31.10.07

Свети Јован Кронштатски за молитвата

Кога за прв пат, или само понекогаш читаме некои молитви, ги читаме како нешто ново, радосно и чувствително; но, кога ги повотруваме често, помала и помала е нашата радост; престанува за нив нашиот интерес и тешко се совладуваме да ги прочитаме повторно со она претходно чувство. Еве што треба да се прави против тоа: мораме да замислиме дека по прв пат ги читаме оние прекрасни молитви на кои сме навикнале и кои толку силно не’ интересирале на почетоците; со срцето да проникнеме во секој збор и длабоко да го почитуваме. Оваа појава во душата наша последица е на гревот првороден - последица на нашата прва непостојаност во вистината. И се’ до сега ние не сме во состојба во вистината да застанеме непоколебливо: само што ќе ја допреме, веднаш се сомневаме во неа. Тоа често се случува со молитвата, се случува со верата, со пријателството кон другите, и со љубовта кон Бога и ближниот свој, и со добродетелите воопшто тоа често се случува: на секаде се покажуваме непостојани во вистината.

За време на молитвата, најмногу труди се со срцето да ја проникнеш вистината или силата на зборовите молитвени; храни се со нив како со нетрулежна храна, напој го со нив срцето свое, греј се со нив ко со благодетен оган.

Нека оние кои се молат веруваат дека се’ што е корисно Бог ќе им даде таму и тогаш, каде и кога не очекувале.

19.10.07

Молитви за живите

Спомни ја Господи Исусе Христе, Боже наш, Твојата вечна милост, поради која си станал човек, си претрпел распнување и смрт, за да ги спасиш оние што ќе поверуваат во Тебе; си воскреснал од мртвите, си се вознел на небесата, седиш оддесно на Бога Отецот и милостиво погледнуваш кон оние што Те викаат од се’ срце. Приклони го Твоето уво и послушај ја мојата молба за сите луѓе како пријатно духовно благоухание.

Пред се’, спомни си за Твојата Света, Соборна и Апостолска Црква што си ја спечалил со Твојата скапоцена крв. Утврди ја, закрепи ја, рашири ја и зголеми ја, сочувај ја непобедлива од пеколните сили. Прекрати ја разделеноста во Црквата. Смири го непријателското бранување меѓу народите, искорени ги сите ереси со силата на Твојот Свет Дух (поклон).

Спаси го, Господи, благочестивиот православен народ наш, управителите и христољубивото воинство. Огради ја со мир нашата власт и покори го под нивните нозе секој непријател и противник. Всади им го во срцата она што е добро за мирот и напредокот на Твојата Света Црква и сиот Твој народ, та и ние, во нивниот спокој да преживееме тивок и безгрижен живот во правоверност, набожност и чистота (поклон).

Спомни го, Господи, нашиот ариепископ охридски и македонски Стефан; спомни го нашиот митрополит (името на епархискиот архиереј), сите православни патријарси и епископи, архиереите на Македонската Православна Црква, свештениците, ѓаконите и сиот клир што си го поставил да го пасе Твоето духовно стадо. По Твоите молитви, помилуј и спаси ме мене, грешниот (поклон).

Спаси го, Господи и помилуј го мојот духовен отец (името) и по неговите свети молитвни, прости ми ги моите прегрешенија (поклон).

Спаси ги, Господи, и помилуј старите и младите, сиромасите, сираците и вдовиците, болните и несреќните, посети ги, закрепи ги и утеши ги. Преку Твојата милост и сила, дарувај им помош и олеснение (поклон).

Спомни ги, Господи, оние што ме мразат и навредуваат, што ми прават зло, помилувај ги и не ги оставај да загинат поради мене, грешниот (поклон).

Отстапниците од Светата православна вера и заблудените еретици просвети ги со светлината на Твоето учење и прибери ги во Твојата света, вселенска и апостолска Црква (поклон).

2.10.07

Молитва пред исповед

Владико, Господи Боже наш. Ти не ја сакаш смртта на грешните, туку сакаш да се обратат и да бидат живи. Ти, Кој ги примаш сите грешници, кои со покајание при Тебе припаѓаат, прими ме сега и мене, кој поради моите прегрешенија се каам. Дај ми усрдна скрушеност и исправи ја совеста моја, за да ги исповедам моите гравови пред славата на страшниот Твој Престол, и да се прослави во мене Твоето пречесно и великолепно име; на Отецот, и Синот, и Светиот Дух; сега и секогаш, и во сите векови. Амин!