Еднаш беше Он на едно место и се молеше, и кога престана, еден од Неговите ученици Му рече: Господи, научи нè да се молиме, како што ги научи Јован учениците свои.
А Он им рече: кога се молите, говорете:
Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое;
да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја,
како на небото, така и на земјата; лебот наш насушен
дај ни го денес; и прости ни ги нашите гревови, зашто и ние
самите му ги проштаваме на секој наш должник; и не
нè воведувај во искушение, но избави нè од лукавиот.
И им рече: ако некој од вас има пријател и отиде при него на полноќ, па му каже: пријателе, дај ми на заем три леба; оти ми дојде еден пријател од пат и немам што да му принесам; а оној однатре му одговори и рече: не ме обеспокојувај; портата е веќе затворена и децата се со мене во постела; не можам да станам и да ти дадам.
Ама ви велам, макар и да не стане да му даде за тоа, дека му е пријател, но ќе стане заради неговото навалување и ќе му даде, колку што му треба.
И Јас ви велам: сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори. Зашто секој што сака - добива, и кој бара - наоѓа, и на оној што чука - ќе му се отвори. И кој татко од вас, ако синот негов му побара леб, ќе му даде камен? Или ако побара риба, па да му даде змија наместо риба? Или, ако побара јајце, да му даде скорпија? И така, значи, ако вие, бидејќи лукави, умеете да давате добри дарови на чедата свои, колку повеќе небескиот Отец ќе даде Дух Свети на оние, што Му бараат?