23.7.07

Молитва за време на бездождие и суша

Господи, Боже наш, знаеме дека сме недостојни за Твоите добрини, ниту сме достојни за да ги подигнеме очите и да гледаме кон небото, да застанеме пред Тебе и да ги искажеме нашите прозби, зашто какво добро направивме за да ни ги исполнуваш прозбите? Ти, поради Својата неизмерна благост не’ создаде од ништо, за да постоиме не’ удостои со Твојот лик и ни покори секое создание, а ние, коишто бевме толку облагодетени, се покажавме како непријатели, и ги презревме, Благодателу, Твоите заповеди и почнавме да живееме со нечисти мисли. Не само што ја отфрливме Твојата љубов, туку и меѓусебно се однесуваме како ѕверови, се јадеме еден со друг со лихварства и неправедни работи.

Како да се удостоиме да ги примиме Твоите добрини? Зашто Ти си праведен, а ние сме неправедни; Ти љубиш, а ние непријателствуваме; Ти си добросрдечен, а ние жестокосрдни; Ти си добродетелен, а ние грабачи. Што имаме заедничко со Тебе за да сме учесници на Твоите блага? Ја признаваме Твојата правда, знаеме дека заслуживме осудување, ги проповедаме Твоите благодејанија, виновни сме за илјада смртти. Сме под Твоја вистинска и седржителска рак; со Твојата силна десница лесно е да не’ погубиш во еден миг. Доколку тоа зависи нашата намера и живот, праведно е да загинеме, најправеден Судијо, но на Твојата неисповедлива благост и неискажана добрина тоа не и’ е угодно, најчовекољубив Владико.

Поради тоа, осмелени од несогледивото Твое милосрдие и од Твоето незлопамтиво срце, пристапуваме при Тебе, Благодетелу, ние неразумните и неблагодарните и Те молиме да не не’ предаваш во раката на сушата, ниту поради нашите беззаконија не не’ скрушувај со прангите и оковите на гладот. Но, поради Твојата благост, дај и’ на земјата и на Твоето наследство добар и доволен дожд, наполни ги пазувите на земјата со Твоите животворни води, зашто како што умира чедото на мајката која нема млеко, така умира и животот кога земјата нема вода. Но посети ја со Твојата милост со водни облаци, благораствори го воздухот, ороси ја со изобилен дожд, оживи ги цветовите, а со добри ветрови направи ги плодовите цели и полни и умножи ги со Твојата добросрдечност. Со нив си одредил да се одржува телесниот живот, а ако Ти со Твоите дождови не ни дадеш благост, земјата нема да го даде својот плод и ќе остане сува и пуста. По Твојата милост заштити не’ од големи огнови и пожари, и помогни им на луѓето кои се борат со огнените стихии: дај им сила, здравје и храброст.

Поради множеството Твои добрини, послушај ја молитвата на Твоите недостојни чеда, зашто Ти си изворот на милоста, подател на добрините и затоа ние Те порславуваме Тебе, заедно со безначалниот Твој Отец и со пресветиот, благиот и животворен Твој Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин!