25.2.07

Молитва за смилување

Господи, милостив си кон сиромашните.

Овој свет е куќа на болката, полн со јад, беда и очај. Смилувај ни се. Смилувај се на сите коишто поднесуваат претежок живот, од кои што се бара повеќе отколку што можат, кои што ги гази судбината и кои што не наоѓаат смисол. Смилувај се на оние кои што доживеале неуспех, на збунетите, болните и инвалидите, слепите и парализираните, осамените и неважните, презрените и оние коишто не нашле разбирање. Смилувај се на уплашените кои што повеќе не се противат на неправдата, на измачените кои не можат да живеат од платата за својата работа, на очајните кои бараат дрога или смрт.

Смилувај се на неслободните кои се слуги на немилосрден систем, слуги за искористување и угнетување. На војниците кои одат во војн, на заробениците кои ги чуваат како диви ѕверови. Смилувај се, Господи, на сите народи, смилувај се на нестрпливите и краткогледните меѓу моќните, и нестрпливите и насилниците меѓу оние кои се злоставувани и покорени. Смилувај се на сите кои ја бараат правдата, а не знаат за друг пат освен насилство. Смилувај им се и на христијаните, кои иако зборуваат за Тебе, а сеуште не ја вршат Твојата волја.

Господи, Кој си милостив кон сиромашните, смилувај ни се на сите нас.

Овој наш свет е полн со насилници, злосторници и дерикожи. Смилувај им се! На кому друг му е попотребно милосрдието Твое, отколку на оние кои мразат? Како ќе се променат, ако Ти не им се смилуваш?

Се молиме и за оние кои одрвенале, за огорчените и немилосрдните, за сите кои шират омраза и сеат раздор, кои сакаат војна - зашто ними им користи; за оние кои ги искривуваат вестите и ги прикриваат злочините. Се молиме и за оние кои живеат од лажење, крадење и авантури; се молиме и за сите бездомници и бегалци кои ништо не ги врзува со нашите обичаи - за напуштените и за оние кои не се интересираат за нашето друштво. Се молиме за сите кои ја искористуваат неволјата, на пример за заводниците во големите градови кои ги упропастуваат човечките созданија искористувајќи го човечкото сиромаштво во љубовта.

Ти се молиме за сите нас кои еден на друг од ден на ден си нанесуваме болка, кои еден друг се забораваме, отфрламе, осудуваме и клеветиме во мало и големо. Ти се молиме, смилуј се на нашата нељубезност, шкртост и непопустливост. Зашто ние се осудуваме едни со други во својата непромисленост и не ја согледуваме својата бездушност.

Ти рече: „Кој ќе го отфрли својот брат, крив е на огнот пеколен“. Гоподи, криви сме. Смилуј ни се.

18.2.07

Молитва за дар за простување

Спасителу!

Научи ме да простувам од душа на сите, коишто со нешто ме повредиле. Знам дека не можам да застанам пред Тебе со чувството на омразата која се крие во мојата душа. Огрубено е, Боже, моето срце! Во мене нема љубов. Ти се молам, научи ме да им простувам на оние кои ме повредиле, огорчиле и нажалостиле, како што и Ти Сам, Спасителу, им прости на Своите непријатели, на Крстот!

Амин!

15.2.07

Сретение Господово


Радувај се, благодатна Богородице Дево,
зашто од Тебе изгреа Сонцето на правдата
- Христос нашиот Бог, Кој ги просвети
оние што беа во мракот.
Весели се и ти, старче праведен,
зашто си го примил во прегратките
ослободителот на нашите души,
Кој ни дарува воскресение.

14.2.07

Молитва за местото во кое живееме

Господи, Те молиме за местото во кое живееме, за сите наши сожители, за секој од нас да најде човечен соживот и место на мирот. Те молиме за сите кои живеат покрај нас, за соседите и познатите, за нашите пријатели и за оние кои ни се надлежни.

Те молиме за сигурен помин во нашето место, за никој да не го изложува својот живот и животот на другите во опасност. Господи, чувај ги нашите деца од несреќа! Те молиме да се одмориме во тишина, за оние кои немаат мир, за средината да биде здрава и човекољубива. Те молиме за оние кои работаат во фабриките, за уметниците, за научниците, за учителите и професорите, за социјалните работници и за сите кои се трудат по болниците. Ти се молиме исто така, и за нашите свештеници, за оние кои ја претставуваа Црквата за сложно да ги впрегнат своите сили за доброто на нашето место.

Те молиме за оние кои бараат живеалиште и за оние кои го изгубиле живеалиштето, за туѓинците да ги прифатиме со сета гостољубивост и за сите на кои им е судено да останат со нас. Се молиме и за оние кои се богати, за да знаат секогаш да ги отворат своите куќи и своите срца за сите кои имаат потреба и кои се несреќни. Ти се молиме за сите меѓу нас кои се болни, несреќни, изложени на разни искушенија, за оние што ги мачи страв, досада и очај, за одземените од нашата средина, за оние по затворите, за душевно погодените, за оние што умираат и за умрените.

Ти се молиме за самите нас, за местото да ни биде радосно. Помогни ни Боже, да не се глодаме еден со друг со дела што создаваат омраза, што прават раздори, туку секогаш да бидеме сложни како едно тело, да бидеме Божји град на земјата. Амин!

2.2.07

Молитва за мир во домот

Боже на љубовта, Боже на мирот и долготрпението, помогни ни да живееме во овој дом секогаш во мир, слога и љубов. Засилувај го нашето трпение, зашто Ти, Господи, си долготрпелив кон нас, грешниците. Скротувај не’ со благост кога сме гневни, не дозволувај му на злото да влезе длабоко во нас, да ги помрачи нашите души и да не’ раздели.

Ти се’ простуваш, помогни ни и нам да бидеме готови да простиме и да се смириме. Отстрани ги со твојата силна десница причините на неразбирањето и кавгите и всади го во нашите срца духот на кроткоста и љубовта, за да бидеме чеда на семејство од Тебе благословено, да напрдуваме во секакво добро за Твоја прослава, на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Амин!