христос влегува во Храмот (иако тоа го прави како бебе носено од Своите родители), храмот навистина постанува место каде Бог е присутен во светот. Но Христос не е зацврстен и неподвижен како самиот Храм или како идол (Псалм 115,7); Иисус, воплотениот Логос Божји, е многу повеќе како шаторот во пустината, отколку Ерусалимскиот Храм. Факт е дека во Стариот Завет се чини дека Бог ја претпочита Скинијата отколку Храмот - Бог ја претпочита подвижноста пред постојаноста. Скинијата е ковчегот на сведоштво кој Израилот го носел со себе секогаш и секаде каде се движеле во нивниот премин во Ветената Земја. Израилскиот крал Давид, а потоа и Соломон се оние кои посакале да Му изградат постојан храм на Бога. И пак, се чини дека Бог навистина го бира подвижниот ковчег на сведоштвото. Свети Јован Златоуст вели дека како што Бог позволува да биде одбиен преку омекнувањето и дозволувањето на Израилците да имаат крал за да бидат како сите народи (1.Цар 8), така Бог му дарувал на Соломон и позволил да биде изграден Храмот. Златоуст продолжува, велејќи дека ненамерната последица од оваа замена на Скинијата со Храм на Изразилците, е замената на живите пророчки светилишта на Бога со жртвуањето и ритуалот. Тогаш Бог настојувал да го контролира жртвувањето и ритуалот преку нивно ограничување во Тората, но Израилците на тоа одговориле со претворањето на Тората и Храмот во еден вид на идоли, заменувајќи го личносниот однос живиот Бог лице в лице со ритуалите и жртвувањата. Во посланијата на св. апостол Павле го гледаме неговиот напор кон преправањето на оваа замена на религијата со односот во начинот на кој самиот тој го претолкува (и дури препишува) Стариот Завет.

Во Петтата книга Мојсеева читаме (30,11-14):

Зашто оваа заповед, што денес ти ја давам, не е тешка за тебе, ниту далеку од тебе. Таа не е на небото за да може да се каже: "кој од нас би се воздигнал на небото и би ни ја земал и донел да ја чуеме, та да ја исполниме?"; ниту е преку море, за да може да се кажи: "кој од нас би отишол преку море и би ни ја земал и дал да ја чуеме, та да ја исполниме?" Но оваа заповед е многу блиска до тебе, таа е во устата твоја и во срцето твое, за да ја исполнуваш.
Во своето послание кон Римјаните (10,5-10), апостолот го зема претходно посочениот дел од Повторените Закони, и го претолкува:

Мојсеј пишува за оправданието од Законот: “Кој ќе го исполни, тој ќе биде преку него жив”. А оправданието на верата вели: “Да не речеш во срцето свое: Кој ќе се возвиси на небото?”, односно да Го симне Христа, - или, “Кој ќе слезе во бездната?”, односно да Го изведе Христа од мртвите! Но што вели Писмото: “Блиску до тебе е словото, во твојата уста и во твоето срце”, односно словото на верата, што го проповедаме, оти, ако со устата Го исповедаш Господа Исуса и со срцето свое поверуваш дека Бог Го воскресна од мртвите, ќе се спасиш; бидејќи со срцето се верува за оправдание, а со устата се исповеда за спасение.
Светиот апостол Павле го разгледува делот од Петтата книга Мојсеева во кој се зборува за Законот (а од тука и за правилата и ритуалите), и на сето тоа дава ново значење преку неговото припишување на Христос. За него, единствената причина поради која Словото Божјо може да биде близу, - и може да градиме однос кон Него, е затоа што Словото Божјо се однесува на Христос. Понатаму, тој продолжува дека дека не е Законот она што е важно, туку попрво тоа што е важно е односот со Бога во основните нешта. Законот е осмислен само за да овозможи, понуди и заштити жив однос со живиот Бог. Наспроти тоа, Израилците го замениле овој однос со Бога со однос со Законот, заборавајќи или неразбирајќи која е целта на Законот (на Тората). Затоа Бог Ги испраќа Својот Син, Словото, Логосот, во светот со цел повторно да го воспостави правилниот однос повеќу Создателот и создаденото.

Во Сретението Господово во Храмот (Лука 2), се открива вистинското значење на Законот и Храмот, односно нивната онтологија: тие требало да ги одржат луѓето во нивната врска со Бога, и да им го откријат чувството на Божјата сеприсутност во нив. Ни Законот, и ниту Храмот не се замислени да постанат идоли сами по себе, туку и двете биле замислени како средства за одржување на личносниот однос со Живиот Бог. Кога бебето Иисус е донесено во Храмот за прв пат, Симеон Праведниот (Боговидец) веднаш признава дека Божјата промисла и цел за Храмот е исполнета.

13.2.09

Сакајќи да ја отворам мојата уста

…браќа, и да зборувам за возвишеноста на смирението, се исполнувам со страв, дури и како човек кој разбира дека ќе беседи за Бога со умешноста на своите зборови. Зошто смирението е рубо Божјо. Логосот Кој постана човек се облече Себеси во него, и така прослови со нас, во наше тело. Секој кој бил облечен во него вистински постанал како Оној Кој Се симна од висините и го сокри раскошот на Своето височество, и ја засолни Својата слава со смирение, за да не би било созданието целосно проголтано од размислувањето за Него. Созданието не може да погледне на Него освен ако Тој самиот не земе учество во тоа, и така да проговори со него, ниту пак да ги чуе Неговите зборови лице в лице...

И кога Тој ја изли Неговата благодат на светот преку Неговото доаѓање, Се спушти не со земјотрес, не во оган, не со страшен и силен звук, туку "како дожд на ливада, како капки што наросуваат земја" (Псалм 71,6) нежно, и беше виден како говори со нас на инаков начин. Ова се случи кога, иако пребогат, Тој го притаи Своето величество со велот на Неговото тело, и говореше со нас преку тоа тело кое беше исковано за Него по Негова заповед од утробата на Дева, Марија Богородица.

10.2.09

Кога во човековиот ум пламти

сеќавањето на Бога, тогаш и срцето негово се разгорува во огнот на љубовта Божја, а неговите очи постануваат вруток на обилен плач. Човекот кој се наоѓа во ваква состојба никогаш не е без солзи, оти тоа што го тера постојано да се сеќава на Бога секогаш врие во него. Таквиот човек разговара со Бога дури и кога спие. Зошто љубовта потребува се’ да биде вака. Тоа е совршенството кое започнува уште во овој живот. Оној кој ја стекнал љубовта, Го вкусува Христос секој ден и секој час, со што постанува бесмртен. Љубовта е многу послатка од животот. Оној кој се здобил со љубовта се облекува во самиот Бог.
 

9.2.09

Еден испосник живееше во близина на еден манастир

и водеше строг аскетски живот. Се случи еднаш да дојдат некои посетители во манастирот, кои го принудија да јаде надвор од определеното време. Откако си заминале, браќата го прашаа: „Авва, зарем не те нажали тоа?“ Тој им одговори: „Се нажалувам само кога ја творам мојата сопствена волја.“

4.2.09

1 Тимотеј 4,9-16

О

ва препорачувај го и поучувај! Никој да не ја презира твојата младост, туку на верните да им служиш како пример во словото, животот, духот, верата и чистотата! Додека дојдам, занимавај се со читање, со утешување и со поучување! Не занемавувај ја дарбата што е во тебе, и која што ти беше дадена преку пророштво преку полагање раце врз тебе од свештенството! Грижи се за тоа, биде во него, та успехот твој да се покаже во се! Пази на себе и на учењето; биди постојано во тоа, оти, ако постапуваш така, ќе се спасиш и сам и оние што те слушаат.

3.2.09

Совршената љубов

не ја разделува единствената природа на луѓето по различноста на нивното расположение. Таа секогаш гледа само на неа (природата) и сите луѓе подеднакво ги љуби; добродетелните - како пријатели, а немарните во добродетелта - како непријатели; правејќи им добро, долготрпејќи, и ги поднесува направените од нив навреди. Совршената љубов воопшто не мисли за зло и страда заради нив, се’ со цел и немарните да ги направи свои пријатели, доколку е возможно; а доколку е невозможно, таа не отстапува од своето расположение, пројавувајќи ги секогаш на ист начин плодовите на љубовта кон сите луѓе. Така и нашиот Господ и Бог, Иисус Христос, пројавувајќи ја Својата љубов кон нас, пострадал за целото човештво и на сите им дарил надеж за воскресение, макар што секој сам себеси се прави достоен или за вечна слава, или за вечна казна.

28.1.09

Со слугите

...Господ, со разбојниците Судијата дојде да биде крстен. Но не се тревожете; оти, во овие унижувања Неговото воздигнување сјае повеќе и повеќе. Оти Тој благоволи да биде носен долго во девствената утроба, и така да пристапи на нашата природа, и да биде биен со јавали, и распнат, и да страда низ сето она низ кое пострада; зошто се чудите ако Тој исто така благоволи да биде крстен, и да дојде заедно со другите кај Неговиот слуга (Јован)? 

Восхитувањето лежи во само едно нешто: дека бивајќи Бог, Тој ќе биде и човек.


9.1.09

На почетокот од нашето духовно патување

додека сме се’ уште духовно незрели, нашиот севкупен религиозен светоглед е егоцентричен, емотивен, и рационален. Подлабокото ниво на сознанија, разумната свест не е целосно откриена. Не сме спознаени вистински, и живееме во функција на правила и надворешни ритуали. Наша молитва се зборовите во умот, неспуштени во срцето. Бога Го љубиме поради нашата должност, а нашиот сосед од послушание.

Но повторно, сето тоа останува себе-центрично, егоцентрично. Сакаме да бидеме „во право“ и зилотски ги браниме нашите позиции, било да се тоа доктрински, обредни, или поинакви. На кратко, ние сме нашето его, дефинирани од нашите страсти. И далеку од бивањето автентични личности, биваме заробени во нашиот изолиран индивидуализам.

Извадок од есеите на претстојателот на Православната Црква во Америка,
Митрополитот американски и канадски Јона

7.1.09

Галатјани 4:4,7

... а кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, роден од жена, роден под Законот, за да ги откупи оние, кои беа под Законот, за да го примиме посинувањето. А бидејќи сте синови, Бог Го испрати во вашите срца: Духот на Својот Син, Кој вика: „Ава, Татко!” Затоа не си повеќе роб, туку син; а ако си син, тогаш си и наследник на Бога преку Христа.

Денот на радоста пристигна

И сега денот на милоста ја покажа својата вредност! Никој нека не го гони својот ближен поради одмазда за согрешенијата кои му ги сторил! Денот на радоста пристигна! Никој нека не биде виновен за предизвикувањето на жал и тага кон друга личност! Ова е ден без облаци, ова е светол ден!

Нека гневот биде стишан оти го вознемирува мирот и спокојството. Ова е денот во кој Бог се симна кон грешните! Нека праведните бидат посрамени ако се воздигаат над грешните! Ова е денот кога Господ на создавањето им приоѓа на слугите! Нека господарот на домот трепери во слична љубов кон неговите слуги. Ова е денот кога Богатиот постана сиромашен поради нас! Нека никој богат не биде засрамен да ја сподели својата маса со сиромавите.“