24.4.10

Молитва кон светиот свештеномаченик Антипа, Епископ Пергамски


О, преславен свештеномаченику Антипа, и брз помошнику на сите христијани кои се во болести! Верувам со мојата душа и секоја помисла дека Господ ти дал дар болните да ги исцелуваш, на немоќните здравје да им даруваш и раслабените да ги закрепнуваш. Поради тоа, како кон благодатен исцелител на болните, и јас немоќниот притекнувам кон тебе, и твојата икона достојна за почитување набожно ја целивам, молејќи се: преку твоето застапништво испроси од Царот Небесен исцеление за забоболката, и за сите други душевни и телесни болки кои ме мачат, та иако сум недостоен за тебе, најмилостивиот отец и неизморливиот мој застапник, подражавај го Божјото човекољубие преку моето обраќање од лоши дела кон богодобар живот; стори ме достоен за заштитата твоја, со обилно даруваната ти благодат исцели ги раните и лузните на душата и телото мое, подари ми здравје и спасение и напредување во се’ добро, за така, тивко и безмолвно поживувајќи во секоја набожност и чистота, да се удостојам со сите Светии да го прославам сесветото име на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.

15.4.10

За даровите дарувани преку крштението

Светата благодат преку крштението ни дарува две добра, од кои едното бескрајно го надминува второто. Првото добро [благодатта] ни го дарува веднаш, затоа што нѐ обновува во самата вода и ја измива сета наша нечистотија [од] гревот, просветлувајќи ги сите душевни црти кои ги сочинуваат она - „по образ“. Второто добро, пак, крштението не ни го соопштува одеднаш, туку чека со нас да се постигне она - „по подобие“. Значи, кога умот започнува духовно силно да ја чувствува или вкусува благодатта на Светиот Дух, тогаш треба да се разбере дека тогаш таа [благодат] започнува на еден начин да го живописа подобието по ликот. Оти, како што живописците најпрвин со помош на боите го скицираат обликот на човекот, па потоа, додавајќи боја по боја го изобразуваат изгледот на прволикот до самите негови влакна, така и таа [благодатта Божја] преку крштението најпрво ликот го доведува во оваа состојба во која [тој] се наоѓал при создавањето на човекот. Кога благодатта спознава дека ние од сето срце ја посакуваме личотата на подобието, и додека при тоа голи и спокојни стоиме во нејзината работилница, таа ја бои добродетелта со добродетел и изгледот на душата го води од слава во слава, изобразувајќи го на тој начин во неа карактерот на подобието.

И макар што сетилно нѐ известува дека во нас се образува подобието - ние веќе сме го поимале [истото] од тајната на просветувањето. Умот ги достигнува своите доблести низ чувството на рамномерно усовршување и необјаснива хармонија. Но сепак тој не може да ја стекне духовната љубов доколку во целост не е просветлен со Светиот Дух. Доколку, пак, божествената светлост не му го открила на умот сето она што го сочинува подобието, макар и ги имал сите преостанати добродетели, тој сепак ќе остане непричислен [непричесен, вон заедница] со совршената љубов, а подобието и божествената љубов ќе ја стекне само тогаш кога ќе се вподоби на божествената добродетел (под вподобувањето на Бога пак, го подразбирам она што е и онолку колку е можно за човекот да го постигне [тоа] со Божја помош). Како што на ликот и живописот му се додава онаа боја која надвладува над сите останати бои за да ја истакне неговата сличност со прототипот сѐ до самата негова насмевка, исто така бива и кај оние кои божествената благодат ги живописа во Божјо подобие; тогаш со љубовта се дополнува просветувањето и тогаш со тоа се покажува дека ликот ја добил убавината на полнотата на подобието. Освен љубовта, ниту една друга доблест не може да душата да и’ донесе бестрастие. Љубовта е полнота на законот (Рим. 13,10). И така, иако нашиот внатрешен човек се обновува од ден на ден хранејќи се со љубовта, тој [сепак] потполно ќе се обнови само кога ќе ја достигне нејзината полнота.

4.4.10

Христос Воскресна!

1.4.10

Акатист на Божествените Христови страданија

Кондак 1

Избран Војводо и Господи на небесата и земјата, додека Тебе, Царот, Бесмртниот, Те гледаше како на Крстот висиш, сета твар се измени, небото се исплаши, темелите на земјата се растресоа: ние, пак, недостојните, принесувајќи благодарно поклонение на Твоето страдание поради нас, со разбојникот Ти извикуваме: Исусе, Сине Божји, спомни си за нас кога ќе дојдеш во Царството Свое!

Икос 1

Дополнувајќи ги хоровите ангелски, не си зел од ангелот, туку поради мене, човекот, Бог суштествен, Човек постана, Кој умре заради гревот, животворното тело и крвта Своја ја оживе, та заради големата љубов Твоја, благодарствено Ти воскликнуваме: Исусе Боже, Љубов предвечна, поради нас земнородните така благоизволи! Исусе, од безмерната милост кај паднатите луѓе долу слегна! Исусе, Кој во плотта наша се облече, со смртта на Својата сила смртта ја разори! Исусе, со страданијата и смртта сиот свет Си го искупил! Исусе, Сине Божји, спомни си за нас кога ќе дојдеш во Царството Свое!