25.3.07

Свето Евангелие според Марка 10,32-45

Кога беа на пат, искачувајќи се за Ерусалим, Исус одеше пред нив, а тие беа уплашени, па врвејќи по Него, се боеја. И кога ги повика повторно дванаесетте, почна да им зборува за она што ќе се случи со Него. „Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на незнабошците. И ќе Го исмеат, и ќе Го бијат, и ќе Го плукаат, и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.“

Тогаш пристапија кон Него Зеведеевите синови, Јаков и Јован, и рекоа: „Учителе, сакаме да ни направиш она, што ќе побараме.“ Он ги праша: „Што сакате да ви направам?“ А тие Му одговорија: „Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во славата Твоја.“ Но Он им рече: „Не знаете што барате. Можете ли да ја испиете чашата што ја пијам Јас и да се крстите со крштавањето, со кое се крштавам Јас?“ Тие одговорија: „Можеме.“ А Исус им рече: „Чашата што ја пијам Јас, ќе ја пиете и вие, и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите; но, да позволам да се седи од Мојата десна или лева страна, не зависи од Мене; тоа е за оние, за кои е приготвено.“

Десетте пак, штом го чуја тоа, негодуваа против Јакова и Јована. А Исус, кога ги повика, им рече: „Знаете дека оние, што се сметаат кнезови народни, господарат над нив, и управнците управуваат над нив. Но меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите. Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина.“