19.11.06

Молитва за подобар христијански живот

Господи, Господи, сило на моето спасение! Сврти Си го лицето од моите гревови, избриши ги моите беззаконија и помогни ми да се засили мојата вера во Тебе, Спасителот наш. Мојата љубов кон Тебе да ги надвиши сите природни сили и секаква земна приврзност.

Верувам, Господи, помогни му на моето неверие пројавено во мисли, зборови и дела. Разврзи го мојот ум од врските на овој свет, за да мисли според законите на Твојот боженствен разум. Ослободи го моето срце од товарот што лежи на него и го притиска кон земното. Дај и’ крила на волјата моја, за да ја бара и извршува Твојата света волја. Води ги моите стапки кон верата и љубовта, зашто несигурно одам и многу пречки има попатиштата на мојот живот. Ти си патот на спасението. Нека Твојата вечна светлина ја осветлува мојата душа, та да може во сите случаи на сомневање, колебливост, нерешителност земен страв и човечка суетност да Те наоѓа Тебе - Патот на вистинскиот живот.

Чувај ме од секакво телесно мудрување што е непријателство против Тебе, против Твојата вистина и волја. Не дозволувај да ме завладее мислата на земното. Ти знаеш што е нужно за мојот земен живот. Не лишувај ме од тоа, туку помогни ми да го придобијам преку благословениот од тебе труд. Закрилувај ме од лукавото мудрување на телото кое го смета земного богатство за најголема вредност. Дај ми очи да го гледам животот во вистинска, а не во лажна светлина, и секогаш да паметам дека пред се’ друго треба да го барам Твоето царство и Твојата правда и дека се’ друго ќе ми биде дадено.

Господи, Твојата милост е до небесата, Твојата вистина - до облаците, Твојата правда е како планините, а Твоите планови - голема бездна. Помогни ми да успевам во духовниот живот, душата моја секогаш да Те прославува Тебе, Господи на моето спасение. Амин!