14.5.08

Покајна молитва на преподобен Антиох

Надевајќи се на бескрајната Твоја дарежливост, Владико, од оскрвернетата и нечиста уста Ти принесувам молитва: Помени, бидејќи над мене е повикано Твоето свето име и бидејќи ме избави со Својата скапоцена крв, бидејќи ме запечати со Твојот Свет Дух, избавувајќи ме од длабочината на моите беззаконија. Не допуштај да ме грабне непријателот. Исусе Христе, заштити ме и биди ми помошник во борбата, бидејќи сум роб на страста која ме напаѓа. Ти пак, Господи, немој да ме оставаш на земјата осуден заради моите дела, туку ослободи ме, Владико, од лукавото ропство на светодржецот, усвојувајќи ме за Своите заповеди.

Пату на мојот живот, Христе мој, Твоето лице е светлина на моите очи. Боже, Владико и Господе, не давај моите очи да се превознесат и злобната страст оддалечи ја од мене. Покори ме со Својата света рака. Нека не ме обземаат страстите и алчностите и не предавај ме на бесрамната душа. Во мене нека засветли светлината на Твоето лице, Господи, за да не ме обзеде темнината, ниту пак да ме грабнат оние кои одат во неа. Немој да дозволиш, Господи, Твојот слуга да го касаат туѓи кучиња.

Оче Свети, удостој ме да бидам живеалиште на Твојот Свет Дух и направи ме дом на Твојот Христос. Патеводителу на заблудените, упати ме за да не се свртам на левата страна. Лицето Твое, Господи, посакав да Го видам. Боже, упатувај ме со светлината на Твоето лице. Дарувај му извор од солзи на Својот слуга и роса на Светиот Дух дај му на Своето создание, за да не се исушам како смоквата што ја проколна. Солзите нека бидат мое пиење, а молитвата моја храна.

Сврти го, Господи, мојот плач во радост и пими ме во Своето вечно живеалиште. Нкеа ме стигне Твојата милост, Господи, и дарежливоста Твоја нека ме опфати, па отпушти ми ги сите мои гревови. Зашто Ти Си вистински Бог, Кој ги отпушта беззаконијата. Не дозволувај, Господи, да се посрами делото на Твоите раце, заради многуте свои гревови, туку повикај ме Владико, со единородниот Твој Син, нашиот Спасител. Подигни ме мене што лежам, како што го подигна митникот Левиј, а оживотвори ме мене умртвениот од гревови, како што тоа го направи со синот на вдовицата. Бидејќи Ти единствен Си воскресение на мртвите и на Тебе ти доликува слава во вековите. Амин.