29.9.10

Агапи



Агапи (грч. Αγάπη) или вечера на љубовта е обичај кој бил практикуван од раната Црква. На овие љубовни гозби во Христа, христијаните се собирале во определен ден, при што секој член принесувал дарови на трпезата според своите можности. Токму на овие Трпези Црквата започнала да го црпи својот идентитет, прославувајќи Го Христа како Единороден Син на Бог Отецот, сведочејќи ја својата вера преку жртвената љубов кон својот ближен и заедничарењето со него. Агапи, во својата полнота, претставува прв копнежлив одговор на Тајната Вечера, и предвкус на Царството кое доаѓа.

Доколку сакаш да придонесеш на Агапи со твој превод, фотографија/слика, поезија, или на било кој друг начин, слободно пиши ни. По примерот на ранохристијанските трпези на љубовта, Агапи.мк е отворена за заедничарење со сите членови на Црквата.

Врска до сајтот: Агапи.мк

24.9.10

Свети Силуан Атонски



Тропар на свети Силуан Атонски, на романски јазик

21.9.10

Рождество на Пресвета Богородица



Православна Енциклопедија - Рождество на Пресвета Богородица

14.9.10

Црковно новолетие


31.8.10

Символ на верата



View more presentations from iacovibus.

26.8.10

И повторно говореше (оној велик Старец)

дека, по инаков начин на созерцување, светата Божја Црква е човек, имајќи го олтарот како душа, а божествениот жртвеник како ум, и храмот како тело. Оти Црквата е слика и прилика на човекот, кој е створен по слика и прилика Божји. Така таа преку храмот, како со телото, ја претставува моралната философија (= практичното делување), преку олтарот, како со душато, на духовен начин го претставува природното созерцување, и конечно преку божествениот жртвеник, како со умот, го пројавува мистичкото богословие.

И обратно, уште говореше, дека човекот во мистичен смисол е Црква, кој телото свое, како со храна, добродетелно го расветлува, низ држењето на заповедите, реалната способност на душата соодветно на моралната философија (практичното делување); со душата пак, како на олтар, со помош на умот принесува на Бога логоси на чувствените нешта, откако првенствено во духот ги очистува од материјата, соодветно на природното созерцување и со умот, како на жртвеник, со некое инакво многусловно и многугласно молчење, го призива многуопеаното, во недостапните, непроѕирните и непознатите химни, молчење Божјо. И, колку што е можно за човекот, тој се соединува во мистичко богословие со тоа божествено молчење, постанувајќи таков каков што треба да биде оној кој се удостоил со близината на пребивањето на Бога, и кој е запечатен со Неговите сесветли зраци.

Православна енциклопедија - Преподобен Максим Исповедник

16.8.10

Евхаристиско собрание во Кападокија после 88 години


За прв пат после 1923 година, илјадници верници од Грција, Русија и Грузија се собраа во манастирот во Кападокија (Сумела, на турскиот брег на Црното Море), за литургиски да го прослават Успението на Пресвета Богородица. Даровите ги принесе Првиот меѓу еднаквите, неговата светост Патријархот Цариградски Вартоломеј I.

Слава Му на Бога за се’!

Врски: ReutersНова Македонија - НетПрес - Rustavi 2 - YahooNews

28.6.10

Понеделник, 1 февруари 1982 година

Уште еден довршен компромис е богословски компромис; поточно, Евхаристиски компромис. Наеднаш ми стана јасно дека крајно, и длабоко, постои демонска борба со Евхаристијата во нашата Црква - и тоа не случајно! Без поставувањето на Евхаристијата во самиот центар, Црквата е „религиски феномен“, а не Црква Христова, столб и тврдина на вистината (1 Тим. 3,15). Целата историја на Црквата е обележана со пиететски обиди да се проретчи Евхаристијата, да се направи „сигурна“,  да се разводени во пиетизмот, да се сведе на постот и подготовката, да се искорне од Црквата (еклисиологија), од светот (космологија, историја), од Царството (есхатологија). И ми стана јасно дека доколку имам повик, тоа е тука, во борбата за Евхаристија, против ова проретчување, против расцрквувањето на Црквата кое се одигрува преку клирикализацијата од една страна, и преку профанизацијата од друга.

[извадок од дневникот на отец Александар Шмеман]

22.6.10

Κύριε, εκέκραξα

14.6.10

Декалог




31.5.10

Според мерата на нашата искреност и верност

... и трудот за пазењето на Божјите заповеди, и каењето за нашите согрешенија и гревови, ние започнуваме да спознаваме, а со текот на времето ние започнуваме да спознаваме многу појасно и подлабоко. Ние спознаваме преку искуство дека Логосот Божји [Ο Λόγος του Θεού] е секогаш и неизбежно Логос Крстен [Ο Λόγος του Σταυρού, Логос на Крстот, Слово на Крстот м.з.]. Ние спознаваме дека вистинската теологија [θεολογία, богословие, м.з.] е секогаш ставрологија [σταυρόλογία, крстословие, м.з.]. И вистинската ортодоксија [ορθοδοξία, православие, правилно верување, м.з.] е секогаш парадоксија [παραδοξία, неочекувано верување, спротивно на здравиот разум, м.з.]. И дека не постои теоза [Θέωσις, обожување, м.з.] без кеноза [κένωσις, божествено испразнување, м.з.].

24.4.10

Молитва кон светиот свештеномаченик Антипа, Епископ Пергамски


О, преславен свештеномаченику Антипа, и брз помошнику на сите христијани кои се во болести! Верувам со мојата душа и секоја помисла дека Господ ти дал дар болните да ги исцелуваш, на немоќните здравје да им даруваш и раслабените да ги закрепнуваш. Поради тоа, како кон благодатен исцелител на болните, и јас немоќниот притекнувам кон тебе, и твојата икона достојна за почитување набожно ја целивам, молејќи се: преку твоето застапништво испроси од Царот Небесен исцеление за забоболката, и за сите други душевни и телесни болки кои ме мачат, та иако сум недостоен за тебе, најмилостивиот отец и неизморливиот мој застапник, подражавај го Божјото човекољубие преку моето обраќање од лоши дела кон богодобар живот; стори ме достоен за заштитата твоја, со обилно даруваната ти благодат исцели ги раните и лузните на душата и телото мое, подари ми здравје и спасение и напредување во се’ добро, за така, тивко и безмолвно поживувајќи во секоја набожност и чистота, да се удостојам со сите Светии да го прославам сесветото име на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.

15.4.10

За даровите дарувани преку крштението

Светата благодат преку крштението ни дарува две добра, од кои едното бескрајно го надминува второто. Првото добро [благодатта] ни го дарува веднаш, затоа што нѐ обновува во самата вода и ја измива сета наша нечистотија [од] гревот, просветлувајќи ги сите душевни црти кои ги сочинуваат она - „по образ“. Второто добро, пак, крштението не ни го соопштува одеднаш, туку чека со нас да се постигне она - „по подобие“. Значи, кога умот започнува духовно силно да ја чувствува или вкусува благодатта на Светиот Дух, тогаш треба да се разбере дека тогаш таа [благодат] започнува на еден начин да го живописа подобието по ликот. Оти, како што живописците најпрвин со помош на боите го скицираат обликот на човекот, па потоа, додавајќи боја по боја го изобразуваат изгледот на прволикот до самите негови влакна, така и таа [благодатта Божја] преку крштението најпрво ликот го доведува во оваа состојба во која [тој] се наоѓал при создавањето на човекот. Кога благодатта спознава дека ние од сето срце ја посакуваме личотата на подобието, и додека при тоа голи и спокојни стоиме во нејзината работилница, таа ја бои добродетелта со добродетел и изгледот на душата го води од слава во слава, изобразувајќи го на тој начин во неа карактерот на подобието.

И макар што сетилно нѐ известува дека во нас се образува подобието - ние веќе сме го поимале [истото] од тајната на просветувањето. Умот ги достигнува своите доблести низ чувството на рамномерно усовршување и необјаснива хармонија. Но сепак тој не може да ја стекне духовната љубов доколку во целост не е просветлен со Светиот Дух. Доколку, пак, божествената светлост не му го открила на умот сето она што го сочинува подобието, макар и ги имал сите преостанати добродетели, тој сепак ќе остане непричислен [непричесен, вон заедница] со совршената љубов, а подобието и божествената љубов ќе ја стекне само тогаш кога ќе се вподоби на божествената добродетел (под вподобувањето на Бога пак, го подразбирам она што е и онолку колку е можно за човекот да го постигне [тоа] со Божја помош). Како што на ликот и живописот му се додава онаа боја која надвладува над сите останати бои за да ја истакне неговата сличност со прототипот сѐ до самата негова насмевка, исто така бива и кај оние кои божествената благодат ги живописа во Божјо подобие; тогаш со љубовта се дополнува просветувањето и тогаш со тоа се покажува дека ликот ја добил убавината на полнотата на подобието. Освен љубовта, ниту една друга доблест не може да душата да и’ донесе бестрастие. Љубовта е полнота на законот (Рим. 13,10). И така, иако нашиот внатрешен човек се обновува од ден на ден хранејќи се со љубовта, тој [сепак] потполно ќе се обнови само кога ќе ја достигне нејзината полнота.

4.4.10

Христос Воскресна!

1.4.10

Акатист на Божествените Христови страданија

Кондак 1

Избран Војводо и Господи на небесата и земјата, додека Тебе, Царот, Бесмртниот, Те гледаше како на Крстот висиш, сета твар се измени, небото се исплаши, темелите на земјата се растресоа: ние, пак, недостојните, принесувајќи благодарно поклонение на Твоето страдание поради нас, со разбојникот Ти извикуваме: Исусе, Сине Божји, спомни си за нас кога ќе дојдеш во Царството Свое!

Икос 1

Дополнувајќи ги хоровите ангелски, не си зел од ангелот, туку поради мене, човекот, Бог суштествен, Човек постана, Кој умре заради гревот, животворното тело и крвта Своја ја оживе, та заради големата љубов Твоја, благодарствено Ти воскликнуваме: Исусе Боже, Љубов предвечна, поради нас земнородните така благоизволи! Исусе, од безмерната милост кај паднатите луѓе долу слегна! Исусе, Кој во плотта наша се облече, со смртта на Својата сила смртта ја разори! Исусе, со страданијата и смртта сиот свет Си го искупил! Исусе, Сине Божји, спомни си за нас кога ќе дојдеш во Царството Свое!

28.3.10

Усрдно покајание

Тешко мене, бедна душо! Многу ми е жал и срцето непрестано ме боли! (Рим. 9,2) Оти, оплакувајќи се себе си, должен сум да речам: „Злото ми го помрачи разумот и ја покри вистината; смртта го победи животот; земното, гнилежното и привременото го замени небесното, негнилежното и вечното; одвратното и омразеното се покажа послатко и попривлечно од вистинската љубов и чест Христова; заблудата ја исфрли вистината од мојата душа, осудувајќи ја на прогонство; избрав посрамување и срам наместо смелост и пофалба; горкоста ја ставив пред сладоста; земјата и пепелта ги засакав повеќе од небото и Неговото Царство; темнината ѓаволска навлезе во моето срце и ја помрачи светлината на гледањето во мојот ум...“

22.3.10

Цветен понеделник. Шести час, тропар на пророштвото

Овој е страшниот ден, Боже, чија вечер не се надеваме да ја достигнеме; но, во Твоето човекољубие, си нé удостоил и него да го видиме, Трисвети, слава Ти.

8.3.10

Понеделник од четврта седмица, Шести час

Тропар на пророштвото, глас седми

Господи, во својата лутина да не ги изобличуваш луѓето што згрешиле,
ниту да нѐ казнуваш нас во твојот гнев, како добар;
зашто Тебе Те слави сета земја, и се молиме: Свети, поштеди нѐ.

1.3.10

Понеделник од трета седмица, Утрена

Троице Света и Чесна, нас коишто постот во трите седмици го извршуваме, запази не цели и неосудени, удостој не да трчаме и кон другите, и сите заповеди Твои да ги извршиме, и така да достигнеме неосудено да го видиме преславното воскресение, принесувајќи Ти песна похвална.

21.2.10

Заедница со Црквата

Христијаните остваруваат однос на директнo и личносно познание на Црквата и светителите. Овој однос е личносен и го вклучува сето наше битие, а не само нашиот ум или чувства. А сепак, кога некој пали свеќа, или принесува дарови, често ќе чуете нечија забелешка дека таквиот чин е бесмислен доколку личноста не го поседува правилниот збир на мисли или не го искусува правилниот збир на чувства.

Како и да е, мора да расчистиме дека ниту нашите мисли, ниту нашите чувства ги прават нештата она што се: она што е важно е дека сме излегле од нашиот дом и сме дошле во Црква за да ги сретнеме светителите. Едноставно, Литургијата е самото остварување на нашиот однос со Бога, полна заедница со Неговите светители и сиот свет. Нејзината цел не е само интелектуално или емотивно да се долови нешто, или да се дојде до одредена состојба на умот. Кога собраните луѓе се прекрстуваат себе си со Крстниот знак секој пат кога еден светител е споменат покажува дека, иако тие не ги мислат правилните мисли или ги доживуваат правилните чувства, тие уживаат жив однос со тој светител само преку бивањето на тоа место заедно со другите членови на заедницата.

17.2.10

Среда од првата недела на Великиот пост

Час Шести
Зашто Господ е праведен, ја сака правдата: лицето Негово ќе го гледаат праведниците.“
(Прокимен, псалм 10, 6 глас)

Зошто да бидеме праведни? Тешко е да се биде праведен понекогаш.

Зошто да бидеме праведни? За да го видиме лицето Негово. Господ ја сака правдата, затоа што таа прави Неговите возљубени созданија да личат на Него. Причината поради која треба да се бориме за праведноста е за да бидеме како Него, за да можеме да Го видиме Онаков Каков што вистински е. За чистиот, се’ е чисто. Доколку копнееме да се очистиме, ќе бидеме во можност да Го гледаме Оној Кој е над секоја чистота, и да Го разбереме.

Дали сакаш да Го видиш Бога? Дали сакаш вечна радост, и мир, и исполнетост? Само средбата со Бога ги нуди овие нешта. А единствениот начин да погледнеме на лицето Божјо е ако се трудиме да бидеме како Него, онака како што Тој ни се откри, преку Неговиот единороден Син.

Колку е чудесно Словото Божјо, и колку се Боговдахновени божествените богослужби, како преубав килим проткаен со Словото Божјо. Дури и еден мал Прокимен од секојдневната служба може да не’ научи на сета евангелска проповед и целта на нашиот живот!

Господи, помогни ни да ја возљубиме праведноста, за да можеме да погледнеме на Твоето лице!

14.2.10

Велокопостна молитвa

Господи и владыко живота моегω, духъ праздности, оунынїѧ, любоначалїѧ и празднословїѧ не даждь ми.
Духъ же цѣломѹдрїѧ, смиренномѹдрїѧ, терпѣнїѧ и любве, дарѹй ми рабѹ твоемѹ.
Ей Господи Царю, даруй ми зрѣти моѧ прегрѣшенїѧ, и не ωсуждати брата моегω, якω благословенъ еси во вѣки вѣковъ. Аминь

Линк: Великопосната молитва на свети Ефрем Сирин

10.2.10

Кога еден морнар плови по море

тој ги набљудува ѕвездите и по нив го управува својот брод, користејќи ги за да го насочат кон брегот. Но монахот ја набљудува молитвата, затоа што таа го води на правиот пат, насочувајќи го кон она пристаниште кон кое неговиот начин на живеење треба да го води. Монахот зјапа во молитвата во секое време, за да може да му покаже некој остров каде би го закотвил неговиот брод без страв, и од таму зема залихи. Тогаш тој повторно го насочува кон друг остров. Такво е патувањето на самувањето додека е во овој свет. Тој плови од остров до остров, односно, од сознание кон сознание, и преку неговото последователно менување на острови, односно, состојби на сознанија, напредува додека не излезе од морето, и неговото патешествие не заврши во вистинскиот град чии жители не тргуваат, туку каде секој се наслонува на своите блага.

Блажен е оној човек  чиј брод не е скршен, и кој го достигнал пристаништето во радост!

5.2.10

Света Ксенија Петроградска

Света Ксенија Петроградска е една од најпочитуваните руски Светителки, чиј спомен сé повеќе се слави во сите православни земји. Иако Црквата во Русија ја канонизирала во последните децении на дваесетиот век, света Ксенија била сметана за светителка неполни два века од страна на рускиот народ, кој секојдневно се обраќал кон неа, просејќи го нејзиното молитвено застапништво. Останувајќи вдовица рано во нејзината младност, оваа исклучителна личност го зела врз себе големиот подвиг на јуродивство Христа ради, облекувајќи го оделото на својот упокоен сопруг.

Постојат многу малку податоци за нејзините родители и нејзиниот живот пред бракот. Сепак, некои истражувачи сметаат дека блажена Ксенија е родена 1731 година. Познато е и дека Ксенија Григориевна примила добро воспитување и образование, и уште од детството знаела да чита и пишува. Се омажила на дваесет и две години, што по мерилата на тоа време се сметало за поодминато време. Според кажувањата на жителите од тој крај, кои ја познавале и паметеле Ксенија, таа и нејзиниот маж биле сродни души, и тоа до таа мера, што не можеле да живеат еден без друг. Неговото име било Андреј Фјодорович Петров, и пеел во дворскиот хор на царицата Јелисавета Петровна, благочестива императорка во чиј живот црковните богослужби заземале посебно место. Андреј Фјодорович бил често зафатен пеејќи не само на богослужбите, туку и по театарски претстави, концерти и опери; сепак, нивниот брак го чувале како нешто свето и кон него се однесувале како кон „Тајна на нашата вера“. За тоа време, Ксенија Григориевна управувала со домаќинството. Немале деца, а според сеќавањата на нивните современици, и двајцата љубеле да читаат духовни книги, да им помагаат на сиромасите, и да се подвизуваат во подвигот на љубовта кон ближните. Накратко, блажена Ксенија навистина знаела што е тоа брачна среќа и можеби токму затоа често се одзива на молитвите упатени кон неа, со кои се молиме за нашите семејства и ближни.

Од 1755 година во Петроград започнале да се шират епидемии на вируси, и токму во таа година, четврта од нивниот брак, Андреј Фјодорович се разболел, и после кратко боледување, откако се исповедал и причестил, ја благословил својата сопруга со зборовите „Служи Му на Господа и Бог наш, слави Го Себлагото име Негово“ и се упокоил.1 Расплаканата Ксенија се прилепила до нозете на својот возљубен сопруг, и цела ноќ бдеела до него. Со поминувањето на ноќта, телото се вкочанило, но таа никако не можела да се раздели од него; се чинело дека го изгубила својот разум. Следниот ден било тешко да се препознае: за една ноќ остарела и побелела во косите...

Не погребот на Андреј Фјодорович, младата вдовица веќе не изгледала толку очајна како првите денови, иако на очиглед на сите познаници „нешто се случило со неа, и веќе не личела на себе“. Сите кои дошле за последен пат да се поздрават со полковникот биле зачудени од нејзината облека: имено, таа била облечена во камзол (машки прслук), кафтан (старински машки капут од чоја), панталони и капата на својот покоен сопруг. При тоа, им довикнала на присутните: „Андреј Фјодорович не умре. Умре Ксенија Григориевна, а Андреј Фјодорович е овде, пред вас. Tој е жив, и ќе живее уште многу долго, ќе живее вечно“. Дури ги замолила свештениците да се молат за покој на душата на „слугинката Божја Ксенија“.

По погребот, сиот свој имот го разделила на сиромасите, а куќата ја подарила на една своја пријателка. За роднините на нејзиниот сопруг тоа било сигурен знак дека Ксенија слегла од умот; тие дури се обратиле на надлежните со цел да го спречат губењето на имотот. Младата вдовица, која врз себе го зела светиот подвиг на јуродивство, била повикана на разговор при што било утврдено дека е потполно здрава. Тоа што роднините на нејзиниот сопруг, а и останатите, не можеле да го сфатат, е дека преку смртта на својот возљубен Андреј, Ксенија ја увидела минливоста и лажливоста на овоземната среќа. И дека преку возвишениот подвиг, сакала да се покае за своите, и гревовите сторени од својот сопруг. Токму оваа мудрост му ја објавила на светот преку маската на лудоста.

Изложена на потсмев и презир, блажена Ксенија лутала по улиците на престолнината, дење и ноќе, на студ и жега. Говорела неразбирливи зборови, непрестано молејќи се. За време на градењето на црквата на Смоленските гробишта, каде подоцна и самата го наоѓа својот покој, ноќе потајно им помагала на мајсторите во нивните задачи. Со тек на време граѓаните забележале дека „безумна Ксенија“ не е обичен безумен просјак. Милостиња примала само од добри луѓе, и тоа само по една копејка, која веднаш ја давала на сиромасите. Кога машкото оделo кое го носела се искинало и распаднало, започнала да се облекува во стари, износени алишта, а на босите нозе носела испокинати кондури. Наизменично облекувала црвена блуза и зелено здолниште, и обратно.

Додека дење талкала низ градот, ноќе одела надвор од него и се молела, поклонувајќи се на сите четири страни на светот. Кажувала дека на поле присуството Божјо е повидливо. Наскоро многумина започнале да сфаќаат дека во нејзините зборови и постапки се крие таен смисол, и започнале да воочуваат знаци на прозорливост кај неа; започнале да го бараат нејзиниот благослов. Скоро четириесет и пет години блажена Ксенија поминала во таквиот подвиг.

Мирно се упокоила во староста, и нејзините мошти почиваат на Смоленските гробишта. Нејзиниот гроб е често посетуван од голем број поклоници, кои земаат земја од него, верувајќи во нејзината спасителна моќ. Во 1902 година на нејзиниот гроб е подигната капела во која се служеле секојдневни богослужби. Тука пишувало: „Кој мене ме знаеше, нека ја спомене мојата душа, за спасението на неговата душа. Амин.“

За време на богоборниот советски режим во Русија, кога таа капела била претворена во ателје, верниот народ и понатаму го посетувал гробот на Светителката, цртајќи мали крстчиња на надворешниот ѕид, молејќи се и оставајќи прилози да се служат парастоси за покој на нејзината душа; на тој начин за помош ú се обраќале како обичните селани, така и Царското семејство. Во нејзин спомен царот Александар Трети својата ќерка ја крстил Ксенија. Постојат цели книги кои ги опишуваат многуте чуда доживеани по молитвите на Блажена Ксенија. И затоа слободно може да се каже дека таа е една од најблиските светителки на царска, но и денешна Русија. Руската Задгранична Црква ја вброи во диптихот на светите во 1978 година, а Московската Патријаршија го стори истото десет години подоцна. Нејзиниот спомен се празнува на 6 февруари, и втората недела по Педесетница.
---
1 Една поинаква верзија, исто присутна во православната агиологија, нуди поинакво видување: имено, Андреј Фјодорович се упокоил ненадејно на некоја аристократска забава, непокајан од неговиот нетолку благочестив живот. И двете видувања продолжуваат паралелно да опстојуваат и да се пренесуваат во Светото Предание.

2.2.10

Мнозина кажале многу

... за љубовта, но ако ја побараш, ќе ја најдеш само во Христовите ученици, зашто единствено тие за Учител во љубовта Ја имаат вистинската Љубов, за која е кажано: да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да ги имам сите знаења за сите работи, а и така силна вера што и планини да преместувам, штом љубов немам, ништо не ми користи (I Кор. 13, 2, 3). Оној што се здобил со љубов, се здобил со Самиот Бог, зашто Бог е љубов (I Јован 4, 16). Слава Му во век и веков. Амин.

31.1.10

Воспитно предавање за младите преку параболата за блудниот син

Помладиот од нив му рече на татка си: ‘Татко, дај му го делот што ми припаѓа од имотот!’
Лука 15,12

Параболата за блудниот син е најпоучна лекција за младите. Во личноста на блудниот син го гледаме вистинскиот карактер на лекомислената младина: лекоумност, непромисленост, жед за независност; на кратко, сè што е препознатливо за повеќето млади луѓе. Помладиот син израснал во домот на неговите родители. На прагот на неговата зрелост, тој започнал да мисли дека животот во неговиот дом е премногу ограничен. Му се чинело непријатно да живее по правилата на неговиот татко и будното око на неговата мајка. Посакал да се угледа на неговите пријатели, кои целосно се предале на бучните задоволства на овој свет. „Јас сум наследник на богат имот. Нели би било подобро“, си мислел, „доколку го наследам имотот токму сега? Би можел да раководам со моето богатство поинаку од мојот татко.“ И така лекоумниот младич бил поведен од лажниот сјај на светските задоволства и решил да го отфрли јаремот на послушноста, оддалечувајќи се од родителскиот дом.

Зарем не се многумина инспирирани од слични импулси и денес, и макар што не го напуштаат родителскиот дом, зарем не се оддалечуваат од домот на нивниот Небесен Отец, односно, послушноста кон Светата Црква?

Јаремот Христов изгледа претежок за незрелите умови, а Неговите заповеди - мачни. Тие си мислат дека не е вистински важно да се чува она што Бог и Неговата Света Црква ни заповедала. За нив, се чини можно служењето на Бога и на светот истовремено. Тие велат: „Веќе сме доволно силни да ги издржиме уништувачките искушенија и соблазни. Можеме да се одржиме во вистината и за звучните учења самите. Успорете нè кон усовршување на нашите умови со здобивањето на разноврсни знаења. Дозволете ни да ја заврстиме нашата волја меѓу искушенијата и соблазните. Низ искуствата нашите сетила ќе бидат убедени во злата природа на порокот!“ Зарем се тие желби подобри од необмисленото барање на помладиот син кон татка си, ‘Татко, дај му го делот што ми припаѓа од имотот!’

И така, лекомислениот син престанува да ги чува заповедите и советите на Светата Црква. Престанува да се поучува од Зборот Божји и учењата на светите отци, а внимателно ги слуша лажните учења на оние кои лажно се нарекуваат учители, и во овие интереси ги губи најдобрите часови на својот живот. Многу поретко оди в црква, а кога оди стои таму невнимателно, расеано. Не наоѓа можност да се посвети себеси на благоговејноста и да расте во добродетелите, затоа што го троши своето време посетувајќи претстави, јавни забави итн. Со еден збор, секој ден сè повеќе се предава на светот, и конечно, заминува во „далечна земја“.

Што е резултатот на ваквото оттуѓување од Светата Црква? Резултат е истиот тој како и на блудниот син кој го напушта родителскиот дом. Лекомислената младина многу брзо ги троши својата прекрасна енергија и талантите на душата и телото, уништувајќи ги во времето и вечноста сите добра кои ги има направено. Во меѓувреме, се појавува „силна глад во таа земја“: празнина и незадоволство - неизбежниот резултат на дивите задоволства. Се појавува жед за забава, која се засилува со задоволувањето на блудните страсти, и на крај станува незаситна. Често се случува несреќниот вљубеник на светот, со цел да си ги задоволи страстите, прибегнува кон ниски и срамни работи, кои не го вразумуваат, како во случајот со блудниот син, туку ја комплетираат неговата пропаст, како времена, така и вечна!

27.1.10

Света рамноапостолна Нина, просветителка Грузиска


Тропар
глас 4


Слова Божия служительнице, / во апостольстей проповеди Первозванному Андрею и прочим апостолом подражавшая, / просветительнице Иверии / и Духа Святаго цевнице, / святая равноапостольная Нино, / моли Христа Бога / спастися душам нашим.

23.1.10

Маските и вистината

Во театарот на овој свет, сцената се поставува на пладне, и многу глумци влегуваат, глумејќи ги своите улоги, носејќи маски на нивните лица, прераскажувајќи стари приказни, раскажувајќи ги настаните. Еден глуми дека е философ, иако не е философ. Друг станува цар, и иако не е цар, се појавува како крал во приказната... но кога вечерта настапува, и драмата завршува, и сите слегуваат од сцената, маските се тргаат на страна... Маските се отфрлаат, лагата ја снемува, и вистината се открива. Оној, кој во театарот е слободен човек, станува роб надвор од него; оти, како што реков, лагата е внатре, а вистината е надвор. Ноќта ги обзема, претставата е завршена, и вистина се појавува.

Исто е и со животот и неговиот завршеток. Сегашниот свет е театар, условите во кои луѓето се наоѓаат се улоги: богат и сиромав, владетел и владеан, и така натаму. Кога овој ден ќе помине, и страшната ноќ ќе настапи, или поточно, ден, оти навистина, ноќ е за грешните, а ден за праведните, кога претставата е завршена, кога маските се фрлени, тогаш секој човек ќе биде суден за неговите дела, не секој човек заедно со неговото богатство, и не секој човек заедно со неговата моќ, туку секој човек според неговите дела; без разлика дали некој е владетел или цар, жена или маж, кога Тој ќе побара сметка за нашиот живот и нашите добри дела: (...) „дај Ми ги твоите дела ако си роб, но си поблагороден од слободен човек, ако си жена, но си похрабра од маж.“

Кога маските се тргнати, тогаш вистински богатите и вистински сиромашните се откриени... Истото нешто се случува кога овој живот завршува.

16.1.10

Послушанието и лаикот, втор дел

Постојат три општи принципи кои се применуваат тука. Прво, секој треба да умее да разграничи старец и духовен отец. Старецот ја исполнува пророчката служба во Црквата; како таков, кон него мора да сме послушни како кон оној кој навистина ја открива Божјата волја на другите. Денес речиси и не постојат вистински старци на земјата, и оние кои тврдат дека се старци или им дозволуваат на нивните следбеници да им се обраќаат со тој назив – посебно тука, во Америка, каде православието е доста незрело – не му служат на православието. Постојат премногу западни новообратени во православието кои, во недостиг на своја волја и убедување се повеќе од подготвени да го напуштат својот здрав разум (заб. на превод: common sense) и одлучувањето да го препуштат на друг; кулотот кон личноста кој следи од тука нема ништо заедничко со православието. Факт е дека просечниот лаик често ги заменува функциите на старецот со оние на духовниот отец.

Второ, послушанието кон духовниот отец не е толку прашање на заповед и послушност, колку што е на водење и следење. Со други зборови, духовниот отец не смее да се гледа себе како оној кој издава едикти, туку како оној кој го води лаикот кој од Бога му е предаден за да се грижи за него; тој води со зборови и дела. Може да се најдат толку многу примери за ова во животите на Светите, што е бесцелно да започнам да ги цитирам тука. Треба само да се каже дека односот меѓу лаикот и неговиот духовен отец не е правен однос; не е заснован на завет на послушание (иако, по Божја благодат, овој однос може да биде многу близок меѓу определен духовен отец и чедо). Поправо, тој е жива врска мешу две живи души, едната поискусна од другата, едната способна да го покаже патот затоа што веќе почнала да оди по него, а другата волна да верува и да следи. Упокоението схемамонах Јован, кој долго време бил отец исповедник во Валаамскиот Манастир, кој исто така имал и духовни чеда кои не биле монаси, го срочил ова на овој начин: „Мудриот духовен живот е јасно објаснет во пишувањата на Светите Отци, но сето она што тие го напишале може најдобро да се разбере преку живеењето. Духовниот отец е оној кој мора да ги живее овие принципи, според неговата сила и благодатта која му е дадена, пред очите на сите негови духовни чеда. На оние кои се обраќаат кон мене, бедни колку и јас, ќе им го дадам моето мислење, и тогаш секогаш велам: -Но, разгледај ја работата самиот ти.“ Духовниот отец не принудува, не дава наредби; подобро, тој го фаќа духовното чедо за рака и го води по патот нежно, но цврсто.

Трето, оние кои се во можност да дадат духовно водство се толку ретки, што лаикот мора да посвети огромно внимание пред да го предаде своето послушание некому. Токму поради ова големиот старец од дветнаесетиот век Макариј Оптински му го напишал ова на еден лаик: „Секако дека е голема утеха, и голема помош на патот, да најдеш раководител под чие што водство нашата волја ќе биде излечена од самоволието, а нашиот ум од саможивноста. Но овие денови, тоа е најтешко да се најде.“ Доколку пред сто години било тешко да се најде духовен отец, во последните денови на благодатната Русија, колку потешко е за нас денеска! Еден современик на старец Макариј, кој и самиот бил голем духовен водач, светиот епископ Игнатиј Брјанчанинов, предупредувал со следниве зборови: „Вообразените и своеглавите луѓе сакаат да поучуваат и да даваат насоки. Тие не се грижат за вредноста на нивните совети. Нив не им значи тоа што можат да предизвикаат непоправлива штета на нивниот ближен преку нивниот лош совет, што од неискусниот почетник е прифатен со неодговорна доверба. Тие сакаат да го импресионираат почетникот, и да го подведат морално под себе. Тие посакуваат човечка слава. Тие сакаат да бидат познати како светители, мудри старци, учители со духовен опит. Тие сакаат да ја негуваат нивната ненаситна суета.“

Послушанието и лаикот, прв дел

По дефиниција, православен Христијанин е оној кој настојува да биде послушен на Заповедите и, истовремено, послушно се обидува да ги исполни потребите на православниот начин на живеење, откриени во Светото Писмо и Светото Предание. Следствено, послушното одење на светите богослужби, честото примање на Таинствата, постењето на повеќедневните пости, давањето милостиња, милосрдието, итн - сите овие нешта, дури и повеќе од нив, го сочинуваат минимумот кој се очекува од оние кои Го следат Иисуса Христа. Сепак, ова свето послушание е само почетокот за секој кој сака себе да се нарече Христијанин; ова се првите чекори во духовниот живот, во запазувањето на она што Господ нè научи: „Ако ме љубите, пазете ги Моите заповеди. Кој ги има заповедите Мои и ги пази, тој е оној што Ме љуби; Кој не Ме љуби, не го запазува словото Мое.“ (Јован 14, 15; 14,21; 14,24) Токму поради ова свети Пајсиј (Величковски) има напишано: „ Запазувањето на Божјите заповеди и Неговите зборови не е ништо друго туку совршено послушание кон Христа Господа.“ Од овие зборови православниот Христијанин брзо сфаќа колку во целост му недостига духот на послушност и љубов.

Толку основни, толку суштински се овие први послушнички чекори, што сепак, не можат да се поминат многу лесно. Сепак, поради тоа што го претставуваат смиреното и напорно започнување и чекорење по тесниот пат кон Царството Небесно, тие се воедно и најнепривлечно за новобратените православни Христијани, и често се запоставени. Токму затоа свештеникот кој се среќава со новообратените ќе им го зададе претходно кажаниоѕ набожен начин на живот, насочен не само да го провери нивното послушание, туку да го допре попрво нивното срце отколку умот. Според зборовите на свети Јован Кронштатски: „Многу опасно е да се разбие – да се образува – само разбирањето, само интелектот, и да се игнорира срцето. Ние мораме, над сè, да се обрнеме кон срцето, оти срцето е живот... за да може да ги насочи сите мисли, желби и наклонувања на човекот низ неговиот живот. “

Многу преобратени никогаш не ги надминуваат овие основни побарувања за послушност кон принципите за Православен начин на живеење; всушност, некои го поминуваат сиот нивен живот борејќи се со сето ова. Но на оние на кои им е дадено да одат подлабоко, да го надминат бебешкото млеко на духовноста, нив ги очекува искуството на силното вино на Православното послушание. Целта на овој краток есеј е да го разгледа овој тип на послушание - послушание кон духовниот отец - во животот на православниот лаик.

(текстот е напишан од јеромонах Амвросиј (Јанг), претходно свештеник Алексеј, духовно чедо на преподобен Серафим Платински.)

13.1.10

Вистината

Во Христијанството, вистината не е философски концепт, ниту пак некоја теорија, учење, или систем, туку напротив, е жива теантропска Ипостас - историскиот Исус Христос (сп. Јован 14,6). Пред Христа луѓето можеле само да ја претпоставуваат (да ја толкуваат) Вистината, затоа што не ја поседувале. Со Христос, како воплотен божествен Логос, вечно севкупната божествена Вистина влегува во светот. Поради оваа причина Евангелието вели: „Вистината произлезе од Иисуса Христа“ (Јован 1,17).

7.1.10

Во тело се облече...

Иако Синот е бестелесен, сепак создаде тело за Себе, според нашиот облик. Се појави како една од овците, но Тој сепак остана Пастир. Беше проценет како слуга, а сепак не го остави Синовството. Беше носен во утробата на Марија, но сепак ја имаше природата на Својот Отец. Чекореше по земјата, но ги исполнуваше небесата истовремено. Се покажа како бебе, без да ја отфрли вечноста од Својата природа. Во тело се облече, но (со телото) не ја ограничи неслеаната простост на Неговото Божество... Му требаше храна онолку колку што беше Човек; но, не престана да го храни сиот свет онолку колку што е Бог. Се облече во лик на слуга, не нарушувајќи го подобието и едносуштноста со Отецот.

6.1.10

Најважниот ден во историјата

Преку Бого-Човекот Христос, се’ Божјо стана и човечко, наше, за секој од нас личносно и сите од нас заедно во Богочовечкото тело Христово, Црквата, да можеме да станеме богочовечни, придобивајќи „состојба на совршен маж, до мера на полната возраст на Христовото совршенство“ (Ефес. 4,13). Токму затоа Божик, денот на рождеството на Богочовекот, Господ Исус Христос, е најголемиот и најважниот ден во историјата на сите светови низ кои човекот се движи и живее.