23.12.07

Покајна молитва на свети Ефрем Сирин

Господи, пред тркалото на времето да сопре во мојот живот, помилуј ме!

Пред и ветрот на смртта да дувне, и на телото мое болести се појават - на смртта весници - помилуј ме! Пред и величественото сонце на висините да се помрачи за мене - помилуј ме! И нека блесне за мене светлоста Твоја од висините, и нека ја растера од умот мој страшната темнина. Пред и земјата да се врати во земја, и стане гнилеж, и пред пропаста на сите црти на личотата нејзина - помилуј!

Пред и гревовите мои да ме прелажат на Судот и посрамат пред Судијата - помилуј, Господи, со благости исполнет! Пред и воинствата да излезат, и претходат на Синот Царев, да го соберат родот наш беден, пред Престолот на Судијата - помилуј! Пред и гласот на трубата пред присуството Твое да се зачуе, поштеди ги слугите Твои и помилуј, Господи наш Исусе!

Пред и дверите Твои да ги заклучиш пред мене, Сине Божји, и пред и храна на незгасливиот оган пеколен да станам јас, помилуј ме!

3.12.07

Молитва на Свети Ефрем Сирин за време на пост

Господи и Владико на мојот живот!

Дух на мрзливост, униние, властољубие и празнословие не ми давај. Дух на целомудрие, смиреноумие, трпение и љубов дарувај на мене, слугата Твој! Да, Господи, Цару, дарувај ми да ги видам прегрешенијата мои и да не го осудувам братот мој, зошто Си благословен во сите векови. Амин.

7.11.07

Молитва за духовниот отец

Спаси го, Господи, и помилувај го мојот духовен отец (име), не осудувај го и не измачувај го заради мојот гревовен живот. Умножи ги во него духовните дарови, откриј му ги сите мои прегрешенија, изполни го со мудрост, со милост и со љубов, и заради неговите молитви дарувај му простување на гревовите, исправање на животот, преуспевање во добродетелите, и испрати му ги Твоите богати милости.Запази го, Господи, во овој ден (во оваа ноќ) да го избегне гревот, совладај ги неговите телесни и нетелесни непријатели, избави го од видливи и невидливи непријатели, и запази го од лукави и неправедни луѓе. Спомни го, посети го и зајакни го на многу години заради нас грешните.

О, Пресладок Исусе! Господи, Ти си безмерно Свет, безмерно Праведен, безмерно Милостив! Господи, освети го со Твојата Светост мојот духовен отец (име), оправдај го со Твојата праведност, закрили го со Твоето милосрдие, и по неговите свети молитви прости ми мене, големиот грешник, и на сите негови духовни чеда прости, зашто си Благ и Човекољубив. (поклон)

3.11.07

Молитва при склучување брак

Господи, Боже наш, во Својот Домострој на спасение, во Кана Галилејска го удостои, чесен да го покажеш бракот, со Твоето присуство. Сам Ти сега слугите Твои (имињата) , кои благоволиш да се соединат еден со друг, во мир и во едномислие запази ги. Покажи го чесен нивниот брак, запази ја нескверна нивната постела, благослови да живеат во непорочно сожителство, и благоволи длабока старост да достигнат, со чисто срце извршувајќи ги повеленијата Твои. Зашто Ти си Бог наш, Бог семилостив и спасоносен, и Тебе слава Ти вознесуваме, со везначалниот Твој Отец и сесветиот и благ и живототворен Твој Дух; сега, секогаш, и во сите векови. Амин.

31.10.07

Свети Јован Кронштатски за молитвата

Кога за прв пат, или само понекогаш читаме некои молитви, ги читаме како нешто ново, радосно и чувствително; но, кога ги повотруваме често, помала и помала е нашата радост; престанува за нив нашиот интерес и тешко се совладуваме да ги прочитаме повторно со она претходно чувство. Еве што треба да се прави против тоа: мораме да замислиме дека по прв пат ги читаме оние прекрасни молитви на кои сме навикнале и кои толку силно не’ интересирале на почетоците; со срцето да проникнеме во секој збор и длабоко да го почитуваме. Оваа појава во душата наша последица е на гревот првороден - последица на нашата прва непостојаност во вистината. И се’ до сега ние не сме во состојба во вистината да застанеме непоколебливо: само што ќе ја допреме, веднаш се сомневаме во неа. Тоа често се случува со молитвата, се случува со верата, со пријателството кон другите, и со љубовта кон Бога и ближниот свој, и со добродетелите воопшто тоа често се случува: на секаде се покажуваме непостојани во вистината.

За време на молитвата, најмногу труди се со срцето да ја проникнеш вистината или силата на зборовите молитвени; храни се со нив како со нетрулежна храна, напој го со нив срцето свое, греј се со нив ко со благодетен оган.

Нека оние кои се молат веруваат дека се’ што е корисно Бог ќе им даде таму и тогаш, каде и кога не очекувале.

19.10.07

Молитви за живите

Спомни ја Господи Исусе Христе, Боже наш, Твојата вечна милост, поради која си станал човек, си претрпел распнување и смрт, за да ги спасиш оние што ќе поверуваат во Тебе; си воскреснал од мртвите, си се вознел на небесата, седиш оддесно на Бога Отецот и милостиво погледнуваш кон оние што Те викаат од се’ срце. Приклони го Твоето уво и послушај ја мојата молба за сите луѓе како пријатно духовно благоухание.

Пред се’, спомни си за Твојата Света, Соборна и Апостолска Црква што си ја спечалил со Твојата скапоцена крв. Утврди ја, закрепи ја, рашири ја и зголеми ја, сочувај ја непобедлива од пеколните сили. Прекрати ја разделеноста во Црквата. Смири го непријателското бранување меѓу народите, искорени ги сите ереси со силата на Твојот Свет Дух (поклон).

Спаси го, Господи, благочестивиот православен народ наш, управителите и христољубивото воинство. Огради ја со мир нашата власт и покори го под нивните нозе секој непријател и противник. Всади им го во срцата она што е добро за мирот и напредокот на Твојата Света Црква и сиот Твој народ, та и ние, во нивниот спокој да преживееме тивок и безгрижен живот во правоверност, набожност и чистота (поклон).

Спомни го, Господи, нашиот ариепископ охридски и македонски Стефан; спомни го нашиот митрополит (името на епархискиот архиереј), сите православни патријарси и епископи, архиереите на Македонската Православна Црква, свештениците, ѓаконите и сиот клир што си го поставил да го пасе Твоето духовно стадо. По Твоите молитви, помилуј и спаси ме мене, грешниот (поклон).

Спаси го, Господи и помилуј го мојот духовен отец (името) и по неговите свети молитвни, прости ми ги моите прегрешенија (поклон).

Спаси ги, Господи, и помилуј старите и младите, сиромасите, сираците и вдовиците, болните и несреќните, посети ги, закрепи ги и утеши ги. Преку Твојата милост и сила, дарувај им помош и олеснение (поклон).

Спомни ги, Господи, оние што ме мразат и навредуваат, што ми прават зло, помилувај ги и не ги оставај да загинат поради мене, грешниот (поклон).

Отстапниците од Светата православна вера и заблудените еретици просвети ги со светлината на Твоето учење и прибери ги во Твојата света, вселенска и апостолска Црква (поклон).

2.10.07

Молитва пред исповед

Владико, Господи Боже наш. Ти не ја сакаш смртта на грешните, туку сакаш да се обратат и да бидат живи. Ти, Кој ги примаш сите грешници, кои со покајание при Тебе припаѓаат, прими ме сега и мене, кој поради моите прегрешенија се каам. Дај ми усрдна скрушеност и исправи ја совеста моја, за да ги исповедам моите гравови пред славата на страшниот Твој Престол, и да се прослави во мене Твоето пречесно и великолепно име; на Отецот, и Синот, и Светиот Дух; сега и секогаш, и во сите векови. Амин!