26.2.08

Молитвата

Свети Ефрем Сирин

Молитвата е големо оружје, неоскудно богатство, неисцрпна ризница, мирно пристаниште, корен на мирот, мајка на илјада добрини: молитвата е нешто посилно и од царството! Се случува неретко, човеко облечен во диајдема, да лежи болен на одар, да гори во силен оган, да го окружуваат лекари, телохранители, военоначалници и робови; и при сето ова, ниту искуството на медицината, ниту разнообразноста на лекарствата, ниту грижите на домашните, ниту присуството на пријателите, ниту скапоцената положба, ниту количината на парите, ниту пак, било кое човечко средство е во состојба да му олесни и да го подигне од леглото. Меѓутоа, ако при болниот дојде човек, со смелост пред Бога и се допре до неговото тело и направи над него чиста и срдечна молитва, може да ја прогони од страдалникот неговата болест - и тоа, што не можеа да го направат силата, богатството, слугите, знаењето, опитпт ни величието - да го направ молитвата на бедниот и ништожен по дух човек со вера!

Тука подразбирам и разбирајте молитва не студена, формална, словесна, - туку молитва на духот, придружена со болка на срцето, со напрегање на умот, со непопустливост на волјата: зашто таквата молитва се искачува на небото. Водата, додека тече во рамница и има шир се разлева, никогаш не може да се насочи кон височина. Меѓутоа, кога средствата и рацете на техничарите ја заробуваат во низината и ја затвораат во водоводни цевки, тогаш таа, стеснета, побргу од стрела се искачува високо: така е и со човечката душа - поради големата слобода, таа се рассејува и разлева во светот; меѓутоа, кога животните случки ќе ја стеснат, тогаш во тој промислен притисок таа упатува нагоре чиста и усилна молитва за поткрепа. Затоа и псалмопејачот вели: „Кон Господа повикав во маката своја, и Он ме услиши“ (Псал. 119,1).

Голема е силата на молитвата - таа го изгаснала пламенот на оганот, ја обуздала јароста на лавовите, соборила полкови, скротувала бури, изгонувала бесови, ги отварала вратите небесни, ги раскинувала веригите на смртта, исцелувала болести, остранувала несреќи, закрепнувала колебливи тврдини; запирала удари од горе, пресекувала човечки клевети - со еден збор, спасувала од секакви несреќи! Подразбирам пак, молитва не вообичаена, што лежи на усните, туку молитва што произлегува од длабочините на срцето. Како што дрвото, кое има длабоки корени може да ги пречека и издржи ветровите и бурите, без да се прекрши и искорени, така и молитвата, упатена од длабочината на душата, длабоко вкоренета во срцетом се простира кон небесата без да се прекине од било каква соблазнувачка помисла. Така се молел и светиот пророк и цар Давид: „Од дното на душата повикав кон Тебе, Господи“ (Псал. 129,1)