Свети Јован Кронштатски: „Мојот живот во Христа“
„Молитвата е вознесување на умот и срцето кон Бога“ (Митрополит Филарет), созерцување на Бога, одважна беседа на тварта со Творецот, побожно стоење на душата пред Него, заборавање на се’ она што не’ окружува поради Него, храна душевна, воздух, светлина и нејзина животворна топлина, очистување на гревовите - благ Христов јарем и лесно Христово бреме. Молитвата е непрекинато чувствување на сопствената немоќ или душева ништост, осветување на душата, предвкус на идните блаженства, блаженство ангелско, небесен дожд кој ја освежува, наводнува и оплодува душевната земја, очистување и освежување на мисловниот воздух, озареност на лицето, радост на духот, златна нишка која ја поврзува тварта со својот Творец, ведрина и срдечност низ сите патила и искушенија животни, светилка на животот, успех во делувањето, достоинство рамноангелско, на верата, надежта и љубовта утврдување. Молитвата е - врска со ангелите и светиите.
Молитвата е исправање на животот, мајка на солзите и скрушеност на срцето;поттикнувач на милосрдието; животна сигурност; уништување на стравот од смртта; занемарување на земните скапоцености и желба за небески богатства; очекување на Оној Кој ќе му суди на сиоте свет, сеопштото воскресение и животот во идниот век; настојување за избавување од вечните маки, непрестано тражење на помилување од Владиката; жива вода за душата; молитвата значи со помошта на својата љубов да се примат во срцето сите луѓе, симнување на небото во душата, сместување на Пресветата Троица во срцето, како што е речено: „... и ќе дојдеме при него, и живеалиште во него ќе направиме. “ (Јн. 14,23)