19.7.08

Еден човек

беше дојден да го види Авва Сисој. По пат, се случи неговиот син да се упокои. Но, човекот не се беше вознемирил поради тоа, но со голема вера го беше донел кај старецот, поклонувајќи се и припаѓајќи заедно со неговиот син за да го земе неговиот благослов. Потоа таткото се исправи, и оставајќи го синот при нозете на старецот, замина надвор. Старецот, мислејќи дека момчето се поклонува пред него, му рече: „Стани си, излези надвор“, без да знае дека момчето е мртво.

Момчето веднаш се исправи и си замина. Кога го виде, неговиот татко зачудувајќи се повторно влезе внатре. Се поклони пред стариот човек и му ја раскажа целата случка. Откако ја ислуша, старецот се исполни со покајание, оти немал намера да го стори тоа. И така, го замоли таткото на детето да не збори за тоа што се случи додека старецот е жив.

8.7.08

Еден светогорски старец кажуваше

Многу универзитетски студенти доаѓаат да ја посетат Света Гора. Еден ден, дојдоа десет студенти, барајќи од мене да направам некакво чудо пред нив. Беа доста упорни. Јас се мислев, „што можам да сторам за да внесам малку разум во главите на овие луѓе?“

Така, им реков: „Добро, застанете во линија, така што ќе можам да ви ги исечам главите. Потоа ќе направам чудно: Ќе ги вратам на вас повторно. Но, застанете доволно оддалечени еден од друг, за да не ви ги измешам главите со погрешни тела. Спремни сте? Дали сте возбудени да го видите ова чудо?“

Тие веднаш едногласно извикаа: „Не, не! Не не’ користи нас, отец!“

3.7.08

Беше еден човек кој

ловеше диви ѕверови во пустината, па го виде авва Антониј како се шегува со браќата и се соблазни. Сакајќи да му покаже дека треба да се биде снисходлив спрема браќата, старецот му рече: „Стави ја стрелата во својот лак и затегни.“ Овој стори така. Потоа му рече: „Затегни го уште повеќе.“ И овој затегна. А старецот повторно му рече: „Уште затегни.“ Ловецот одговори: „Ако го затегнам прекумерно, лакот ќе се скрши.“

Старецот му рече: „Така е и со делата Божји; ако прекумерно ги затегнеме со нашите барања браќата, тие брзо ќе се скршат. Токму затоа е потребно, одвреме-навреме да бидеме снисходливи спрема браќата.“ Слушајќи го тоа, ловецот се воодушеви од тие зборови, и замина стекнувајќи голема корист од старецот. А браќата, откако се укрепија, појдоа кон своите пребивалишта.

2.7.08

Стој цврсто на духовна стража

Внимавај!

Стој цврсто на духовната стража, оти не знаеш кога Господ ќе те повика кон Себе. Во својот земен живот биди спремен во секој момент да Му поднесеш сметка. Чувај се непријателот да не те фати во својата мрежа, да не те прелаже предизвикувајќи да паднеш во искушение.

Дневно проверувај ја својата совест, испитувај го своите мисли, твоите намери.

Свети Јован Шангајски

Еден отец кажуваше

Имаше еден духовен старец, кој се облекуваше во рогозина, плетена од трски. Еднаш тој дојде кај авва Амон. Кога го виде старецот облечен во рогозина, авва Амон му рече: „Тоа нема да ти донесе никаква корист.“ А старецот, кој беше барал духовен совет, го праша: „Три помисли ми носат забуна: едната ме тера сето време да го поминувам во пустина, втората да одам во туѓина, каде никој не ме знае, и третата да се затворам во келијата, никого да не гледам и да јадам секој трет ден.“

Авва Амон му одговори: „Не треба да правиш ништо од тоа: подобро седи во својата келија, јади по малку секој ден, а во срцето свое имај ги зборовите на митникот (в. Лк 18,13) - тогаш ќе можеш да се спасиш.“