24.6.07

Молитви кога сме тажни

Кон Господа

Вечен и Милосрден Боже и Многумилостив Оче наш, маките и тешките неволји што ме снашле, страшни ја измачуваат мојата душа. Но, Тебе така Ти било угодно, затоа јас се’ доброволно поднесувам. Сите мои телесни страдања и душевни маки ги трпан и поднесувам како отплата за моите гревови, а за мое спасение. Те молам, Милостив Боже, дај ми трпение и сила за да поднесувам се’ онака како што Тебе Ти е угодно и да се спасам. Амин!

Кон Пресвета Богородица

Пресвета Дево, Мајко на Севишниот Господ, Семилостива Заштитнице и Покровителко на сите што со вера Ти пристапуваат, погледни на мене од височините на Твојата небесна слава, послушај ја мојата смирена молитва и принеси Му ја на Твојот сакан Син. О, Преблагословена Богородице, Ти си Скоропослушница на сите, и Радост на нажалените, послушај ме и мене нажалениот. Ти ги смируваш тагите, смири ги и моите жалови и излекувај ги моите душевни и телесни болести. На Тебе, по Бога, ја полагам сета моја надеж, биди ми Закрилница и силна Застапница пред Твојот Син, Господ наш Исус Христос. Засили ја мојата вера во Него. Утврди ме во Неговата љубов и научи ме да Те сакам и да Те прославувам, Пречиста Мајко Божја, Богородице Марие. Се засолнувам под Твојот свет покров, Пречиста Богородице, закрилувај ме. Амин.

16.6.07

Поука

Од добродетелите, едни се телесни, а други душевни. Телесните се пост, будност, спиење врз гола земја, слугување, рачен труд, извршуван за да не биде обременет никој, или за помош на другите, итн. Душевните се: љубов, долготрпение, кроткост, воздржаност, молитва и др. Ако поради некаква неопходност, на пример поради телесната состојба (поради немоќ или нешто слично) ние не успееме да ги исполниме гореспоментатите телесни добродетели, Господ, кој ја гледа причината за тоа ќе ни прости. Но, неисполнувањето на душевните добродетели нема да има оправдување зашто тие не се отежнуваат од такви нешта.

Љубовта кон Бога го убедува оној што ја поседува да го презре секое минливо насладување, секоја болка и жалост. Нека те уверат во тоа сите светии, коишто толку многу пострадаа заради Христа.


9.6.07

Молитва по завршување на работниот ден

Ти благодарам, Господи Исусе Христе, Боже ној, што ме удостои да се вратам здрав и неповреден од работа, та со бодро и благодарно срце да Ти пеам и да Те славам. Ти, божествениот Работник, не сметаше дека трудот унижува, туку со Твоите пречисти раце трудот го освети. Дај ми да се одморам од работата, со која ја исполнив Твојата волја.

Пресвети Владико, Ти си рекол: „Мојот Отец до сега работи, и Јас работам“. Со ова си ни оставил заповед усрдно и послушно да се трудиме во Твоето име. Ти благодарам уште, Премилостив Боже, затоа што ми даде сили, трпение и желба за работа; што не позволи да се вгнезди во мене мрзливоста, незадоволството и негодувањето, но милостиво ме награди со радост од работата и ме исполни со признателност кон Тебе за Твојата постојана помош. И сега, кога Ти принесувам благодарствена песна, Ти се молам и во останатото време од мојот живот да ми бидеш крепок помошник во секое добро и на Тебе угодно дело, та и во вечноста да ја добијам наградата, приготвена за сите што се труделе во Твое име. Амин!

Милосрден Господи и Владико на мојот живот, Ти си рекол: „Дојдете при Мене сите изморени и оптоварени. Јас ќе ве успокојам.“ Ете, доаѓам при Твојата благост и моето срце го прислонувам под Твоето меко крило, дарувај ми мир на мојата душа и на моето тело, изморени од тешката дневна работа. Да се одмори моето срце, мојата душа да се успокои во Тебе, мојот Господ и Спасител, за да ја видам и јас, недостојниот Твој слуга, вечната светлина на Твојата вистина и да го прославувам секогаш Твоето пресвето име, името на мојот Бог Господ и Закрилник. Амин!

3.6.07

Свети рамноапостолни Константин и Елена


Господи, откако го виде на небото
знакот на Твојот Крст, слично на Павла,
не од луѓе беше повикан Твојот апостол
меѓу царевите; престолниот град во Твои раце
го предаде, па, по молитвите на Богородица,
секогаш чувај го во мир, единствен Човекољупче.