Темнината, браќа мои, никогаш нема никакво општење со светлината, туку тие се спротивставени една на друга. Кога на почетокот Бог рекол: ''нека биде светлина'', тогаш, штом се јавила светлината, темнината исчезнала; и повторно, само што се сокрила светлината, веднаш се појавила темнината. Слично на тоа, неверието е спротивно на верата, незнаењето на знаењето, омразата на љубовта. Сето време додека Адам ја чувал верата своја, која ја имал кон Бога, се наоѓал во рајот и во бесмртниот живот. Но, кога преку прелеста на непријателот на човекиот род - ѓаволот, се расипал и паднал во неверие, тогаш бил осуден на смрт и бил прогонет од рајот и наместо божественото и духовно знаење, примил плотско и страстно знаење. Оти, кога се помрачиле умните очи на неговата душа, кои се умот и мислата, тогаш тој прогледал со телесни очи и започнал страстно да гледа на видливото. Да не беше отпаднал од знаењето и созерцанието на Бога, тогаш не ќе беше ни пропаднал во страстното знаење кое е совршено непознавање на вистинското добро.
Слово 25