А на Филипа му рече ангел Господов: „Стани и тргни на југ, по патот што води од Ерусалим за Газа, кој е пуст“. Тој стана и отиде; и ете, еден Етиопјанин, кастриран, властелин на Канкадија, етиопската царица, чувар на сите нејзини ризници, кој дошол во Ерусалим да Му се помоли на Бога, а сега се враќаше и, седејќи в кола, го читаше пророкот Исаија.
Духот, пак, му рече на Филипа: „Приближи се и застани до колата!“
Филип побрза, и, откако чу дека тој го чита пророкот Исаија, му рече: „Го разбираш ли тоа, што го читаш?“ Овој одговори: „Како ќе можам да разберам, ако некој не ме упати?“ Па го замоли Филипа да се качи и да седне до него. А местото од Писмото, што го читаше, беше ова: „Како овца на клање беше одведен, и како што јагнето стои безгласно пред својот стригач, така и Он уста своја не отвори. Во неговото понизување Он беше лишен од праведен суд. А родот Негов кој ќе го објасни? Оти животот негов се одзема од земјата.“
Тогаш Етиопјанинот проговори и му рече на Филипа: „Те молам, за кого зборува пророкот, за себе или за некој друг?“ А Филип, откако ја отвори устата своја, почна да му објаснува од тоа писмо и да му благовести за Исуса. И одејќи така патем, тие стигнаа до една вода, и Етиопјанинот рече: „Еве вода! Што ми пречи да се крстам?“ А Филип му рече: „Ако веруваш од се’ срце-можеш.“ Тој одговори: „Верувам дека Исус Христос е Син Божји.“ И заповеда колата да запре, па слегнаа во водата обајцата, и Филип и Етиопјанинот, и го крсти.
А кога излегоа од водата, Духот Свети следна над Етиопјанинот, а Филипа го грабна англе Господов. И Етиопјанинот не го виде веќе, па радосно го продолжи својот пат.