29.11.06

Молитва за благослов на домот

Семилостив Боже, благослови го нашот дом и Твојата силна рака да биде над сите што живеат во него. Испрати ни ангел чувар! Чувај не’ од несреќи, земјотреси, оган, поплави, од болести, од непријателски напади, и од секое зло. Не дозволувај во нашиот дом да влезе лукав и нечист дух, кој се’ осквернува и ги расипува добрите взаемни односи, кој внесува непокорност и безгрижност кон Твојот свет закон; внесува раздори и кавги и ги одзема мирот и љубовта.

Помогни ни да напредуваме во добродетелен живот и тврда душа, нашите души да се приближат со чист и светол живот до Тебе, та да дојдеш Ти Господи кај нас, и да живееш во нашиот дом - да царуваш во него; во нашите души и срца, да владееш со нашите мисли, чувства и желби. Ослободи не’ од непотребни грижи и освети ги нашите радости. Поткрепувај не’ кога сме салби и тажни. Ако си со нас во тешките часови на тага и мака, на колебливост и исплашеност, тогаш нашите страдања и солзи се полесни, поподносливи.

Исцели ги нашите скриени болки и душевни рани, зашто само Ти ги гледаш и само Ти можеш да ни помогнеш. Преблаг Господи, не оставај не’ никогаш сами за да не дојде непријателот на нашето спасение и да не’ погуби.