2.10.09

Пустинските отци раскажуваа...

Во манастирот „Св. Георгиј“, старецот беше благословен со монаси кои немаа убави гласови. Годишното празнување на празникот на св. Георгиј не беше многу впечатливо, пред се’ поради неубавите звуци кои доаѓаа од певницата. Една година, старецот ги собра сите монаси и им рече: „Видете, оваа година ќе ги поканам познатите псалти од соборната црква за празникот.“ Се рашири глас за тоа, и илјадници луѓе дојдоа во манастирот на празникот, и навистина беше величенствено. Познатите псалти од соборната црква беа во врвна форма, и дадоа се’ од себе. Старецот беше воодушевен, а исто така и скромните монаси на кои не им беше дозволено да пеат. После одбележувањето на празничните свечености, монасите се повлекоа во своите келии; и старецот се повлече за да одмори од сета возбуда која празнувањето ја донесе. Така, додека спиеше, св. Георгиј дојде пред него, и му рече: „Отец, мислам дека го заборави мојот празник. Денес се празнува споменот за мене, а ти не стори ништо. Зарем не те благословив доволно во претходнава година?“ И старецот му одговори: „Но, свети Георгиј, не знам каде беше, но ние имавме прекрасна прослава денес. Како може да не беше ти тука?“ Свети Георгиј му одговори: „Јас бев во црквата, и видов река од луѓе во неа, но не слушнав ништо.“