7.10.06

Молитва на дете за себе

Господи Исусе Христе, Ти си рекол: „Оставете ги децата да доаѓаат при Мене, и не бранете им“. Затоа и јас, слабо и немоќно дете, доаѓам кај Тебе, Ти се поклонувам смирено и Ти се молам од се’ срце да ме земеш под Твојата закрила. Господи, ти си благ и милостив. Кога си бил на земјата, си им помагал на луѓето; си ги лекувал од нивните болести и слабости, си ги просветувал нивните души, за да ја познаат вистината и да прават секакво добро. И откако си се вознел на небото, не си ги оставил луѓето без Твојата помош, но секогаш си им испраќал благодат за лекување на нивните телесни и душевни немоќи кога се обрнувале кон Тебе со чисто срце и искрена молитва.

И оваа моја молитва е искрена и чиста. Многу Ти се молам, Боже мој, не ме оставај да грешам, зашто гревовите се болест и тие пречат да станам добар и умен човек. Испрати ми ангел чувар за да ме запазува од секакво зло и да ме води кон добро. Учи ме постојано да ги сакам сите луѓе, особено моите родители, браќата, сестрите и роднините. Помагај ми да бидам послушно и разумно дете, да не се противам на добрите совети на моите родители, учители и духовните наставници. Не ми давај, Боже, да ја заборавам молитвата и да не си спомнувам за Тебе. Зашто за мене нема поголемо добро од тоа секогаш да си спомнувам за Твоето свето име и дека Си Ти секогаш со мене и ме поткрепуваш.

Ти, Господе Исусе Христе си страдал, и си бил распнат на крстот заради нас, луѓето: да не’ спасиш од гревот и злото. Па како можам да го заборавам ова и сите добрини што ги правиш за нас? Затоа и јас, како ерусалимските деца што Те пречекале со песни и славословија, го воспевам Твоето име и Ти се молам непрестајно - дојди кај мене и кај сите луѓе, да биде Твојата волја како на небото, така и на земјата. Амин!