31.1.08

Свети Атанасиј Велики: Против Аријаните

Синот Божји постанал човек, за да ги направи луѓето Синови Божји. Он прво не бил човек, па после постанал Бог, туку бил Бог, а отпосле постанал и човек, за да не’ обожи и направи богови по благодат

Ако делата на Логосовото Божество не се извршени преку тело, тогаш човекот не би бил обожен. А доколку она што му припаѓа на телото навистина не се нарекло Логосово, тогаш човекот совршено не би се ослободил од тоа (т.е. од гревот, пропадливоста и смртта)... Сега, кога Логосот постанал човек и примил на Себе она што му припаѓа на телото, тоа повеќе не се однесува на телото поради Логосот, Кој е во тело. Затоа и луѓето, воскреснувајќи со силата на Логосот, засекогаш ќе живеат бесмртни и непропадливи... Зашто, како што, бидејќи сме од земја, умираме сите во Адама, така, препородувајќи се повторно со водата и Духот (во Крштевањето) сите во Хруста оживуваме, зашто нашето тело веќе не е земно, туку е тело ологосено, поради Бога Логосот, Кој поради нас прими тело.

(Против Аријаните: I, 38-39; III, 33)

7.1.08

Свети Јован Златоуст: Рождество Христово

Настапи празникот над сите празници и се исполни со радост вселената! Празникот за торжеството на сите добродетели, корен и извор на сите наши блага. Празник преку кој небото се отвори, Духот се испрати, преградите паднаа, поделбата се соедини, мракот се распрсна, светлината блесна, небото прими естетство, произлезено од земјата, земјата Го прими Оној Кој почива на херувимите, робовите постанаа слободни, непријателите - чеда, инородните наследници! Преку овој празник е уништена продолжителната омраза и долгата војна, и настапи мир, одамна очекуван од ангелите и од праведните луѓе посакуван. И Павле воскликнува, велејќи: „ Зашто Он е нашиот мир, Кој од двата народа направи еден и ја разруши преградата, што беше меѓу нив, oткако со плотта Своја го уништи непријателството, а со учењето свое - Законот на заповедите го обессили, за да создаде до Себеси од двата народа еден нов човек, правејќи мир “ (Ефес. 2,14-15) Преку Него е воздигната блескавата и славна знаменитост на Крстот: придобивка Христова, почеток на нашата природа, вооружување на нашиот Цар! Има ли нештом на земјата рамно на тој празник?! Бог е на земјата, а човекот на небесата; ангелите им служат на луѓето, а луѓето се во општење со небесните сили; демоните бегаат, смртта е уништена, рајот е отворен, клетвата е симната, гревот исчезнал, заблудата е изгонета, вистината триумфирала!

Природата од која херувимите го пазеле рајот, денес се доединува со Бога. Откако го слушаш ова - прости се со безволноста: повисоко од секоја надеж и очекување е тоа, дека Бог постана човек! Штом ова постана, тогаш и се’ друго ќе последува по Него со разумна последователност.

Тој не би Се понижил Себеси така безрасудно и така напразно, ако не би имал за цел да не’ возвиси нас. Христос се роди по плот, за да те роди тебе по дух; се родил од жена, за да престанеш ти да бидеш син на жена; допуштил Неговиот Отец да постане роб, за ти робот, да станеш отец на Господарот! Да се израдуваме и развеселиме - нека со радост си споменеме за сите Божји благодејанија кон нас! Меѓутоа, како постанало тоа восхитувачко големо дело? Како ние, огрешените, кои се покажавме недостојни за земјата, бидејќи се лишивме од власта долу, бевме воздигнати на таква висина?! Како се прекрати војната? Како се уништи гревот? Како... ?

Размислувајќи за величието на тоа Христово снисхождение кон човечкиот род, да Му оддадеме на Бога достојна чест и слична награда! Нашата награда кон Бога не може да биде ништо друго освен нашето спасение и нашите души, освен грижата за добродетели и жртви за нашите браќа, Ништо друго не мо=е да биде признак и сведоштво за оној кој верува во Христа и оној кој Го љуби Бога, освен грижата за нашите ближни и грижата за нивното спасение - зашто и Христос не дојде да угоди на Себеси, туку да послужи на мнозина!