8.12.06

Молитва кон св. Климент Охридски

Светителу, оче Клименте, рамноапостолен, пастиру добар на целиот словенски род! Ти, кој душата своја света ја положи за нас, овците свои, и во многу Божји патишта стадотот го упати, вселувајќи не’ на место спокојно и објаснувајќи ни го Светото Писмо со својот јазик, откако со вода спасителна со светотот Крштевање не’ воспита и по патеките на правдата не’ упати за да вршиме добри дела.


Преку тебе словенскиот род Бога Го позна, црквите со песни се украсија и празниците преку поуки се објаснија. Преку тебе свештениците според свештениот канон благочестиво да живеат се научија. Преку тебе монасите се поучуваат на подвижнички живот како светителите.

И, земен ангелу и човеку небесен, ти кој на Господа му ги приготвуваш избраните, кои копнеат за добри дела, тебе те молам и на тебе се надевам: пази го секогаш твоето наследство и отстрани ја лукавата ерес, која го разорува твоето стадо како истребувачка болест, што ги растерува и одвраќа овците од пасиштето твое, свети добар наш пастиру!

Запази не’ нас, неискусните твои воспитаници, особено сега кога е неволјата блиску и нема кој да ни помогне и кога непријателите сакаат војна, и мртвите тела на чедата твои за храна да им ги остават на птиците небесни. Мир на луѓето твои дарувај им, за да поживееме во секое благочестиеи празниците твои да ги почитуваме во секаква радост, прославувајчи Го во Светата Троица Единиот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега и секогаш, и во сите векови. Амин!

4.12.06

Радуј се невесто неневесна












Света дево владичице
Нескверна Богородице
Радуј се невесто неневесна

Радуј се градино на изобилие
На вечноста и на животот
Радуј се невесто неневесна

Дево, мајко, господарке
Ти руно сеоросено
Радуј се невесто неневесна

Радуј се дрво на животот
На бесмртност источнику
Радуј се невесто неневесна

Возвелича на небесата
Од зраците поблескава
Радуј се невесто неневесна

Тебе те молам царице
Тебе те сега призивам
Радуј се невесто неневесна

Радост на хорој девствени
Од ангелите посилна
Радуј се невесто неневесна

Тебе те смилостивувам
И радост барам владичице
Радуј се невесто неневесна

Посветла од небесата
Од светлината почиста
Радуј се невесто неневесна

Девојко кротка безгрешна
Сесветаја Владичице
Радуј се невесто неневесна

Од сите небесни воинства
Владичице си посвета
Радуј се невесто неневесна

Тебе храму духовен
Гораздо те преколнувам
Радуј се невесто неневесна

Радуј се песно херувимска
Радуј се химно ангелска
Радуј се невесто неневесна

Прифати ме, прифати ме
од душманот избави ме
Радуј се невесто неневесна

Радуј се одо серафимска
И радост на архангелите
Радуј се невесто неневесна

Покажи ме, покажи ме
На живот вечен наследник
Радуј се невесто неневесна

Радуј се миру, веселие
И пристан на спасение
Радуј се невесто неневесна

Света дево владичице
Нескверна Богородице
Радуј се невесто неневесна

Свет чегору на славата
Цуту на нетлението
Радуј се невесто неневесна

2.12.06

Свети Серафим Испосник за постот

Свети Серафим Испосник советува:

Ако си во можност храни се со добро сварен храна и која заситува, бидејќи поради брзото варење, ќе те ослободи од пламенот на страстите, а поради ситоста ќе се спасиш од прејадувањето. Ако обрнеме внимание, ќе забеќежиме дека обилното јадење го дуе стомакот и предизвикува силни движења. На ручек јади колку што ти е потребно, но за вечера остани малку гладен

Новите и неискусни борци сатаната ги тера на прекумерен пост, ветувајќи им дека ќе добијат нешто поголемо, од две причини:

1. Да го погордее неускусниот борец и да го турне во пропаст;
2. Од прекумерен пост да го ослабне неговото тело, за да падне во болест, па да му наметне тага и очај, да му ја мачи душата, па да почне да губи вера во Бога, да ослабне во молитвата и пак да оди во пропаст

Ја гледаш ли стапицата и лукавството. Ѓаволот се’ добро пресмета. Од прекумерен пост да се погордееш и да почнеш да ги сметаш другите за полоши од себе и да ги осудуваш, а тогаш веќе си во мрежата ѓаволот, или пак, во вотриот случај, телесно да ослабнеш, па да те уништи духот на тагата и очајанието. Затоа, држи ја средината и правилата на светите Отци кои велат:

Ако телото ти ослабне од пост и напор или некаква болест, употреби малку вино поради стомакот. (1 Тим. 6,23) за да не дадеш повод за тебе да велат Таа болест му дојде од постот. Пред да го рече тоа некој за тебе, мисли како побрзо да станеш и пак да го држиш правилото, инаку би одвратил мнозина од пост и нема да го држат ни најлесниот, а камо ли построгиот пост.

29.11.06

Молитва за благослов на домот

Семилостив Боже, благослови го нашот дом и Твојата силна рака да биде над сите што живеат во него. Испрати ни ангел чувар! Чувај не’ од несреќи, земјотреси, оган, поплави, од болести, од непријателски напади, и од секое зло. Не дозволувај во нашиот дом да влезе лукав и нечист дух, кој се’ осквернува и ги расипува добрите взаемни односи, кој внесува непокорност и безгрижност кон Твојот свет закон; внесува раздори и кавги и ги одзема мирот и љубовта.

Помогни ни да напредуваме во добродетелен живот и тврда душа, нашите души да се приближат со чист и светол живот до Тебе, та да дојдеш Ти Господи кај нас, и да живееш во нашиот дом - да царуваш во него; во нашите души и срца, да владееш со нашите мисли, чувства и желби. Ослободи не’ од непотребни грижи и освети ги нашите радости. Поткрепувај не’ кога сме салби и тажни. Ако си со нас во тешките часови на тага и мака, на колебливост и исплашеност, тогаш нашите страдања и солзи се полесни, поподносливи.

Исцели ги нашите скриени болки и душевни рани, зашто само Ти ги гледаш и само Ти можеш да ни помогнеш. Преблаг Господи, не оставај не’ никогаш сами за да не дојде непријателот на нашето спасение и да не’ погуби.

27.11.06

Св. Апостол Филип

Дела на светите Апостоли од светиот Апостол Лука 8:26-39

А на Филипа му рече ангел Господов: „Стани и тргни на југ, по патот што води од Ерусалим за Газа, кој е пуст“. Тој стана и отиде; и ете, еден Етиопјанин, кастриран, властелин на Канкадија, етиопската царица, чувар на сите нејзини ризници, кој дошол во Ерусалим да Му се помоли на Бога, а сега се враќаше и, седејќи в кола, го читаше пророкот Исаија.

Духот, пак, му рече на Филипа: „Приближи се и застани до колата!“

Филип побрза, и, откако чу дека тој го чита пророкот Исаија, му рече: „Го разбираш ли тоа, што го читаш?“ Овој одговори: „Како ќе можам да разберам, ако некој не ме упати?“ Па го замоли Филипа да се качи и да седне до него. А местото од Писмото, што го читаше, беше ова: „Како овца на клање беше одведен, и како што јагнето стои безгласно пред својот стригач, така и Он уста своја не отвори. Во неговото понизување Он беше лишен од праведен суд. А родот Негов кој ќе го објасни? Оти животот негов се одзема од земјата.“




Тогаш Етиопјанинот проговори и му рече на Филипа: „Те молам, за кого зборува пророкот, за себе или за некој друг?“ А Филип, откако ја отвори устата своја, почна да му објаснува од тоа писмо и да му благовести за Исуса. И одејќи така патем, тие стигнаа до една вода, и Етиопјанинот рече: „Еве вода! Што ми пречи да се крстам?“ А Филип му рече: „Ако веруваш од се’ срце-можеш.“ Тој одговори: „Верувам дека Исус Христос е Син Божји.“ И заповеда колата да запре, па слегнаа во водата обајцата, и Филип и Етиопјанинот, и го крсти.

А кога излегоа од водата, Духот Свети следна над Етиопјанинот, а Филипа го грабна англе Господов. И Етиопјанинот не го виде веќе, па радосно го продолжи својот пат.

Св. Евангелие по Јована 10:9-16

Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; и ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде. Крадецот доаѓа само да украде, да убие и да погуби. Јас дојдов за да имаат живот вечен и да имаат изобилие. Јас сум добиот Пастир. Добриот Пастир си ја полага душата своја за овците: а наменикот, кој не е пастир, и кому овците не се негови, види ли волк да иде, ги остава овците и бега; и волкот ги разграбува и ги распрснува овците.

Наемникот бега, зашто е наемник, и не се грижи за овците. Јас сум добриот Пастир: и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене. Како што Мене Ме познава Отецот, така и Јас Го познавам Отецот; и душата Своја ја полагам за Овците Свои. И други овци имам, што не се од ова трло, и нив треба да ги приведам; и ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо за еден пастир.


24.11.06

Свети маченик Мина


Јако бесплотним собеседника и страстотерпцем
единовселника, сошедшесја вероју, Мино,
восхваљаем тја, мира мирови просјаште,
и думам нашим велија милости.

Како собеседник на бестелесните и содружник
на страдалниците, преку верата собрани,
те славиме, Мино, испроси мир на светот
и голема милост за нашите души.

21.11.06

Собор на Свети Архангел Михаил


Небесних воинств архистратизи, молим вас присно
ми недостојни, да вашими молитвами оградите
нас кровом крил невештественија вашеја слави,
сохрањајуште ни, припадајуштија прилежно,
и вопијуштија: од бед избавите ни,
јако чиноначалници, вишних сил.

Водачи на небесните војски, ние недостојните
ве молиме секогаш, со вашите молитви
да не’ заштитите под покривот на крилјата на
вашата бестелесна слава, чувајќи не’
нас што усрдно паѓаме и воскликнуваме:
од беди избавете не’, како чиноначалници на небесните сили!

19.11.06

Молитва за подобар христијански живот

Господи, Господи, сило на моето спасение! Сврти Си го лицето од моите гревови, избриши ги моите беззаконија и помогни ми да се засили мојата вера во Тебе, Спасителот наш. Мојата љубов кон Тебе да ги надвиши сите природни сили и секаква земна приврзност.

Верувам, Господи, помогни му на моето неверие пројавено во мисли, зборови и дела. Разврзи го мојот ум од врските на овој свет, за да мисли според законите на Твојот боженствен разум. Ослободи го моето срце од товарот што лежи на него и го притиска кон земното. Дај и’ крила на волјата моја, за да ја бара и извршува Твојата света волја. Води ги моите стапки кон верата и љубовта, зашто несигурно одам и многу пречки има попатиштата на мојот живот. Ти си патот на спасението. Нека Твојата вечна светлина ја осветлува мојата душа, та да може во сите случаи на сомневање, колебливост, нерешителност земен страв и човечка суетност да Те наоѓа Тебе - Патот на вистинскиот живот.

Чувај ме од секакво телесно мудрување што е непријателство против Тебе, против Твојата вистина и волја. Не дозволувај да ме завладее мислата на земното. Ти знаеш што е нужно за мојот земен живот. Не лишувај ме од тоа, туку помогни ми да го придобијам преку благословениот од тебе труд. Закрилувај ме од лукавото мудрување на телото кое го смета земного богатство за најголема вредност. Дај ми очи да го гледам животот во вистинска, а не во лажна светлина, и секогаш да паметам дека пред се’ друго треба да го барам Твоето царство и Твојата правда и дека се’ друго ќе ми биде дадено.

Господи, Твојата милост е до небесата, Твојата вистина - до облаците, Твојата правда е како планините, а Твоите планови - голема бездна. Помогни ми да успевам во духовниот живот, душата моја секогаш да Те прославува Тебе, Господи на моето спасение. Амин!

17.11.06

Секојдневна исповед на гревовите

На Тебе, мојот Господ и Создател, Единиот Бог Кого Го прославувам и на Кого Му се поклонувам во Светата Троица - Отец, Син и Светиот Дух, ги исповедам сите мои гревови што сум ги направил во деновите на мојот живот и во секој час со дела, зборови, мисли, гледање, слушање, со сите сетила - духовни и телесни, со кои Те прогневив Тебе, мојот Бог и Создател, а на моите ближни им направив неправда и зло.

За сите овие гревови жалам, признавам дека сум виновен пред Тебе, мојот Бог, имам желба да се покајам. Господи, Боже Мој, со солзи и смирено Ти се молам, помогни ми. По Твоето милосрдие прости ми ги прегрешенијата и ослободи ме од нив, зашто Си Благ и Човекољубив.

16.11.06

Молитва кон светителот чие име го носиме

Свети (името), ти си мојот закрилник и заштитник пред Бога во сите дни на мојот живот. Го носам твоето име, но животот мој не е сообразен со твојот свет живот, зашто многу пати сум ја осквернавил мојата душа.

Ти се молам, закрилувај ме, помагај ми, води ме со твојата сила. Секогаш застапувај се за мене пред благиот Бог и моли Го да ми ја даде Својата благодат и да биде милостив кон мене, да ми помага да бидам сочуван од лоши мисли, желби и дела; мојот живот да биде светол и радосен како што прилега на секое Христово чедо. Не дозволувај да се доближи до мене никакво зло: поткрепувај ме кога сум слаб, биди ми покровител кога лоши сили ме напаѓаат, помагај ми во доброто, засилувај ми ја верата и покажувај ми го патот на спасението.

Само така срцето ќе биде поткрепувано и достојно ќе го носам Твоето име и името на мојот Спасител, Господ Исус Христос, а преку тоа ќе го прославувам меѓу моите браќа и Отецот, Кој е на небесата!

15.11.06

Молитва за нашите непријатели

Господи Исусе Христе, Ти им прости на Твоите непријатели, зашто не знаеја што прават. Ти се молам од се’ срце, биди милостив кон оние што ме мразат, што ме навредуваат, хулат и клеветат. Ти ја испитуваш длабочината на човечкото срце и знаеш дека сум немоќен и грешен. Поткрепи ме да го очистам моето срце, да ги умножам делата на љубовта кон моите блиски и да не ги огорчувам со ништо.

По Твојата голема милост прости им на моите непријатели; вразуми ги, просвети ги со Твојата вистина за да не се ожесточуваат против мене и да не бидат казнети поради мене. Добро ми е кога сум во Твојата рака. Ти се молам, не дозволувај да ме победи злото, не дозволувај да загине ниту еден од моите непријатели, но сите да се обрнеме кон Тебе, кон Твојот мир и да бидеме Твои верни чеда, зашто Ти си единствен Благословен во вечни векови. Амин!

Молитва за оние кои ни се спротивставуваат

Благ Боже, Ти заповеда да ги сакаме сите луѓе, дури и оние кои ни се спротивставуваат. Твојата нова заповед на љубовта да ја исполнуваме така што на лошото да враќаме со добро и да го носиме бремето еден со друг, преку Христос, нашиот Господ. Амин!

Молитва за пријателите

Боже мој, прими ги сите мои пријатели во Твојата верна и љубезна заштита. Чувај ги верни и чисти, зацврсти ги во својата љубов. Дај им сила, совесност и истрајност во доброто, прими не’ сите нас во Твоето небеско живеалиште и во своето срце. Амин!

11.11.06

Молитва при излегување од храм

Ти се поклонувам Тебе, мојот Господ Бог, Кој си присутен со Твојата благодат во Твојот свет храм, особено во пречистите и животворни тајни. Пред Тебе, вистинскиот Христос, Спасителот мој, ги приклонувам колената на моето срце. Се поклонувам на Твојата Пречиста Мајка, Владичица и Деца Мајка Богородица, помошница, единствена надеж на моето спасение. Го почитувам светито ангел, служителот Твој, кој секогаш го чува Твојот боженствен олтар, со љубов ги целицам сите Твои светии претставени на иконите. Ти се молам, Владико мој благ, послушај го молитвениот глас на сите умрени што го посетувале овој храм и се молеле во него, спомни ги во Твоето небесно царство, прости им ги прегрешенијата, зашто си благ и милостив во вечни векови. Амин!

Молитва при влегување во храм

Се зарадував кога ми рекоа: Да појдеме во домот на Господа. Господи, по Твојата голема милост ќе влезам во домот Твој и ќе се поклонам пред Тебе со страв во Твојот свет храм. Господи, води ме кон Твојата правда, направи го мојот пат пред Тебе прав заради моите непријатели, та без пречки да Те прославувам Тебе, единствено Божество - Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега, секогаш и во вечни некови. Амин!

27.10.06

Преподобна мајка Параскева



Го засака пустинскиот и тих живот
и ревносно тргна по Христа, твојот Жених.
Неговиот благ јарем во својата младост
примајќи го, со крсниот знак храбро се вооружи
против духовниот непријател. Со испоснички
подвизи, постот и молитвата и солзните капки,
си го изгаснала жарот на страстите, достојнославна
Параскево. И сега во небесните дворови со мудрите
девојки, стоејќи пред Христа, моли се за нас кои
го почитуваме твојот вечен спомен.

7.10.06

Молитва на дете за себе

Господи Исусе Христе, Ти си рекол: „Оставете ги децата да доаѓаат при Мене, и не бранете им“. Затоа и јас, слабо и немоќно дете, доаѓам кај Тебе, Ти се поклонувам смирено и Ти се молам од се’ срце да ме земеш под Твојата закрила. Господи, ти си благ и милостив. Кога си бил на земјата, си им помагал на луѓето; си ги лекувал од нивните болести и слабости, си ги просветувал нивните души, за да ја познаат вистината и да прават секакво добро. И откако си се вознел на небото, не си ги оставил луѓето без Твојата помош, но секогаш си им испраќал благодат за лекување на нивните телесни и душевни немоќи кога се обрнувале кон Тебе со чисто срце и искрена молитва.

И оваа моја молитва е искрена и чиста. Многу Ти се молам, Боже мој, не ме оставај да грешам, зашто гревовите се болест и тие пречат да станам добар и умен човек. Испрати ми ангел чувар за да ме запазува од секакво зло и да ме води кон добро. Учи ме постојано да ги сакам сите луѓе, особено моите родители, браќата, сестрите и роднините. Помагај ми да бидам послушно и разумно дете, да не се противам на добрите совети на моите родители, учители и духовните наставници. Не ми давај, Боже, да ја заборавам молитвата и да не си спомнувам за Тебе. Зашто за мене нема поголемо добро од тоа секогаш да си спомнувам за Твоето свето име и дека Си Ти секогаш со мене и ме поткрепуваш.

Ти, Господе Исусе Христе си страдал, и си бил распнат на крстот заради нас, луѓето: да не’ спасиш од гревот и злото. Па како можам да го заборавам ова и сите добрини што ги правиш за нас? Затоа и јас, како ерусалимските деца што Те пречекале со песни и славословија, го воспевам Твоето име и Ти се молам непрестајно - дојди кај мене и кај сите луѓе, да биде Твојата волја како на небото, така и на земјата. Амин!

1.10.06

Собор на македонските светители


Со божествена проповед го просветивте народот
македонски, и со лачите на евангелската вистина
ја украсивте вселената, светители сефални.
Славејќи Го Христа Господа, Кого Го засакавте
од својата младост како божји угодници станавте
жители на небесата, столбови и заштитници
на Македонската Црква. Усрдно го празнуваме
вашиот спомен и ви се молиме:

Бидете застапници пред Христа, нашиот Бог,
за мир и спасение на нашите души!

21.9.06

Рожденство на Пресвета Богородица


Рожденство Твое, Богородице Дево,
радост возвести всеј вселенеј, из Тебе
бо возсија Солнце правди - Христос Бог наш
и разрушив кљатву, даде благословение;
и упразднив смерт, дарова нам живот вечниј.

Твоето Раѓање, Богородице Дево,
радост му јави на целиот свет, зашто
од Тебе изгреа Сонцето на правдата - Христос, Бог наш;
рушејќи ја клетвата ни даде благослов;
уништувајќи ја смртта, ни даде живот вечен.

19.9.06

Молитва кон свети Архангел Михаил

Целиот си оган и ревност, свети Архангеле Михаиле, затоа ти се молиме: нашите заспани души запали ги со огнот на твојата ревност, та секогаш да Му служиме на нашиот заеднички Господ, сесрдно да те подражаваме тебе, безгрешниот и свет брат наш и врховен војсководач на сите небесни и земни војски Христови. Пречудниот Господ Исус Христос устроил една црква од англеи и луѓе, та и ние луѓето кои таинствено претставуваме херувими на земјата, да ги подражаваме нашите небесни браќа на чие чело стоиш ти, лачезарен и боженствен архистратиже Михаиле. Ти на небото го победи селошиот сатана и го фрли од небото на дното во пеколот - помагај ни и нам секогаш, ти се молиме, сесилен Архангеле, та и ние со сепобедната сила да го победуваме селукавиот сатана, кој нѐ напаѓа од сите страни, и нѐ искушува преку безбожни луѓе, преку нечисти мисли, преку земни наслади и преку опивните страсти.

Сиот си свет, чист и безгрешен, божествен првоангеле Божји; ти се молиме - сесвети; ти се молиме - сечисти; ти се молиме - себезгрешни, учи нѐ дење и ноќе како да живееме свето, чисто и безгрижно; дарувај ни ги твоите херувимски сили за да живееме вистински херувимски на земјата и ние, кои според неизмерливото Божјо човеркољубие, претставуваме херувими на земјата.


Не оставај нѐ во отровната кал на нашите сластољубиви земни желби, туку издигни нѐ во небесните англески височини и оспособи нѐ да живееме ангелски свето и чисто, додека сме во тело на земјата. Милостиво погледни на нас, сепобедлив архангеле, снисходливо спушти се до нас, разбуди нѐ за борба со злото, со гревот, со ѓаволот, со смртта, за да можеме водени и охрабрувани од тебе, лесно да ги совладуваме: секој грев, секоја страст, секој ѓавол и секоја смрт. Знаеме, богоносен архангеле, дека имаш власт над нечистите духови, над смртта, над гревовите: исполни ги нашите души со твојата боженствена сила, за да можекме бестрашно да војуваме и херувимски да ги победуваме сите непријатели на нашето спасение, на нашата вера и на нашата душа.

Сепобедлив војводо на небесните сили, ти си го исчистил н небото од сатаната и неговите црни ангели, исчисти ги и нашите души од секој грев, зашто гревовите наши ги отвараат вратите и прозорците на нашите души; преку нив во нас да не влезат нечистите демонски дили, да ги валкаат и умртвуваат нашите души кои треба да се англески чисти и ангелски бесмртни. Без твојата сепобедлива помош, небесни војсководачу, лесно стануваме плен на нечистите сили. Затоа од сѐ срце ти се молиме: прими нѐ во твојата сепобедлива војска, војувај за нас и пред нас, води нѐ и предводувај нѐ во секоја борба за нашата душа, за нашето спасение, за нашата вечност, обезбедувајќи ни победа над секојн грев и над секој ѓавол.

О, пресвети архангеле, ако ти не ни дојдеш на помош со твојата боженствена сила, ние сме очајни и немоќни пред демонските сили. Со тебе секогаш ќе победуваме во сите борби на нашата душа, а без тебе паѓаме од пораз во пораз, од грев во грев, од пекол во пекол. Затоа ти се молиме, биди секогаш со нас, не напуштај нѐ поради нашите гревови, и поради нашата нечистотија, туку сакајќи нѐ со боженствена љубов направи да го замразиме гревот и сите гревовни сласти, та да ја исполниме нашата душа со слаткиот мирис на ангелските добродетели. Еве, ги предаваме нашите души на тебе, пресвети ангеле Божји, ти се молиме и просиме: води нѐ секогаш по патиштата што водат кон Царството Небесно, за да можеме заедно со тебе, вечно да Го славиме семилостивиот наш Спасител - Преслаткиот Господ Исус Христос, и Неговиот Човекољубив Отец, и Себлагиот Дух Утешител, Кому нека Му е слава и пофалба сега, секогаш и во сите векови. Амин!

2.8.06

Свети пророк Илија


Во плоти ангел, пророков основание,
вториј предтеча пришествија Христова, Илија славниј,
свише пославиј Елисееви благодат,
недуги отгоњати и прокаженија очиштати.
Темже и почитајуштим его точит исцеленија.

Ангел во тело, столб на пророците,
втор претеча на Христовото доаѓање - Илија славен,
откако одозгора му испрати благодат на Елисеј,
овој болести и прокажени исцелуваше.
Затоа на оние што го почитуваат им дава исцеление.

30.7.06

Четири секојдневни молитви

Молитва за отворање на умот

Господи Исусе Христе, Учителе на мудроста, Ти се молам, отвори ми ги очите на моето срце, за да ги слушам и разбирам Твоите зборови, та да ја исполнувам Твојата волја, којашто е откриена за наш грешните и неразумни луѓе.

Господи Боже, спасителу мој, бидејќи си дошол на земјата да ги побараш и да ги спасиш паднатите, не сокривај ги од мене Своите заповеди, зашто јас пропаѓам во темнината на незнаењето на законот Твој; но, отвори ми ги очите на умот за да можам да ги разберам чудесата на Твоето учење; кажи ми ги непознатите тајни на мудроста Твоја. На Тебе се надевам, со светлината на своето знаење да го просветиш мојот ум и разум, та не само да го читам напишаното, туку и да го извршувам. Ти се молам, солзи се преколнувам и извикувам:

Господи, проссвети ме, научи ме и вразуми ме за светиот Твој збор и житијата на Твоите светители да ги читам не за грев, а за обновување и просветување, за осветување и спасение на душата моја и за наследување на животот вечен. Амин!

Молитва на свети Филарет, московскиот митрополит и чудотворец

Господи, не знам што да побарам од Тебе. Само Ти знаеш што ми е потребно, и Ти повеќе ме сакаш отколку што сам знам и умеам да се сакам себеси. Оче, дај му го на Твојот слуга она што и сам не умее да го побара. Не се осмелувам да барам ни Крст ни утеха, а само стојам пред Тебе и срцето мое е отворено за Тебе. Ти ги согледуваш потребите што јас не ги знам, па затоа гледај и постапи со мене според твојата милост. Порази, но и излечи; собори, но и подигни. Ништожен и нем сум пред Твојата света волја и недостижните, за мене, Твои судови.

Себеси се принесувам жртва за Тебе и Ти се предавам. Немам друга желба, освен таа - целосно да ја исполнувам волјата Твоја. Научиме да се молам. Самиот Ти, моли се во мене Господи. Амин!

Секојдневна молитва на Оптинските старци

Господи, дај ми мирно да го примам сè она што ќе ми го донесе денешниов ден, како и тоа потполно да се предадам на Твојата света волја. Упатувај ме и помагај ми секој ден во текот на овој ден: какви вести и да чујам, научи ме мирно да ги примам и со цврсто уверување дека сè станува по Твојата света волја. Управувај со моите мисли и чувства во сите мои дела и зборови. Не позволи во сите непредвидени случаи да заборавам дека сè доаѓа од Тебе. Научи ме правилно да се однесувам спрема своите родители и спрема ближните - никого да не налутам, ниту да ожалостам.

Господи, дај ми сила да го поднесам заморот на денешниов ден, како и сè она што ќе се случи во текот на денов. Ти управувај со мојата волја, и научи ме да се молам, да верувам, да се надевам, да истрпувам и да љубам. Амин!

Молитва на покајникот од свети Симеон Богослов

Господи, Ти сè гледаш и нема нешто што не гледаш. Иако сум дело на Твоите раце, сепак не правев дела според заповедите Твои, туку поради големото мое безумство, вршев секакви зла, не помислувајќи дека Ти, Создателу мој и Божем колку Си добар, толку Си и Правичен. А сега, сеќавајќи се на тоа, ма опфаќа страв и не знам што да правам. Ја чувствувам Твојата осуда и не наоѓам зборови во устата моја за оправдување. Немам никакви добродетели и не сум направил никакво покајничко дело, коешто заслужува поради него да ми се прости макар еднен празен збор од устава моја. Освен тоа, оној што ги поседува сите добродетели и прави разновидни добри дела го врши тоа како добар слуга и затоа што е должен - во сето тоа тој нема да најде откуп за својот грев.

Тука единствено Твојата милост помага. Гревот е смрт, и кој од оние што преку него умреле, може сам себеси да се воскресне? навистина, никој! Единствено Ти Си Умрел и Си воскреснал, затоа што не Си направил грев, и не се најде измама во Твојата уста!

И ете, Господи Седржителу, откако направив многу лоши дела, се каам, но самото покајание е немоќно да ме оправда. Покајанието е осознавање на своите гревови, а нив ги симнува само милоста Твоја. Ти гледаш, Седржителу Господи, дека сега ништо немам освен телото; но за мене нема никаква полза од тоа што сум го оставил богатството. Целиот сум една рана; во мене не останала никаква надеж за спасениетака што пеколот е подготвен да ме проголта жив. Ти единствен можеш да ме спасиш и да ги излечиш патилата на моето срце. Твојата рака може сè; таа достига до длабочините на бездната и сè станува по твоја заповед. Не се осмелувам да речам „помислувај ме, Господи!“ Недостоен сум за твојата милост, како и секој што со право ги заслужува маките. А Ти, Господи, сè знаеш и затоа постапи со мене онака како што умее Твоето човекољубие, бидејќи сум недостоен и за самиот живот. Да биде Твојата света волја во сè. Амин!

15.7.06

Утрински молитви

(кога ќе станеш од постела, пред секоја друга работа, измиј се и застани набожно со помисла дека стоиш пред лицето на Бога, прекрсти се и прочитај ги следниве молитви)

Молитви по станување од постела

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!
Господи Исусе Христе, Сине Божји, заради молитвите на Твојата Пречиста Мајка и на сите светии, помилуј нè.

(прочитај ја молитвата кон Пресвета Троица - Трисвето)

Откако станавме од сон, Ти се поклонуваме, Благи; ангелската песна Ти ја пееме, Силни: свет, свет, свет си Боже, по молитвите на Богородица, смилуј се на нас.
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух:
Од постела и од сон ме дигна, Господи. Просвети го мојот ум и срцето и отвори ми ја устата, па да Те воспеваме, Света Троице: свет, свет, свет си Боже, по молитвите на Богородица, помилуј нè.
И сега, секогаш и во сите векови. Амин!
Ненадејно ќе дојде Судијата и делата на секого ќе се откријат, но со страв во полноќ викаме: свет, свет, свет си Боже, по молитвите на Богородица, помилуј нè.

Псалм 50

Смилувај се на мене, Боже, по Твојата голема милост, и по Твојата добрина исчисти ги моите беззаконија. Најнапред измиј ме од моето беззаконие и од гревот мој исчисти ме, зашто беззаконијата мои јас ги знам, и мојот грев е секогаш пред мене. На Тебе единствениот Ти згрешив и лошо пред тебе направив, така што Ти си прав во Твојата пресуда и чист во Својот суд. Ете, во беззаконие сум зачнат и во грев ме роди мојата мајка. Ете, Ти ја сакаш вистината и несфатлива и таинствена мудорст си ми јавил; пороси ме со исоп, и ќе бидам чист; измиј ме и ќе бидам побел од снег. Дај ми да слушам радост и веселба, и ќе се зарадуваат моите скршени коски. Сврти го Своето лице од моите гревови и исчисти ги сите мои беззаконија. Срце чисто создај во мене и вистинскиот дух обнови го внатре во мене. Не ме отфрлај од Твоето лице и Светиот Твој Дух не одземај Го од мене. Дај ми радост на Твоето спасение и со силен дух утврди ме. Беззакониците ќе ги научам на Твоите патишта и грешниците ќе се обрнат кон Тебе. Избави ме од крвнина, Боже, Боже на моето спасение; ќе се зарадува јазикот мој на правдата Твоја. Господи, усните мои отвори ги и устата моја ќе ја разгласува Пофалбата Твоја. Зашто, ако би сакал жртва, навистина би Ти ја дал, но сепаленици не посакуваш. Жртва на Бога е е духот потиштен, срце потиштено и смирено Бог не ќе отфрли. Прослави го Господи Сион, по Твојата добрина, обнови ги ѕидините на Ерусалим. Тогаш ќе Ти бидат угодни жртвите на правдата, приносите и сепалениците; тогаш на Твојот олтар ќе се полагаат телци.



Симболот на верата

Верувам во единиот Бог Отец, Седржител, Творец на небото и на земјата, на сè видливо и невидливо;

И во Единиот Господ Исус Христос, Син Божји, Кој е родн од Отца пред сите векови, Светлина од Светлина, Бог вистински од Бога вистински роден, нестворен, едносуштен на Отца, преку кого сè станало;

Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение слезе од неботот и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева и стана човек;

И беше распнат заради нас во времето на Понтијскиот Пилат и страдаше и беше погребан;

И вискресна во третиот ден според Писмото;

И се вознесе на небото и седи оддесно на Отца;

И пак ќе дојде со слава да им суди на живите и на мртвите и Неговото царство не ќе има крај;

И во Светиот Дух, Господ, Кој живот твори, Кој излегува од Отца, на Кого се поклонуваме и Го славиме заедно со Отецот и Синот и Кој говорел преку пророците;

Во една света, соборна и апостолска Црква;

Исповедувам едно крштение за простување на гревовите;

Го чекам воскресението на мртвите;

И животот во идниот век. Амин!


Молитва кон Света Троица

Откако станав од сон, Ти благодарам Света Троице, зашто поради Твојата голема добрина не се разгневи на мене мрзливиот и грешниот, ниту ме погуби заради моите беззаконија, но се покажа, како и обично, човекољубив, и кога лежев без надеж ме крена за да станам рано и да ја прославам Твојата сила. И сега просвети ги моите духовни очи, отвори ја мојата уста, за да се поучувам со Твоите зборови, да ги разбирам Твоите заповеди, да ја извршувам Твојата волја, да Ти пеам со искрена пофалба и да го прославам тТвоето пресвето име - на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин!


Молитви кон Господа од Свети Макариј Велики

Боже, исчисти ме грешниот, зашто никогаш не сум направил добро пред Тебе, но избави ме од лукавиот; да биде во мене Твојата волја, та неосудено да ја отворам мојата нечиста уста и да го восфалам Твоето свето име, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин!

Од сон станав, Спасителу, и Ти принесувам полноќна песна; поклонувајќи се пред Тебе, извикувам: не ми давај да заспијам во гревовна смрт. Ти Кој доброволно беше распнат на Крст, крени ме мене што лежам во мрзливост, побрзај да ме спасиш во бдение и молитва, за да стојам пред Тебе и да Ти се молам. А по ноќниот сон, дај да изгрее во мене безгрешен ден, Христе Боже, и спаси ме.

Човекољубив Владико, станав од сон и брзам да дојдам при Тебе и по Твојата милост се трудам да ги извршувам твоите дела. Ти се молам, помагај ми во секое време и во секоја работа; избави ме од секакво зло и ѓаволски искушенија. Спаси ме и воведи ме во Твоето вечно царство. Зашто Ти си мојот Создател, Промислител и Дарител на секакво добро. Во Тебе е сета моја надеж, тебе те прославувам сега, секогаш и во сите векови. Амин!

Господи, со Твојата голема добрина и милост Ти ми помогна мене, на Твојот слуга, да ја поминам оваа ноќ без опасност од секакво непријателско зло. Ти, Владико и Создателу, удостој ме со Твојата вистинска светлина, та со просветено срце да ја извршувам Твојата света волја, сега, секогаш и во сите векови. Амин!

9.7.06

Молитва кон Пресвета Троица

Слава Ти, Боже наш, слава Ти.
Царе небесен, Утешителе, Духу на вистината, Кој си насекаде и сè исполнуваш, ризницо на добрини, Животодавче, дојди и всели се во нас. Исчисти нè од секаква нечистотија и спаси ги, Благи, нашите души.

Свети Боже, Свети Силни, Свети Бесмртни, помилуј нè. (три пати)
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин!

Пресвета Троце, помилуј нè. Господи, исчисти ни ги гревовите. Владико, прости ни ги беззаконијата. Свети, посети нè и исцели ги нашите слабости заради Твоето име.

Господи помилуј (три пати)
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин!

Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое, да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја како на небото, така и на земјата; лебот наш дај ни го денес и прости ни ги долговите наши како и ние што им ги проштеваме на нашите должници; и не нè воведувај во искушение, но избави нè од лукавиот, зашто Твое е царството, и силата, и славата на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин!

4.7.06

За Крстот

Според Светото Предание, наследено од апостолите и светите отци, христијаните треба да се оградуваат со знакот на Светиот Крст. Православниот христијанин треба да се крсти вака:

Прво да ги состави првите три прста од десната рака заедно, како симбол на Светата Троица. Така составени, палецот, показалецот и средниот прст, ги ставаме на челото и изговараме: Во името на Отецот, па под градите и ги изговараме зборовите: и Синот, потоа на десното и левото рамо и ги изговараме зборовите: и Светиот Дух. Амин. Последните два прста треба да бидат составени, симболизирајќи ја двијната природа на Христа - Бог и човек.

За време на владеењето на Римјаните, најголемите престапници биле казнувани со распнување на крст. По барење на еврејските старешини, на таква казна бил осуден и најголемиот благодател на човечкиот род, Спасителот наш Господ Исус Христос. Оттогаш крстот станал симбол на христијанската вера. Затоа христијаните со посебна почит се однесуваат кон него. Крстот е највиден надворешен знак со кој христијанинот ја потврдува својата вера. Светиот апостол Павле им пишува на Коринтјаните: Јудејците сакаат знаци, а Елините бараат мудрост, додека ние го проповедаме Христа распнатиот , Кој е за Јудејците соблазна, а за Елините безумство (Кор. 1, 22-28).

Црковната песна вака го восфалува чесниот Крст: Крстот е чувар на Вселената, Крстот е украс на Црквата, Крстот е сила на владетелите, Крстот е слава на ангелите и пропаст на демоните.

29.6.06

Свето Евангелие од Лука 11: 1-13

Еднаш беше Он на едно место и се молеше, и кога престана, еден од Неговите ученици Му рече: Господи, научи нè да се молиме, како што ги научи Јован учениците свои.

А Он им рече: кога се молите, говорете:


Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое;

да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја,

како на небото, така и на земјата; лебот наш насушен

дај ни го денес; и прости ни ги нашите гревови, зашто и ние

самите му ги проштаваме на секој наш должник; и не

нè воведувај во искушение, но избави нè од лукавиот.


И им рече: ако некој од вас има пријател и отиде при него на полноќ, па му каже: пријателе, дај ми на заем три леба; оти ми дојде еден пријател од пат и немам што да му принесам; а оној однатре му одговори и рече: не ме обеспокојувај; портата е веќе затворена и децата се со мене во постела; не можам да станам и да ти дадам.

Ама ви велам, макар и да не стане да му даде за тоа, дека му е пријател, но ќе стане заради неговото навалување и ќе му даде, колку што му треба.

И Јас ви велам: сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори. Зашто секој што сака - добива, и кој бара - наоѓа, и на оној што чука - ќе му се отвори. И кој татко од вас, ако синот негов му побара леб, ќе му даде камен? Или ако побара риба, па да му даде змија наместо риба? Или, ако побара јајце, да му даде скорпија? И така, значи, ако вие, бидејќи лукави, умеете да давате добри дарови на чедата свои, колку повеќе небескиот Отец ќе даде Дух Свети на оние, што Му бараат?

19.6.06

За Молитвата

Молитвата е нешто најсвето во нашето постоење. Таа е природен закон.
Молитвата е разговор на човечката душа со Бога. Она што е воздухот за телото, тоа е молитвата за човечкиот дух. Вистински се моли само оној човек што верува во Бога и во Неговата безгранична добрина; кој ја чувствува својата зависност од Него.

Светото Писмо на повеќе места повикува и охрабрува за молитвата:

Повикај ме во денот на неволјата и Јас ќе те избавам и ти ќе ме прославиш. (Пс. 49,15)

Штом Го побарате Господа, вашиот Бог, ќе Го најдете ако го побарате со сето срце и со сета душа; барајте и ќе ви се даде, барајте и ќе најдете, тропајте и ќе ви се отвори, зашто секој којшто сака добива, којшто бара наоѓа и на којшто тропа му се отвора. (Мт 7,7-8)

Најпрвин барајте го царството Божјо и Неговата правда и се’ друго ќе ви се додаде. (Мт 6,33)

Ако посакате нешто во мое име, Јас ќе ви исполнам. (Јн 14,14)

Но молитвата не е само барање. Таа е и благодарност, и славословење на Бога за сите добрини и милости кон нас. Светата Црква со сите свои свети тајни и дејствија, преку целата година, е една прекрасна и постојана молитва кон Бога. Треба да се молиме не само кога сме расположени за молитва - напротив, треба самите да се принудуваме на молитва и тогаш кога не ни се моли и кога сме оддалечени од молитвата.
Молитвата е убава насекаде. Посебно е убаво молењето во осаменост и во природата. Може човек да се моли од книга или со свои зборови, но со посветеност на молитвата и на Бога, според Господовите зборови

Влези во својата соба и затвори ја зад себе вратата и помоли се во тајност, и Твојот Отец што борави во тајност ќе те награди јавно.

За да биде молитвата вистинска и силна, треба да постојат овие услови:

Прво, да се подготвуваме за неа со набожни мисли и чувства. Пред сè, треба да бидеме длабоко проникнати од мислата дека сме грешни и недостојни да застанеме пред Бога и да разговараме со Него, пред Кого треперат ангелските сили.

Второ, да се трудиме сè што е кажано во молитвата да биде со внимание и со разбирање; да внимаваме во смислата на зборовите што ги читаме или пееме. Никаква полза нема од молитвата, ако ја вршиме без внимание и разбирање.

Трето, да се молиме со непоколеблива вера и надеж дека ќе го добиеме тоа што го бараме.

Четврто, треба да се молиме со покајно и смирено срце и со чиста совест. Само смиреноста, поправо сознанието дека сме недостојни пред Бога може да нè удостои со Неговата богата милост.

Петто, заедно со верата, во нашата молитва треба да се појават уште: трпението, постојаноста и неуморноста.

Шесто, и постот е многу важно помошно средство за засилување на молитвата. Ако молитвата е издигнување на душата кон Бога, издигнување со вера, надеж и љубов, тогаш постот е воздржување од сè што пречи на душата да се издигнува кон Бога. Постот е умереност во јадење и пиење и во другите животни потреби. Постот значи одбегнување на гнев, непријателство, завист, омраза и други страсти

Извори:

Молитвеник, Дебарско-кичевска Епархија. Охрид 1995

Православен молитвеник, Брегалничка Епархија. Штип 2003