29.6.06

Свето Евангелие од Лука 11: 1-13

Еднаш беше Он на едно место и се молеше, и кога престана, еден од Неговите ученици Му рече: Господи, научи нè да се молиме, како што ги научи Јован учениците свои.

А Он им рече: кога се молите, говорете:


Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое;

да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја,

како на небото, така и на земјата; лебот наш насушен

дај ни го денес; и прости ни ги нашите гревови, зашто и ние

самите му ги проштаваме на секој наш должник; и не

нè воведувај во искушение, но избави нè од лукавиот.


И им рече: ако некој од вас има пријател и отиде при него на полноќ, па му каже: пријателе, дај ми на заем три леба; оти ми дојде еден пријател од пат и немам што да му принесам; а оној однатре му одговори и рече: не ме обеспокојувај; портата е веќе затворена и децата се со мене во постела; не можам да станам и да ти дадам.

Ама ви велам, макар и да не стане да му даде за тоа, дека му е пријател, но ќе стане заради неговото навалување и ќе му даде, колку што му треба.

И Јас ви велам: сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори. Зашто секој што сака - добива, и кој бара - наоѓа, и на оној што чука - ќе му се отвори. И кој татко од вас, ако синот негов му побара леб, ќе му даде камен? Или ако побара риба, па да му даде змија наместо риба? Или, ако побара јајце, да му даде скорпија? И така, значи, ако вие, бидејќи лукави, умеете да давате добри дарови на чедата свои, колку повеќе небескиот Отец ќе даде Дух Свети на оние, што Му бараат?

19.6.06

За Молитвата

Молитвата е нешто најсвето во нашето постоење. Таа е природен закон.
Молитвата е разговор на човечката душа со Бога. Она што е воздухот за телото, тоа е молитвата за човечкиот дух. Вистински се моли само оној човек што верува во Бога и во Неговата безгранична добрина; кој ја чувствува својата зависност од Него.

Светото Писмо на повеќе места повикува и охрабрува за молитвата:

Повикај ме во денот на неволјата и Јас ќе те избавам и ти ќе ме прославиш. (Пс. 49,15)

Штом Го побарате Господа, вашиот Бог, ќе Го најдете ако го побарате со сето срце и со сета душа; барајте и ќе ви се даде, барајте и ќе најдете, тропајте и ќе ви се отвори, зашто секој којшто сака добива, којшто бара наоѓа и на којшто тропа му се отвора. (Мт 7,7-8)

Најпрвин барајте го царството Божјо и Неговата правда и се’ друго ќе ви се додаде. (Мт 6,33)

Ако посакате нешто во мое име, Јас ќе ви исполнам. (Јн 14,14)

Но молитвата не е само барање. Таа е и благодарност, и славословење на Бога за сите добрини и милости кон нас. Светата Црква со сите свои свети тајни и дејствија, преку целата година, е една прекрасна и постојана молитва кон Бога. Треба да се молиме не само кога сме расположени за молитва - напротив, треба самите да се принудуваме на молитва и тогаш кога не ни се моли и кога сме оддалечени од молитвата.
Молитвата е убава насекаде. Посебно е убаво молењето во осаменост и во природата. Може човек да се моли од книга или со свои зборови, но со посветеност на молитвата и на Бога, според Господовите зборови

Влези во својата соба и затвори ја зад себе вратата и помоли се во тајност, и Твојот Отец што борави во тајност ќе те награди јавно.

За да биде молитвата вистинска и силна, треба да постојат овие услови:

Прво, да се подготвуваме за неа со набожни мисли и чувства. Пред сè, треба да бидеме длабоко проникнати од мислата дека сме грешни и недостојни да застанеме пред Бога и да разговараме со Него, пред Кого треперат ангелските сили.

Второ, да се трудиме сè што е кажано во молитвата да биде со внимание и со разбирање; да внимаваме во смислата на зборовите што ги читаме или пееме. Никаква полза нема од молитвата, ако ја вршиме без внимание и разбирање.

Трето, да се молиме со непоколеблива вера и надеж дека ќе го добиеме тоа што го бараме.

Четврто, треба да се молиме со покајно и смирено срце и со чиста совест. Само смиреноста, поправо сознанието дека сме недостојни пред Бога може да нè удостои со Неговата богата милост.

Петто, заедно со верата, во нашата молитва треба да се појават уште: трпението, постојаноста и неуморноста.

Шесто, и постот е многу важно помошно средство за засилување на молитвата. Ако молитвата е издигнување на душата кон Бога, издигнување со вера, надеж и љубов, тогаш постот е воздржување од сè што пречи на душата да се издигнува кон Бога. Постот е умереност во јадење и пиење и во другите животни потреби. Постот значи одбегнување на гнев, непријателство, завист, омраза и други страсти

Извори:

Молитвеник, Дебарско-кичевска Епархија. Охрид 1995

Православен молитвеник, Брегалничка Епархија. Штип 2003