1 Господи, Ти си Бог мој; ќе Ти возвеличам, ќе го восфалам името Твое, зашто си извршил премудри дела; определени во старо време и вистинити. Амин.
2 Ти го претвори градот во грамада од камења, цврстата тврдина - во урнатини; нема повеќе во градот дворци на другоплеменици; никогаш нема да биде востановен.
3 Затоа ќе Те прославуваат силните народи; градовите на страшните племиња ќе се плашат од Тебе;
4 оти Ти беше прибежиште на сиромавиот, прибежиште на немоќниот во тешко време за него, заштита од бура, сенка од припек; зашто гневното дишење на насилниците прилегаше на бура против карпа.
5 Ти го скроти бујствувањето на непријателите, како припек - во безводно место; веселбата на угнетувачите е задушена, како припек - сенка од облак.
6 И Господ Саваот ќе стави врз таа планина за сите народи трпеза со добри јадења, трпеза со чисти вина, со богати јадења од коски и најчисти вина;
7 врз таа планина ќе ја уништи покривката, што ги покрива сите народи, покривка, која лежи врз сите племиња.
8 Смртта ќе биде проголтана за секогаш, ќе ги избрише Господ Бог солзите од сите лица, и ќе го симне срамот од Својот народ во целата земја, зашто така вели Господ.
9 И ќе речат во тој ден: "Еве, Он е нашиот Бог! На Него се надевавме, и Он не спаси! Он е Господ; Него Го чекавме; да се возрадуваме и развеселиме за спасението од Него!