4.7.06

За Крстот

Според Светото Предание, наследено од апостолите и светите отци, христијаните треба да се оградуваат со знакот на Светиот Крст. Православниот христијанин треба да се крсти вака:

Прво да ги состави првите три прста од десната рака заедно, како симбол на Светата Троица. Така составени, палецот, показалецот и средниот прст, ги ставаме на челото и изговараме: Во името на Отецот, па под градите и ги изговараме зборовите: и Синот, потоа на десното и левото рамо и ги изговараме зборовите: и Светиот Дух. Амин. Последните два прста треба да бидат составени, симболизирајќи ја двијната природа на Христа - Бог и човек.

За време на владеењето на Римјаните, најголемите престапници биле казнувани со распнување на крст. По барење на еврејските старешини, на таква казна бил осуден и најголемиот благодател на човечкиот род, Спасителот наш Господ Исус Христос. Оттогаш крстот станал симбол на христијанската вера. Затоа христијаните со посебна почит се однесуваат кон него. Крстот е највиден надворешен знак со кој христијанинот ја потврдува својата вера. Светиот апостол Павле им пишува на Коринтјаните: Јудејците сакаат знаци, а Елините бараат мудрост, додека ние го проповедаме Христа распнатиот , Кој е за Јудејците соблазна, а за Елините безумство (Кор. 1, 22-28).

Црковната песна вака го восфалува чесниот Крст: Крстот е чувар на Вселената, Крстот е украс на Црквата, Крстот е сила на владетелите, Крстот е слава на ангелите и пропаст на демоните.