25.2.07

Молитва за смилување

Господи, милостив си кон сиромашните.

Овој свет е куќа на болката, полн со јад, беда и очај. Смилувај ни се. Смилувај се на сите коишто поднесуваат претежок живот, од кои што се бара повеќе отколку што можат, кои што ги гази судбината и кои што не наоѓаат смисол. Смилувај се на оние кои што доживеале неуспех, на збунетите, болните и инвалидите, слепите и парализираните, осамените и неважните, презрените и оние коишто не нашле разбирање. Смилувај се на уплашените кои што повеќе не се противат на неправдата, на измачените кои не можат да живеат од платата за својата работа, на очајните кои бараат дрога или смрт.

Смилувај се на неслободните кои се слуги на немилосрден систем, слуги за искористување и угнетување. На војниците кои одат во војн, на заробениците кои ги чуваат како диви ѕверови. Смилувај се, Господи, на сите народи, смилувај се на нестрпливите и краткогледните меѓу моќните, и нестрпливите и насилниците меѓу оние кои се злоставувани и покорени. Смилувај се на сите кои ја бараат правдата, а не знаат за друг пат освен насилство. Смилувај им се и на христијаните, кои иако зборуваат за Тебе, а сеуште не ја вршат Твојата волја.

Господи, Кој си милостив кон сиромашните, смилувај ни се на сите нас.

Овој наш свет е полн со насилници, злосторници и дерикожи. Смилувај им се! На кому друг му е попотребно милосрдието Твое, отколку на оние кои мразат? Како ќе се променат, ако Ти не им се смилуваш?

Се молиме и за оние кои одрвенале, за огорчените и немилосрдните, за сите кои шират омраза и сеат раздор, кои сакаат војна - зашто ними им користи; за оние кои ги искривуваат вестите и ги прикриваат злочините. Се молиме и за оние кои живеат од лажење, крадење и авантури; се молиме и за сите бездомници и бегалци кои ништо не ги врзува со нашите обичаи - за напуштените и за оние кои не се интересираат за нашето друштво. Се молиме за сите кои ја искористуваат неволјата, на пример за заводниците во големите градови кои ги упропастуваат човечките созданија искористувајќи го човечкото сиромаштво во љубовта.

Ти се молиме за сите нас кои еден на друг од ден на ден си нанесуваме болка, кои еден друг се забораваме, отфрламе, осудуваме и клеветиме во мало и големо. Ти се молиме, смилуј се на нашата нељубезност, шкртост и непопустливост. Зашто ние се осудуваме едни со други во својата непромисленост и не ја согледуваме својата бездушност.

Ти рече: „Кој ќе го отфрли својот брат, крив е на огнот пеколен“. Гоподи, криви сме. Смилуј ни се.