5.2.10

Света Ксенија Петроградска

Света Ксенија Петроградска е една од најпочитуваните руски Светителки, чиј спомен сé повеќе се слави во сите православни земји. Иако Црквата во Русија ја канонизирала во последните децении на дваесетиот век, света Ксенија била сметана за светителка неполни два века од страна на рускиот народ, кој секојдневно се обраќал кон неа, просејќи го нејзиното молитвено застапништво. Останувајќи вдовица рано во нејзината младност, оваа исклучителна личност го зела врз себе големиот подвиг на јуродивство Христа ради, облекувајќи го оделото на својот упокоен сопруг.

Постојат многу малку податоци за нејзините родители и нејзиниот живот пред бракот. Сепак, некои истражувачи сметаат дека блажена Ксенија е родена 1731 година. Познато е и дека Ксенија Григориевна примила добро воспитување и образование, и уште од детството знаела да чита и пишува. Се омажила на дваесет и две години, што по мерилата на тоа време се сметало за поодминато време. Според кажувањата на жителите од тој крај, кои ја познавале и паметеле Ксенија, таа и нејзиниот маж биле сродни души, и тоа до таа мера, што не можеле да живеат еден без друг. Неговото име било Андреј Фјодорович Петров, и пеел во дворскиот хор на царицата Јелисавета Петровна, благочестива императорка во чиј живот црковните богослужби заземале посебно место. Андреј Фјодорович бил често зафатен пеејќи не само на богослужбите, туку и по театарски претстави, концерти и опери; сепак, нивниот брак го чувале како нешто свето и кон него се однесувале како кон „Тајна на нашата вера“. За тоа време, Ксенија Григориевна управувала со домаќинството. Немале деца, а според сеќавањата на нивните современици, и двајцата љубеле да читаат духовни книги, да им помагаат на сиромасите, и да се подвизуваат во подвигот на љубовта кон ближните. Накратко, блажена Ксенија навистина знаела што е тоа брачна среќа и можеби токму затоа често се одзива на молитвите упатени кон неа, со кои се молиме за нашите семејства и ближни.

Од 1755 година во Петроград започнале да се шират епидемии на вируси, и токму во таа година, четврта од нивниот брак, Андреј Фјодорович се разболел, и после кратко боледување, откако се исповедал и причестил, ја благословил својата сопруга со зборовите „Служи Му на Господа и Бог наш, слави Го Себлагото име Негово“ и се упокоил.1 Расплаканата Ксенија се прилепила до нозете на својот возљубен сопруг, и цела ноќ бдеела до него. Со поминувањето на ноќта, телото се вкочанило, но таа никако не можела да се раздели од него; се чинело дека го изгубила својот разум. Следниот ден било тешко да се препознае: за една ноќ остарела и побелела во косите...

Не погребот на Андреј Фјодорович, младата вдовица веќе не изгледала толку очајна како првите денови, иако на очиглед на сите познаници „нешто се случило со неа, и веќе не личела на себе“. Сите кои дошле за последен пат да се поздрават со полковникот биле зачудени од нејзината облека: имено, таа била облечена во камзол (машки прслук), кафтан (старински машки капут од чоја), панталони и капата на својот покоен сопруг. При тоа, им довикнала на присутните: „Андреј Фјодорович не умре. Умре Ксенија Григориевна, а Андреј Фјодорович е овде, пред вас. Tој е жив, и ќе живее уште многу долго, ќе живее вечно“. Дури ги замолила свештениците да се молат за покој на душата на „слугинката Божја Ксенија“.

По погребот, сиот свој имот го разделила на сиромасите, а куќата ја подарила на една своја пријателка. За роднините на нејзиниот сопруг тоа било сигурен знак дека Ксенија слегла од умот; тие дури се обратиле на надлежните со цел да го спречат губењето на имотот. Младата вдовица, која врз себе го зела светиот подвиг на јуродивство, била повикана на разговор при што било утврдено дека е потполно здрава. Тоа што роднините на нејзиниот сопруг, а и останатите, не можеле да го сфатат, е дека преку смртта на својот возљубен Андреј, Ксенија ја увидела минливоста и лажливоста на овоземната среќа. И дека преку возвишениот подвиг, сакала да се покае за своите, и гревовите сторени од својот сопруг. Токму оваа мудрост му ја објавила на светот преку маската на лудоста.

Изложена на потсмев и презир, блажена Ксенија лутала по улиците на престолнината, дење и ноќе, на студ и жега. Говорела неразбирливи зборови, непрестано молејќи се. За време на градењето на црквата на Смоленските гробишта, каде подоцна и самата го наоѓа својот покој, ноќе потајно им помагала на мајсторите во нивните задачи. Со тек на време граѓаните забележале дека „безумна Ксенија“ не е обичен безумен просјак. Милостиња примала само од добри луѓе, и тоа само по една копејка, која веднаш ја давала на сиромасите. Кога машкото оделo кое го носела се искинало и распаднало, започнала да се облекува во стари, износени алишта, а на босите нозе носела испокинати кондури. Наизменично облекувала црвена блуза и зелено здолниште, и обратно.

Додека дење талкала низ градот, ноќе одела надвор од него и се молела, поклонувајќи се на сите четири страни на светот. Кажувала дека на поле присуството Божјо е повидливо. Наскоро многумина започнале да сфаќаат дека во нејзините зборови и постапки се крие таен смисол, и започнале да воочуваат знаци на прозорливост кај неа; започнале да го бараат нејзиниот благослов. Скоро четириесет и пет години блажена Ксенија поминала во таквиот подвиг.

Мирно се упокоила во староста, и нејзините мошти почиваат на Смоленските гробишта. Нејзиниот гроб е често посетуван од голем број поклоници, кои земаат земја од него, верувајќи во нејзината спасителна моќ. Во 1902 година на нејзиниот гроб е подигната капела во која се служеле секојдневни богослужби. Тука пишувало: „Кој мене ме знаеше, нека ја спомене мојата душа, за спасението на неговата душа. Амин.“

За време на богоборниот советски режим во Русија, кога таа капела била претворена во ателје, верниот народ и понатаму го посетувал гробот на Светителката, цртајќи мали крстчиња на надворешниот ѕид, молејќи се и оставајќи прилози да се служат парастоси за покој на нејзината душа; на тој начин за помош ú се обраќале како обичните селани, така и Царското семејство. Во нејзин спомен царот Александар Трети својата ќерка ја крстил Ксенија. Постојат цели книги кои ги опишуваат многуте чуда доживеани по молитвите на Блажена Ксенија. И затоа слободно може да се каже дека таа е една од најблиските светителки на царска, но и денешна Русија. Руската Задгранична Црква ја вброи во диптихот на светите во 1978 година, а Московската Патријаршија го стори истото десет години подоцна. Нејзиниот спомен се празнува на 6 февруари, и втората недела по Педесетница.
---
1 Една поинаква верзија, исто присутна во православната агиологија, нуди поинакво видување: имено, Андреј Фјодорович се упокоил ненадејно на некоја аристократска забава, непокајан од неговиот нетолку благочестив живот. И двете видувања продолжуваат паралелно да опстојуваат и да се пренесуваат во Светото Предание.