2.5.09

За скромноста

Во неговата книга „За молитвата“, отец Софорниј исто така посочува дека кога го собираме сето наше битие, и го поставуваме нашиот ум во длабочините на срцето, влезовите на душата ни се заштитени од искушенијата на злиот, и само тогаш престануваме да паѓаме во гревот. Ова, исто така е и моментот кога постануваме вистински скромни. Светителите ни дале многу дефиниции за скромноста, но јас лично, ја сакам онаа на свети Максим Исповедник. Според него, скромност е да се знае дека нашето битие ни е дадено „на заем“ од Бога, и ова признание го исполнува нашето срце со благодарност. Свети Максим исто така ја нагласува важноста од благодарност, велејќи дека благодарноста е еднаква на скромноста.

Постојат повеќе степени на скромност. Според старец Софрониј, пак, човекот ја достига вистинската скромност и го наоѓа своето срце кога станува свесен дека не е достоен за таков Бог како Христос. Скромноста тогаш го оспособува да ја прими и прифати откриената вистина која Христос ни ја подари. И прифаќајќи ја, добива благодат, која функционира како водич низ нашето срце, дозволувајќи ни да ги видиме неговата нечистотија и валканост, давајќи ни храброст да речеме „Да, Господи, јас сум гнасна крпа, јас сум прав и земја. Јас сум црв и не сум човек (Псалм 21,6). Јас сум најголем од сите грешници“, да позајмиме од зборовите на молитвите на пророците и апостолите. Вистинската скромност вклучува искрено стоење пред вистината откриена во Христа, и исповедување на нечистотијата и валканоста која ја носиме скриено во нас, без и да го знаеме тоа. Благодатта Божја тогаш фрла светло во нашата помрачена душа, и во Неговата светлина ја гледаме нашата светлина. „Во Твојата светлина ќе гледаме светлина“, како што пееме во Славословието (Псалм 37,9). Само кога Бог не’ осветлува по Неговата благост ние можеме да ја видиме вистинската светлина на нашето постоење.

За отец Софрониј не постои поголемо чудо во светот од моментот кога Нестворениот се соединува со створените. Тој тежнееше токму кон ова чудо сиот негов живот, како за себе, така и за сите оние кои доаѓаа да ја бараат неговата помош. Тој никогаш не бараше да биде чудотворец, и не обрнуваше внимание на чудата кои се случуваа по неговите молитви. Но, кога најголемото чудо на постоењето се случуваше, а тоа е, соединувањето на створените со Нестворениот, нашиот старец се радуваше, дури и ако личноста умираше физички.

Ова чудо е аналогно со Биг Бенг-от на астрономите, и со зборовите во Битието: „ 'Нека биде светлина' - И би светлина“. Кога се случува во срцето на човекот, се открива „вистинскиот човек“. Да се потсетиме на зборовите на св. Григориј Палама, во неговото Писмо до монахињата Ксенија, засновано на зборовите на светиот апостол Петар и Псалмите: „Нека биде светлина, и имаше светлина“. Свети Григориј Палама, со убав и поетско-богословски јазик го опиша овој духовен настан кој се случува кога зраците на несоздадената Светлина го продираат нашето битие, и „длабокото срце“ се отвора, и човекот го започнува своето „онтолошко делување“.