2.8.06

Свети пророк Илија


Во плоти ангел, пророков основание,
вториј предтеча пришествија Христова, Илија славниј,
свише пославиј Елисееви благодат,
недуги отгоњати и прокаженија очиштати.
Темже и почитајуштим его точит исцеленија.

Ангел во тело, столб на пророците,
втор претеча на Христовото доаѓање - Илија славен,
откако одозгора му испрати благодат на Елисеј,
овој болести и прокажени исцелуваше.
Затоа на оние што го почитуваат им дава исцеление.

30.7.06

Четири секојдневни молитви

Молитва за отворање на умот

Господи Исусе Христе, Учителе на мудроста, Ти се молам, отвори ми ги очите на моето срце, за да ги слушам и разбирам Твоите зборови, та да ја исполнувам Твојата волја, којашто е откриена за наш грешните и неразумни луѓе.

Господи Боже, спасителу мој, бидејќи си дошол на земјата да ги побараш и да ги спасиш паднатите, не сокривај ги од мене Своите заповеди, зашто јас пропаѓам во темнината на незнаењето на законот Твој; но, отвори ми ги очите на умот за да можам да ги разберам чудесата на Твоето учење; кажи ми ги непознатите тајни на мудроста Твоја. На Тебе се надевам, со светлината на своето знаење да го просветиш мојот ум и разум, та не само да го читам напишаното, туку и да го извршувам. Ти се молам, солзи се преколнувам и извикувам:

Господи, проссвети ме, научи ме и вразуми ме за светиот Твој збор и житијата на Твоите светители да ги читам не за грев, а за обновување и просветување, за осветување и спасение на душата моја и за наследување на животот вечен. Амин!

Молитва на свети Филарет, московскиот митрополит и чудотворец

Господи, не знам што да побарам од Тебе. Само Ти знаеш што ми е потребно, и Ти повеќе ме сакаш отколку што сам знам и умеам да се сакам себеси. Оче, дај му го на Твојот слуга она што и сам не умее да го побара. Не се осмелувам да барам ни Крст ни утеха, а само стојам пред Тебе и срцето мое е отворено за Тебе. Ти ги согледуваш потребите што јас не ги знам, па затоа гледај и постапи со мене според твојата милост. Порази, но и излечи; собори, но и подигни. Ништожен и нем сум пред Твојата света волја и недостижните, за мене, Твои судови.

Себеси се принесувам жртва за Тебе и Ти се предавам. Немам друга желба, освен таа - целосно да ја исполнувам волјата Твоја. Научиме да се молам. Самиот Ти, моли се во мене Господи. Амин!

Секојдневна молитва на Оптинските старци

Господи, дај ми мирно да го примам сè она што ќе ми го донесе денешниов ден, како и тоа потполно да се предадам на Твојата света волја. Упатувај ме и помагај ми секој ден во текот на овој ден: какви вести и да чујам, научи ме мирно да ги примам и со цврсто уверување дека сè станува по Твојата света волја. Управувај со моите мисли и чувства во сите мои дела и зборови. Не позволи во сите непредвидени случаи да заборавам дека сè доаѓа од Тебе. Научи ме правилно да се однесувам спрема своите родители и спрема ближните - никого да не налутам, ниту да ожалостам.

Господи, дај ми сила да го поднесам заморот на денешниов ден, како и сè она што ќе се случи во текот на денов. Ти управувај со мојата волја, и научи ме да се молам, да верувам, да се надевам, да истрпувам и да љубам. Амин!

Молитва на покајникот од свети Симеон Богослов

Господи, Ти сè гледаш и нема нешто што не гледаш. Иако сум дело на Твоите раце, сепак не правев дела според заповедите Твои, туку поради големото мое безумство, вршев секакви зла, не помислувајќи дека Ти, Создателу мој и Божем колку Си добар, толку Си и Правичен. А сега, сеќавајќи се на тоа, ма опфаќа страв и не знам што да правам. Ја чувствувам Твојата осуда и не наоѓам зборови во устата моја за оправдување. Немам никакви добродетели и не сум направил никакво покајничко дело, коешто заслужува поради него да ми се прости макар еднен празен збор од устава моја. Освен тоа, оној што ги поседува сите добродетели и прави разновидни добри дела го врши тоа како добар слуга и затоа што е должен - во сето тоа тој нема да најде откуп за својот грев.

Тука единствено Твојата милост помага. Гревот е смрт, и кој од оние што преку него умреле, може сам себеси да се воскресне? навистина, никој! Единствено Ти Си Умрел и Си воскреснал, затоа што не Си направил грев, и не се најде измама во Твојата уста!

И ете, Господи Седржителу, откако направив многу лоши дела, се каам, но самото покајание е немоќно да ме оправда. Покајанието е осознавање на своите гревови, а нив ги симнува само милоста Твоја. Ти гледаш, Седржителу Господи, дека сега ништо немам освен телото; но за мене нема никаква полза од тоа што сум го оставил богатството. Целиот сум една рана; во мене не останала никаква надеж за спасениетака што пеколот е подготвен да ме проголта жив. Ти единствен можеш да ме спасиш и да ги излечиш патилата на моето срце. Твојата рака може сè; таа достига до длабочините на бездната и сè станува по твоја заповед. Не се осмелувам да речам „помислувај ме, Господи!“ Недостоен сум за твојата милост, како и секој што со право ги заслужува маките. А Ти, Господи, сè знаеш и затоа постапи со мене онака како што умее Твоето човекољубие, бидејќи сум недостоен и за самиот живот. Да биде Твојата света волја во сè. Амин!

15.7.06

Утрински молитви

(кога ќе станеш од постела, пред секоја друга работа, измиј се и застани набожно со помисла дека стоиш пред лицето на Бога, прекрсти се и прочитај ги следниве молитви)

Молитви по станување од постела

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!
Господи Исусе Христе, Сине Божји, заради молитвите на Твојата Пречиста Мајка и на сите светии, помилуј нè.

(прочитај ја молитвата кон Пресвета Троица - Трисвето)

Откако станавме од сон, Ти се поклонуваме, Благи; ангелската песна Ти ја пееме, Силни: свет, свет, свет си Боже, по молитвите на Богородица, смилуј се на нас.
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух:
Од постела и од сон ме дигна, Господи. Просвети го мојот ум и срцето и отвори ми ја устата, па да Те воспеваме, Света Троице: свет, свет, свет си Боже, по молитвите на Богородица, помилуј нè.
И сега, секогаш и во сите векови. Амин!
Ненадејно ќе дојде Судијата и делата на секого ќе се откријат, но со страв во полноќ викаме: свет, свет, свет си Боже, по молитвите на Богородица, помилуј нè.

Псалм 50

Смилувај се на мене, Боже, по Твојата голема милост, и по Твојата добрина исчисти ги моите беззаконија. Најнапред измиј ме од моето беззаконие и од гревот мој исчисти ме, зашто беззаконијата мои јас ги знам, и мојот грев е секогаш пред мене. На Тебе единствениот Ти згрешив и лошо пред тебе направив, така што Ти си прав во Твојата пресуда и чист во Својот суд. Ете, во беззаконие сум зачнат и во грев ме роди мојата мајка. Ете, Ти ја сакаш вистината и несфатлива и таинствена мудорст си ми јавил; пороси ме со исоп, и ќе бидам чист; измиј ме и ќе бидам побел од снег. Дај ми да слушам радост и веселба, и ќе се зарадуваат моите скршени коски. Сврти го Своето лице од моите гревови и исчисти ги сите мои беззаконија. Срце чисто создај во мене и вистинскиот дух обнови го внатре во мене. Не ме отфрлај од Твоето лице и Светиот Твој Дух не одземај Го од мене. Дај ми радост на Твоето спасение и со силен дух утврди ме. Беззакониците ќе ги научам на Твоите патишта и грешниците ќе се обрнат кон Тебе. Избави ме од крвнина, Боже, Боже на моето спасение; ќе се зарадува јазикот мој на правдата Твоја. Господи, усните мои отвори ги и устата моја ќе ја разгласува Пофалбата Твоја. Зашто, ако би сакал жртва, навистина би Ти ја дал, но сепаленици не посакуваш. Жртва на Бога е е духот потиштен, срце потиштено и смирено Бог не ќе отфрли. Прослави го Господи Сион, по Твојата добрина, обнови ги ѕидините на Ерусалим. Тогаш ќе Ти бидат угодни жртвите на правдата, приносите и сепалениците; тогаш на Твојот олтар ќе се полагаат телци.



Симболот на верата

Верувам во единиот Бог Отец, Седржител, Творец на небото и на земјата, на сè видливо и невидливо;

И во Единиот Господ Исус Христос, Син Божји, Кој е родн од Отца пред сите векови, Светлина од Светлина, Бог вистински од Бога вистински роден, нестворен, едносуштен на Отца, преку кого сè станало;

Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение слезе од неботот и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева и стана човек;

И беше распнат заради нас во времето на Понтијскиот Пилат и страдаше и беше погребан;

И вискресна во третиот ден според Писмото;

И се вознесе на небото и седи оддесно на Отца;

И пак ќе дојде со слава да им суди на живите и на мртвите и Неговото царство не ќе има крај;

И во Светиот Дух, Господ, Кој живот твори, Кој излегува од Отца, на Кого се поклонуваме и Го славиме заедно со Отецот и Синот и Кој говорел преку пророците;

Во една света, соборна и апостолска Црква;

Исповедувам едно крштение за простување на гревовите;

Го чекам воскресението на мртвите;

И животот во идниот век. Амин!


Молитва кон Света Троица

Откако станав од сон, Ти благодарам Света Троице, зашто поради Твојата голема добрина не се разгневи на мене мрзливиот и грешниот, ниту ме погуби заради моите беззаконија, но се покажа, како и обично, човекољубив, и кога лежев без надеж ме крена за да станам рано и да ја прославам Твојата сила. И сега просвети ги моите духовни очи, отвори ја мојата уста, за да се поучувам со Твоите зборови, да ги разбирам Твоите заповеди, да ја извршувам Твојата волја, да Ти пеам со искрена пофалба и да го прославам тТвоето пресвето име - на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин!


Молитви кон Господа од Свети Макариј Велики

Боже, исчисти ме грешниот, зашто никогаш не сум направил добро пред Тебе, но избави ме од лукавиот; да биде во мене Твојата волја, та неосудено да ја отворам мојата нечиста уста и да го восфалам Твоето свето име, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин!

Од сон станав, Спасителу, и Ти принесувам полноќна песна; поклонувајќи се пред Тебе, извикувам: не ми давај да заспијам во гревовна смрт. Ти Кој доброволно беше распнат на Крст, крени ме мене што лежам во мрзливост, побрзај да ме спасиш во бдение и молитва, за да стојам пред Тебе и да Ти се молам. А по ноќниот сон, дај да изгрее во мене безгрешен ден, Христе Боже, и спаси ме.

Човекољубив Владико, станав од сон и брзам да дојдам при Тебе и по Твојата милост се трудам да ги извршувам твоите дела. Ти се молам, помагај ми во секое време и во секоја работа; избави ме од секакво зло и ѓаволски искушенија. Спаси ме и воведи ме во Твоето вечно царство. Зашто Ти си мојот Создател, Промислител и Дарител на секакво добро. Во Тебе е сета моја надеж, тебе те прославувам сега, секогаш и во сите векови. Амин!

Господи, со Твојата голема добрина и милост Ти ми помогна мене, на Твојот слуга, да ја поминам оваа ноќ без опасност од секакво непријателско зло. Ти, Владико и Создателу, удостој ме со Твојата вистинска светлина, та со просветено срце да ја извршувам Твојата света волја, сега, секогаш и во сите векови. Амин!

9.7.06

Молитва кон Пресвета Троица

Слава Ти, Боже наш, слава Ти.
Царе небесен, Утешителе, Духу на вистината, Кој си насекаде и сè исполнуваш, ризницо на добрини, Животодавче, дојди и всели се во нас. Исчисти нè од секаква нечистотија и спаси ги, Благи, нашите души.

Свети Боже, Свети Силни, Свети Бесмртни, помилуј нè. (три пати)
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин!

Пресвета Троце, помилуј нè. Господи, исчисти ни ги гревовите. Владико, прости ни ги беззаконијата. Свети, посети нè и исцели ги нашите слабости заради Твоето име.

Господи помилуј (три пати)
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин!

Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое, да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја како на небото, така и на земјата; лебот наш дај ни го денес и прости ни ги долговите наши како и ние што им ги проштеваме на нашите должници; и не нè воведувај во искушение, но избави нè од лукавиот, зашто Твое е царството, и силата, и славата на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин!

4.7.06

За Крстот

Според Светото Предание, наследено од апостолите и светите отци, христијаните треба да се оградуваат со знакот на Светиот Крст. Православниот христијанин треба да се крсти вака:

Прво да ги состави првите три прста од десната рака заедно, како симбол на Светата Троица. Така составени, палецот, показалецот и средниот прст, ги ставаме на челото и изговараме: Во името на Отецот, па под градите и ги изговараме зборовите: и Синот, потоа на десното и левото рамо и ги изговараме зборовите: и Светиот Дух. Амин. Последните два прста треба да бидат составени, симболизирајќи ја двијната природа на Христа - Бог и човек.

За време на владеењето на Римјаните, најголемите престапници биле казнувани со распнување на крст. По барење на еврејските старешини, на таква казна бил осуден и најголемиот благодател на човечкиот род, Спасителот наш Господ Исус Христос. Оттогаш крстот станал симбол на христијанската вера. Затоа христијаните со посебна почит се однесуваат кон него. Крстот е највиден надворешен знак со кој христијанинот ја потврдува својата вера. Светиот апостол Павле им пишува на Коринтјаните: Јудејците сакаат знаци, а Елините бараат мудрост, додека ние го проповедаме Христа распнатиот , Кој е за Јудејците соблазна, а за Елините безумство (Кор. 1, 22-28).

Црковната песна вака го восфалува чесниот Крст: Крстот е чувар на Вселената, Крстот е украс на Црквата, Крстот е сила на владетелите, Крстот е слава на ангелите и пропаст на демоните.

29.6.06

Свето Евангелие од Лука 11: 1-13

Еднаш беше Он на едно место и се молеше, и кога престана, еден од Неговите ученици Му рече: Господи, научи нè да се молиме, како што ги научи Јован учениците свои.

А Он им рече: кога се молите, говорете:


Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое;

да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја,

како на небото, така и на земјата; лебот наш насушен

дај ни го денес; и прости ни ги нашите гревови, зашто и ние

самите му ги проштаваме на секој наш должник; и не

нè воведувај во искушение, но избави нè од лукавиот.


И им рече: ако некој од вас има пријател и отиде при него на полноќ, па му каже: пријателе, дај ми на заем три леба; оти ми дојде еден пријател од пат и немам што да му принесам; а оној однатре му одговори и рече: не ме обеспокојувај; портата е веќе затворена и децата се со мене во постела; не можам да станам и да ти дадам.

Ама ви велам, макар и да не стане да му даде за тоа, дека му е пријател, но ќе стане заради неговото навалување и ќе му даде, колку што му треба.

И Јас ви велам: сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори. Зашто секој што сака - добива, и кој бара - наоѓа, и на оној што чука - ќе му се отвори. И кој татко од вас, ако синот негов му побара леб, ќе му даде камен? Или ако побара риба, па да му даде змија наместо риба? Или, ако побара јајце, да му даде скорпија? И така, значи, ако вие, бидејќи лукави, умеете да давате добри дарови на чедата свои, колку повеќе небескиот Отец ќе даде Дух Свети на оние, што Му бараат?

19.6.06

За Молитвата

Молитвата е нешто најсвето во нашето постоење. Таа е природен закон.
Молитвата е разговор на човечката душа со Бога. Она што е воздухот за телото, тоа е молитвата за човечкиот дух. Вистински се моли само оној човек што верува во Бога и во Неговата безгранична добрина; кој ја чувствува својата зависност од Него.

Светото Писмо на повеќе места повикува и охрабрува за молитвата:

Повикај ме во денот на неволјата и Јас ќе те избавам и ти ќе ме прославиш. (Пс. 49,15)

Штом Го побарате Господа, вашиот Бог, ќе Го најдете ако го побарате со сето срце и со сета душа; барајте и ќе ви се даде, барајте и ќе најдете, тропајте и ќе ви се отвори, зашто секој којшто сака добива, којшто бара наоѓа и на којшто тропа му се отвора. (Мт 7,7-8)

Најпрвин барајте го царството Божјо и Неговата правда и се’ друго ќе ви се додаде. (Мт 6,33)

Ако посакате нешто во мое име, Јас ќе ви исполнам. (Јн 14,14)

Но молитвата не е само барање. Таа е и благодарност, и славословење на Бога за сите добрини и милости кон нас. Светата Црква со сите свои свети тајни и дејствија, преку целата година, е една прекрасна и постојана молитва кон Бога. Треба да се молиме не само кога сме расположени за молитва - напротив, треба самите да се принудуваме на молитва и тогаш кога не ни се моли и кога сме оддалечени од молитвата.
Молитвата е убава насекаде. Посебно е убаво молењето во осаменост и во природата. Може човек да се моли од книга или со свои зборови, но со посветеност на молитвата и на Бога, според Господовите зборови

Влези во својата соба и затвори ја зад себе вратата и помоли се во тајност, и Твојот Отец што борави во тајност ќе те награди јавно.

За да биде молитвата вистинска и силна, треба да постојат овие услови:

Прво, да се подготвуваме за неа со набожни мисли и чувства. Пред сè, треба да бидеме длабоко проникнати од мислата дека сме грешни и недостојни да застанеме пред Бога и да разговараме со Него, пред Кого треперат ангелските сили.

Второ, да се трудиме сè што е кажано во молитвата да биде со внимание и со разбирање; да внимаваме во смислата на зборовите што ги читаме или пееме. Никаква полза нема од молитвата, ако ја вршиме без внимание и разбирање.

Трето, да се молиме со непоколеблива вера и надеж дека ќе го добиеме тоа што го бараме.

Четврто, треба да се молиме со покајно и смирено срце и со чиста совест. Само смиреноста, поправо сознанието дека сме недостојни пред Бога може да нè удостои со Неговата богата милост.

Петто, заедно со верата, во нашата молитва треба да се појават уште: трпението, постојаноста и неуморноста.

Шесто, и постот е многу важно помошно средство за засилување на молитвата. Ако молитвата е издигнување на душата кон Бога, издигнување со вера, надеж и љубов, тогаш постот е воздржување од сè што пречи на душата да се издигнува кон Бога. Постот е умереност во јадење и пиење и во другите животни потреби. Постот значи одбегнување на гнев, непријателство, завист, омраза и други страсти

Извори:

Молитвеник, Дебарско-кичевска Епархија. Охрид 1995

Православен молитвеник, Брегалничка Епархија. Штип 2003