Беше, пак, болен некој си Лазар, од Витанија, од местото на Марија и нејзината сестра Марта. А Марија чиј брат се разболе, беше онаа, кој Го помаза Господа со миро и ги избриша нозете Негови со својата коса. Тогаш сестрите нарачаа по Него, велејќи: “Господи, ете, оној што го милуваш, болен е.” Штом чу Исус, рече: “Таа болест не е за умирање, туку за слава Божја, за да се прослави Синот Божји преку неа.” А Исус ја сакаше Марта, и сестрата нејзина, и Лазара. А кога чу дека е болен, тогаш остана сва дена во местото, каде што се наоѓаше. Потоа им рече на учениците: “Да отидеме пак во Јудеја!” Учениците Му рекоа: “Рави, сега сакаа да те убијат со камења, и пак ли таму ќе одиш?” Исус одговори: “Нели дванаесет часови има во денот? Кој оди дење, не се сопиња, зашто ја гледа светлината на оној свет; а кој иди ноќе, се сопиња, оти нема светлина во него.” Ова им го кажа, а потоа им рече: “Лазар, пријателот наш, заспал; но ќе отидам да го разбудам.” Тогаш учениците Негови рекоа: “Господи, ако заспал, ќе стане.” Исус го рече тоа за смртта негова, а тие мислеа дека говори за заспивање со сон. Тогаш рече Исус отворено: “Лазар умре. Но се радувам заради вас, зашто не бев таму, та да поверувате - туку, да отидеме при него.” Тогаш Тома, наречен Близнак, им рече на учениците: “Да отидеме и ние да умреме со него.” Кога дојде Исус, најде, дека тој веќе четири дена е во гроб. А Витанија беше близу до Ерусалим, околу петнаесет стадии; и мнозина Јудејци беа дошле при Марта и Марија да ги утешат за брата им. Кога чу Марта дека иде Исус, излезе пред Него; а Марија седеше дома. Тогаш Марта Му рече на Исуса: “Господи, ако беше Ти овде , немаше да умре брат ми. Но сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе Ти даде.” Исус и рече: “Твојот брат ќе воскресне.” Марта Му рече: “Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден.” А Исус и рече: “Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, нема да умре, ќе живее. И секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека. Го веруваш ли тоа?” Таа Му одговори: “Да, Господи, јас поверував дека си Ти Христос, Синот Божји, што треба да дојде во светов.” Штом во рече тоа, отиде и ја повика сестра си Марија тајно, велејќи: “Учителот е овде и те вика.” Таа кога чу, стана бргу и отиде при Него; оти Исус не беше дошол во селото, а стоеше, каде што Го беше дочекала Марта. Јудејците, што беа со неа дома и ја утешуваа, кога видоа дека Марија стана бргу и излезе, отидоа и тие по неа, мислејќи дека ќе оди на гробот да плаче. А Марија, штом пристигна таму, каде што беше Исус и кога го виде, падна пред нозете Негови и рече: “Господи, да беше Ти овде, немаше да умре брат ми.” Исус, пак, кога ја виде како плаче, и Јудејците што беа дошле со неа како плачат, се натажи и се возмути, па рече: “Каде сте го положиле?” Му рекоа: “Господи, дојди и види!” Исус просолзи. Тогаш Јудејците рекоа: “Гледај, колку го милувал.” Некои од нив, пак, велеа: “Не можеше ли Овој, што ги отвара очите на слепиот, да направи и овој да не умре?” А Исус, пак, се нажали во Себе и дојде до гроботл тоа беше пештера и камен навален на неа. И рече Исус: “Кренете го каменот!” Марта, сестрата на умрениот, Му рече: “ Господи, мириса веќе; оти четири дена има откако е умрен.” Исус и рече: “Не ли ти реков, дека, ако поверуваш, ќе ја видиш славата Божја?” Тогаш го подигна каменот, каде што лежеше умрениот. А Исус ги подигна очите угоре и рече: “Оче, Ти благодарам, оти Ме послуша. А Јас знаев дека Ти секогаш Ме слушаш; но ова го реков заради народов што стои наоколу, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил.” Кога го рече ова, извика со висок глас: “Лазаре, излези надвор!” И излезе умрениот , завиткан во платно по рацете и по нозете, а лицето забрадено со крпа. Им рече Исус: “Одвиткајте го и оставете ги да оди!” Тогаш мнозина од Јудејците, што беа дошле со Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него.